СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 35
Да продолжиме да се изградуваме еден со друг
Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг (1. СОЛ. 5:11)
ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Според 1. Солуњаните 5:11, во какво дело учествуваме сите ние?
ДАЛИ твоето собрание некогаш градело или реновирало сала за состаноци? Ако да, тогаш сигурно се сеќаваш на твојот прв состанок во новиот објект и сигурно си му бил многу благодарен на Јехова. Всушност, можеби си бил толку многу преплавен од чувства што едвај си можел да ја отпееш воведната песна. Нашите убаво изградени сали за состаноци му носат слава на Јехова. Но, ние му носиме уште поголема слава кога учествуваме во еден друг вид изградба. Таа изградба се однесува на нешто што има многу поголема вредност од дословни објекти. Тоа се луѓето кои доаѓаат во салите за состаноци. Апостол Павле употребил еден збор кој, освен на дословно градење, може да се однесува и на тоа да се изградуваат, односно да се охрабруваат другите, како што пишува во 1. Солуњаните 5:11 кој е главниот стих за оваа статија. (Прочитај.)
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Апостол Павле е одличен пример за тоа како треба да ги изградуваме браќата и сестрите. Тој покажувал сочувство кон нив. Во оваа статија ќе разгледаме како тој им помагал на браќата и сестрите 1) да истраат во неволјите, 2) да бидат во мир едни со други и 3) да си ја зајакнат верата во Јехова. Да видиме како можеме да го следиме неговиот пример за да ги изградуваме нашите браќа и сестри денес (1. Кор. 11:1).
ПАВЛЕ ИМ ПОМАГАЛ НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ ДА ИСТРААТ ВО НЕВОЛЈИТЕ
3. Какво урамнотежено гледиште имал Павле?
3 Павле многу ги сакал браќата и сестрите. Бидејќи и самиот доживеал многу тешкотии, тој можел да покаже сочувство кон неговите соверници кога минувале низ неволји. Во една прилика, Павле останал без пари и морал да најде работа за да се грижи за своите потреби и за потребите на оние што биле со него (Дела 20:34). Тој по занимање бил изработувач на шатори. Кога пристигнал во Коринт, тој во почетокот работел заедно со Акила и Прискила, кои исто така изработувале шатори. Но „секоја сабота“, Павле им проповедал на Евреите и на Грците. Кога дошле Сила и Тимотеј, Павле потполно му се посветил „на проповедањето на речта“ (Дела 18:2-5). Павле никогаш не изгубил од вид дека неговата главна цел во животот е да му служи на Јехова. Бидејќи Павле оставил добар пример со тоа што вложувал голем труд во службата и се грижел за своите лични потреби, бил во можност да им помогне на браќата и сестрите. На пример, тој ги потсетувал да не дозволат проблемите во животот и потребата да се грижат за своето семејство да ги наведат да го запостават она „што е најважно“ — сето она што е поврзано со обожавањето на Јехова (Фил. 1:10).
4. Како Павле и Тимотеј им помогнале на соверниците да се справат со прогонството?
4 Кратко откако било формирано собранието во Солун, новите христијани се соочиле со жестоко противење. Кога една насилна толпа од злобни луѓе не можела да ги најде Павле и Сила, тие одвлечкале „некои браќа пред градските поглавари, викајќи: ’Овие луѓе... постапуваат спротивно на цезаровите одредби‘“ (Дела 17:6, 7). Можеш ли да си замислиш колку биле исплашени овие нови христијани кога дознале дека градските поглавари се свртиле против нив? Ова можело да им ја намали ревноста во службата за Јехова, но Павле не сакал тоа да се случи. Иако тој и Сила морале да си заминат, тие направиле сѐ што можеле за ова новоформирано собрание да биде добро згрижено. Павле ги потсетил Солуњаните: „Тимотеј, нашиот брат... го испративме да ве зацврсти и да ве утеши за да ја зајакне вашата вера, за да не се поколеба никој поради тие неволји“ (1. Сол. 3:2, 3). Најверојатно и самиот Тимотеј доживеал прогонство во неговиот роден град Листра. Тој видел како Павле ги зајакнал тамошните соверници. Бидејќи знаел што направил Јехова за браќата во Листра, Тимотеј можел да ги увери своите нови браќа и сестри дека Јехова ќе се погрижи и за нив (Дела 14:8, 19-22; Евр. 12:2).
5. Како му користела на Брајант помошта од еден старешина?
5 На кој друг начин Павле ги зајакнувал своите соверници? Кога се вратиле во Листра, Иконија и Антиохија, Павле и Варнава поставиле старешини во секое собрание (Дела 14:21-23). Без сомнение, тие старешини биле извор на утеха за собранијата исто како што се старешините денес. Еден брат по име Брајант го рекол следново: „Кога имав 15 години, татко ми нѐ остави, а мајка ми беше исклучена од собранието. Се чувствував напуштено и обесхрабрено“. Што му помогнало на Брајант да истрае во овој тежок период? Тој вели: „Еден старешина по име Тони разговараше со мене на состаноците и во други прилики. Тој ми раскажуваше за некои што биле среќни и покрај тоа што се соочувале со неволји. Ми го посочи Псалм 27:10 и честопати зборуваше за Езекија кој верно му служел на Бог, иако татко му не му оставил добар пример“. Како му користела на Брајант помошта што ја добил? Тој вели: „Благодарение на охрабрувањето од Тони со текот на времето започнав со полновремена служба која ми носи големо задоволство“. Старешини, трудете се да ги забележите и да им помогнете на оние на кои, исто како на Брајант, им е потребно охрабрување (Изр. 12:25).
6. Како Павле ги охрабрувал своите браќа и сестри со примерите од верните Божји слуги?
6 Павле ги потсетил браќата и сестрите дека еден „голем облак од сведоци“ истрајале во неволјите бидејќи Јехова им давал сила (Евр. 12:1). Павле знаел дека примерот на верните Божји слуги од минатото кои успеале да се справат со најразлични неволји, би можел да им влее храброст на браќата и сестрите и да им помогне да останат сконцентрирани „на градот на живиот Бог“, односно на службата за Јехова (Евр. 12:22). Истото важи и за нас денес. Кој од нас не бил охрабрен кога читал за тоа како Јехова им помогнал на Гедеон, Варак, Давид, Самоил и на многу други (Евр. 11:32-35). А сигурно сме и многу зајакнати од примерите на верните браќа и сестри од нашево време. Во главното седиште честопати пристигнуваат писма од браќа и сестри чија вера била зајакната откако ги прочитале животните приказни на некои верни Божји слуги денес.
ПАВЛЕ ИМ ПОКАЖАЛ НА СОВЕРНИЦИТЕ КАКО ДА БИДАТ ВО МИР ЕДНИ СО ДРУГИ
7. Што учиме од советот на Павле кој е запишан во Римјаните 14:19-21?
7 Ние ги изградуваме нашите браќа и сестри кога придонесуваме да има мир во собранието. Не дозволуваме да се појават поделби меѓу нас поради тоа што имаме различни мислења. Исто така, не инсистираме на своите права ако не се прекршува некое библиско начело. Да разгледаме еден пример. Собранието во Рим го сочинувале христијани од еврејско и од нееврејско потекло. Кога Мојсеевиот закон престанал да важи, престанале да важат и одредбите со кои било забрането да се јадат одредени видови храна (Мар. 7:19). Оттогаш, некои христијани со еврејско потекло почнале да јадат секаква храна. Меѓутоа, други христијани со еврејско потекло, сметале дека не е исправно да се прави тоа. Ваквиот спор довел до поделби во собранието. Павле истакнал колку е важно да се зачува мирот со тоа што кажал: „Добро е да не се јаде месо и да не се пие вино и да не се прави ништо од кое твојот брат би можел да се спрепне“. (Прочитај Римјаните 14:19-21.) Така Павле им помогнал на своите соверници да сфатат колку штетно влијание може да имаат таквите расправии врз поединци и врз целото собрание. Исто така, тој бил спремен да го смени своето однесување за да не ги спрепнува другите (1. Кор. 9:19-22). Слично на тоа, и ние можеме да ги изградуваме другите и да го зачуваме мирот ако не се расправаме околу работи кои се оставени на личен избор.
8. Како реагирал Павле кога се појавил еден спор кој претставувал закана за мирот во собранието?
8 Павле оставил добар пример бидејќи останал во мир со оние со кои не се согласувал за некои важни работи. На пример, некои од собранието во првиот век кажувале дека христијаните кои не се Евреи мора да се обрежат, можеби за да не бидат критикувани од Евреите кои не биле дел од собранието (Гал. 6:12). Иако воопшто не се согласувал со тоа гледиште, Павле не инсистирал да биде по негово, туку понизно им препуштил на апостолите и на старешините во Ерусалим да донесат одлука во врска со тоа прашање (Дела 15:1, 2). Со тоа што постапил на ваков начин, Павле им помогнал на тие христијани да ги зачуваат радоста и мирот во собранието (Дела 15:30, 31).
9. Како можеме да го следиме примерот на Павле?
9 Ако се појави некое големо несогласување, ние ќе градиме мир така што ќе бараме водство од оние што Јехова ги поставил да се грижат за собранието. Честопати, упатства кои се темелат на Библијата може да се најдат во публикациите кои ги добиваме од нашата организација. Ако ни е најважно да ги следиме тие упатства наместо да се држиме за нашите лични гледишта, ќе придонесеме да има мир во собранието.
10. Што друго правел Павле за да го гради мирот во собранието?
10 Павле градел мир така што ги истакнувал позитивните, а не негативните особини на своите браќа и сестри. На пример, на крајот од неговото писмо до Римјаните, Павле спомнал многу луѓе по име и за повеќето од нив кажал нешто позитивно. Можеме да го следиме примерот на Павле така што често ќе ги спомнуваме убавите особини на нашите браќа и сестри. Ако го правиме тоа, ќе придонесеме да се градат цврсти пријателства и ќе се зајакнува љубовта меѓу браќата и сестрите во собранието.
11. Како можеме да го обновиме мирот кога ќе се појават несогласувања?
11 Понекогаш, дури и меѓу зрели христијани може да дојде до несогласувања или расправии. Токму тоа им се случило на Павле и Варнава, кои биле блиски пријатели. Тие имале сосема различно гледиште за тоа дали да го земат со нив Марко на нивното следно мисионерско патување. Меѓу нив избила „жестока караница“ и одлучиле да не патуваат заедно (Дела 15:37-39). Но, Павле, Варнава и Марко се помириле еден со друг и со тоа покажале дека им е многу важно да владеат мир и единство во собранието. Подоцна Павле зборувал убаво за Варнава и за Марко (1. Кор. 9:6; Кол. 4:10). И ние треба да ги расчистиме сите несогласувања што можеби ги имаме со другите во собранието и потоа да се концентрираме на нивните убави особини. На тој начин, ќе придонесеме да се зачуваат мирот и единството во собранието (Еф. 4:3).
ПАВЛЕ ИМ ЈА ЗАЈАКНУВАЛ ВЕРАТА НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ
12. Со какви тешкотии се соочуваат некои браќа и сестри?
12 Ги изградуваме браќата и сестрите кога им ја зајакнуваме верата во Јехова. Некои се исмевани од членовите на семејството кои не се Сведоци, од колегите или пак од соучениците. Некои имаат сериозни здравствени проблеми или се борат со повредени чувства. Некои браќа кои се крстени многу години веќе долго време чекаат да дојде крајот на овој свет. Ваквите ситуации можат да ја стават на испит верата на Божјите слуги денес. Христијаните од првиот век се соочиле со слични тешкотии. Што направил Павле за да ги зајакне браќата и сестрите?
13. Како Павле им помогнал на оние кои биле исмевани поради нивните верувања?
13 Павле ги користел светите списи за да ја изградува верата на браќата и сестрите. На пример, христијаните со еврејско потекло можеби не знаеле што да им кажат на членовите на семејството кои не биле христијани и кои тврделе дека јудаизмот е подобар од христијанството. Без сомнение, писмото кое Павле им го напишал на Евреите многу ги зајакнало тие христијани (Евр. 1:5, 6; 2:2, 3; 9:24, 25). Силните аргументи што Павле ги користел во писмото можеле да им помогнат да знаат што да им одговорат на своите противници. И ние денес можеме да им помогнеме на соверниците кои се соочуваат со исмевање. Можеме да им покажеме како да ги користат библиските публикации за да ги објаснат причините за своите верувања. А ако нашите млади се исмевани затоа што веруваат во Творец, можеме да им помогнеме да најдат информации во брошурата Дали животот е Божје дело? или во книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? за да може да покажат зошто веруваат дека постои Творец.
14. Што правел Павле и покрај тоа што бил зафатен со службата на проповедање?
14 Павле ги поттикнал браќата и сестрите да покажуваат љубов преку „добри дела“ (Евр. 10:24). Тој им помагал на браќата и сестрите не само со своите зборови, туку и со своите дела. На пример, кога во Јудеја завладеал глад, Павле им ја однел на тамошните браќа помошта која им била потребна (Дела 11:27-30). Всушност, иако Павле бил зафатен со службата на проповедање, тој секогаш барал начини да им помогне на оние кои имале потреба во материјален поглед (Гал. 2:10). Така тој им ја зајакнувал на браќата довербата дека Јехова ќе се грижи за нив. Денес, кога ги користиме нашето време, сила и способности за да учествуваме во акции за помош при катастрофи, и ние им ја зајакнуваме верата на нашите браќа и сестри. Истото се постигнува и кога редовно даваме прилози за меѓународното дело. На овие и на други начини, ние им помагаме на браќата и сестрите да имаат доверба дека Јехова никогаш нема да ги напушти.
15-16. Како треба да постапуваме со оние чија вера ослабнала?
15 Павле не се откажал од оние чија вера ослабнала. Тој покажувал сочувство кон нив и зборувал со нив на срдечен и благ начин (Евр. 6:9; 10:39). На пример, во целото свое писмо до Евреите, тој честопати ги користел зборовите „ние“ и „нас“, со што покажал дека советите што ги дал важат и за него (Евр. 2:1, 3). Како Павле, и ние не се откажуваме од оние чија вера ослабнала. Напротив, ние ги изградуваме со тоа што покажуваме дека искрено се грижиме за нив. На тој начин покажуваме дека ги сакаме. Нашиот срдечен и благ тон на гласот може да биде исто толку изградувачки колку и она што ќе им го кажеме.
16 Павле ги уверил браќата и сестрите дека Јехова е свесен за добрите дела што ги прават (Евр. 10:32-34). И ние можеме да направиме нешто слично кога му помагаме на некој соверник чија вера ослабнала. Би можеле да го замолиме да ни каже како ја запознал вистината или можеме да го поттикнеме да се потсети во кои сѐ ситуации Јехова му помогнал. Можеме и да го увериме дека Јехова нема да ја заборави љубовта што ја покажал кон него и дека Тој нема да го напушти ни во иднина (Евр. 6:10; 13:5, 6). Ваквите разговори можат кај овие драги браќа и сестри да разгорат желба да продолжат да му служат на Јехова.
ДА ПРОДОЛЖИМЕ МЕЃУСЕБНО ДА СЕ ОХРАБРУВАМЕ
17. Во кои работи можеме да се подобриме за да ги изградуваме другите?
17 Исто како што еден градежен работник со текот на времето ги подобрува своите вештини, и ние можеме да научиме уште подобро да ги изградуваме другите. Можеме да ги зајакнеме да истраат во неволјите така што ќе им раскажеме примери за некои кои истрајале во минатото. Можеме да градиме мир така што ќе ги истакнуваме убавите особини на другите, нема да инсистираме на нашето мислење и ќе ги решаваме несогласувањата што ги имаме со другите. Можеме да продолжиме да ја зајакнуваме верата на нашите браќа и сестри така што ќе разговараме со нив за некои важни библиски вистини, ќе им пружаме практична помош и ќе им помагаме на оние чија вера ослабнала.
18. Што си решен да правиш?
18 Оние што учествуваат во изградба на теократски објекти се чувствуваат среќно и исполнето. Ние ќе бидеме среќни и исполнети ако ги изградуваме другите во собранието. За разлика од дословните градби, кои со текот на времето се распаѓаат, резултатот од духовната изградба во која ние учествуваме може да трае во сета вечност. Да бидеме решени и понатаму да се тешиме меѓусебно и да се изградуваме еден со друг (1. Сол. 5:11).
ПЕСНА 100 Да бидеме гостољубиви!
a Животот во овој свет воопшто не е лесен. Нашите браќа и сестри чувствуваат голем притисок. Ние можеме да им помогнеме ако се трудиме да ги охрабриме на разни начини. Во врска со ова, многу ќе ни користи тоа што ќе го разгледаме примерот на апостол Павле.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Еден татко ѝ покажува на својата ќеркичка како може да ги користи предлозите од нашите публикации за да не подлегне на притисокот да слави некој празник.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брачен пар отпатувал во друг дел од земјата за да учествува во акција за помош при катастрофи.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден старешина посетува еден брат чија вера ослабнала. Тој му покажува на братот некои слики од Школата за пионери на која заедно биле пред многу години. Кога братот ги гледа сликите, се присетува на радоста што ја чувствувал во тоа време. Братот повторно сака да ја чувствува радоста што ја имал порано, кога поактивно му служел на Јехова. Со текот на времето, тој повторно почнува да доаѓа на состаноците и да учествува во другите активности на собранието.