Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Се гледаме во рајот!“

„Се гледаме во рајот!“

Ќе бидеш со мене во Рајот (ЛУКА 23:43)

ПЕСНИ: 145, 139

1, 2. Какви различни гледишта за рајот имаат луѓето?

НА ЕДЕН конгрес што се одржа во Сеул (Кореја), присуствуваа многу браќа и сестри од различни земји. Кога го напуштаа стадионот, локалните Сведоци се собраа околу нив. Навистина беше многу трогателно кога повеќето почнаа да си мавтаат еден на друг и да извикуваат: „Се гледаме во рајот!“ Што мислиш, на каков рај мислеле?

2 Луѓето имаат различни гледишта за тоа што е рај. Некои велат дека рајот е само фантазија. Други велат дека рај е кое и да било место каде што се чувствуваат среќни и задоволни. На пример, еден изгладнет човек кој седи на маса полна со јадење можеби ќе се чувствува како да е во рајот. Пред многу години, една жена која стоела пред една прекрасна долина полна со цвеќиња воодушевено извикала: „Ова е вистински рај!“ Денес таа долина сѐ уште ја нарекуваат Рај, иако голем дел од годината е покриена со дебела снежна покривка. А на што помислуваш ти кога ќе го чуеш зборот рај? Се надеваш ли дека некогаш ќе бидеш таму?

3. Каде во Библијата за првпат се спомнува изразот „рај“?

3 Во Библијата пишува за рај кој постоел во минатото и за рај што ќе постои во иднина. Изразот „рај“ се појавува уште на почетокот од Библијата. Во 1. Мојсеева 2:8, во Преводот на Македонската православна црква пишува: „И насади Господ Бог рај во Едем, на исток; и таму го смести човекот [Адам] што го создаде“ (нагласено од нас). Изразот „рај во Едем“ може да се преведе и како „градина во Еден“. Зборот „Еден“ значи „задоволство“ или „уживање“. Таа градина била прекрасна, и сигурно било вистинско задоволство да се живее на тоа место. Таму имало изобилство храна, прекрасни пејзажи и постоела хармонија меѓу луѓето и животните (1. Мој. 1:29-31).

4. Зошто може да кажеме дека градината Еден била рај?

4 Кога Хебрејските списи за првпат биле преведени на грчки, преведувачите го употребиле грчкиот збор парадисос, што значи „рај“, за да го преведат хебрејскиот збор за „градина“. Во една енциклопедија пишува дека, кога некој Грк ќе го слушнел зборот парадисос, тој помислувал на еден убав, огромен парк, кој е потполно безбеден, во кој има раскошни дрвја со најразлични плодови и потоци со бистра вода што течат низ зелени ливади на кои мирно си пасат цели стада антилопи и овци. (Cyclopaedia на Меклинток и Стронг; спореди со 1. Мојсеева 2:15, 16.)

5, 6. Зошто Адам и Ева ја изгубиле можноста да живеат во рајот, и што се прашуваат некои луѓе?

5 Јехова ги сместил Адам и Ева во таква прекрасна градина. Но, бидејќи му биле непослушни, Јехова не им дозволил да останат таму. На тој начин, и тие и нивните потомци ја изгубиле можноста да живеат во рајот (1. Мој. 3:23, 24). Иако во таа рајска градина повеќе немало луѓе, се чини дека постоела сѐ до Потопот во времето на Ное.

6 Некои можеби се прашуваат: „Дали некогаш повторно ќе има рај на Земјата?“ Што покажуваат фактите? Ако се надеваш дека ќе живееш со своите најблиски во рајот, дали имаш добар темел за таквата надеж? Можеш ли да објасниш зошто си уверен дека во иднина ќе има рај?

ДОКАЗИ ДЕКА ЌЕ ИМА РАЈ НА ЗЕМЈАТА

7, 8. а) Какво ветување му дал Бог на Авраам? б) На што најверојатно помислил Авраам кога го чул ветувањето од Бог?

7 Најдоброто место каде што можеме да најдеме одговори на прашањата за рајот е Библијата бидејќи таа доаѓа од Јехова, оној што го создал првобитниот рај. Размисли што му кажал Бог на својот пријател Авраам. Откако рекол дека ќе го намножи потомството на Авраам „како зрнцата песок на морскиот брег“, Јехова го дал ова многу важно ветување: „Преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата затоа што го послуша мојот глас“ (1. Мој. 22:17, 18). Подоцна Бог им го повторил истото ветување и на синот и на внукот на Авраам. (Прочитај 1. Мојсеева 26:4; 28:14.)

8 Ништо во Библијата не укажува на тоа дека Авраам сметал оти луѓето ќе бидат наградени со живот во рај на небото. Затоа, кога Бог ветил дека „сите народи на земјата“ ќе бидат благословени, логично е да заклучиме дека Авраам помислил дека тие благослови ќе бидат на Земјата. Но дали ова е единствениот доказ во Библијата кој покажува дека ќе има рај на Земјата?

9, 10. Кои подоцнежни ветувања ни даваат докази дека во иднина ќе има рај на Земјата?

9 Давид, еден од потомците на Авраам, го прорекол времето кога „оние што прават зло“ и „оние што вршат неправда“ повеќе нема да постојат (Пс. 37:1, 2, 10). Наместо тоа, „кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“. Давид исто така прорекол: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:11, 29; 2. Сам. 23:2). Што мислиш, како влијаеле тие ветувања врз луѓето кои сакале да ја вршат Божјата волја? Тие имале добра причина да очекуваат дека еден ден на Земјата ќе живеат само праведни луѓе и дека таа повторно ќе стане рај како градината Еден.

10 Со текот на времето, повеќето Израелци кои тврделе дека му служат на Јехова му свртиле грб и повеќе не му служеле на исправен начин. Затоа Бог им дозволил на Вавилонците да ја освојат и да ја уништат земјата на Израелците и да одведат многумина од нив во ропство (2. Лет. 36:15-21; Ерем. 4:22-27). Сепак, Божјите пророци претскажале дека Јеховиниот народ ќе се врати во својата татковина по 70 години. Тие пророштва навистина се исполниле, но имаат значење и за нас денес. Додека разгледуваме некои од нив, забележи какви докази ни даваат дека во иднина ќе има рај на Земјата.

11. Кое е првото исполнување на Исаија 11:6-9, но кое прашање се поставува?

11 Прочитај Исаија 11:6-9. Преку пророкот Исаија, Бог претскажал дека, откако Израелците ќе се врателе во својата татковина, во земјата ќе имало мир. Никој немало да се плаши дека ќе биде нападнат од животни или од луѓе. И младите и старите ќе биле безбедни. Зарем тоа не те потсетува на рајските услови кои постоеле во градината Еден? (Иса. 51:3). Исто така, Исаија прорекол дека целата земја „ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“. Овде се мисли на сите народи од светот, а не само на Израелците. Кога ќе се случи тоа? Јасно е дека тоа се однесува на иднината.

12. а) Какви благослови доживеале Израелците кои се вратиле од Вавилон? б) Што покажува дека во иднина ќе има уште едно исполнување на пророштвото од Исаија 35:5-10?

12 Прочитај Исаија 35:5-10. Забележи дека Исаија исто така прорекол дека Израелците кои ќе се вратат од Вавилон немало да бидат во опасност ниту од животни ниту од злобни луѓе. Нивната земја ќе давала богат род бидејќи ќе имало изобилство вода, исто како во градината Еден (1. Мој. 2:10-14; Ерем. 31:12). Дали тоа требало да биде единственото исполнување на ова пророштво? Во него било претскажано и дека слепите, сакатите и глувите ќе бидат излекувани. Но ова не се случило со Израелците кои се вратиле од Вавилон. Според тоа, со ова пророштво Бог укажал на тоа дека ќе ги излекува сите болести во иднина.

13, 14. а) Како се исполнило пророштвото од Исаија 65:21-23 кога Израелците се вратиле од Вавилон? б) Кој дел од тоа пророштво допрва треба да се исполни? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

13 Прочитај Исаија 65:21-23. Кога Евреите се вратиле во својата земја, таму немало ниту удобни куќи ниту обработени полиња и лозја. Но, со текот на времето работите се смениле бидејќи Бог ги благословил. Замисли колку биле среќни кога граделе куќи и живееле во нив и кога се насладувале на вкусните плодови што ги одгледувале.

14 Забележи еден важен детаљ во ова пророштво. Во него пишува дека нашите денови „ќе бидат како деновите на дрвото“. Некои дрвја имаат животен век од илјадници години. За луѓето да живеат толку долго, мора да бидат многу здрави. А кога би живееле и во условите што ги прорекол Исаија, тоа навистина би бил живот од соништата — вистински рај! Но ова пророштво не е само сон, тоа сигурно ќе се исполни!

Како ќе се исполни ветувањето на Исус за рајот? (Види во пасуси 15-16)

15. Наведи некои од благословите што се спомнати во книгата Исаија.

15 Размисли како ветувањата кои досега ги разгледавме покажуваат дека во иднина ќе има рај. Целата Земја ќе биде полна со луѓе кои ќе бидат благословени од Бог. Никој нема да биде во опасност од животни или од насилни луѓе. Слепите, глувите и сакатите ќе бидат излекувани. Луѓето ќе можат да градат свои куќи и да уживаат во здрава храна која самите ќе ја одгледуваат. Тие ќе живеат подолго од дрвјата. Во Библијата има докази дека во иднина ќе има таков рај. Но, некои луѓе можеби ќе речат дека овие пророштва не се вистински доказ дека на Земјата ќе има рај. Што би им кажал ти? Кои цврсти докази ги имаш дека во иднина ќе има вистински рај? Исус, најголемиот човек што некогаш живеел, ни дал еден цврст доказ.

ЌЕ БИДЕШ ВО РАЈОТ!

16, 17. Во која ситуација Исус го спомнал рајот?

16 Иако немал никаква вина, Исус бил осуден на смрт и прикован на столб. Со него биле приковани и двајца злосторници — едниот од неговата лева, а другиот од неговата десна страна. Едниот од нив сфатил дека Исус е цар и рекол: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство!“ (Лука 23:39-42). Исус му дал на тој човек едно ветување кое е запишано во Лука 23:43. Тоа ветување е поврзано со твојата иднина. Некои изучувачи го преведуваат овој стих на следниов начин: „Вистина ти велам, денес со мене ќе бидеш во Рајот“. Забележи дека тие ставаат запирка пред зборот „денес“. Постојат различни ставови за тоа каде треба да стои запирката во оваа реченица. А на што мислел Исус кога рекол „денес“?

17 Во многу современи јазици, запирката помага значењето на една реченица да биде појасно. Но во најраните грчки ракописи кои се достапни денес не биле секогаш користени интерпункциски знаци. Затоа можеби се прашуваме дали Исус рекол: „Ти велам, денес ќе бидеш со мене во Рајот“ или: „Ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“? Преведувачите имаат различни ставови за тоа што мислел Исус кога ги кажал тие зборови, и тоа влијае врз нивната одлука дали ќе ја стават запирката пред или по зборот „денес“. Во денешните преводи на Библијата ги има и двата случаи.

18, 19. Што може да ни помогне исправно да ги разбереме зборовите на Исус?

18 Меѓутоа, сети се што им кажал Исус на своите следбеници во врска со својата смрт: „Синот човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи“. Тој исто така рекол: „Синот човечки ќе биде издаден и предаден во рацете на луѓето. Тие ќе го убијат, но на третиот ден ќе воскресне“ (Мат. 12:40; 16:21; 17:22, 23; Мар. 10:34). Апостол Петар кажал дека ова навистина се случило (Дела 10:39, 40). Значи, Исус не отишол во рај дента кога умреле тој и злосторникот покрај него. Исус бил „во гробот“ неполни три дена, сѐ додека Бог не го воскреснал (Дела 2:31, 32). *

19 Според тоа, Исус ја употребил фразата „Вистина, ти велам денес“ за да го воведе ветувањето што му го дал на злосторникот. Тоа бил вообичаен начин на изразување дури и во времето на Мојсеј. Во една прилика, Мојсеј рекол: „Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето“ (5. Мој. 6:6; 7:11; 8:1, 19; 30:15).

20. Што покажува дека нашето разбирање за она што го кажал Исус е точно?

20 Еден преведувач на Библијата од Блискиот Исток рекол: „Во овој стих посебно е истакнат зборот ’денес‘ и треба да гласи: ’Вистина ти велам денес, ќе бидеш со мене во рајот‘. Ветувањето било дадено тој ден, а требало да се исполни подоцна. Овој начин на изразување е карактеристичен за луѓето на Ориентот, и укажува на тоа дека ветувањето било дадено на одреден ден и дека сигурно ќе се исполнело“. Во еден сириски превод од петтиот век, овој стих гласи: „Амин, ти велам тебе денес дека ќе бидеш со мене во градината Еден“. Ова ветување навистина нѐ охрабрува сите нас.

21. Што не се случило со злосторникот, и зошто?

21 Кога зборувал со злосторникот за рајот, Исус не мислел на рај на небото. Од каде го знаеме тоа? Како прво, злосторникот не знаел дека Исус склучил сојуз со своите верни апостоли за да владеат со него на небото (Лука 22:29). Како второ, тој злосторник дури не бил ни крстен (Јован 3:3-6, 12). Јасно е дека тој не бил избран за да оди на небото. Значи, кога Исус му го дал ова ветување, сигурно мислел на рај на Земјата. Со години подоцна, апостол Павле зборувал за едно видение во кое еден човек бил „однесен во рајот“ (2. Кор. 12:1-4). Иако Павле и другите верни апостоли биле избрани да одат на небото за да владеат со Исус, Павле укажал на еден рај кој требало да постои во иднина. * Дали во тој рај била вклучена и Земјата? Можеш ли и ти да бидеш во него?

ШТО МОЖЕШ ДА ОЧЕКУВАШ

22, 23. На што можеш да се надеваш?

22 Не заборавај дека Давид зборувал за едно време кога „праведниците ќе ја поседуваат земјата“ (Пс. 37:29; 2. Пет. 3:13). Тој мислел на времето кога сите луѓе на Земјата ќе живеат во склад со Божјите праведни начела. Пророштвото во Исаија 65:22 вели: „Деновите на мојот народ ќе бидат како деновите на дрвото“. Ова покажува дека луѓето кои ќе му служат на Јехова во новиот свет ќе живеат илјадници години. Дали тоа е можно? Да, бидејќи, според Откровение 21:1-4, Бог ќе ги благослови луѓето, а еден од тие благослови е тоа што „смрт нема да има веќе“.

23 Она што Библијата го вели за рајот е многу јасно. Адам и Ева ја изгубиле можноста да живеат вечно во него, но Земјата повторно ќе стане рај. Како што ветил Бог, тој ќе ги благослови луѓето на Земјата. Давид рекол дека кротките и праведните ќе ја наследат Земјата и ќе живеат вечно на неа. А пророштвата во книгата на Исаија ни помагаат да ѕирнеме во рајот што ни претстои и ја разгоруваат нашата желба да живееме во прекрасните услови што тогаш ќе преовладуваат. Кога ќе биде тоа? Тогаш кога ќе се исполни ветувањето што Исус му го дал на злосторникот. И ти можеш да бидеш во тој рај! Во тоа време ќе се исполнат зборовите што ги кажаа браќата и сестрите на конгресот во Кореја: „Се гледаме во рајот!“

^ пас. 18 Професорот Марвин Пејт напишал дека, според многу изучувачи, кога Исус рекол „денес“, тој всушност сакал да каже дека ќе умре и дека ќе биде во рајот истиот ден, односно во наредните 24 часа. Професорот Пејт додал дека проблемот со ова гледиште е во тоа што не е во склад со другите факти од Библијата. На пример, Библијата вели дека, откако умрел, Исус бил во гробот, а подоцна отишол на небото (Мат. 12:40; Дела 2:31; Рим. 10:7).

^ пас. 21 Види ја статијата „Прашања од читателите“ во ова списание.