Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 35

Продолжи да покажуваш стрпливост

Продолжи да покажуваш стрпливост

Бидете стрпливи (ЈАК. 5:7)

ПЕСНА 114 Да бидеме стрпливи како Јехова!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Зошто ги цениш оние што се стрпливи?

 СИТЕ ние ги цениме оние што се стрпливи. Имаме почит кон оние што можат стрпливо да чекаат без да се изнервираат. Многу ни значи што другите се стрпливи со нас кога ќе направиме некоја грешка. Исто така, благодарни сме му на оној што нѐ поучувал за Библијата затоа што бил стрплив со нас додека сме се труделе да научиме, прифатиме или примениме некое библиско учење. И пред сѐ, многу сме благодарни што Јехова Бог е стрплив со нас! (Рим. 2:4).

2. Во кои ситуации може да ни биде тешко да бидеме стрпливи?

2 Иако ја цениме стрпливоста на другите, нам лично можеби не ни е секогаш лесно да бидеме стрпливи. На пример, може да ни биде тешко да останеме смирени ако сме заглавени во сообраќајот, особено ако доцниме некаде. Може да се разгневиме кога другите нѐ нервираат. А понекогаш може да ни е тешко да продолжиме да го чекаме новиот свет што ни го ветил Јехова. Дали би сакал да бидеш пострплив? Во оваа статија ќе видиме што значи да се биде стрплив и зошто тоа е толку важно. Исто така, ќе видиме што може да ни помогне да бидеме уште пострпливи.

ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ СТРПЛИВ?

3. Како реагира оној што е стрплив кога другите го провоцираат?

3 Да разгледаме четири начини на кои можеме да покажеме стрпливост. Прво, оној што е стрплив е бавен на гнев. Тој се труди да остане смирен и да не врати со иста мера кога другите го провоцираат. Исто така, не постапува грубо со другите кога е под стрес. Изразот „бавен на гнев“ за прв пат се појавува во Библијата во еден стих во кој Јехова е опишан како „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. Мој. 34:6).

4. Како реагира оној што е стрплив кога е потребно да чека?

4 Второ, оној што е стрплив може смирено да чека. Ако нешто трае подолго од очекуваното, таквиот човек се труди да остане смирен и да не се изнервира (Мат. 18:26, 27). Има многу ситуации во кои треба смирено да чекаме. На пример, додека некој зборува, треба стрпливо да го слушаме без да го прекинуваме (Јов 36:2). Исто така, стрпливост може да ни биде потребна додека му помагаме на некој интересент да разбере некое библиско учење или да прекине со некоја лоша навика.

5. На кој друг начин можеме да покажеме стрпливост?

5 Трето, оној што е стрплив не е брзоплет. Точно, во некои ситуации е потребно брзо да дејствуваме. Но, кога треба да заврши некоја важна задача, оној што е стрплив не избрзува да ја започне и не гледа што побрзо да ја заврши. Наместо тоа, си одвојува доволно време за да испланира што ќе прави. Потоа, на задачата ѝ посветува онолку време колку што е потребно за да ја изврши квалитетно.

6. Како реагира оној што е стрплив кога се соочува со тешкотии?

6 Четврто, оној што е стрплив се труди да ги поднесе неволјите без да се жали. Во овој поглед, стрпливоста е тесно поврзана со истрајноста. Се разбира, не е погрешно отворено да му кажеме на некој близок пријател како се чувствуваме кога се соочуваме со некој проблем. Сепак, оној што е стрплив ќе даде сѐ од себе и понатаму да истрае во тешката ситуација, а во исто време да задржи позитивен став (Кол. 1:11). Како христијани, ние треба да покажуваме стрпливост на сите овие начини. Зошто? Да разгледаме неколку причини.

ЗОШТО СТРПЛИВОСТА Е МНОГУ ВАЖНА

Исто како што еден земјоделец стрпливо чека и има доверба дека по некое време ќе жнее плод, ние стрпливо чекаме со доверба дека Јехова во свое време ќе ги исполни сите ветувања што ги дал (види во пасус 7)

7. Според Јаков 5:7, 8, зошто стрпливоста е многу важна? (Види ја и сликата.)

7 Ако сакаме да добиеме вечен живот, неопходно е да бидеме стрпливи. Исто како верните Божји слуги во минатото, и ние треба стрпливо да чекаме Бог да ги исполни своите ветувања (Евр. 6:11, 12). Библијата ја споредува нашата ситуација со работата на еден земјоделец. (Прочитај Јаков 5:7, 8.) Еден земјоделец напорно работи за да го засади и наводнува својот посев, но не знае кога точно ќе никне. Затоа, земјоделецот чека стрпливо, со доверба дека ќе жнее плод. Слично на тоа, ние сме зафатени со духовни активности иако не знаеме „во кој ден доаѓа [нашиот] Господар“ (Мат. 24:42). Ние чекаме стрпливо, уверени дека Јехова ќе го исполни она што го ветил во времето што тој го одредил. Ако станеме нестрпливи, би можеле да се умориме од чекање и постепено да се оддалечиме од вистината. Исто така, нашето време би можеле да почнеме да го трошиме на работи што може да ни дадат само краткотрајно задоволство. Но, ако сме стрпливи, ќе можеме да истраеме до крајот и да бидеме спасени (Мих. 7:7; Мат. 24:13).

8. Како стрпливоста ни помага во односите со другите? (Колошаните 3:12, 13).

8 Стрпливоста ни помага да имаме добри односи со другите. Таа ни помага внимателно да слушаме кога другите зборуваат (Јак. 1:19). Исто така, стрпливоста придонесува за мир. Ако сме стрпливи, нема да реагираме пребрзо и нема да кажеме нешто нељубезно кога сме под стрес. Исто така, ако сме стрпливи, нема брзо да се разгневиме кога некој ќе ги повреди нашите чувства. Наместо да вратиме со иста мера, ќе се поднесуваме еден со друг и спремно ќе си простуваме. (Прочитај Колошаните 3:12, 13.)

9. Како стрпливоста ни помага кога треба да носиме одлуки? (Изреки 21:5).

9 Стрпливоста може да ни помогне и да носиме подобри одлуки. Наместо избрзано и непромислено да донесеме одлука, треба да одвоиме време да најдеме повеќе информации за опциите кои ни стојат на располагање и да размислиме која од нив е најдобра. (Прочитај Изреки 21:5.) На пример, ако сакаме да се вработиме, можеби ќе бидеме склони да ја прифатиме првата работа што ќе ја најдеме, дури и ако тоа би значело дека ќе имаме помалку време за духовните активности. Но, ако сме стрпливи, ќе си одвоиме време да размислиме за некои фактори, како на пример колку време ќе ни треба за да стигнеме до работното место, колку трае работното време и како таа работа ќе се одрази врз нашето семејство и врз нашиот однос со Јехова. Тоа што ќе бидеме стрпливи, ќе ни помогне да не носиме лоши одлуки.

КАКО ДА БИДЕМЕ ПОСТРПЛИВИ

10. Како еден христијанин може да стекне стрпливост, и како може да продолжи да ја покажува оваа особина?

10 Моли се за поголема стрпливост. Стрпливоста е плод на светиот дух (Гал. 5:22, 23). Затоа, можеме да го молиме Јехова да ни даде свет дух и да ни помогне да ја развиваме оваа особина. Ако се соочиме со ситуација која ја става на испит нашата стрпливост, да продолжиме да го молиме Јехова да ни помогне со својот свет дух да бидеме стрпливи (Лука 11:9, 13). Исто така, можеме да го молиме Јехова да ни помогне да гледаме на работите од негова гледна точка. Освен што ќе се молиме, треба да дадеме сѐ од себе за да бидеме стрпливи секој ден. Ако продолжиме да се молиме за стрпливост и се трудиме да ја покажуваме оваа особина, Јехова ќе ни помогне таа да стане дел од нашата личност.

11-12. Како Јехова покажува стрпливост?

11 Размислувај за примерите од Библијата. Во Библијата има многу примери за луѓе кои биле стрпливи. Ако размислуваме за овие примери, ќе можеме да научиме на кои начини да покажуваме стрпливост. Пред да разгледаме некои од овие примери, да размислиме за најголемиот пример на стрпливост — Јехова.

12 Во еденската градина, Сатана го оцрнил Јеховиното име така што се обидел да ја наведе Ева да се посомнева дали Јехова е праведен Владетел полн со љубов. Наместо веднаш да го уништи клеветникот, Јехова покажал стрпливост и самоконтрола бидејќи знаел дека ќе биде потребно време за да се докаже дека тој е најдобриот Владетел. И за сето време додека чека, Јехова стрпливо го поднесува срамот што му се нанесува на неговото име. Освен тоа, Јехова стрпливо чека за да им овозможи на што е можно повеќе луѓе да добијат вечен живот (2. Пет. 3:9, 15). Како резултат на тоа, милиони луѓе имале можност да го запознаат. Ако се концентрираме на позитивните работи што произлегуваат од стрпливоста на Јехова, најверојатно ќе ни биде полесно да го чекаме времето што тој го одредил за да му стави крај на овој злобен свет.

Стрпливоста ќе ни помогне да бидеме бавни на гнев кога некој ќе нѐ провоцира (види во пасус 13)

13. Како Исус совршено покажувал стрпливост по примерот на својот Татко? (Види ја и сликата.)

13 Исус совршено покажува стрпливост по примерот на својот Татко. Тој ја покажувал оваа особина и додека бил на Земјата. Сигурно не му било секогаш лесно да покажува стрпливост, особено кон лицемерните книжници и фарисеи (Јован 8:25-27). Сепак, исто како неговиот Татко, Исус бил бавен на гнев. Тој не враќал со иста мера кога другите го навредувале или провоцирале (1. Пет. 2:23). Исус истрајно ги поднесувал тешкотиите без да се жали. Затоа е на место што Библијата ни го дава следниов поттик: „Добро погледнете го оној што поднесе такво противење од устата на оние што грешеа“ (Евр. 12:2, 3). Со помош од Јехова, и ние можеме стрпливо да ја поднесеме секоја тешкотија.

Ако сме стрпливи како Авраам, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ награди сега, а уште повеќе во новиот свет што ни го ветил (види во пасус 14)

14. Што можеме да научиме од стрпливоста на Авраам? (Евреите 6:15; види ја и сликата).

14 Што ако не се исполниле нашите очекувања во врска со крајот? Можеби сме очекувале дека крајот ќе дојде пред многу години. Или, можеби се плашиме дека крајот нема да дојде додека ние сме живи. Што ќе ни помогне и понатаму стрпливо да чекаме? Да го разгледаме примерот на Авраам. Кога тој бил на 75-годишна возраст и сѐ уште немал деца, Јехова му ветил: „Од тебе ќе направам голем народ“ (1. Мој. 12:1-4). Дали Авраам го видел исполнувањето на тоа ветување? Не потполно. Откако ја поминал реката Еуфрат и чекал 25 години, Авраам го видел раѓањето на неговиот син Исак. А откако поминале уште 60 години, се родиле неговите внуци Исав и Јаков. (Прочитај Евреите 6:15.) Но, Авраам не видел како неговите потомци станале голем народ и како ја наследиле Ветената земја. Сепак, еден благослов што овој верен Божји слуга го добил во текот на својот живот е тоа што бил близок пријател со својот Творец (Јак. 2:23). А откако ќе воскресне, Авраам ќе биде пресреќен кога ќе дознае дека, поради неговата вера и стрпливост, биле благословени сите народи! (1. Мој. 22:18). Што учиме од ова? Ние лично, можеби нема веднаш да го видиме исполнувањето на сите ветувања од Јехова. Но, ако сме стрпливи како Авраам, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ награди сега, а уште повеќе во новиот свет што ни го ветил (Мар. 10:29, 30).

15. Чии примери би можеле да ги проучуваме?

15 Во Библијата има и многу други примери за луѓе кои биле стрпливи (Јак. 5:10). Би можел да истражуваш за нив за време на твоето лично проучување. b На пример, иако Давид бил многу млад кога бил помазан за иден цар на Израел, тој требало да чека уште многу години за да почне да владее. Симеон и Ана верно му служеле на Јехова додека го чекале ветениот Месија (Лука 2:25, 36-38). Кога ќе ги проучуваш овие извештаи, обиди се да го најдеш одговорот на следниве прашања: Што можеби му помогнало на овој Божји слуга да покаже стрпливост? Како му користело тоа што бил стрплив? Како можам да го следам неговиот пример? Исто така, можеш да извлечеш корист од тоа што ќе ги проучуваш примерите на оние кои не покажале стрпливост (1. Сам. 13:8-14). Би можел да се прашаш: „Што можеби придонело да не бидат стрпливи? Кои биле последиците од тоа?“

16. Како ни користи стрпливоста?

16 Размислувај зошто е корисно да бидеш стрплив. Стрпливоста ни помага да бидеме посреќни и посмирени. Значи, стрпливоста може да придонесе да имаме подобро ментално и физичко здравје. Кога сме стрпливи со другите, имаме подобри односи со нив. На тој начин се зајакнува единството во нашето собрание. Ако бидеме бавни на гнев кога некој ќе нѐ изнервира со нешто, ќе спречиме ситуацијата да се влоши (Пс. 37:8; Изр. 14:29). Но најважно од сѐ, кога сме стрпливи, ние го следиме примерот на нашиот небесен Татко и стануваме поблиски со него.

17. На што треба да бидеме решени?

17 Навистина, стрпливоста е прекрасна особина која ни користи на сите нас! Иако не е секогаш лесно да бидеме стрпливи, со помош од Јехова можеме да ја развиеме оваа особина. И додека стрпливо го чекаме новиот свет, можеме да бидеме уверени дека „Јеховиното око е насочено кон оние што се бојат од него, кон оние што ја чекаат неговата милост“ (Пс. 33:18). Затоа, сите ние да бидеме решени и понатаму да покажуваме стрпливост!

ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!

a Повеќето луѓе денес не се стрпливи. Сепак, Библијата нѐ поттикнува постојано да ја покажуваме оваа особина. Во оваа статија ќе видиме зошто стрпливоста е многу важна и како можеме да ја покажуваме оваа особина во уште поголема мера.

b За да најдеш библиски извештаи во врска со стрпливоста, можеш да го користиш Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. На пример, види под темата „Емоции, особини и однесување”, во делот „Стрпливост“.