Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 32

Млади, продолжете духовно да напредувате по крштавањето

Млади, продолжете духовно да напредувате по крштавањето

Во сѐ со љубов да пораснеме до зрелост (ЕФ. 4:15)

ПЕСНА 56 Нека те води вистината!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што сѐ веќе постигнале многу млади лица?

 СЕКОЈА година се крштаваат илјадници млади лица. Дали и ти си го презел овој чекор? Ако да, тогаш твоите духовни браќа и сестри многу се радуваат, а се радува и Јехова (Изр. 27:11). Размисли што сѐ си постигнал досега. Трудољубиво си ја проучувал Библијата, и тоа можеби неколку години. Во текот на проучувањето, си се уверил дека Библијата е Божја Реч. Но, што е уште поважно, си го запознал и си го засакал авторот на таа света книга. Твојата љубов кон Јехова пораснала до таа мера што си одлучил да му го заветуваш својот живот и да се крстиш. Колку мудра одлука!

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

 2 Без сомнение, твојата вера била испитана на многу начини додека си се трудел да ја исполниш својата цел да се крстиш. Но, со текот на годините ќе се соочиш со нови испити. Сатана ќе се обиде да ја ослабне твојата љубов кон Јехова и да те наведе да престанеш да му служиш (Еф. 4:14). Не смееш да дозволиш да се случи тоа. Што може да ти помогне да му останеш верен на Јехова и да го исполниш заветот што си му го дал? Мора да продолжиш да напредуваш кон христијанска зрелост (Евр. 6:1). Но, како можеш да го правиш тоа? Одговорот ќе го добиеме во оваа статија.

КАКО МОЖЕШ ДА СТАНЕШ ЗРЕЛ ХРИСТИЈАНИН

3. Што треба да прават сите христијани откако ќе се крстат?

3 Откако ќе се крстиме сите ние треба да го примениме советот што апостол Павле им го дал на христијаните во Ефес. Тој ги поттикнал да станат возрасни христијани (Еф. 4:13). Со други зборови, како да им рекол: „Продолжете духовно да напредувате“. Павле го споредил духовниот раст на христијаните со начинот на кој расте едно дете. Родителите на едно новороденче го сакаат и се гордеат со него. Но, тоа не може засекогаш да остане бебе. Со текот на времето, тоа ќе мора да ги отфрли особините што се карактеристични за едно дете (1. Кор. 13:11). Слично на тоа, и ние како христијани мора да продолжиме да созреваме во духовен поглед откако ќе се крстиме. Да разгледаме некои предлози кои ќе ни помогнат во тоа.

4. Објасни што може да ти помогне да растеш во духовен поглед (Филипјаните 1:9).

4 Зголемувај ја својата љубов кон Јехова. Ти веќе многу го сакаш Јехова. Но, твојата љубов кон него може уште повеќе да расте. Како? Апостол Павле спомнал еден начин кој е запишан во Филипјаните 1:9. (Прочитај.) Павле се молел љубовта на Филипјаните сѐ повеќе и повеќе да расте. Значи, ние можеме да ја зголемуваме нашата љубов кон Јехова. Тоа може да го правиме така што сѐ подобро ќе го запознаваме. Колку повеќе го запознаваме толку повеќе ќе го сакаме и ќе ги цениме неговите особини и начинот на кој ги прави работите. Сѐ повеќе ќе сакаме да му угодиме и ќе внимаваме да не направиме нешто со кое би го разочарале. Ќе даваме сѐ од себе да разбереме која е неговата волја и да постапуваме во склад со неа.

5-6. Што треба да правиме за нашата љубов кон Јехова да расте? Објасни.

5 Можеме да ја продлабочуваме љубовта кон Јехова така што подобро ќе го запознаваме неговиот Син кој совршено ги одразувал особините на својот Татко (Евр. 1:3). Најдобриот начин на кој можеме да го запознаеме Исус е така што ќе ги проучуваме четирите евангелија. Ако сѐ уште не си почнал да ја читаш Библијата секој ден би можел да почнеш сега така што ќе ги читаш извештаите за Исус. Притоа обрни внимание на неговите особини. Тој бил пристаплив. Ги сакал малите деца и ги земал во прегратка (Мар. 10:13-16). Неговите ученици се чувствувале опуштено во негово присуство и не се плашеле да го кажат своето мислење (Мат. 16:22). Во овој поглед, Исус го следел примерот на својот небесен Татко Јехова бидејќи тој е многу пристаплив. Можеме да му се молиме и да му ги кажеме нашите најдлабоки мисли и чувства. Знаеме дека Јехова нема да нѐ осуди бидејќи нѐ сака и се грижи за нас (1. Пет. 5:7).

6 Исус имал сочувство за луѓето. Апостол Матеј рекол: „А штом ги виде мноштвата, се сожали на нив бидејќи беа измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). А што чувствува Јехова за луѓето? Исус рекол: „Мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Мат. 18:14). Ова се навистина охрабрувачки зборови! Колку повеќе го запознаваме Исус толку повеќе расте и нашата љубов кон Јехова.

7. Како може да ти помогне тоа што ќе поминуваш време со зрели христијани?

7 Што друго може да ти помогне да научиш да покажуваш повеќе љубов кон Јехова и да станеш позрел христијанин? Тоа што ќе поминуваш време со зрели браќа и сестри од твоето собрание и ќе се трудиш подобро да ги запознаеш. Забележи дека се многу радосни и дека воопшто не жалат за тоа што донеле одлука да му служат на Јехова. Замоли ги да ти раскажат некои искуства што ги имале во службата за Јехова. Ако треба да донесеш некоја важна одлука прашај ги за совет. Имај на ум дека „успехот лежи во мноштвото советници“ (Изр. 15:22).

Што ќе ти помогне да бидеш подготвен кога ќе се соочиш со теоријата за еволуција во училиште? (види во пасуси 8-9)

8. Што можеш да направиш ако ти се појават сомнежи во врска со она што го вели Библијата?

8 Расчисти ги своите сомнежи. Како што веќе спомнавме во  пасус 2, Сатана ќе се обиде да те спречи да станеш позрел христијанин. Еден начин на кој може да го направи тоа е така што ќе ти всади сомнежи во врска со некои библиски учења. На пример, можеби некои луѓе ќе се обидат да те убедат дека Бог не нѐ создал, туку дека сме настанале по пат на еволуција. Кога си бил помал веројатно воопшто не си размислувал за тоа. Но, можеби сега те поучуваат за тоа на училиште. Можеби она што ти го кажуваат твоите наставници на училиште во врска со еволуцијата ти звучи логично и уверливо. Тие можеби никогаш не размислиле сериозно за доказите дека постои Творец. Добро е да го имаш на ум начелото од Изреки 18:17, каде што пишува: „Кој е прв во својата парница, праведен е, а потоа доаѓа неговиот ближен и со испитување ги побива неговите зборови“. Наместо слепо да веруваш во сѐ што ќе слушнеш на училиште, внимателно проучувај ги вистините од Божјата Реч, Библијата. Истражувај во нашите публикации. Зборувај со браќа и сестри кои порано верувале во еволуција. Прашај ги што ги уверило дека постои Творец кој нѐ сака. Таквите разговори можат да ти помогнат уште повеќе да се увериш дека постои Творец.

9. Што учиш од примерот на Мелиса?

9 На една сестра по име Мелиса, многу ѝ користело тоа што проучувала за создавањето. b Таа вели: „На училиште, наставниците ја објаснуваат еволуцијата на многу уверлив начин. Во почетокот не сакав да се соочам со моите сомнежи бидејќи се плашев дека ќе откријам дека теоријата за еволуција е точна. Но, размислував дека Јехова сака да имаме цврсти докази за нашите верувања. Затоа, почнав да истражувам. Ја прочитав книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? и брошурите Дали животот е Божје дело? и Пет важни прашања за потеклото на животот. c Тоа беше токму она што ми беше потребно. Посакувам да го направев тоа порано“.

10-11. Што може да ти помогне да останеш чист во морален поглед? (1. Солуњаните 4:3, 4).

10 Труди се да останеш морално чист. За време на тинејџерските години, сексуалните желби можат да бидат многу силни и може да се најдеш под голем притисок да направиш сексуален неморал. Токму тоа го сака Сатана. Што може да ти помогне да останеш чист во морален поглед? (Прочитај 1. Солуњаните 4:3, 4.) Во своите лични молитви, кажи му на Јехова како се чувствуваш и моли го да ти даде сила (Мат. 6:13). Имај на ум дека Јехова сака да ти помогне, а не да те осуди (Пс. 103:13, 14). Може да ти помогне и Божјата Реч. На Мелиса, која ја спомнавме претходно, ѝ било тешко да им се спротивстави на нечистите мисли. Таа вели: „Тоа што ја читав Библијата секој ден ми помогна да продолжам да се борам против погрешните желби. Тоа ме потсетуваше дека му припаѓам на Јехова и дека сакам да му служам“ (Пс. 119:9).

11 Немој да се обидуваш сам да се справиш со проблемите. Кажи им на твоите родители со што се бориш. Се разбира, не е лесно да се зборува за такви лични работи, но тоа е многу важно. Мелиса вели: „Го молев Јехова да ми даде храброст и потоа зборував со татко ми за мојот проблем. Откако го направив тоа, почувствував огромно олеснување. Знаев дека Јехова се гордее со мене“.

12. Што ќе ти помогне да носиш добри одлуки?

12 Дозволи да те водат библиските начела. Како што ќе растеш, родителите ќе ти даваат сѐ поголема слобода самиот да носиш одлуки. Но, твоето животно искуство сѐ уште нема да биде доволно големо. Што ќе ти помогне да не направиш грешка која ќе му наштети на твоето пријателство со Јехова? (Изр. 22:3). Една сестра по име Кјара, објаснува што ѝ помогнало да носи подобри одлуки. Таа сфатила дека на зрелите христијани не им се потребни правила за да знаат како да постапат во секоја ситуација. Кјара вели: „Требаше да ги разберам библиските начела наместо само да следам правила“. Додека ја читаш Библијата, прашај се: „Што учам од овие стихови за начинот на кој размислува Јехова? Дали во нив има некои начела кои можат да ми помогнат да го правам она што е исправно? Ако да, како ќе ми користи тоа што ќе ги применам?“ (Пс. 19:7; Иса. 48:17, 18). Ако ја читаш Библијата и размислуваш за нејзините начела, ќе ти биде полесно да носиш одлуки кои ќе го радуваат Јехова. Како што ќе созреваш во духовен поглед, ќе забележиш дека не ти е потребно правило за секоја ситуација бидејќи ќе знаеш како гледа Јехова на работите.

Какви пријатели избрала една млада сестра? (види во пасус 13)

13. Како може да влијаат добрите пријатели врз тебе? (Изреки 13:20).

13 Избирај пријатели кои го сакаат Јехова. Како што спомнавме претходно, твојот избор на пријатели во голема мера ќе влијае врз твојот духовен напредок. (Прочитај Изреки 13:20.) Една сестра по име Сара, почнала да ја губи радоста. Потоа се случило нешто што ѝ помогнало повторно да биде радосна. Сара вели: „Најдов добри пријатели токму во вистинско време. Заедно со една млада сестра, секоја седмица се подготвувавме за статиите за проучување од Стражарска кула. Една друга сестра ми помогна да почнам да коментирам на состаноците. Со помош на моите пријатели почнав посериозно да гледам на личното проучување и на молитвата. Станував сѐ поблиска со Јехова и повторно бев радосна“.

14. Што му помогнало на Џон да најде пријатели кои добро влијаеле врз него?

14 Како можеш да најдеш пријатели кои добро ќе влијаат врз тебе? Џон, кој сега служи како старешина, вели: „Кога бев помлад, најдов добри пријатели додека учествував во службата на проповедање. Овие пријатели беа ревносни и ми помогнаа да сфатам колкаво задоволство може да носи службата. Си поставив за цел да почнам со полновремена служба. Сфатив дека немам голем број пријатели кои влијаат добро врз мене затоа што се дружев само со оние што се на моја возраст. Подоцна, стекнав добри пријатели и во Бетел. Нивниот пример ми помогна помудро да ја избирам забавата и така станував поблизок со Јехова“.

15. Какво предупредување му дал апостол Павле на Тимотеј во врска со изборот на пријатели? (2. Тимотеј 2:20-22).

15 Што ако забележиш дека некој од собранието не е добро друштво за тебе? Павле знаел дека некои од собранието во првиот век не постапувале или не размислувале како христијани, и затоа го предупредил Тимотеј да се држи понастрана од нив. (Прочитај 2. Тимотеј 2:20-22.) Нашето пријателство со Јехова е скапоцено! Ние сме вложиле многу труд за да се зближиме со нашиот небесен Татко, и затоа не треба никому да му дозволиме да го загрози нашето пријателство со него (Пс. 26:4).

КАКО ЦЕЛИТЕ ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДУХОВНО ДА НАПРЕДУВАШ

16. Какви цели треба да си поставуваш?

16 Поставувај си корисни цели. Поставувај си цели кои ќе ја зајакнат твојата вера и ќе ти помогнат да станеш позрел христијанин (Еф. 3:16). На пример, можеби ќе одлучиш да си ги подобриш навиките за читање и проучување на Библијата (Пс. 1:2, 3). Или, можеби ќе сфатиш дека треба да се молиш почесто и да го подобриш квалитетот на твоите молитви. Можеби ќе увидиш дека треба да покажуваш поголема самоконтрола во однос на изборот на забава и во однос на тоа како го користиш времето (Еф. 5:15, 16). Кога ќе види дека даваш сѐ од себе за да напредуваш во духовен поглед, Јехова ќе се радува.

Каква цел си поставила оваа млада сестра? (види во пасус 17)?

17. Какво задоволство може да ти носи тоа што ќе им помагаш на другите?

17 Ќе станеш позрел христијанин и со тоа што ќе им помагаш на другите. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Ќе бидеш многу среќен ако дел од своето време и од својата младешка сила ги користиш за да им помагаш на другите. На пример, можеш да си поставиш за цел да им помагаш на постарите и на болните во твоето собрание. Можеби би можел да им пазаруваш или да им покажеш како можат да ги користат електронските уреди. Ако си брат, постави си за цел да станеш слуга-помошник за да можеш во уште поголема мера да им помагаш на браќата и сестрите (Фил. 2:4). Исто така, покажуваш љубов кон оние што не се дел од собранието така што им ја проповедаш добрата вест за Царството (Мат. 9:36, 37). Ако си во можност, постави си за цел да му служиш на Јехова во некој вид полновремена служба.

18. Како може полновремената служба да ти помогне да се зближиш со Јехова?

18 Полновремената служба може да ти помогне да станеш поблизок со Јехова. Ако си пионер, можеби ќе имаш прилика да одиш на Школата за полновремени објавители, да служиш во Бетел или да учествуваш во изградба на теократски објекти. Една млада сестра по име Кејтлин, која служи како пионер, вели: „Тоа што одев во служба со искусни браќа и сестри многу ми помогна да станам поблиска со Јехова по крштавањето. Нивниот пример ме поттикна уште повеќе да ја проучувам Библијата и да ги подобрам моите вештини на поучување“.

19. Какви благослови ќе добиеш ако продолжиш да созреваш во духовен поглед?

19 Ако продолжиш да созреваш во духовен поглед Јехова многу ќе те благослови. Нема залудно да си ја трошиш силата за работи што се безвредни (1. Јов. 2:17). Ќе се поштедиш од болката која произлегува од лошите одлуки. Наместо тоа, ќе бидеш вистински среќен и успешен (Изр. 16:3). Со твојот добар пример ќе ги охрабриш твоите соверници — и помладите и постарите (1. Тим. 4:12). И, што е најважно, ќе чувствуваш мир и задоволство затоа што го радуваш Јехова и имаш блиско пријателство со него (Изр. 23:15, 16).

ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки

a Сите ние многу се радуваме кога некој млад ќе се крсти. Се разбира, оние што се крстиле мора да продолжат да напредуваат во духовен поглед. Во оваа статија ќе разгледаме што може да им помогне на младите кои неодамна се крстиле да стануваат сѐ позрели христијани. Тоа ќе му користи на целото собрание.

b Некои имиња се сменети.

c Оваа брошура ја нема на македонски јазик, но достапна е на српски и на хрватски јазик.