СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 33
Учи од примерот на Даниел
Ти си Божји љубимец (ДАН. 9:23)
ПЕСНА 73 Дај ни храброст!
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Зошто пророкот Даниел им оставил голем впечаток на Вавилонците?
ПРОРОКОТ Даниел бил младо момче кога Вавилонците го одвеле во заробеништво во Вавилон, далеку од неговата татковина. Но, очигледно, Даниел им оставил голем впечаток на вавилонските службеници. Тие го гледале „она што го гледаат очите“. Забележале дека Даниел бил без недостаток, убав и од угледно семејство (1. Сам. 16:7). Од тие причини, Вавилонците го обучувале за да стане дел од високите кругови на нивното општество (Дан. 1:3, 4, 6).
2. Како Јехова гледал на Даниел? (Езекиел 14:14).
2 Јехова го сакал Даниел, но не поради физичкиот изглед или поради положбата што овој млад човек ја имал во општеството, туку поради убавите особини што ги стекнал. Всушност, Даниел веројатно бил во доцните тинејџерски или раните 20-ти години кога Јехова го спомнал заедно со Ное и со Јов. Значи, Јехова сметал дека младиот Даниел е исто толку праведен колку што биле и Ное и Јов, кои верно му служеле на Бог со децении (1. Мој. 5:32; 6:9, 10; Јов 42:16, 17; прочитај Езекиел 14:14). Јехова продолжил да го сака Даниел во текот на неговиот долг и необичен живот (Дан. 10:11, 19).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе разгледаме две од особините на Даниел поради кои тој бил скапоцен за Јехова. Прво, ќе видиме во кои ситуации ја покажал секоја од овие особини. Потоа, ќе видиме што му помогнало на Даниел да ги развие тие особини. На крајот, ќе видиме како можеме да го следиме неговиот пример. Иако оваа статија пред сѐ е наменета за младите, сите ние можеме да учиме од примерот на Даниел.
БИДИ ХРАБАР КАКО ДАНИЕЛ
4. Како Даниел покажал храброст? Наведи пример.
4 Еден храбар човек може да чувствува страв, но не дозволува таквиот страв да го спречи да постапува исправно. Даниел бил многу храбро младо момче. Размисли за две прилики во кои тој покажал храброст. Првата веројатно била околу две години откако Вавилонците го уништиле Ерусалим. Вавилонскиот цар Навуходоносор сонил еден страшен сон во кој видел огромен кип. Тој се заканил дека ќе ги убие сите негови мудреци, вклучувајќи го и Даниел, доколку не му кажат што сонувал и што значи тој сон (Дан. 2:3-5). Даниел морал веднаш да стори нешто бидејќи во спротивно ќе биле убиени многу луѓе. Тој отишол кај царот и го замолил да му даде време за да му го протолкува сонот (Дан. 2:16). За ова биле потребни храброст и вера. Во Библијата не пишува дека Даниел претходно толкувал сонови. Тој ги замолил своите другари, чии вавилонски имиња биле Седрах, Мисах и Авденаго, „да го молат за милост небесниот Бог поради таа тајна“ (Дан. 2:18). Јехова одговорил на нивните молитви. Со помошта од Бог, Даниел го протолкувал сонот на Навуходоносор. Животот на Даниел и на неговите другари бил поштеден.
5. Во која друга прилика Даниел покажал храброст?
5 Некое време откако Даниел го протолкувал сонот за огромниот кип, неговата храброст повторно била ставена на испит. Навуходоносор сонил уште еден сон што го вознемирил. Овојпат, во сонот видел огромно дрво. Даниел храбро му го објаснил на царот значењето на неговиот сон, па дури и му кажал дека ќе го изгуби разумот и дека некое време нема да владее (Дан. 4:25). Царот лесно можел да си помисли дека Даниел се бунтува против него и можел да го убие овој Божји слуга. Но, и покрај тоа, Даниел храбро му го протолкувал сонот.
6. Што можеби му помогнало на Даниел да биде храбар?
6 Што можеби му помогнало на Даниел да биде храбар во текот на целиот живот? Кога бил мал, Даниел најверојатно учел од примерот на мајка му и татко му. Без сомнение, тие послушно ги применувале упатствата што Јехова им ги дал на родителите во Израел и го поучувале своето дете за Божјиот закон (5. Мој. 6:6-9). Даниел не ги знаел само основните работи од Законот, како што биле Десетте заповеди, туку знаел и многу детали од Законот. На пример, знаел што смеат, а што не смеат Израелците да јадат b (3. Мој. 11:4-8; Дан. 1:8, 11-13). Исто така, Даниел ја познавал историјата на Божјиот народ и знаел што се случувало со Божјите слуги кога тие не му биле послушни на Јехова (Дан. 9:10, 11). Поради сето она што го доживеал во својот живот, Даниел бил уверен дека Јехова и неговите моќни ангели ќе му помагаат (Дан. 2:19-24; 10:12, 18, 19).
7. Што друго му помогнало на Даниел да биде храбар? (Види ја и сликата.)
7 Даниел го проучувал она што го запишале Божјите пророци, меѓу кои биле и пророштвата на Еремија. Благодарение на тоа проучување, Даниел подоцна сфатил дека му се ближи крајот на долгогодишното ропство на Евреите во Вавилон (Дан. 9:2). Тоа што видел како библиските пророштва се исполнуваат, без сомнение, ја зајакнало довербата на Даниел во Јехова, а оние што имаат силна доверба во Бог можат да бидат многу храбри. (Спореди со Римјаните 8:31, 32, 37-39.) А што е најважно, Даниел често му се молел на својот небесен Татко (Дан. 6:10). Тој му ги признавал своите гревови и му кажувал како се чувствува. Исто така, Даниел го молел Јехова за помош (Дан. 9:4, 5, 19). Тој бил човек како нас, што значи дека не бил храбар од раѓање. Оваа особина ја стекнал благодарение на тоа што проучувал, се молел и имал доверба во Јехова.
8. Како може да стекнеме храброст?
8 Што треба да правиме за да стекнеме храброст? Нашите родители можат да нѐ поттикнуваат да бидеме храбри, но тие не можат да ни ја пренесат таа особина како да е некој вид семејно наследство. Кога се трудиме да стекнеме храброст, тоа е како да учиме нова вештина. Еден начин на кој можеш да совладаш некоја вештина е така што внимателно ќе ги набљудуваш постапките на оној што те поучува и потоа ќе го следиш неговиот пример. Слично на тоа, ние учиме да бидеме храбри така што внимателно ги набљудуваме оние што ја покажуваат оваа особина и потоа го следиме нивниот пример. Што научивме од Даниел? Исто како него, и ние треба добро да ја познаваме Божјата Реч. Мора да стекнеме блиско пријателство со Јехова така што слободно и често ќе разговараме со него. И, треба да имаме доверба во Јехова, односно да бидеме уверени дека тој секогаш е со нас и ни помага. Така, ако нашата вера биде ставена на испит, ќе бидеме храбри.
9. Како ни користи тоа што сме храбри?
9 Кога сме храбри, тоа може да ни користи на неколку начини. Размисли за искуството на Бен од Германија. Во училиштето во кое што одел сите верувале во еволуција и сметале дека библискиот извештај за создавањето е измислица. Еден ден, на Бен му била дадена можност пред класот да објасни зошто верува дека животот бил создаден. Кој бил резултатот? Бен вели: „Наставникот внимателно ме слушаше и направи фотокопии од материјалот што го користев, а потоа му даде копија на секој ученик во класот“. Како реагирале соучениците на Бен? Тој вели: „Многумина од нив сакаа да слушаат и ми рекоа дека ми се восхитуваат“. Како што се гледа од искуството на Бен, храбрите луѓе честопати ја стекнуваат почитта на другите. Исто така, тие можат да им помогнат на искрените луѓе да го запознаат Јехова. Значи, имаме добри причини да стекнеме храброст.
БИДИ ВЕРЕН КАКО ДАНИЕЛ
10. Што е верност?
10 Хебрејскиот збор кој во Библијата се преведува со „верност“ или „лојална љубов“ честопати се користи за да се опише срдечната и длабока љубов што Бог ја чувствува кон своите слуги. Истиот збор се користи и за да се опише љубовта што постои меѓу Божјите слуги (2. Сам. 9:6, 7). Нашата верност со текот на времето може да станува посилна. Да видиме како ова било случај со Даниел.
11. Како била ставена на испит верноста на Даниел кога бил во длабока старост? (Види ја сликата на насловната страница.)
11 Верноста на Даниел кон Јехова била ставена на испит во многу прилики во текот на неговиот живот. Но, еден од најголемите испити на неговата верност се случил кога имал повеќе од 90 години. Во тоа време Вавилон бил освоен од Медијците и Персијците, и со него владеел цар Дариј. Службениците на царскиот двор не го сакале Даниел и немале почит кон неговиот Бог. Затоа, сковале заговор да го убијат. Тие го натерале царот да потпише еден закон кој ќе ја ставел на испит верноста на Даниел, односно ќе покажел дали ќе му биде верен на својот Бог или на царот. За да ја докаже својата верност кон царот и да биде како сите други, Даниел требало само да престане да му се моли на Јехова 30 дена. Сепак, Даниел одлучил да му остане верен на Јехова. Затоа бил фрлен во лавовска јама. Но, Јехова ја наградил верноста на Даниел така што го спасил од устата на лавовите (Дан. 6:12-15, 20-22). Како можеме ние да му останеме верни на Јехова исто како Даниел?
12. Што му помогнало на Даниел постојано да му биде верен на Јехова?
12 За да му бидеме верни на Јехова, мора да имаме силна љубов кон него. Даниел му останал верен на Јехова затоа што многу го сакал својот небесен Татко. Без сомнение, Даниел развил таква љубов така што размислувал за особините на Јехова и за начинот на кој ги покажува (Дан. 9:4). Исто така, Даниел со благодарност размислувал за сите добри работи што Јехова ги направил за него и за својот народ (Дан. 2:20-23; 9:15, 16).
13. а) На кои начини е ставена на испит верноста на нашите млади? Наведи пример. (Види ја и сликата.) б) Како што е прикажано во видеоклипот, како би можел да одговориш ако некој те праша дали Јеховините сведоци ги поддржуваат оние што избираат да живеат како хомосексуалци?
13 Исто како Даниел, и нашите млади се опкружени со луѓе кои немаат почит кон Јехова и кон неговите мерила. Таквите луѓе можеби не ги сакаат оние што го сакаат Бог. Некои дури и ги малтретираат нашите млади со цел да ја скршат нивната верност кон Јехова. На пример, забележи што му се случило на еден млад брат по име Грејми, кој живее во Австралија. Додека бил во средно училиште, тој се соочил со една тешка ситуација. Професорката ги прашала учениците во класот како би реагирале доколку некој другар им каже дека е хомосексуалец. Потоа рекла на едната страна од училницата да застанат сите оние што би го поддржале својот другар кој избрал таков начин на живот, а на другата страна да застанат оние кои не би го поддржале. Грејми вели: „Целиот клас застана на страната која го поддржува тој начин на живот освен мене и уште еден друг Сведок“. Она што се случило потоа било уште поголем испит за верноста на Грејми кон Јехова. Тој вели: „До крајот на часот, сите ученици нѐ исмеваа и нѐ навредуваа, па дури и професорката. Дадов сѐ од себе за да ја одбранам мојата вера на смирен и разумен начин. Но, тие не сакаа воопшто да слушаат“. Како се чувствувал Грејми? Тој вели: „Воопшто не се чувствував убаво поради тоа што моите соученици ме навредуваа, но бев многу радосен бидејќи му останав верен на Јехова и ги бранев моите верувања“. c
14. Кој е еден начин на кој може да се зајакне нашата решеност да му останеме верни на Јехова?
14 Ако и ние, како Даниел, имаме силна љубов кон Јехова, ќе бидеме решени да му останеме верни без оглед на сѐ. Таква љубов може да развиеме ако сѐ повеќе учиме за особините на Јехова. На пример, можеме да проучуваме за работите што тој ги создал (Рим. 1:20). Ако сакаш да ги продлабочиш својата љубов и својата почит кон Јехова, би можел да ги читаш кратките статии во рубриката „Случајно или создадено“ или да ги гледаш видеоклиповите. Исто така, би можел да ги разгледаш брошурите Дали животот е Божје дело и Пет важни прашања за потеклото на животот. Забележи што кажала една сестра од Данска по име Естер во врска со тие публикации: „Овие брошури се фантастични. Работите се објаснети на многу логичен начин. Тие не ти кажуваат во што треба да веруваш, туку едноставно ги изнесуваат фактите на чиј темел можеш самиот да донесеш заклучок“. Бен, кој беше цитиран претходно, вели: „Овие публикации многу ми ја зајакнаа верата. Со нивна помош се уверив дека Бог го создал животот“. Откако ќе ги проучиш овие брошури, веројатно и ти ќе се согласиш со она што го вели Библијата: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ“ (Отк. 4:11). d
15. Кој е уште еден начин на кој можеме да си го зајакнеме пријателството со Јехова?
15 Друг начин на кој можеме да си ја продлабочиме љубовта кон Јехова е така што ќе го проучуваме животот на неговиот Син, Исус. Една млада сестра по име Самира која живее во Германија го направила ова. Таа вели: „Проучувајќи за Исус, подобро го запознав Јехова“. Кога била дете, нејзе ѝ било тешко да си го претстави Јехова како личност која има чувства. Но, тоа не ѝ било проблем кога станувало збор за Исус. Самира додава: „Ми се допаѓа личноста на Исус бидејќи се однесувал пријателски со другите и ги сакал децата“. Колку повеќе учела за Исус, толку поблиска станувала со Јехова. Зошто? Таа вели: „Со текот на времето, сфатив дека Исус совршено го следи примерот на својот Татко. Тие се многу слични еден со друг. Сфатив дека ова било една од причините зошто Јехова го испратил Исус на Земјата — за да може човештвото подобро да го запознае Јехова“ (Јован 14:9). Ако сакаш да си го зацврстиш пријателството со Јехова, одвој си време да научиш што е можно повеќе работи за Исус. На тој начин ќе расте твојата љубов за Јехова, а ќе се зајакне и твојата решеност да му останеш верен.
16. Како ќе ни користи тоа што ќе му бидеме верни на Јехова? (Псалм 18:25; Михеј 6:8).
16 Оние што се верни честопати имаат цврсти и трајни пријателства (Рут 1:14-17). Исто така, оние што му се верни на Јехова имаат добра причина да чувствуваат внатрешен мир. Зошто? Бидејќи Јехова ветува дека ќе биде верен со оние кои му се верни. (Прочитај Псалм 18:25; Михеј 6:8.) Размисли за следново — иако сме многу мали во споредба со семоќниот Творец, тој ветува дека секогаш ќе нѐ сака! А кога имаме вакво блиско пријателство со него, ниту едно искушение, ниту еден противник, па дури ни смртта, нема да можат да нѐ одвојат од него (Дан. 12:13; Лука 20:37, 38; Рим. 8:38, 39). Навистина е многу важно да го следиме примерот на Даниел и да му останеме верни на Јехова!
ПРОДОЛЖИ ДА УЧИШ ОД ДАНИЕЛ
17-18. Што друго можеме да научиме од Даниел?
17 Во оваа статија разгледавме само две особини на Даниел. Но, од него можеме уште многу да научиме. На пример, Јехова му дал на Даниел неколку виденија и сонови, а му дал и способност да толкува пророчки пораки. Многу од тие пророштва веќе се исполниле. А други содржат детали за идни настани кои ќе влијаат врз секој човек на Земјата.
18 Во следната статија ќе разгледаме две пророштва што ги запишал Даниел. Тоа што ќе го разбереме нивното значење ќе ни помогне на сите нас, без разлика дали сме млади или стари, да носиме мудри одлуки уште денес. Исто така, тие пророштва ќе ни ги зајакнат храброста и решеноста да му останеме верни на Јехова и ќе нѐ подготват за она што наскоро треба да се случи.
ПЕСНА 119 Да имаме силна вера!
a Денес, младите слуги на Јехова се соочуваат со предизвици кои ја ставаат на испит нивната храброст и верност. Соучениците можеби ги исмеваат затоа што веруваат дека Бог создал сѐ. Исто така, врсниците можеби им се потсмеваат затоа што му служат на Бог и живеат според неговите мерила. Но, како што ќе видиме во оваа статија, оние што го следат примерот на пророкот Даниел и му служат на Јехова храбро и верно се вистински мудри.
b Даниел одбил да ја јаде вавилонската храна од три можни причини: 1) Месото можеби било од животни кои биле забранети според Мојсеевиот закон (5. Мој. 14:7, 8). 2) Крвта од месото можеби не била потполно отстранета (3. Мој. 17:10-12). 3) Ако јадел од вавилонската храна, тоа би можело да се смета за дел од обожавањето на некој лажен Бог. (Спореди со 3. Мојсеева 7:15 и 1. Коринќаните 10:18, 21, 22.)
c На jw.org гледај го видеоклипот „Мирот ќе биде дело на правдата“.
d За да ја продлабочиш својата љубов кон Јехова, би можел да ја проучуваш и книгата Приближи му се на Јехова, која може да ти помогне да дознаеш повеќе за особините на Јехова.