Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 36

Слугите на Јехова ја сакаат праведноста

Слугите на Јехова ја сакаат праведноста

Среќни се оние што гладуваат и жедуваат за праведност (МАТ. 5:6)

ПЕСНА 9 Јехова е нашиот Цар!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Со какво искушение се соочил Јосиф и како постапил?

 ЈОСИФ, синот на Јаков, се соочил со еден тежок испит на верата. Жената на неговиот господар Петефри му рекла: „Легни со мене!“ Јосиф решително ја одбил. Некој денес би можел да се праша: „Зошто Јосиф ја одбил понудата на оваа жена?“ Петефри не бил дома. Освен тоа, Јосиф служел како роб во таа куќа и оваа жена можела многу лесно да му го загорчи животот ако ја одбиел. Сепак, Јосиф одново и одново се спротивставувал на притисокот да има односи со неа. Зошто? Тој рекол: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мој. 39:7-12).

2. Од каде знаел Јосиф дека прељубата е грев во Божји очи?

2 Од каде знаел Јосиф дека прељубата е големо зло во Божји очи? Мојсеевиот закон, во кој била вклучена заповедта не врши прељуба, бил запишан дури двесте години подоцна (2. Мој. 20:14). Сепак, Јосиф толку добро го познавал Јехова што сфатил дека тој не ја одобрува прељубата. На пример, Јосиф сигурно знаел дека Јехова имал намера бракот да биде врска помеѓу еден маж и една жена. Тој сигурно слушнал како Јехова во две прилики ја заштитил неговата прабаба Сара кога се нашла во опасност да биде обесчестена. На сличен начин, Бог се вмешал за да ја заштити Ревека, жената на Исак (1. Мој. 2:24; 12:14-20; 20:2-7; 26:6-11). Додека размислувал за овие работи, Јосиф сфатил што е исправно, а што погрешно во Божји очи. Бидејќи го сакал Јехова, Јосиф ги сакал и неговите праведни мерила и бил решен да се држи за нив.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Дали ја сакаш праведноста? Нема сомнение дека ја сакаш. Но, сите ние сме несовршени и ако не внимаваме врз нас лесно би можело да влијае гледиштето што овој свет го има за праведноста (Иса. 5:20; Рим. 12:2). Затоа, сега ќе разгледаме што е праведност и како ќе ни користи тоа што ја сакаме. Потоа ќе зборуваме за три чекори кои ќе ни помогнат уште повеќе да ги сакаме Јеховините мерила.

ШТО Е ПРАВЕДНОСТ?

4. Каква погрешна претстава имаат некои за тоа што значи да се биде праведен?

4 Некои луѓе сметаат дека се праведни иако се горди, ги критикуваат другите или сметаат дека се подобри од нив, односно се самоправедни. Но, Бог воопшто не ги сака тие особини. Кога бил на земјата, Исус остро ги прекорил верските водачи од негово време, бидејќи си поставувале свои мерила за тоа што е исправно, а што погрешно (Проп. 7:16; Лука 16:15). Оној што е вистински праведен, никогаш не е самоправеден.

5. Според Библијата што е праведност? Наведи примери.

5 Праведноста е прекрасна особина. Едноставно кажано, тоа значи да го правиме она што Јехова го смета за исправно. Во Библијата зборовите кои се преведени со „праведност“ ја пренесуваат мислата да се живее според највисоките мерила — Јеховините мерила. На пример, за сите оние кои се занимавале со трговија, Јехова ја дал следнава заповед: „Твојот тег нека биде точен и праведен“ (5. Мој. 25:15). Затоа, еден христијанин кој сака да биде праведен во Божји очи ќе биде потполно чесен во сите деловни односи. Исто така, еден праведен човек мрази кога гледа дека со некој се постапува неправедно. За да може потполно да му угоди на Јехова, еден човек што е вистински праведен ќе размислува како ќе гледа Јехова на неговите одлуки (Кол. 1:10).

6. Зошто можеме да имаме доверба во Јеховините мерила за исправно и погрешно? (Исаија 55:8, 9).

6 Библијата го опишува Јехова како извор на праведноста. Во Псалм 89:14 пишува: „Праведноста и правдата се темелот на твојот престол“. Како наш Творец, Јехова е единствениот што има право да одреди што е исправно, а што погрешно. Бидејќи Јехова е совршен, неговото чувство за исправно и погрешно е многу повозвишено од нашето гледиште кое честопати е под влијание на несовршеноста и гревот (Изр. 14:12; прочитај Исаија 55:8, 9.) Меѓутоа, бидејќи сме создадени според Божјиот лик, ние можеме да живееме во склад со неговите мерила за праведност (1. Мој. 1:27). Но не само што можеме, ние и сакаме да го правиме тоа. Љубовта кон нашиот небесен Татко нѐ поттикнува да го следиме неговиот пример најдобро што можеме (Еф. 5:1).

7. Зошто ни се потребни утврдени мерила во кои можеме да имаме доверба? Наведи пример.

7 Многу ни користи кога се држиме за Јеховините мерила за исправно и погрешно. Дали сфаќаш зошто? Замисли што би се случило ако секоја банка си поставува свои мерила за одредување на вредноста на валутата или ако секоја градежна фирма си одредува свои стандарди за мерни единици. Тогаш би настанал хаос. Или, ако медицинскиот персонал не ги следи утврдените стандарди при лекување на пациентите, некои од нив би можеле да починат. Очигледно, кога има некои утврдени стандарди, тоа е за наша заштита. Слично на тоа, Божјите мерила за исправно и погрешно ни служат како заштита и сѐ за наше добро.

8. Кои благослови ги очекуваат оние што ја сакаат праведноста?

8 Јехова ги благословува оние што се трудат да живеат според неговите мерила. Тој ветува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:29). Можеш ли да си замислиш колкаво единство, мир и среќа ќе има помеѓу луѓето кога сите ќе живеат според Јеховините мерила? Јехова сака и ти да имаш ваков живот. Според тоа, секој еден од нас има добри причини да ја сака праведноста. Што ќе ни помогне уште повеќе да ја сакаме оваа особина? Да разгледаме кои три чекори можеме да ги преземеме.

ПРОДЛАБОЧУВАЈ ЈА ТВОЈАТА ЉУБОВ КОН ЈЕХОВИНИТЕ МЕРИЛА

9. Што ќе ни помогне да ја сакаме праведноста?

9 Чекор 1: Сакај го оној што ги поставува мерилата. За да ја сакаме праведноста, мора да ја продлабочуваме нашата љубов кон оној што ги поставува мерилата за исправно и погрешно. Колку повеќе го сакаме Јехова, толку поголема желба ќе имаме да живееме во склад со неговите праведни мерила. На пример, ако го сакале Јехова, Адам и Ева немало никогаш да го прекршат неговиот праведен закон (1. Мој. 3:1-6, 16-19).

10. Што му помогнало на Авраам подобро да разбере како размислува Јехова?

10 Ние не би сакале да ја направиме истата грешка како Адам и Ева. Можеме да го избегнеме тоа ако продолжиме да учиме за Јехова, ако ги цениме неговите особини и ако се трудиме да го разбереме неговиот начин на размислување. Ако го правиме ова, нашата љубов кон него ќе расте. Размисли за Авраам. Тој многу го сакал Јехова. Дури и кога му било тешко да ги разбере неговите одлуките, Авраам не се бунел. Наместо тоа, се трудел подобро да го запознае Јехова. На пример, кога слушнал дека Јехова одлучил да ги уништи Содом и Гомор, Авраам во почетокот се исплашил дека „Судијата на целата земја“ ќе ги уништи праведните заедно со злите. За Авраам тоа било незамисливо. Затоа, тој понизно му поставил на Бог неколку прашања. Јехова стрпливо му одговарал. На крајот, Авраам сфатил дека Јехова го испитува срцето на секој човек и дека никогаш не ги казнува праведните заедно со злите (1. Мој. 18:20-32).

11. Како Авраам покажал дека го сака Јехова и дека има доверба во него?

11 Разговорот што го водел со Јехова во врска со градовите Содом и Гомор извршил силно влијание врз Авраам. Љубовта и почитта кои тој ги чувствувал кон неговиот небесен Татко без сомнение пораснале уште повеќе. Но, години подоцна, довербата на Авраам во Јехова била ставена на тежок испит. Јехова побарал од него да го жртвува својот сакан син Исак. Но сега Авраам уште подобро го познавал својот Бог, и затоа овој пат не му поставил ниту едно прашање. Едноставно го направил она што Јехова го побарал од него. Сепак, замисли колкава болка чувствувал во срцето додека се подготвувал за оваа задача. Авраам сигурно длабоко размислувал за она што го научил за Јехова. Тој знаел дека Јехова никогаш не би постапил неправедно или бесчувствително. Според она што го запишал апостол Павле, Авраам сметал дека Јехова може да го воскресне неговиот сакан син Исак (Евр. 11:17-19). Всушност, Јехова ветил дека од Исак ќе произлезе голем народ, а во тој момент Исак сѐ уште немал деца. Авраам го сакал својот небесен Татко, и затоа имал доверба дека тој ќе постапи праведно. Неговата вера го поттикнала да го послуша Јехова иако тоа не било лесно (1. Мој. 22:1-12).

12. Како можеме да го следиме примерот на Авраам? (Псалм 73:28).

12 Како можеме да го следиме примерот на Авраам? Исто како него, и ние треба да продолжиме да учиме за Јехова. Додека го правиме тоа, ќе стануваме уште поблиски со него и уште повеќе ќе го сакаме. (Прочитај Псалм 73:28.) Нашата совест ќе биде обликувана во склад со Божјиот начин на размислување (Евр. 5:14). Како резултат на тоа, ако некој се обиде да нѐ стави на искушение да постапиме неисправно, ќе го одбиеме. Ќе ја мразиме и самата помисла да направиме нешто со кое би му нанеле болка на нашиот небесен Татко и со кое би го нарушиле нашето пријателство со него. На кој друг начин можеме да покажеме дека ја сакаме праведноста?

13. Како можеме да постигнеме праведност? (Изреки 15:9).

13 Чекор 2: Од ден на ден труди се да ја зголемуваш љубовта кон праведноста. Можеме да ја зајакнеме љубовта кон Јеховините праведни мерила на сличен начин како што ги зајакнуваме мускулите — преку редовно и постојано вежбање. Тоа е нешто што може да го правиме секојдневно. Јехова е разумен и никогаш не очекува да правиме повеќе од тоа што можеме (Пс. 103:14). Тој нѐ уверува дека „го сака оној што оди по праведноста“. (Прочитај Изреки 15:9.) Забележи дека тука се користи изразот „оди по праведноста“. Тоа значи дека треба постојано да вложуваме труд за да постигнеме праведност. Јехова стрпливо ќе ни помага со текот на времето сѐ повеќе да се подобруваме (Пс. 84:5, 7).

14. Што е „оклопот на праведноста“, и зошто ни е потребен?

14 Јехова со љубов нѐ потсетува дека праведноста не е товар (1. Јов. 5:3). Напротив, таа е заштита за нас — нешто што ни е потребно секој ден. Сети се на духовната воена опрема што ја опишал апостол Павле (Еф. 6:14-18). Кој дел го штител срцето на војникот? Тоа е „оклопот на праведноста“ кој ги претставува Јеховините праведни мерила. Исто како што еден оклоп го штити дословното срце, така и Јеховините праведни мерила го штитат нашето симболично срце. Затоа е многу важно „оклопот на праведноста“ да биде дел од нашата духовна воена опрема (Изр. 4:23).

15. Како можеш да го ставиш „оклопот на праведноста“?

15 Како можеш да го ставиш „оклопот на праведноста“? Така што ќе ги земеш предвид Божјите мерила во одлуките што ги носиш секој ден. Секогаш кога треба да одлучиш за што ќе зборуваш, каква музика ќе слушаш, што ќе гледаш или што ќе читаш, прво прашај се: „Со што ќе го хранам моето срце? Дали Јехова го одобрува она што ќе го изберам? Или во она што ќе го изберам има неморал, насилство, алчност, себичност, работи кои Јехова ги смета за неправедни?“ (Фил. 4:8). Ако твоите одлуки се во склад со Јеховината волја, тогаш дозволуваш неговите праведни мерила да го штитат твоето срце.

Твојата праведност може да биде „како морски бранови“ (види во пасуси 16-17)

16-17. Како Исаија 48:18 нѐ уверува дека можеме засекогаш да живееме според Јеховините праведни мерила?

16 Ти се случило ли некогаш да си загрижен за тоа дали ќе можеш од ден во ден, од година во година да продолжиш да живееш во склад со Јеховините праведни мерила? Размисли за една споредба која ја користи Јехова, а е запишана во Исаија 48:18 (прочитај). Јехова ветува дека нашата праведност може да биде како морските бранови. Замисли дека стоиш на еден морски брег и гледаш како брановите непрестајно надоаѓаат еден по друг. Дали би помислил дека еден ден повеќе нема да има бранови? Не! Знаеш дека брановите удирале на брегот илјадници години и дека сигурно така ќе биде и понатаму.

17 Твојата праведност може да биде како морските бранови. Во која смисла? Пред да донесеш некоја одлука, прво размисли како би сакал Јехова да постапиш. Потоа направи го тоа. Без разлика колку тешка одлука треба да донесеш, твојот грижлив Татко секогаш ќе биде покрај тебе за да ти дава сила и да ти помогне да го правиш она што е исправно секој ден (Иса. 40:29-31).

18. Зошто не смееме да им судиме на другите според нашите сопствени мерила?

18 Чекор 3: Препушти му го судот на Јехова. Додека даваме сѐ од себе за да живееме според Јеховините праведни мерила, не смееме да им судиме на другите и да станеме самоправедни. Ние немаме право да им судиме на другите според нашите сопствени мерила. Напротив, треба да имаме на ум дека „Јехова е Судијата на целата земја“ (1. Мој. 18:25). Јехова не ни ја доверил таа работа нам. Всушност, Исус ни ја дал следнава заповед: „Не судете, за да не бидете судени“ (Мат. 7:1). b

19. Како Јосиф покажал доверба дека Јехова праведно суди?

19 Да го разгледаме повторно примерот на праведниот Божји слуга Јосиф. Тој не ги осудувал другите, дури ни оние кои лошо постапувале со него. Неговите сопствени браќа го навредувале, го продале во ропство и го увериле нивниот татко дека Јосиф е мртов. Многу години подоцна, Јосиф повторно се сретнал со своето семејство. Јосиф, кој тогаш бил моќен владетел, можел сурово да ги осуди неговите браќа и да им се одмазди. Браќата на Јосиф се плашеле дека тој ќе го направи токму тоа, и покрај тоа што искрено се каеле за она што му го направиле. Но Јосиф им кажал: „Не плашете се! Зар сум јас на местото на Бог?“ (1. Мој. 37:18-20, 27, 28, 31-35, 50:15-21). Јосиф понизно признал дека само Јехова има право да им суди на неговите браќа.

20-21. Што ќе ни помогне да не бидеме самоправедни?

20 Исто како Јосиф, и ние го оставаме судот во Јеховини раце. На пример, ние не претпоставуваме дека знаеме какви мотиви се кријат зад постапките на нашите браќа и сестри. Ние не можеме да ги читаме срцата на другите. Само „Јехова ги проценува срцата“ (Изр. 21:2). Тој ги сака сите луѓе без разлика на нивното потекло и култура. Јехова нѐ поттикнува широко да ги отвориме своите срца (2. Кор. 6:13). Ние ги сакаме сите наши браќа и сестри и не сакаме да им судиме.

21 Ова значи дека не им судиме ниту на оние кои не се дел од собранието (1. Тим. 2:3, 4). Дали некогаш за некој твој роднина кој не е во вистината би го кажал следново: „Овој човек никогаш нема да стане Јеховин сведок“? Не, тоа би било дрско и самоправедно! Јехова сѐ уште им дава „на сите луѓе“ можност да се покаат (Дела 17:30). Секогаш имај на ум дека самоправедноста е всушност неправедност.

22. Зошто си решен да ја сакаш праведноста?

22 Нашата љубов кон Јеховините праведни мерила ќе нѐ направи среќни и ќе ни помогне да им оставиме добар пример на другите. А тоа, пак, ќе ги поттикне нив повеќе да нѐ сакаат нас и Бог. Никогаш да не престанеме да гладуваме и да жедуваме за праведност (Мат. 5:6). Биди уверен дека Јехова го забележува твојот труд и дека тој секогаш е задоволен кога го гледа твојот напредок. Иако луѓето во овој свет стануваат сѐ повеќе неправедни, немој да губиш надеж! Секогаш имај на ум дека „Јехова ги сака праведниците“ (Пс. 146:8).

ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?

a Во овој злобен свет е тешко да се најдат праведни луѓе. Сепак, милиони луѓе се трудат да живеат праведно. Без сомнение, и ти си еден од нив. Ти се трудиш да живееш на тој начин бидејќи го сакаш Јехова, а Јехова ја сака праведноста. Што ќе ни помогне уште повеќе да ја сакаме оваа убава особина? Во оваа статија ќе разгледаме што е праведност и како ќе ни користи тоа што ја сакаме. Исто така, ќе видиме кои чекори треба да ги преземеме за уште повеќе да ја сакаме оваа особина.

b Собраниските старешини понекогаш мора да пресудат дали некој што направил сериозен грев се кае (1. Кор. 5:11; 6:5; Јак. 5:14, 15). Но, тие се понизни и имаат на ум дека не можат да ги читаат срцата и дека судат во името на Јехова. (Спореди со 2. Летописи 19:6.) Тие го следат примерот на Бог со тоа што се трудат да бидат разумни, милосрдни и праведни додека судат.