Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 36

Носи го неопходниот товар, а симни го непотребниот

Носи го неопходниот товар, а симни го непотребниот

Да го симнеме секој товар и со истрајност да ја трчаме трката што е пред нас (ЕВР. 12:1)

ПЕСНА 33 Фрли му ги грижите на Јехова!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Според Евреите 12:1, што треба да правиме за успешно да ја завршиме нашата трка за живот?

 БИБЛИЈАТА го споредува нашиот христијански живот со трка. Оние што успешно ќе ја завршат трката ќе бидат наградени со вечен живот (2. Тим. 4:7, 8). Треба да дадеме сѐ од себе за да продолжиме да трчаме, особено затоа што крајот на трката сега е поблиску од кога и да било порано. Апостол Павле, кој успешно ја завршил својата трка за живот, кажал што ќе ни помогне за да победиме во трката. Тој нѐ поттикнал да го симнеме секој товар и „со истрајност да ја трчаме трката што е пред нас“. (Прочитај Евреите 12:1.)

2. Што значи „да го симнеме секој товар“?

2 Кога Павле напишал дека мора „да го симнеме секој товар“, дали сакал да каже дека еден христијанин не треба да носи никаков товар? Не. Тој сакал да каже дека треба да го симнеме секој непотребен товар. Таквиот товар би можел да нѐ успори и да нѐ измори. За да истраеме во трката, мора брзо да го препознаеме кој и да било непотребен товар и потоа веднаш да го симнеме. Но, во исто време, не сакаме да се ослободиме од товарот што треба да го носиме. Во спротивно, би ги прекршиле правилата на трката и не би можеле да останеме во неа (2. Тим. 2:5). Кој товар мора да го носиме?

3. а) Според Галатите 6:5, што мора да носиме? б) Што ќе разгледаме во оваа статија, и зошто?

3 Прочитај Галатите 6:5. Павле кажал што мора да носиме. Тој напишал дека „секој ќе го носи својот товар“. Павле тука зборувал за нашата лична одговорност пред Бог, товар што секој од нас мора самиот да го носи. Во оваа статија ќе видиме што е вклучено во тој товар и како можеме да го носиме. Исто така, ќе видиме кој непотребен товар можеби го носиме и ќе дознаеме како можеме да го симнеме. Тоа што ќе го носиме својот товар, а ќе го симнеме непотребниот товар, ќе ни помогне успешно да ја завршиме нашата трка за живот.

ТОВАР ШТО МОРА ДА ГО НОСИМЕ

Да го носиме нашиот товар значи да живееме во склад со нашиот завет кон Јехова, да си  ги исполнуваме семејните обврски и да ги прифатиме последиците од нашите одлуки (види во пасуси 4-9)

4. Зошто нашиот завет кон Јехова не е товар што не можеме да го носиме? (Види ја и сликата.)

4 Нашиот завет кон Јехова. Кога сме му се заветувале на Јехова, ние сме му ветиле дека ќе му служиме само нему и дека ќе ја вршиме неговата волја. Ние мора да живееме според тој завет. Тоа е голема одговорност, но не е товар што не можеме да го носиме бидејќи Јехова нѐ создал со цел да ја вршиме неговата волја (Отк. 4:11). Тој всадил во нас духовни потреби и нѐ создал според својот лик. Како резултат на тоа, ние можеме да се зближиме со него и со задоволство да ја вршиме неговата волја (Пс. 40:8). Исто така, кога ја вршиме Божјата волја и го следиме Божјиот Син, наоѓаме „поткрепа за своите души“ (Мат. 11:28-30).

(види во пасуси 4-5)

5. Што може да ти помогне да го исполниш својот завет? (1. Јованово 5:3).

5 Како можеш да го носиш товарот? Две работи можат да ти помогнат во тоа. Прво, продолжи да си ја зајакнуваш љубовта кон Јехова. Тоа можеш да го правиш така што ќе размислуваш за сите добри работи што тој ги направил за тебе и за благословите што ќе ти ги даде во иднина. Колку повеќе расте твојата љубов кон Бог, толку полесно ќе ти биде да му бидеш послушен. (Прочитај 1. Јованово 5:3.) Второ, следи го примерот на Исус. Тој успешно ја вршел Божјата волја бидејќи го молел Јехова за помош и мислел на наградата (Евр. 5:7; 12:2). Исто како Исус, моли го Јехова за сила и постојано имај ја на ум надежта за вечен живот. Ако расте твојата љубов кон Бог и ако го следиш примерот на неговиот Син, ќе можеш да го исполниш својот завет.

6. Зошто мора да ги извршуваме семејните обврски? (Види ја и сликата.)

6 Нашите семејни обврски. Во нашата трка за живот, љубовта што ја чувствуваме кон Јехова и кон Исус мора да биде поголема од љубовта кон членовите на нашето семејство (Мат. 10:37). Но, ова не значи дека можеме да ги запоставиме нашите семејни обврски мислејќи дека тие ќе нѐ спречат да им угодиме на Бог и на Исус. Напротив, за да им угодиме на Бог и на Исус, мора да ги исполниме обврските што ги имаме во семејството (1. Тим. 5:4, 8). Ако го правиме тоа, ќе бидеме посреќни. Всушност, Јехова — оној што го основал семејството — знае дека семејствата ќе бидат среќни ако сопружниците се сакаат и се почитуваат, ако родителите ги сакаат и ги поучуваат своите деца и ако децата им се послушни на своите родители (Еф. 5:33; 6:1, 4).

(види во пасуси 6-7)

7. Како можеш да ја исполниш својата улога во семејството?

7 Како можеш да го носиш товарот? Без разлика која е твојата улога во семејството, применувај ја мудроста од Божјата Реч наместо да постапуваш според своите чувства, според она што е вообичаено во твојата култура или според она што го велат некои таканаречени стручњаци (Изр. 24:3, 4). Добро користи ги нашите публикации кои се темелат на Библијата. Во нив има практични предлози за тоа како да ги применуваме библиските начела. На пример, во рубриката „Совети за семејствата“ има корисни информации во врска со конкретни предизвици со кои се соочуваат брачните парови, родителите и тинејџерите. b Биди решен да го применуваш она што го вели Библијата дури и ако другите членови на семејството не го прават тоа. Правејќи го ова, ќе му помогнеш на своето семејство и ќе добиеш многу благослови од Јехова (1. Пет. 3:1, 2).

8. Како можат нашите одлуки да влијаат врз нас?

8 Одговорноста што ја имаме за одлуките што ги носиме. Јехова ни подарил слободна волја и сака да се радуваме на благословите што ги носат добрите одлуки. Но, исто така, тој не нѐ поштедува од последиците што произлегуваат од лошите одлуки (Гал. 6:7, 8). Од таа причина, ние ги прифаќаме последиците од нашите лоши одлуки, непромислени зборови и избрзани постапки. Во зависност од тоа што сме го направиле, може да нѐ измачува и грижа на совест. Но, тоа што знаеме дека сме одговорни за одлуките што сме ги донеле може да нѐ поттикне да ги признаеме нашите гревови, да ги поправиме нашите грешки и да не ги повторуваме. Тоа што ќе ги преземеме сите овие чекори може да ни помогне да останеме во трката за живот.

(види во пасуси 8-9)

9. Што можеш да правиш ако си донел некоја лоша одлука? (Види ја и сликата.)

9 Како можеш да го носиш товарот? Ако веќе си донел некоја лоша одлука, прифати ја реалноста. Помири се со фактот дека не можеш да го смениш минатото. Немој да трошиш време и сила така што ќе бараш изговори за својата грешка, ниту пак така што ќе се обвинуваш себеси или ќе ги обвинуваш другите за своите лоши одлуки. Наместо тоа, признај ги своите грешки и прави сѐ што можеш во своите моментални околности. Ако чувствуваш вина за она што си го направил, понизно обрати му се на Јехова во молитва, признај му ја својата грешка и моли го да ти прости (Пс. 25:11; 51:3, 4). Извини им се на оние што си ги повредил и, ако е потребно, барај помош од старешините (Јак. 5:14, 15). Учи од своите грешки и труди се да не ги повторуваш. Додека го правиш ова, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти покаже милост и дека ќе ти ја даде потребната помош (Пс. 103:8-13).

ТОВАР ШТО МОРА ДА ГО СИМНЕМЕ

10. Зошто нереалистичните очекувања се тежок товар? (Галатите 6:4).

10 Нереалистични очекувања. Може да се оптовариме себеси со нереалистични очекувања доколку се споредуваме со другите. (Прочитај Галатите 6:4.) Ако постојано се споредуваме со другите, би можеле да станеме завидливи и да почнеме да се натпреваруваме со нив (Гал. 5:26). Трудејќи се да го постигнеме она што другите го постигнале, би можеле да си наштетиме бидејќи би правеле нешто што е над нашите можности или нешто што околностите не ни го дозволуваат. Ако „од предолго исчекување се разболува срцето“, тогаш колку повеќе ќе бидеме обесхрабрени доколку имаме очекувања кои никогаш не можеме да ги исполниме (Изр. 13:12). Тоа може да ни ја исцрпи силата и да нѐ успори во нашата трка за живот (Изр. 24:10).

11. Што ќе ти помогне да немаш нереалистични очекувања?

11 Како можеш да го симнеш тој товар? Не очекувај од себеси повеќе отколку што очекува Јехова од тебе. Тој никогаш не очекува да му дадеш нешто што немаш (2. Кор. 8:12). Биди сигурен дека Јехова не го споредува она што ти го правиш со она што го прават другите (Мат. 25:20-23). Тој ја цени твојата служба што ја вршиш со сета душа, твојата верност и твојата истрајност. Биди скромен и прифати го фактот дека поради возраста, здравјето или околностите не можеш да правиш сѐ што би сакал да правиш. Како Варзелај, биди спремен да одбиеш некоја задача што ќе ти биде тешко да ја извршуваш поради твоите физички ограничувања (2. Сам. 19:35, 36). Исто како Мојсеј, прифати помош и довери им одговорности на другите кога тоа е соодветно (2. Мој. 18:21, 22). Тоа што ќе си скромен ќе ти помогне да немаш нереалистични очекувања кои би можеле да ти ја одземат силата додека трчаш во трката за живот.

12. Дали ние сме одговорни за лошите одлуки на другите? Објасни.

12 Ако се чувствуваме одговорни за лошите одлуки на другите. Ние не можеме да носиме одлуки наместо другите. Исто така, не можеме секогаш да ги заштитиме од последиците што произлегуваат од нивните лоши одлуки. На пример, во некое семејство синот или ќерката можеби ќе одлучи да престане да му служи на Јехова. Таквата одлука може да им нанесе неопислива тага на родителите. Сепак, родителите кои се обвинуваат себеси за лошите одлуки на нивното дете си ставаат огромен товар. Јехова не очекува да го носат тој товар (Рим. 14:12).

13. Што може да прави еден родител доколку неговото дете донело лоша одлука?

13 Како можеш да го симнеш тој товар? Не заборавај дека Јехова на сите ни дал слободна волја. Тој му дозволува на секого од нас самиот да носи одлуки. Во тоа спаѓа и одлуката дали ќе му служиме. Јехова знае дека не си совршен родител. Тој само сака да го дадеш најдоброто од себе. Одлуките што ги носи твоето дете се негова одговорност, а не твоја (Изр. 20:11). Сепак, можеби постојано се измачуваш поради грешките што си ги направил како родител. Ако е така, кажи му на Јехова како се чувствуваш и моли го да ти прости. Тој знае дека не можеш да го вратиш времето и да го смениш она што се случило. А во исто време, тој не очекува постојано да го штитиш своето дете од последиците што мора да ги жнее поради она што го посеало. Имај на ум дека, ако твоето дете вложи труд за да му се врати на Јехова, тој со радост ќе го прими (Лука 15:18-20).

14. Зошто претераното чувство на вина е товар што треба да го симнеме?

14 Претерано чувство на вина. Ако сме направиле грев, сосема е нормално да чувствуваме вина. Но, претераното чувство на вина е товар што Јехова не сака да го носиме. Тоа е товар што мора да го симнеме. Како може да знаеме дека нашето чувство на вина е претерано? Ако сме го признале нашиот грев, ако сме се покајале и ако сме презеле чекори кои ќе нѐ спречат да го повториме тој грев, можеме да бидеме уверени дека Јехова ни простил (Дела 3:19). Откако сме го направиле сето ова, Јехова не сака и понатаму да нѐ измачуваат чувства на вина. Тој знае колку многу тоа може да ни наштети (Пс. 31:10). Ако дозволиме да нѐ скрши преголема тага, би можело да се случи да се откажеме од нашата трка за живот (2. Кор. 2:7).

Откако искрено си се покајал, Јехова не размислува повеќе за твоите гревови, а не треба да го правиш тоа ни ти (види во пасус 15)

15. Што може да ти помогне да се справиш со претераното чувство на вина? (1. Јованово 3:19, 20; види ја и сликата).

15 Како можеш да го симнеш тој товар? Ако постојано те измачуваат претерани чувства на вина, мисли на „вистинското простување“ од Бог (Пс. 130:4). Кога им простува на оние што искрено се каат, тој го дава следново ветување: „Повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:34). Ова значи дека Јехова никогаш повеќе нема да помисли на гревовите што ти ги простил. Затоа, немој да мислиш дека последиците што ги трпиш поради своите гревови се доказ дека тој не ти простил. И немој да се осудуваш себеси ако, поради своите грешки во минатото, во моментов не можеш да извршуваш некои задачи во службата за Јехова. Тој не размислува повеќе за твоите гревови, а не треба да го правиш тоа ни ти. (Прочитај 1. Јованово 3:19, 20.)

ТРЧАЈ СО ЦЕЛ ДА ПОБЕДИШ

16. Што треба да сфатиме додека трчаме во трката за живот?

16 Додека сме во трката за живот, мора да трчаме со цел да ја освоиме наградата (1. Кор. 9:24). Можеме да успееме во тоа ако сфатиме кој товар мора да го носиме, а кој товар мора да го симнеме. Во оваа статија разгледавме само неколку работи што мора да ги носиме и неколку работи од кои мора да се ослободиме. Но, тоа не се единствените работи. Исус рекол дека би можеле да бидеме „оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и... со животните грижи“ (Лука 21:34). Овој и други стихови можат да ти помогнат да сфатиш кои промени можеби треба да ги направиш додека трчаш во трката за живот.

17. Зошто можеме да бидеме сигурни дека ќе победиме во трката за живот?

17 Можеме да бидеме сигурни дека ќе победиме во трката за живот бидејќи Јехова ќе ни ја дава потребната сила (Иса. 40:29-31). Затоа, немој да успоруваш! Следи го примерот на апостол Павле, кој дал сѐ од себе за да ја освои наградата што била пред него (Фил. 3:13, 14). Никој не може да трча во оваа трка наместо тебе. Но, со помошта од Јехова ти можеш да успееш. Тој може да ти помогне да го носиш својот товар и да го симнеш непотребниот товар (Пс. 68:19). Ако Јехова е покрај тебе, ќе успееш со истрајност да ја трчаш твојата трка и да извојуваш победа!

ПЕСНА 65 Напред!

a Оваа статија ќе ни помогне да ја трчаме трката за живот. Додека трчаме, мора да носиме некаков товар. Во него се вклучени заветот што сме му го дале на Јехова, нашите семејни обврски и одговорноста што ја имаме за одлуките што ги носиме. Но, мора да го симнеме секој непотребен товар што би можел да нѐ успори. Што е вклучено во тој товар? Одговорот ќе го добиеме во оваа статија.

b Рубриката „Совети за семејствата“ можеш да ја најдеш на jw.org. Некои статии наменети за брачните парови се: „Како да се покаже почит“ и „Покажувај ценење“; за родителите: „Научете ги децата мудро да го користат телефонот“ и „Комуникација меѓу родител и тинејџер“; и за тинејџерите: „Притисок од врсниците“ и „Како да ја победиш осаменоста“.