Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 32

Зајакни си ја верата во Творецот

Зајакни си ја верата во Творецот

Верата е цврста увереност... доказ за она што е вистинско, иако не се гледа (ЕВР. 11:1)

ПЕСНА 11 Творештвото го слави Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Кои работи си ги научил за нашиот Творец?

АКО си пораснал во семејство на Јеховини сведоци, веројатно си бил поучуван за Јехова уште од рана возраст. Си дознал дека тој е Творецот, дека има прекрасни особини и дека има намера да ја претвори Земјата во рај (1. Мој. 1:1; Дела 17:24-27).

2. Какво мислење имаат некои луѓе за оние што веруваат во Творец?

2 Меѓутоа, многу луѓе не веруваат дека постои Бог, а уште помалку дека тој создал сѐ. Наместо тоа, тие веруваат дека животот настанал случајно, а потоа поедноставните облици на живот еволуирале во посложени. Некои од лицата што го тврдат ова се видни научници и професори. Тие можеби велат дека науката ја побива Библијата и дека во Творец веруваат само оние луѓе што се необразовани, неинтелигентни или наивни.

3. Зошто е важно да си ја зајакнуваме верата?

3 Дали гледиштата на некои влијателни луѓе ќе ни ја поткопаат верата дека Јехова е нашиот Творец кој многу нѐ сака? Ова во голема мера зависи од тоа зошто веруваме дека Јехова е Творецот. Дали затоа што така ни било кажано или затоа што сме одвоиле време сами да ги испитаме доказите? (1. Кор. 3:12-15). Сеедно колку долго сме Јеховини сведоци, сите ние треба постојано да ја зајакнуваме нашата вера. На тој начин нема да дозволиме оние што поучуваат работи спротивни на Божјата Реч да нѐ заведат „со мудрување и со празна измама“ (Кол. 2:8; Евр. 11:6). Во оваа статија ќе разгледаме: 1) зошто многумина не веруваат во Творец, 2) како можеш да си ја зајакнеш верата во Јехова и 3) што ќе ти помогне твојата вера да остане цврста.

ЗОШТО МНОГУМИНА НЕ ВЕРУВААТ ВО ТВОРЕЦ

4. Според Евреите 11:1, на што се темели вистинската вера?

4 Според некои луѓе, да имаш вера значи да си уверен во нешто за кое нема докази. Но, според Библијата тоа не е вистинска вера. (Прочитај Евреите 11:1.) Забележи дека верата во она што не се гледа, како што се Јехова, Исус и небесното Царство, се темели на докази (Евр. 11:3). Еден Јеховин сведок кој е биохемичар рекол: „Нашата вера не е слепа вера што замижува пред научните факти“.

5. Зошто многумина не веруваат дека животот настанал по пат на создавање?

5 Но, можеби се прашуваме: „Ако има докази дека постои Творец, тогаш зошто многу луѓе не веруваат дека Бог го создал животот?“ Некои едноставно никогаш не ги испитале доказите. Роберт, кој сега е Јеховин сведок, вели: „Бидејќи идејата за создавање воопшто не се ни спомнуваше на училиште, сметав дека не е можно животот да настанал на таков начин. Но кога имав 20-ина години, зборував со Јеховините сведоци и, на темел на Библијата, тие ми наведоа логични и уверливи аргументи дека Бог создал сѐ“. * (Види ја рамката „ Поттик до родителите“.)

6. Зошто некои не веруваат дека постои Творец?

6 Некои не веруваат во Творец затоа што, како што велат, веруваат само во она што можат да го видат. Меѓутоа, тие веруваат во некои работи што не се гледаат, а за кои има докази дека постојат, како што е гравитацијата. Верата за која зборува Библијата исто така се темели на докази за работи кои постојат иако не се гледаат (Евр. 11:1). Многу луѓе немаат мотивација да ги истражат доказите бидејќи за тоа е потребно време и труд. А ако некој не ги испита доказите, може лесно да заклучи дека не постои Бог.

7. Дали сите високообразовани луѓе ја отфрлаат идејата дека Бог ја создал вселената? Објасни.

7 Откако ги проучиле доказите, некои научници се увериле дека Бог ја создал вселената. * Исто како Роберт, кого го спомнавме претходно, некои заклучуваат дека не постои Творец бидејќи на факултет не се спомнува како можна опција идејата дека светот настанал по пат на создавање. И покрај тоа, многу научници го запознале и го засакале Јехова. Исто како нив, сите ние треба да си ја зајакнеме верата во Бог без оглед на тоа какво образование имаме. Никој друг не може да го направи тоа за нас.

КАКО МОЖЕШ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕШ ВЕРАТА ВО ТВОРЕЦОТ

8-9. а) Кое прашање ќе го разгледаме сега? б) Како ќе ти користи тоа што ќе го проучуваш творештвото?

8 Како можеш да ја зајакнеш твојата вера во Творецот? Да разгледаме четири начини.

9 Проучувај го творештвото. Можеш да си ја зајакнеш верата во Творецот ако ги набљудуваш животните, растенијата и ѕвездите (Пс. 19:1; Иса. 40:26). Колку повеќе ги проучуваш овие работи толку поуверен ќе бидеш дека Јехова е Творецот. Во нашите публикации честопати има статии кои се осврнуваат на различни детали од творештвото. Не ги прескокнувај таквите статии, дури и ако сметаш дека се тешки за разбирање. Потруди се да научиш онолку колку што можеш. Освен тоа, на нашата интернет-страница, jw.org, се ставени видеоклиповите за творештвото кои излегоа на регионалните конгреси во текот на изминативе години. Не заборавај одново да ги гледаш овие прекрасни видеоклипови!

10. Наведи еден пример кој потврдува дека има Творец (Римјаните 1:20).

10 Кога го проучуваш творештвото, внимателно размислувај што откриваат фактите за нашиот Творец. (Прочитај Римјаните 1:20.) На пример, сонцето ни дава топлина и светлина кои се неопходни за живот. Но, како што знаеме, тоа испушта и штетни ултравиолетови зраци. Сепак, ние сме заштитени од тие зраци. Како? Нашата планета има една посебна заштитна обвивка наречена озонска обвивка, која го апсорбира штетното зрачење. Колку повеќе се зголемува ова зрачење од сонцето толку повеќе се зголемува и количината на озон. Зарем не е логично да заклучиме дека овој процес не настанал случајно, туку дека е дело на интелигентен Творец кој многу нѐ сака?

11. Каде можеш да најдеш некои факти за созданието кои ќе ти ја зајакнат верата? (Види ја рамката „ Некои извори на информации што ќе ти ја зајакнат верата“.)

11 Ако истражуваш на jw.org, ќе најдеш многу факти за созданието кои ќе ти ја зајакнат верата. Би можел да започнеш со статиите од рубриката „Случајно или создадено?“ Тие се кратки и содржат само неколку интересни факти за животните и за други созданија. Исто така, тие содржат примери за тоа како научниците се обидуваат да го копираат она што го гледаат во природата.

12. Кои се некои работи за кои треба да размислиме додека ја проучуваме Библијата?

12 Проучувај ја Библијата. Биохемичарот што го спомнавме претходно, во почетокот не верувал во Творец. Но, подоцна го сменил мислењето. Тој вели: „Мојата вера не се темелеше само на научните истражувања. Се темелеше и на длабоко проучување на Библијата“. Можеби ти веќе добро ги познаваш библиските учења. Но, за да си ја зајакнеш верата во нашиот Творец, треба да продолжиш да ја проучуваш Божјата Реч (Ис. Нав. 1:8; Пс. 119:97). На пример, размисли за тоа колку детален опис дава Библијата за некои настани што се случиле во минатото. Освен тоа, размисли за нејзините пророштва и за тоа колку таа е складна иако ја пишувале различни писатели. Така ќе ти се зацврсти верата дека нѐ создал еден мудар и грижлив Творец и дека Библијата е негова Реч * (2. Тим. 3:14; 2. Пет. 1:21).

13. Наведи еден пример кој покажува колку се мудри советите од Божјата Реч.

13 Кога ја проучуваш Божјата Реч, размислувај за тоа колку се корисни нејзините совети. На пример, уште многу одамна Библијата предупредила дека љубовта кон парите е штетна и дека може да ни нанесе „многу маки“ (1. Тим. 6:9, 10; Изр. 28:20; Мат. 6:24). Дали ова важи и денес? Во една книга, во која се зборува за ставовите на луѓето во нашево време, го пишува следново: „Општо земено, луѓето на кои животот им се врти околу материјалните работи се понесреќни и посклони кон депресија. Дури и оние кои имаат силна желба да стекнат повеќе пари имаат послабо ментално здравје. Кај нив се забележува и послабо физичко здравје“ (The Narcissism Epidemic). Значи, навистина е соодветно тоа што Библијата нѐ предупредува да не развиеме љубов кон парите! Можеш ли да се сетиш и на други библиски начела кои ти биле од корист? Колку повеќе ги цениме советите од Библијата толку повеќе ќе се потпираме на мудроста од нашиот грижлив Творец (Јак. 1:5). Како резултат на тоа, ќе имаме поисполнет и порадосен живот (Иса. 48:17, 18).

14. Што ќе откриеш за Јехова додека ја проучуваш Библијата?

14 Проучувај со цел да го запознаеш Јехова (Јован 17:3). Додека ја проучуваш Библијата, подобро ќе ги запознаеш неговите особини и ќе увидиш дека тоа се истите особини што се гледаат во творештвото. Кога учиме за нив, стануваме уште поуверени дека Бог навистина постои (2. Мој. 34:6, 7; Пс. 145:8, 9). Како што сѐ подобро го запознаваш Јехова, твојата вера во него сѐ повеќе ќе расте, твојата љубов кон него сѐ повеќе ќе се продлабочува и твоето пријателство со него сѐ повеќе ќе се зацврстува.

15. Како ќе ти користи тоа што ќе зборуваш за твојата вера со другите?

15 Зборувај со другите за твојата вера во Бог. Така твојата вера ќе станува сѐ поцврста. Но, што ако некој на кого му проповедаш ти постави прашање во врска со постоењето на Бог, а не си сигурен како да му одговориш? Потруди се во нашите публикации да најдеш библиски одговор на тоа прашање, а потоа зборувај со лицето (1. Пет. 3:15). Можеш да побараш помош и од некој соверник. Сеедно како тоа лице ќе реагира на одговорот што си му го дал на темел на Библијата, тебе сепак ќе ти користи тоа што си истражувал. Твојата вера ќе се зајакне, и така нема да паднеш под влијание на оние кои се сметани за мудри и образовани и кои тврдат дека нема Творец.

ЗАДРЖИ ЦВРСТА ВЕРА!

16. Што може да се случи ако не ја одржуваме нашата вера?

16 Без оглед на тоа колку долго му служиме на Јехова, мора и понатаму да ја одржуваме цврста нашата вера. Зошто? Бидејќи таа може да ослабне ако не внимаваме. Како што видовме, верата се темели на докази за она што не се гледа, а она што не го гледаме, лесно може да го заборавиме. Затоа, Павле го нарекол недостигот на вера грев кој „лесно може да нѐ намами во замка“ (Евр. 12:1). Што ќе ни помогне да не паднеме во таа замка? (2. Сол. 1:3).

17. Што ќе ни помогне да задржиме цврста вера?

17 Прво, моли го Јехова да ти дава свет дух, и прави го тоа често. Зошто? Бидејќи верата е еден од плодовите на духот (Гал. 5:22, 23). Не можеме да задржиме цврста вера во нашиот Творец без помошта од неговиот свет дух. Јехова ќе ни даде свет дух ако го молиме за тоа (Лука 11:13). Дури можеме конкретно да го молиме да ни даде „уште вера“ (Лука 17:5).

18. Според Псалм 1:2, 3, каква чест имаме?

18 Освен тоа, редовно проучувај ја Божјата Реч. (Прочитај Псалм 1:2, 3.) Во времето кога бил напишан овој Псалм, само малку Израелци имале свој примерок од целиот Божји закон. Меѓутоа, на царот и на свештениците им биле достапни примероци од Законот, а секоја седма година „мажите, жените, децата и дојденците“ се собирале за да го слушаат читањето на Божјиот закон (5. Мој. 31:10-12). Во времето на Исус, само малкумина имале свитоци од светите списи, а поголемиот дел од нив се чувале во синагогите. За разлика од тогаш, на повеќето луѓе денес им е достапна Божјата Реч во целост или некои делови од неа. Тоа е чест која треба многу да ја цениме. Како може да покажеме дека сме благодарни што ја имаме Библијата?

19. Што треба да правиме за да може нашата вера да остане цврста?

19 Можеме да покажеме дека сме благодарни што ја имаме Божјата Реч така што редовно ќе ја читаме и проучуваме. Не можеме да го препуштиме ова на случајноста, односно да го правиме само тогаш кога имаме време. За да може нашата вера да остане цврста, треба редовно да одвојуваме време да ја проучуваме Божјата Реч.

20. На што треба да бидеме решени?

20 За разлика од „мудрите и умните“ од овој свет, ние имаме цврста вера која се темели на Божјата Реч (Мат. 11:25, 26). Од неа дознаваме зошто условите во светот се влошуваат и што ќе направи Јехова во врска со тоа. Затоа, да бидеме решени да си ја зајакнуваме верата и да им помогнеме на колку што е можно повеќе луѓе да стекнат вера во нашиот Творец (1. Тим. 2:3, 4). И, да продолжиме со радост да го чекаме времето кога сите што ќе живеат на Земјата ќе го слават Јехова со зборовите запишани во Откровение 4:11: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата... бидејќи ти создаде сѐ“.

ПЕСНА 2 Јехова е името твое

^ пас. 5 Библијата јасно кажува дека Јехова Бог е Творецот на сѐ што постои. Но, многу луѓе не веруваат во тоа. Тие тврдат дека животот настанал сам од себе. Дали поради таквите тврдења ќе почнеме да се сомневаме дека Јехова ги создал живите суштества? Не, доколку вложуваме труд да си ја зајакнеме верата во Бог и во Библијата. Од оваа статија ќе дознаеме како може да го правиме тоа.

^ пас. 5 Во многу училишта идејата за создавање не се ни спомнува како можна опција за тоа како сме настанале. Некои професори велат дека со тоа, всушност, би ги наведувале учениците да веруваат во Бог.

^ пас. 7 Во Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци можеш да дознаеш што кажале некои експерти кои веруваат во создавање, меѓу кои има и научници. Види под темата „Наука и технологија“, во делот „’Интервју‘ (рубрика во Разбудете се!)“.

^ пас. 12 На пример, види ја статијата „Може ли да се спојат науката и Библијата?“, која излезе во Разбудете се! од февруари 2011, како и статијата „Сѐ што прорекува Јехова се исполнува“, која излезе во Стражарска кула од 1 јануари 2008.