СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 33
Јехова се грижи за својот народ
Јеховиното око е насочено кон оние што се бојат од него (ПС. 33:18)
ПЕСНА 4 „Јехова е мојот Пастир“
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Зошто Исус го замолил Јехова да ги штити неговите следбеници?
НОЌТА пред да умре, Исус побарал нешто посебно од својот Татко. Тој го замолил Јехова да ги штити неговите следбеници (Јован 17:15, 20). Се разбира, Јехова отсекогаш се грижел за својот народ и го штител. Сепак, Исус знаел дека Сатана сурово ќе ги прогонува неговите следбеници. Освен тоа, Исус знаел дека ќе им биде потребна помош од Јехова за да им се спротивстават на злобните напади од Ѓаволот.
2. Според Псалм 33:18-20, зошто не треба да се плашиме кога се соочуваме со проблеми?
2 Светот на Сатана врши огромен притисок врз христијаните денес. Се соочуваме со проблеми кои можат да нѐ обесхрабрат, па дури и да ја стават на испит нашата верност кон Јехова. Но, како што ќе видиме во оваа статија, немаме никаква причина да се плашиме. Јехова се грижи за нас — тој гледа со какви проблеми се соочуваме и секогаш е спремен да ни помогне да се справиме со нив. Ќе разгледаме два примера од Библијата кои покажуваат како Јехова се грижи за „оние што се бојат од него“. (Прочитај Псалм 33:18-20.)
КОГА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ОСАМЕНО
3. Кога би можеле да се чувствуваме осамено?
3 Иако сме дел од едно големо духовно семејство, понекогаш можеби се чувствуваме осамено. На пример, младите можеби се чувствуваат така кога треба да ги објаснат своите верувања пред соучениците на училиште или кога ќе се преселат во ново собрание. Некои од нас можеби чувствуваат тага или се борат со негативни чувства и мислат дека самите мора да го носат тој товар. Можеби се колебаме да зборуваме со другите за тоа како се чувствуваме бидејќи си мислиме дека нема да нѐ разберат. А понекогаш можеби дури и се прашуваме дали некој воопшто се грижи за нас. Кога се чувствуваме осамено, без разлика од која причина, можат да нѐ обземат чувства на беспомошност и загриженост. Јехова не сака да се чувствуваме така. Зошто го велиме тоа?
4. Зошто пророкот Илија рекол: „Останав само јас“?
4 Да го разгледаме примерот на верниот Божји слуга Илија. Тој трчал повеќе од 40 дена за да си го спаси животот бидејќи Језавела се заколнала дека ќе го убие (1. Цар. 19:1-9). На крај, кога бил сам во една пештера, тој му рекол на Јехова: „Останав само јас [од пророците]“ (1. Цар. 19:10). Но, во земјата имало и други пророци. На пример, Авдија успеал да спаси 100 пророци кои Језавела сакала да ги убие (1. Цар. 18:7, 13). Зошто тогаш Илија се чувствувал осамено? Дали можеби си мислел дека пророците кои ги спасил Авдија сега биле мртви? Дали се чувствувал осамено затоа што никој друг не почнал да му служи на Јехова заедно со него откако на планината Кармил се докажало дека Јехова е вистинскиот Бог, а не Ваал? Дали си мислел дека никој не знае во колкава опасност се наоѓа или дека на никој не му е грижа за него? Извештајот не ги открива сите детали во врска со чувствата на Илија. Но, она што го знаеме е дека Јехова разбирал зошто Илија се чувствувал осамено, и дека точно знаел како да му помогне.
5. Како Јехова го уверил Илија дека не е сам?
5 Јехова му помогнал на Илија на неколку начини. Тој го поттикнал Илија да зборува. Двапати го прашал: „Што правиш овде Илија?“ (1. Цар. 19:9, 13). И првиот и вториот пат, Бог слушал додека Илија му кажувал како се чувствува. Јехова му одговорил така што му покажал дека е со него и дека има голема моќ. Исто така, го уверил дека и многу други Израелци сѐ уште му служат (1. Цар. 19:11, 12, 18). Без сомнение, на Илија многу му олеснало кога му кажал на Јехова како се чувствува и кога тој му одговорил. Јехова му дал на Илија неколку важни задачи. Тој му рекол да ги помаза Азаил за цар на Сирија, Јуј за цар на Израел и Елисеј за пророк (1. Цар. 19:15, 16). Со тоа што му ги дал овие задачи, Јехова му помогнал на Илија да се концентрира на позитивни работи. Освен тоа, Бог му го дал и Елисеј за да му биде близок соработник. Како може Јехова тебе да ти помогне кога се чувствуваш осамено?
6. За што можеш да се молиш кога се чувствуваш осамено? (Псалм 62:8).
6 Јехова те повикува да му се молиш. Тој забележува со какви проблеми се соочуваш и те уверува дека те слуша кога и да му се молиш (1. Сол. 5:17). Јехова со задоволство ги слуша молитвите на своите слуги (Изр. 15:8). За што можеш да се молиш кога се чувствуваш осамено? Излеј го своето срце пред Јехова, исто како што направил Илија. (Прочитај Псалм 62:8.) Кажи му што те загрижува и како се чувствуваш поради тоа. Моли го Јехова да ти помогне да се справиш со своите чувства. На пример, ако треба да сведочиш на училиште, но се плашиш и имаш чувство дека си препуштен сам на себе, моли го Јехова да ти ја даде потребната храброст. Би можел дури и да го молиш за мудрост за да знаеш тактично да ги објасниш своите верувања (Лука 21:14, 15). Ако се бориш со негативни чувства, моли го Јехова да ти помогне да зборуваш со некој духовно зрел соверник. Можеш да го молиш Јехова да му помогне на оној на кој сакаш да му се довериш да разбере како се чувствуваш. Кажи му ги на Јехова твоите најдлабоки чувства. Забележи како ќе ти одговори на молитвите и прифати ја помошта од другите. Тоа ќе ти помогне да не се чувствуваш толку осамено.
7. Што учиш од примерот на Маурицио?
7 Јехова ни дава на сите нас да извршуваме задачи кои нѐ исполнуваат. Можеш да бидеш уверен дека Јехова го забележува и го цени сето она што го правиш во собранието и во службата на проповедање (Пс. 110:3). Како тоа што ќе учествуваш во овие активности може да ти помогне кога се чувствуваш осамено? Да го разгледаме примерот на еден млад брат по име Маурицио. b Кратко откако Маурицио се крстил, еден од неговите најблиски пријатели постепено ја напуштил вистината. Маурицио вели: „Тоа што гледав дека тој се оддалечува од Јехова, ми ја намали самодовербата. Се прашував дали јас ќе можам да го исполнам мојот завет да му служам на Јехова и да останам дел од неговата организација. Се чувствував осамено и си мислев дека никој не може да разбере низ што минувам“. Што му помогнало на Маурицио? Тој вели: „Почнав повеќе да учествувам во службата на проповедање. Тоа ми помогна да ги оттргнам мислите од себеси и да не им се препуштам на негативните чувства. Додека соработував со другите во службата, се чувствував среќно и не бев толку осамен“. Дури и кога не можеме да проповедаме со нашите браќа од врата до врата, зајакнати сме кога заедно со нив сведочиме преку писма или преку телефон. Што друго му помогнало на Маурицио? Тој вели: „Исто така, бев зафатен со задачи во собранието. Давав сѐ од себе за да се подготвам и да ги изнесам ученичките задачи на состаноците. Таквите задачи ми даваа чувство дека Јехова и другите ме ценат“.
КОГА СМЕ ОБЕСХРАБРЕНИ ПОРАДИ ТЕШКИ НЕВОЛЈИ
8. Како може да се чувствуваме кога доживуваме тешки неволји?
8 Бидејќи живееме во последните денови, очекуваме дека ќе доживуваме неволји (2. Тим. 3:1). Сепак, можеби не сме очекувале дека ќе се соочиме со одреден вид неволја, а можеби сме изненадени и од тоа во кое време се појавила. Можеби неочекувано ќе се соочиме со финансиски проблеми, тешко ќе се разболиме или ќе ни почине некој близок. Во такви ситуации, можеби ќе бидеме под стрес или ќе се чувствуваме притиснати од сите страни, особено ако неволјите се случуваат една по друга или ако доживееме неколку неволји одеднаш. Сепак, да имаме на ум дека Јехова е свесен што ни се случува и дека со негова помош можеме храбро да истраеме во секоја неволја.
9. Опиши некои од неволјите што ги доживеал Јов.
9 Размисли за тоа како Јехова му помогнал на својот верен слуга Јов. За краток период, Јов доживеал неколку тешки неволји. Во само еден ден, Јов дознал дека дел од неговата стока била украдена, а другиот дел убиена, дека неговите слуги биле убиени, па дури и дека неговите деца го изгубиле животот (Јов 1:13-19). Кратко потоа, додека сѐ уште чувствувал длабока тага, Јов бил погоден од мачна болест (Јов 2:7). Тој бил во толку тешка ситуација што кажал: „Ми здодеа! Не сакам вака да живеам“ (Јов 7:16).
10. Како Јехова му го дал она што му било потребно на Јов за да истрае во неволјите? (Види ја сликата на насловната страница.)
10 Јехова бил покрај Јов и му помагал. Бидејќи го сакал Јов, Јехова му дал сѐ што му било потребно за да истрае во неволјите и да остане верен. Јехова зборувал со Јов и го потсетил дека тој има безгранична мудрост и дека со љубов се грижи за своите созданија. Тој му зборувал за многуте животни кои прекрасно ги создал (Јов 38:1, 2; 39:9, 13, 19, 27; 40:15; 41:1, 2). Освен тоа, Јехова го зајакнал и го утешил преку еден млад, верен Божји слуга, по име Елиу. Тој го уверил Јов дека Јехова секогаш ги наградува своите слуги за нивната истрајност. Но, Јехова исто така го поттикнал Елиу да му даде на Јов љубезен совет. Тој му помогнал на Јов да престане да се концентрира на себеси така што го потсетил колку сме мали во однос на Јехова, Творецот на вселената (Јов 37:14). Освен тоа, Јехова му рекол на Јов и да направи нешто. Тој требало да се помоли за своите тројца пријатели кои згрешиле (Јов 42:8-10). Како Јехова ни помага нам денес кога доживуваме тешки неволји?
11. Каква утеха ни дава Библијата кога доживуваме неволји?
11 Јехова не зборува со нас на ист начин како што зборувал со Јов, туку преку својата Реч, Библијата (Рим. 15:4). Тој нѐ теши со тоа што ни дава надеж за иднината. Да разгледаме само неколку мисли од Библијата кои можат да ни влеат утеха кога доживуваме неволји. Јехова нѐ уверува дека ништо, а во тоа спаѓаат и тешките неволји, „не може да нѐ одвои од [неговата] љубов“ (Рим. 8:38, 39). Исто така, тој нѐ уверува дека е „близу до сите што го повикуваат“, односно му се обраќаат во молитва (Пс. 145:18). Јехова ни кажува дека, ако се потпираме на него, ќе можеме да истраеме во која и да било неволја, па дури и дека притоа ќе чувствуваме одредена мера радост (1. Кор. 10:13; Јак. 1:2, 12). Освен тоа, Божјата Реч нѐ потсетува дека нашите неволји се привремени и кратки во споредба со вечните благослови што ни ги ветува Јехова (2. Кор. 4:16-18). Јехова ни дава сигурна надеж дека ќе го отстрани коренот на сите наши проблеми — Сатана Ѓаволот и оние што се злобни како него (Пс. 37:10). Дали знаеш напамет некои утешни библиски стихови кои ќе ти помогнат да истраеш во неволјите во иднина?
12. Што очекува Јехова од нас да правиме за да извлечеме целосна корист од неговата Реч?
12 Јехова очекува редовно да одвојуваме време за да ја проучуваме Библијата и длабоко да размислуваме за она што го читаме. Кога го применуваме она што го учиме, нашата вера се зајакнува и стануваме поблиски со нашиот небесен Татко. Како резултат на тоа, имаме сила да истраеме во неволјите. Исто така, Јехова им го дава својот свет дух на оние што имаат доверба во неговата Реч. А тој дух може да ни даде „сила, која ја надминува нормалната“, за да истраеме во секоја неволја (2. Кор. 4:7-10).
13. Како духовната храна што ја обезбедува верниот и разборит роб ни помага да истраеме во неволјите?
13 Со помошта од Јехова, „верниот и разборит роб“ ни обезбедува изобилство статии, видеоклипови и песни кои можат да ни помогнат да си ја зајакнеме верата и да останеме духовно будни (Мат. 24:45). Треба во потполност да го искористиме сето она што Јехова ни го дава во вистинско време. Една сестра од САД неодамна рекла дека е благодарна за сета духовна храна што ја добиваме. Таа вели: „Во изминативе 40 години откако почнав да му служам на Јехова, мојата верност кон него беше многу пати ставена на испит“. Таа доживеала тешки неволји. Нејзиниот дедо загинал во сообраќајна несреќа поради пијан возач. Нејзините родители тешко се разболеле и починале. Освен тоа, таа двапати имала рак. Што ѝ помогнало да истрае? Оваа сестра вели: „Јехова секогаш се грижеше за мене. Духовната храна што ја добиваме преку верниот и разборит роб ми помогна да истраам. Затоа, исто како Јов, и јас можам да кажам: ’Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!‘“ (Јов 27:5).
14. Како Јехова ги користи нашите соверници за да ни помагаат кога доживуваме неволји? (1. Солуњаните 4:9).
14 Јехова ги учи своите слуги како да се сакаат и да се тешат еден со друг кога доживуваат тешкотии (2. Кор. 1:3, 4; прочитај 1. Солуњаните 4:9). По примерот на Елиу, нашите браќа и сестри спремно ни помагаат да останеме верни кога се соочуваме со проблеми (Дела 14:22). На пример, да видиме како собранието на една сестра по име Дајана ја охрабрило и ѝ помогнало да остане блиска со Јехова кога на нејзиниот сопруг му се појавил сериозен здравствен проблем. Таа вели: „Не беше лесно, но во текот на тие тешки месеци чувствувавме како Јехова ни дава сила и колку многу нѐ сака. Нашето собрание направи многу работи за да ни помогне. Посетите, телефонските повици и прегратките од браќата и сестрите беа токму она што ни беше потребно за да продолжиме понатаму. Бидејќи не знам да возам, тие се погрижија да присуствувам на состаноците и да одам во служба секогаш кога ќе бев во можност“. Навистина сме многу среќни што сме дел од едно духовно семејство кое е полно со љубов!
БЛАГОДАРНИ СМЕ ЗА ЈЕХОВИНАТА ГРИЖА
15. Зошто сме уверени дека можеме да истраеме кога се соочуваме со неволји?
15 Секој од нас ќе се соочи со некој вид неволја. Сепак, како што видовме, никогаш нема да мора самите да се справуваме со неволјите. Како Татко полн со љубов, Јехова секогаш се грижи за нас. Тој е покрај нас, спремно ги слуша нашите повици за помош и ни помага (Иса. 43:2). Ние сме уверени дека можеме да се соочиме со неволјите затоа што тој великодушно ни дава сѐ што ни е потребно за да истраеме. Тој ни дал прекрасни дарови — молитвата, Библијата, изобилство духовна храна и братство кое со љубов ни помага во време на неволја.
16. Што треба да правиме за Јехова и понатаму да се грижи за нас?
16 Колку сме благодарни што нашиот небесен Татко се грижи за нас! „Поради него ни се радува срцето“ (Пс. 33:21). Можеме да му покажеме на Јехова дека сме му благодарни за неговата грижа така што ќе го користиме сето она што ни го дава за да ни помага. Значи, и ние треба да го дадеме нашиот дел, за Јехова и понатаму да се грижи за нас. Со други зборови, ако продолжиме да даваме сѐ од себе за да му бидеме послушни на Јехова и да го правиме она што е исправно во негови очи, тој ќе се грижи за нас, и тоа во сета вечност (1. Пет. 3:12).
ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател
a За да се справиме со проблемите со кои се соочуваме денес, потребна ни е помош од Јехова. Оваа статија нѐ уверува дека Јехова се грижи за својот народ и го штити. Тој забележува со какви предизвици се соочува секој од нас поединечно и ни го дава она што ни е потребно за да ги надминеме.
b Некои имиња се сменети.