Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 34

Ти имаш важна улога во Јеховиното собрание!

Ти имаш важна улога во Јеховиното собрание!

Како што телото е едно, а има многу делови, и сите делови на тоа тело, иако се многу, сочинуваат едно тело — така е и Христос (1. КОР. 12:12)

ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Каква чест имаме?

ЗА НАС е огромна чест што сме дел од Јеховината организација! Ние сме во еден духовен рај кој е полн со мирољубиви и среќни луѓе. Какво место имаш ти во Божјето собрание?

2. Која споредба ја спомнал апостол Павле во неколку свои посланија?

2 Може да научиме многу за ова од една споредба која апостол Павле ја спомнал во неколку свои посланија. Во секое од нив, тој го споредува собранието со човечкото тело, а поединците ги споредува со деловите на телото (Рим. 12:4-8; 1. Кор. 12:12-27; Еф. 4:16).

3. Кои три поуки ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе разгледаме три важни поуки што може да ги извлечеме од споредбата на Павле. Прво, ќе видиме дека секој од нас си има свое место * во Јеховиното собрание. Второ, ќе разгледаме што може да правиме ако не ни е лесно да сфатиме каква е нашата улога во собранието. И трето, ќе видиме зошто е важно секој да ги извршува своите одговорности во Божјето собрание.

СЕКОЈ ОД НАС СИ ИМА СВОЈА УЛОГА ВО ЈЕХОВИНОТО СОБРАНИЕ

4. Што учиме од Римјаните 12:4, 5?

4 Првото нешто што може да го научиме од споредбата на Павле е дека секој од нас си има важна улога во Јеховиното семејство. Павле ја почнува својата споредба со следниве зборови: „Како што во едно тело имаме многу делови, но сите делови на телото немаат иста улога, така и ние, иако сме многу, едно тело сме во единство со Христос, а како поединци сме едни на други делови на телото“ (Рим. 12:4, 5). Што сакал да каже со ова? Иако имаме различни улоги во собранието, сите ние сме скапоцени.

Иако сите имаме различни улоги во собранието, секој од нас е скапоцен (Види во пасуси 5-12) *

5. Какви „дарови“ му дал Јехова на собранието?

5 Кога ќе се спомне изразот „важно место“ или „важна улога“, можеби веднаш помислуваш на браќата што предводат (1. Сол. 5:12; Евр. 13:17). Точно е дека, преку Христос, Јехова дал „луѓе како дарови“ во своето собрание (Еф. 4:8). Во нив спаѓаат браќата од Водечкото тело и нивните помошници, членовите на Одборите на подружниците, покраинските надгледници, инструкторите на теократските школи, собраниските старешини и слуга-помошниците. Сите овие браќа се именувани под водство на светиот дух за да се грижат за Јеховините скапоцени слуги и да го зајакнуваат собранието (1. Пет. 5:2, 3).

6. Според 1. Солуњаните 2:6-8, што се трудат да прават браќата именувани со свет дух?

6 Браќата што се именувани од светиот дух извршуваат разни одговорности. Тие вложуваат голем труд за да се грижат за доброто на целото собрание исто како што различните делови на телото — на пример, рацете и нозете — соработуваат за доброто на целото тело. Овие браќа не бараат слава за себе. Наместо тоа, се трудат да ги зајакнуваат и охрабруваат своите соверници. (Прочитај 1. Солуњаните 2:6-8.) Колку сме му благодарни на Јехова за овие духовно зрели браќа кои несебично ги ставаат потребите на другите пред своите!

7. Какви благослови имаат многу браќа и сестри кои се во полновремена служба?

7 Некои во собранието можеби служат како мисионери, специјални пионери или, пак, општи пионери. Всушност, многу браќа и сестри во светот го посветиле целиот свој живот на проповедање и поучување. Со тоа им помогнале на мнозина да станат ученици на Исус Христос. Иако повеќето од нив немаат многу во материјален поглед, Јехова им излеал безброј благослови (Мар. 10:29, 30). Многу ги сакаме и ги цениме овие мили браќа и сестри, и благодарни сме што се дел од Божјето собрание!

8. Зошто секој објавител на добрата вест е сакапоцен за Јехова?

8 Дали именуваните браќа и оние што служат полновремено се единствените кои имаат важна улога во собранието? Воопшто не! Секој објавител на добрата вест е скапоцен за Бог и за собранието (Рим. 10:15; 1. Кор. 3:6-9). Всушност, една од најважните цели на собранието е да им помага на луѓето да станат ученици на нашиот Господар, Исус Христос (Мат. 28:19, 20; 1. Тим. 2:4). Сите што проповедаат — и крстените и некрстените објавители — се трудат да ја стават службата на прво место во животот (Мат. 24:14).

9. Зошто ги цениме нашите сестри?

9 Јехова им дал и на сестрите важна улога во собранието. Тој ги цени сите сопруги, мајки, вдовици и немажени сестри кои верно му служат. Во Библијата се спомнати голем број жени кои со своите извонредни особини го радувале Бог. За нив се зборува пофално бидејќи дале одличен пример со својата мудрост, вера, ревност, храброст, дарежливост и добри дела (Лука 8:2, 3; Дела 16:14, 15; Рим. 16:3, 6; Фил. 4:3; Евр. 11:11, 31, 35). Многу сме му благодарни на Јехова што и во нашите собранија има христијанки кои ги покажуваат овие прекрасни особини!

10. Зошто ги цениме нашите постари браќа и сестри?

10 Се радуваме што во собранието има и голем број постари браќа и сестри. Некои од нив верно му служат на Јехова целиот свој живот. А некои, пак, ја дознале библиската вистина од неодамна. Многу од овие христијани кои се во поодминати години имаат разни здравствени проблеми кои ги носи староста. Поради тоа, не можат да прават многу ни во собранието ни во службата. Сепак, овие постари браќа и сестри даваат сѐ од себе за да проповедаат, и многу се трудат да ги охрабруваат и обучуваат другите! Може да научиме многу од нив. Тие се прекрасни и во Јеховини и во наши очи (Изр. 16:31).

11-12. Како те охрабруваат младите во твоето собрание?

11 Размисли и за младите. Тие се соочуваат со бројни предизвици додека растат во овој злобен свет, кој е под влијание на Сатана Ѓаволот и на неговите расипани идеи (1. Јов. 5:19). Сепак, сите сме многу охрабрени кога гледаме како нашите млади коментираат на состаноците, учествуваат во службата и храбро ги бранат своите уверувања. Драги млади, и вие имате важно место во Јеховиното собрание! (Пс. 8:2).

12 Но, на некои браќа и сестри им е тешко да сфатат дека имаат важна улога во собранието. Ако тоа е случај и со нас, што ќе ни помогне да се увериме дека навистина е така? Да видиме.

УВЕРИ СЕ ДЕКА ИМАШ ВАЖНА УЛОГА ВО СОБРАНИЕТО

13-14. Зошто на некои им е тешко да сфатат дека се скапоцени за собранието?

13 Да видиме која е втората работа што може да ја научиме од споредбата на Павле. Тој укажува на еден проблем со кој мнозина се борат денес. Тешко им е да сфатат дека и тие се скапоцени за собранието. Павле напишал: „Ако ногата рече: ’Не сум рака, и затоа не сум дел од телото‘, не значи дека поради тоа не е дел од телото. И ако увото рече: ’Не сум око, и затоа не сум дел од телото‘, не значи дека поради тоа не е дел од телото“ (1. Кор. 12:15, 16). Што сакал да каже со ова?

14 Ако се споредуваш со другите, можеби ќе си мислиш дека не вредиш многу. Некои во собранието се надарени да поучуваат, други добро ги организираат работите, а трети знаат како да утешат и да охрабрат. Можеби сметаш дека ти не можеш да ги правиш тие работи на толку добар начин. Ова покажува дека си понизен и скромен (Фил. 2:3). Но, мора да внимаваш. Ако постојано се споредуваш со оние што имаат посебни дарби и способности, може да се разочараш од себеси. Во склад со она што го рекол Павле, би можел да си мислиш дека собранието нема никаква корист од тебе. Што ќе ти помогне да се справиш со ваквите чувства?

15. Според 1. Коринќаните 12:4-11, што треба да сфатиме во врска со дарбите што ги имаме?

15 Размисли за следново: Во првиот век, преку својот свет дух, Јехова им дал чудотворни дарови на некои христијани. Но, даровите не биле исти. (Прочитај 1. Коринќаните 12:4-11.) Иако Јехова им дал различни дарови и способности, секој христијанин бил скапоцен за него. Денес, никој од нас нема такви чудотворни дарови на светиот дух. Сепак, важи истото начело — сите немаме исти дарби, но сите сме скапоцени за Јехова.

16. Кој совет од апостол Павле треба да го послушаме?

16 Наместо да се споредуваме со нашите браќа и сестри, треба да го послушаме следниов совет на апостол Павле: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други“ (Гал. 6:4).

17. Зошто е добро да го послушаме советот на Павле?

17 Ако го послушаме овој совет и ако ги преиспитаме нашите постапки, можеби постепено ќе сфатиме дека и ние имаме дарби и способности што другите ги немаат. На пример, некој старешина можеби не е надарен говорник, но знае многу убаво да ги поучува другите во службата. Или, пак, можеби не е организиран како некои други старешини но, затоа што е грижлив и сочувствителен пастир, објавителите се чувствуваат слободни да му пристапат и да побараат библиски совет од него. Можеби е познат и по својата гостољубивост (Евр. 13:2, 16). Што може да заклучиме од ова? Кога ќе станеме свесни за нашите јаки страни, тогаш ќе се чувствуваме убаво поради она што можеме да го правиме за собранието. Тоа ќе ни помогне и да не им завидуваме на нашите браќа кои имаат дарови што ние ги немаме.

18. Како може да се подобруваме во службата?

18 Сеедно каква е нашата улога во собранието, сите треба да имаме желба подобро да ја извршуваме службата и да ги развиваме нашите способности. За да ни помогне во тоа, Јехова нѐ поучува на прекрасен начин преку својата организација. На пример, на состанокот Нашиот живот и служба добиваме упатства кои ни помагаат да ги поучуваме луѓето на поделотворен начин. Дали даваш сѐ од себе за да ги применуваш?

19. Како би можел да си ја оствариш целта да присуствуваш на Школата за полновремени објавители?

19 Друга посебна обука може да добиеме на Школата за полновремени објавители. На оваа школа имаат можност да присуствуваат браќа и сестри на возраст од 23 до 65 години кои се во полновремена служба. Можеби таа цел ти изгледа недостижна. Но, наместо да размислуваш од кои причини не можеш да присуствуваш, размислувај од кои причини сакаш да присуствуваш. Потоа направи план што ќе ти помогне да ги исполниш условите да одиш на оваа школа. Ако вложиш труд и ако се потпираш на Јехова за помош, дури и она што ти изгледало невозможно, може да се оствари.

КОРИСТИ ГИ СВОИТЕ ДАРОВИ ЗА ДА ГИ ЗАЈАКНУВАШ СОВЕРНИЦИТЕ

20. Што може да научиме од Римјаните 12:6-8?

20 Третата работа што ја учиме од споредбата на Павле е запишана во Римјаните 12:6-8. (Прочитај.) Овде тој уште еднаш покажува дека сите во собранието имаат различни дарови. Но, сега нагласува дека треба да го користиме секој дар што го имаме за да ги зајакнуваме браќата и сестрите.

21-22. Што може да научиме од Роберт и Фелис?

21 Да го разгледаме примерот на Роберт. * Откако служел во друга земја, добил задача да служи во Бетелот во својата земја. Иако браќата му објасниле дека таа промена не била затоа што не правел нешто како што треба, тој вели: „Со месеци бев несреќен бидејќи си мислев дека сум чисто промашување. Понекогаш ми доаѓаше да се откажам од мојата бетелска служба“. Што му помогнало повторно да биде радосен? Еден друг старешина го потсетил дека на секоја задача Јехова нѐ обучува за да може уште повеќе да нѐ користи на следната. Роберт сфатил дека треба да престане да мисли на минатото, и да почне да мисли на она што може да го прави сега.

22 И брат Фелис Епископо се соочил со слична промена. Тој и жена му дипломирале на Школата Гилеад во 1956 год. и служеле во патувачкото дело во Боливија. Во 1964 год., им се родило дете. Фелис рекол: „Ни беше тешко што моравме да ја напуштиме оваа скапоцена служба. Скоро цела година не можев да престанам да се сожалувам. Но, Јехова ми помогна да си го сменам ставот и да се посветам на мојата одговорност како родител“. Дали и ти се бориш со слични чувства како Роберт или Фелис? Дали си обесхрабрен затоа што сега ги немаш истите одговорности во службата што си ги имал порано? Што ќе ти помогне ако ова е случај и со тебе? Ќе бидеш посреќен ако почнеш да мислиш на она што можеш да го правиш сега за да им служиш на Јехова и на браќата. Труди се и понатаму да ги користиш своите дарби и способности за да им помагаш на другите, и ќе бидеш радосен што можеш да ги зајакнуваш.

23. За што треба да одвоиме време, и што ќе разгледаме во следната статија?

23 Секој од нас е скапоцен за Јехова. Тој сака да бидеме дел од неговото семејство. Да одвоиме време да размислуваме за тоа како да ги зајакнуваме нашите браќа и сестри, и потоа да даваме сѐ од себе за да го правиме тоа. Ова ќе ни помогне да се увериме дека сепак имаме важна улога во собранието. Но, како треба да гледаме на другите браќа и сестри? Како може да им покажеме дека ги сакаме и дека ги цениме? Овие важни прашања ќе бидат одговорени во следната статија.

ПЕСНА 24 Дојдете на Јеховината гора!

^ пас. 5 На сите ни е важно Јехова да нѐ сака и да нѐ цени. Но, понекогаш можеби се прашуваме каква корист има тој од нас. Оваа статија ќе ни помогне да сфатиме дека сите ние имаме скапоцено место, односно улога во собранието.

^ пас. 3 ПОЈАСНУВАЊЕ: Секој поединец во Јеховиното собрание има многу важно место, односно улога. Сите ние можеме да ги изградуваме и да ги зајакнуваме браќата и сестрите. Нашата улога не зависи од нашата раса, националност, економска состојба, положба во општеството, култура или образование.

^ пас. 21 Некои имиња се сменети.

^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: Трите слики покажуваат што се случува пред, во текот на и по еден собраниски состанок. Слика 1: Еден старешина срдечно поздравува еден гостин, еден млад брат се грижи за озвучувањето, и една сестра разговара со друга постара сестра. Слика 2: И млади и стари креваат рака за да даваат коментари додека се проучува Стражарска кула. Слика 3: Еден брачен пар помага во чистењето на салата. Една мајка му покажува на детенцето како да стави прилог во кутијата. Еден млад брат се грижи за литературата, а друг брат охрабрува една постара сестра.