Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 35

Почитувај ги сите во Јеховиното собрание

Почитувај ги сите во Јеховиното собрание

Окото не може да ѝ рече на раката: „Не ми требаш“, или пак, главата на нозете: „Не ми требате“ (1. КОР. 12:21)

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што му дозволил Јехова на секој свој верен слуга?

ЈЕХОВА од љубов му дозволил на секој свој верен слуга да биде дел од неговото собрание. Иако имаме различни улоги, сите сме скапоцени и сите сме си потребни еден на друг. Апостол Павле ни помага да сфатиме колку е важно ова. Како?

2. Според Ефешаните 4:16, зошто треба да се цениме и да соработуваме еден со друг?

2 Како што се гледа од стихот на кој се темели оваа статија, Павле нагласил дека никој од нас не може да му каже на некој друг Јеховин слуга: „Не ми требаш!“ (1. Кор. 12:21). За да владее мир во собранието, мора да се цениме и да соработуваме еден со друг. (Прочитај Ефешаните 4:16.) Кога соработуваме во единство, сите ќе се сакаме, и собранието ќе биде цврсто и стабилно.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 На кои полиња може да покажеме дека ги почитуваме браќата и сестрите во собранието? Во оваа статија, ќе разгледаме како старешините можат да си покажуваат почит меѓу себе. Потоа ќе видиме како сите ние може да покажеме дека ги цениме браќата и сестрите кои не се во брак. На крајот, ќе дознаеме како може да покажеме дека ги сакаме оние што не го зборуваат добро нашиот јазик.

ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН ДРУГИТЕ БРАЌА ВО СТАРЕШИНСТВОТО

4. Кој совет на Павле запишан во Римјаните 12:10 треба да го послушаат старешините?

4 Сите старешини во собранието се именувани од Јеховиниот свет дух. Но, секој од нив има различни дарби и способности (1. Кор. 12:17, 18). Некои станале старешини од неодамна и затоа немаат доволно искуство. Други можеби не можат да прават многу поради староста или нарушеното здравје. Сепак, никој од старешините не треба да мисли за кој и да било друг старешина дека не е потребен. Наместо тоа, секој треба да го послуша советот на Павле кој е запишан во Римјаните 12:10. (Прочитај.)

Старешините си покажуваат почит еден кон друг така што внимателно слушаат кога некој од нив зборува (Види во пасуси 5-6)

5. Како старешините си покажуваат почит меѓу себе, и зошто е важно да го прават тоа?

5 Старешините си покажуваат почит еден кон друг така што внимателно слушаат кога некој од нив зборува. Многу е битно да го прават ова на своите старешински состаноци кога дискутираат за важни работи. Зошто? Забележи што пишуваше во англиското издание на Стражарска кула од 1 октомври 1988 год.: „Старешините треба да бидат свесни дека Христос, преку светиот дух, може да го потсети кој и да било брат од старешинството на некое библиско начело што ќе им помогне да најдат решение во одредена ситуација или да донесат важна одлука (Дела 15:6-15). Ниту еден старешина нема монопол над светиот дух“. Со други зборови, Божјиот дух им помага на сите старешини, а не само на еден од нив.

6. Што ќе им помогне на старешините да соработуваат во единство, и како тоа му користи на собранието?

6 Старешината кој ги почитува другите во старешинството не сака секогаш прв да го каже своето мислење за време на некој нивни состанок. Не зборува цело време и не смета дека секогаш тој е во право. Наместо тоа, го изнесува своето мислење понизно и скромно. Внимателно слуша кога другите зборуваат. Што е уште поважно, секогаш го свртува вниманието на библиски начела и на упатствата од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47). Ако во своите дискусии старешините покажуваат љубов и почит еден кон друг, Бог ќе им го дава својот дух и ќе ги води да донесуваат одлуки кои ќе бидат за доброто на целото собрание (Јак. 3:17, 18).

ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН ХРИСТИЈАНИТЕ ШТО НЕ СЕ ВО БРАК

7. Како гледал Исус на самештвото?

7 Денес во христијанските собранија има брачни парови и семејства. Но, има и многу браќа и сестри кои не се во брак. Како треба да гледаме на нив? Да видиме каков став имал Исус кон самештвото. Додека бил на Земјата, тој не стапил во брак. Останал неженет и го посветил сето свое време и внимание на својата задача. Освен тоа, никогаш не рекол дека некој мора да биде во брак ниту дека мора да биде самец за да биде христијанин. Сепак, кажал дека некои христијани ќе одлучат да не се мажат или женат (Мат. 19:11, 12). Исус ги почитувал оние што не биле во брак. Тој не сметал дека тие што се во брак се подобри од самците ниту дека на самците им недостига нешто во животот.

8. Според 1. Коринќаните 7:7-9, на што ги поттикнал Павле христијаните?

8 Исто како Исус, апостол Павле ја извршувал својата служба како самец. Тој никогаш не поучувал дека е погрешно христијаните да стапуваат во брак. Бил свесен дека тоа е лична работа. Сепак, ги поттикнал сохристијаните да размислат дали би можеле да му служат на Јехова како самци. (Прочитај 1. Коринќаните 7:7-9.) Павле во никој случај не гледал со потценување на оние што не биле во брак. Всушност, тој му доверил важни одговорности на Тимотеј, кој бил самец * (Фил. 2:19-22). Според тоа, би било погрешно да мислиме дека брачниот статус треба да влијае врз тоа дали некој може или не може да служи како именуван брат во собранието (1. Кор. 7:32-35, 38).

9. Што може да кажеме за бракот и за самештвото?

9 Ниту Исус ниту Павле не поучувале дека христијаните мора да стапат во брак или дека мора да останат самци. Тогаш, што може да кажеме за бракот и за самештвото? Во Стражарска кула од 1 октомври 2012 год. пишуваше: „Всушност, и бракот и самештвото се дарови од Бог... Што се однесува до самештвото, Јехова не го гледа како причина за срам или тага“. Во склад со ова, треба да ги почитуваме браќата и сестрите што не се во брак.

Што не треба да правиме ако ги почитуваме чувствата на оние кои не се во брак? (Види во пасус 10)

10. Како може да покажеме почит кон браќата и сестрите што не се во брак?

10 Како можеме да покажеме обѕир кон чувствата и околностите на нашите браќа и сестри кои не се во брак? Добро е да имаме на ум дека некои од нив свесно одлучиле да не се женат или мажат. Други би сакале да стапат во брак, но едноставно не ја нашле вистинската личност. А на некои, пак, им починал сопружникот. Како и да е, не би било убаво другите во собранието да ги прашуваат зошто не се во брак или да им понудат помош да си најдат брачен другар. Се разбира, некои од нив можеби ќе побараат таква помош. Но, доколку ова не е случај, како можеби ќе се чувствуваат ако се понудиме да им помогнеме во овој поглед? (1. Сол. 4:11; 1. Тим. 5:13). Да разгледаме што рекле некои неженети браќа и немажени сестри кои верно му служат на Бог.

11-12. Со што би можеле да ги обесхрабриме оние што не се во брак?

11 Еден неженет покраински надгледник кој добро ја извршува својата служба смета дека самештвото има многу предности. Сепак, тој вели дека понекогаш се обесхрабрува кога некои добронамерни браќа и сестри го прашуваат: „Кога ќе се жениш?“ Еден друг неженет брат кој служи во една подружница рекол: „Понекогаш имам чувство дека некои браќа и сестри мислат дека самците се за жалење. Поради тоа самештвото може да изгледа како товар, а не како дар“.

12 Една немажена сестра која служи во Бетел рекла: „Некои браќа и сестри сметаат дека сите што не се мажени или женети си бараат брачен другар или дека секое дружење го гледаат како можност да си најдат некој. Еднаш бев испратена во друг дел на земјата во поврзаност со мојата бетелска служба, и пристигнав вечерта кога имаше состанок. Сестрата кај која престојував ми кажа дека во собранието има двајца браќа на моја возраст. Иако ми рече дека намерата не и е да ми најде некого, веднаш штом влеговме во салата ме одведе кај нив за да нѐ запознае. Може да замислите во колку непријатна ситуација нѐ стави и мене и двајцата браќа!“

13. Од што била охрабрена една немажена сестра?

13 Една друга немажена сестра која служи во Бетел вели: „Познавам некои повозрасни немажени пионерки кои се духовно зрели, стабилни, самопожртвувани и среќни. Тие се од голема помош за собранието. Овие сестри гледаат урамнотежено на своето самештво — не мислат дека се подобри од другите затоа што не стапиле во брак ниту, пак, сметаат дека не можат да бидат среќни затоа што немаат сопруг и деца“. Навистина е многу убаво да служиш во собрание каде што сите се ценат и се почитуваат меѓу себе. Знаеш дека твоите браќа и сестри не те сожалуваат ниту, пак, ти завидуваат. Освен тоа, не те потценуваат ниту, пак, те возвишуваат затоа што не си во брак. Едноставно знаеш дека те сакаат.

14. Како може да покажеме дека ги почитуваме браќата и сестрите кои не се во брак?

14 Нашите неженети браќа и немажени сестри ќе бидат благодарни ако ги цениме поради нивните убави особини. Наместо да ги сожалуваме затоа што не се во брак, треба да ги цениме затоа што му се верни на Бог. Ако имаме таков став, тие никогаш нема да помислат дека сакаме на некој начин да им кажеме: „Не ми требаш“ (1. Кор. 12:21). Наместо тоа, ќе бидат уверени дека ги почитуваме и дека ја цениме нивната улога во собранието.

ПОЧИТУВАЈ ГИ ОНИЕ ШТО НЕ ГО ЗБОРУВААТ ДОБРО ТВОЈОТ ЈАЗИК

15. Какви промени направиле некои за да служат во поголема мера?

15 Во изминативе години, голем број објавители си поставиле цел да научат друг јазик за да можат да служат во поголема мера. Поради тоа морале да направат многу промени во својот живот. Овие браќа и сестри го напуштиле собранието на својот мајчин јазик, и се префрлиле во собрание каде што се зборува друг јазик и каде што има поголема потреба од објавители (Дела 16:9). Самите донеле таква одлука со цел уште повеќе да се посветат на службата. Иако понекогаш им требаат повеќе години за да научат добро да го зборуваат новиот јазик, тие прават многу за другите. Со своите убави особини и искуство ги зајакнуваат соверниците. Многу ги цениме овие самопожртвувани браќа и сестри!

16. Од што зависи дали некој може да биде препорачан како старешина или слуга-помошник?

16 Ако некој брат сѐ уште не го зборува добро јазикот кој се користи во собранието, тоа не значи дека старешинството не треба да го препорача за старешина или за слуга-помошник. Кога одлучуваат дали да го препорачаат за овие одговорности, старешините не треба да гледаат колку добро го знае јазикот што се зборува во собранието, туку дали ги исполнува библиските барања (1. Тим. 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9).

17. Што треба да одлучат родителите кога ќе се преселат со семејството во друга земја?

17 Некои христијани се преселиле заедно со семејството во друга земја затоа што живееле во тешки услови или сакале да најдат работа. Во таков случај, нивните деца можеби сега се школуваат на јазикот што се зборува во таа земја. Обично и родителите треба да го научат тој јазик за да најдат вработување. Што можат да направат ако таму има собрание или група на нивниот мајчин јазик? Дали семејството треба да оди во собрание каде што се зборува јазикот на таа земја или во собрание каде што се зборува нивниот мајчин јазик?

18. Во склад со Галатите 6:5, како може да покажеме дека ја почитуваме одлуката на главата на семејството?

18 Таткото, односно главата на семејството, * мора да одлучи во кое собрание ќе оди неговото семејство. Бидејќи ова е лична работа, тој мора да размисли што би било најдобро за сите нив. (Прочитај Галатите 6:5.) Ние мора да ја почитуваме неговата одлука. Што и да реши, од нас се очекува да му изразиме срдечно добредојде на тоа семејство така што со љубов ќе го прифатиме како скапоцен дел од собранието (Рим. 15:7).

19. За што треба таткото внимателно да размисли и да се моли?

19 Во друг случај, некои семејства можеби служат во собрание каде што се зборува мајчиниот јазик на родителите, но децата не го зборуваат добро тој јазик. Ако тоа собрание се наоѓа на подачје каде што се зборува официјалниот јазик во таа земја и ако децата одат во училиште на тој јазик, можеби ќе им биде тешко да ја разберат програмата на состаноците и да станат духовно зрели. Во такви случаи, таткото треба внимателно да размисли и да се моли за мудрост за да им помогне на своите деца да се зближат со Јехова и со неговиот народ. Родителите ќе треба да им помогнат на децата да го научат добро мајчиниот јазик или, пак, да се префрлат во собрание каде што се зборува јазикот кој нивните деца најдобро го разбираат. Без разлика каква ќе биде одлуката на таткото, објавителите во собранието каде што ќе служат треба да го ценат и да го почитуваат и него и неговото семејство.

Како можеме да покажеме почит кон оние што учат нов јазик? (Види во пасус 20)

20. Како можеме да покажеме почит кон нашите браќа и сестри кои учат нов јазик?

20 Факт е дека, без разлика од која причина, во многу собранија има браќа и сестри кои вложуваат голем труд за да научат нов јазик. Можеби им е тешко убаво да се изразуваат на новиот јазик. Но, ако не мислиме само на тоа како го зборуваат јазикот, ќе видиме дека тие навистина го сакаат Јехова и имаат желба да му служат. Ако ги забележуваме тие убави особини кај овие браќа и сестри, многу ќе ги цениме и ќе ги почитуваме. Нема да кажеме: „Не ми требаат“ само затоа што не го зборуваат добро нашиот јазик.

НИЕ СМЕ СКАПОЦЕНИ ЗА ЈЕХОВА

21-22. Каква чест имаме?

21 Многу сме благодарни што Јехова му дал секому од нас важна улога во неговото собрание. Без оглед на полот, брачниот статус и возраста, и без оглед на тоа дали зборуваме добро некој јазик или не, ние сме скапоцени еден за друг и за Јехова (Рим. 12:4, 5; Кол. 3:10, 11).

22 Да се трудиме и понатаму да ги применуваме прекрасните поуки што ги научивме од споредбата за човечкото тело што ја дал апостол Павле. Така ќе можеме да наоѓаме уште повеќе начини за да ја исполнуваме својата улога, а и да ја цениме улогата што ја имаат другите во Јеховиното собрание.

ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!

^ пас. 5 Јеховините слуги се со различно потекло и имаат различни улоги во собранието. Во оваа статија ќе видиме зошто е важно да го почитуваме секој член на Јеховиното семејство.

^ пас. 8 Не знаеме точно дали Тимотеј некогаш стапил во брак.

^ пас. 18 Оваа одлука ја донесува мајката ако е самохрана или ако нејзиниот сопруг не е Јеховин сведок.