Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, вие може да имате исполнет живот

Млади, вие може да имате исполнет живот

Ќе ми дадеш да го запознаам патот на животот (ПС. 16:11)

ПЕСНИ: 133, 89

1, 2. Како искуството на Тони покажува дека секој може да направи промени во животот?

ТОНИ пораснал без татко. Кога бил во средно училиште, не бил многу заинтересиран за учење. Всушност, размислувал предвреме да го прекине школувањето. За време на викендите, Тони одел на кино или се дружел со пријателите. Не бил насилен и не се дрогирал, но немал никаква смисла во животот и се сомневал дали постои Бог. Еден ден, Тони сретнал еден брачен пар Сведоци, и разговарал со нив за своите сомнежи и прашања во врска со Бог. Тие му дале две брошури — Пет важни прашања за потеклото на животот * и Дали животот е Божје дело?

2 Следниот пат кога Сведоците дошле кај Тони, тој имал сосема поинаков став. Толку темелно ги проучил брошурите што целите биле извиткани. Тој им рекол: „Мора да постои Бог“. Прифатил да ја проучува Библијата и постепено го сменил својот став кон животот. Исто така, претходно бил слаб ученик, но откако почнал да проучува, станал еден од најдобрите ученици во школото! Дури и директорот, кој знаел дека Тони ја проучува Библијата со Сведоците, бил воодушевен од таквата промена. Тој му рекол на Тони: „Ти сега имаш многу подобар став кон школото и многу ти се подобрија оценките. Дали тоа е бидејќи се дружиш со Јеховините сведоци?“ Тони потврдно одговорил, и потоа му дал убаво сведоштво на директорот. Тони го завршил средното образование и денес служи како општ пионер и слуга-помошник. Многу е среќен што го запознал Јехова Бог, кој сега е негов татко што со многу љубов се грижи за него (Пс. 68:5).

БИДИ МУ ПОСЛУШЕН НА ЈЕХОВА, И ЌЕ ИМАШ УСПЕШЕН ЖИВОТ

3. Кој совет им го дава Јехова на младите?

3 Искуството на Тони нѐ потсетува дека Јехова многу се грижи за вас младите. Тој сака вие да имате вистински успешен и исполнет живот. Затоа ви го дава следниот совет: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ (Проп. 12:1). Ова не е секогаш лесно, но не е невозможно. Со помошта од Бог, вие можете да бидете успешни и среќни не само додека сте млади туку и низ целиот живот. За подобро да го разбереме ова, сега ќе видиме што им помогнало на Израелците да ја освојат Ветената земја и како Давид успеал да го победи Голијат.

4, 5. Која корисна поука можеме да ја научиме од начинот на кој Израелците ја освоиле ханаанската земја и од начинот на кој Давид го победил Голијат? (Види ги сликите на почетокот од статијата.)

4 Кога Израелците биле на прагот на Ветената земја, Јехова не им заповедал да станат повешти војници или да се подготват за војна (5. Мој. 28:1, 2). Наместо тоа, им рекол да му бидат послушни и да имаат доверба во него (Ис. Нав. 1:7-9). Од човечка гледна точка, ваквиот совет можеби немал никаква смисла. Но, всушност, тоа бил најдобриот совет за Израелците бидејќи Јехова им помогнал да бидат успешни во битките против Ханаанците (Ис. Нав. 24:11-13). Од овој пример учиме дека ни е потребна вера за да му бидеме послушни на Бог, но таа вера секогаш води кон успех. Оваа вистина е непроменлива — важела во минатото, а важи и денес.

5 Голијат бил силен воин. Тој бил речиси три метри висок, и бил добро наоружан (1. Сам. 17:4-7). За разлика од него, Давид имал само праќа и вера во својот Бог, Јехова. Оние што немале вера сигурно мислеле дека Давид е безумен. Но, всушност, Голијат бил безумен (1. Сам. 17:48-51).

6. Што ќе разгледаме во оваа статија?

6 Во претходната статија разгледавме четири работи што можат да ни помогнат да бидеме посреќни и поуспешни во животот. Научивме дека треба да ги задоволуваме нашите духовни потреби, да бараме пријатели меѓу оние што го сакаат Бог, да си поставуваме цели кои ќе му дадат смисла на нашиот живот и да ја цениме слободата што ни ја дава Бог. Во оваа статија уште подетално ќе ги разгледаме овие работи. Во тоа ќе ни помогнат неколку начела кои се наоѓаат во Псалм 16.

ЗАДОВОЛУВАЈ ГИ СВОИТЕ ДУХОВНИ ПОТРЕБИ

7. а) Како би го опишал духовниот човек? б) Што било „дел од наследството“ на Давид, и како ова влијаело врз него?

7 Духовниот човек има вера во Бог и се труди да гледа на работите од Божја гледна точка. Тој бара водство од Јехова и решен е да му биде послушен (1. Кор. 2:12, 13). Давид е добар пример во овој поглед. Тој рекол: „Јехова е дел од наследството мое“ (Пс. 16:5). Во ова било вклучено неговото пријателство со Јехова, кој му бил прибежиште (Пс. 16:1). Како резултат на тоа, Давид рекол: „Се радува моето срце“. Навистина, ништо не му причинувало поголема радост на Давид од неговото пријателство со Јехова. (Прочитај Псалм 16:9, 11.)

8. Што може да му даде вистинска смисла на твојот живот?

8 Луѓето на кои им се најважни парите и задоволствата никогаш нема да можат да ја имаат радоста што ја чувствувал Давид (1. Тим. 6:9, 10). Еден брат од Канада рекол: „Вистинското задоволство не произлегува од она што можеме да го добиеме во животот, туку од она што можеме да му го дадеме на Јехова Бог, кој ни го дава секој добар дар“ (Јак. 1:17). Ако стекнеш вера во Јехова и ако му служиш, ќе бидеш среќен и ќе имаш вистинска смисла во животот. Тогаш, како можеш да ја зголемиш својата вера? Треба да минуваш време со Бог, односно, да ја читаш неговата Реч, да ги набљудуваш прекрасните работи што ги создал и да размислуваш за неговите особини, во кои спаѓа и љубовта што ја покажува кон тебе (Рим. 1:20; 5:8).

9. Како може да ѝ дозволиш на Божјата Реч да те обликува?

9 Понекогаш Бог ја покажува својата љубов кон нас така што нѐ исправа кога грешиме, исто како што прави еден грижлив татко. Давид многу ги ценел советите од Јехова, и рекол: „Ќе го благословувам Јехова, кој ме советува. Ноќе ме опоменуваат моите најскриени чувства“ (Пс. 16:7, фус.). Давид длабоко размислувал за тоа како Јехова гледа на работите и се трудел да научи да размислува како него. Тој дозволил Божјите мисли да го обликуваат, односно да му помогнат да стане подобра личност. Ако и ти го правиш тоа, ќе имаш сѐ поголема љубов кон Бог и сѐ поголема желба да му бидеш послушен. Исто така, ќе станеш духовно зрел христијанин. Една сестра по име Кристин вели: „Кога истражувам и кога размислувам за она што сум го прочитала, имам чувство дека Јехова го напишал тоа токму за мене!“

10. Според Исаија 26:3, како ти користи тоа што си духовна личност?

10 Ако си духовна личност, ќе гледаш на светот и на неговата иднина онака како што гледа Јехова. Зошто Бог се погрижил да имаме вакво знаење и увид во работите? Тој сака на прво место во животот да ги ставиш работите кои се вистински важни, да носиш мудри одлуки и да не се плашиш од она што може да ти го донесе иднината! (Прочитај Исаија 26:3.) Еден брат по име Џошуа кој живее во САД вели дека, ако останеш близок со Јехова, ќе ти биде јасно што е важно во животот, а што не е толку важно.

ИЗБИРАЈ ДОБРИ ПРИЈАТЕЛИ

11. Како Давид ги избирал своите пријатели?

11 Прочитај Псалм 16:3. Давид знаел како да избере добри пријатели. За свои пријатели ги избирал оние што го сакале Јехова, а ова му причинувало голема радост. Тој ги нарекол „светите“ бидејќи се труделе да живеат во склад со Јеховините морални мерила. Друг псалмист имал ист став во врска со изборот на пријатели. Тој напишал: „Другар сум им на сите што се бојат од тебе и на оние што се држат за твоите наредби“ (Пс. 119:63). Како што видовме во претходната статија, и ти можеш да најдеш многу добри пријатели меѓу оние што го сакаат Јехова и што му се послушни. И се разбира, твоите пријатели не мора да бидат на иста возраст како тебе.

12. Зошто Давид и Јонатан биле добри пријатели?

12 Псалмистот Давид не ги избирал за пријатели само оние што биле на негова возраст. Можеш ли да се сетиш на еден од блиските пријатели на Давид? Можеби помислуваш на Јонатан. Пријателството меѓу Давид и Јонатан е едно од најубавите кои се запишани во Библијата. Но, дали си знаел дека Јонатан бил околу 30 години постар од Давид? Тогаш, зошто биле толку добри пријатели? Бидејќи и двајцата имале вера во Бог и длабоко се почитувале еден со друг. Исто така, тие ги ценеле убавите особини кои ги гледале кај другиот како, на пример, храброста што ја покажале додека се бореле со Божјите непријатели (1. Сам. 13:3; 14:13; 17:48-50; 18:1).

13. Како можеш да стекнеш повеќе пријатели? Наведи пример.

13 Исто како Давид и Јонатан, и ние можеме да ја почувствуваме радоста што ја носи пријателството со оние кои го сакаат Јехова и имаат вера во него. Кира, која со години му служи на Јехова, вели: „Имам пријатели низ целиот свет. Тие се со најразлично потекло и култура“. Ако и ти си го прошириш кругот на пријатели, и самиот ќе се увериш дека сме едно големо меѓународно семејство кое е обединето со помош на Божјата Реч и светиот дух.

ПОСТАВУВАЈ СИ ЦЕЛИ КОИ ЌЕ МУ ДАДАТ СМИСЛА НА ТВОЈОТ ЖИВОТ

14. а) Што може да ти помогне да си поставиш цели кои ќе му дадат смисла на твојот живот? б) Што велат некои млади за нивните цели?

14 Прочитај Псалм 16:8. Најважното нешто во животот на Давид била службата за Бог. И ти ќе имаш исполнет живот ако службата за Јехова ти е на прво место во животот и ако секогаш го имаш него на ум кога си поставуваш цели. Еден брат по име Стивен вели: „Кога се трудам да постигнам некоја цел, кога ќе ја остварам и кога ќе ги видам резултатите, чувствувам големо задоволство“. Еден млад брат од Германија кој служи во друга земја рекол: „Кога ќе остарам и ќе размислувам за мојот живот, не сакам да дојдам до заклучок дека сѐ што сум правел било само за мене“. Дали и ти го имаш истиот став? Ако да, тогаш користи ги своите способности и таленти за да го славиш Бог и да им помагаш на другите (Гал. 6:10). Поставувај си духовни цели и моли го Јехова да ти помогне да ги оствариш. Тој со задоволство ќе ти одговори на таквите молитви (1. Јов. 3:22; 5:14, 15).

15. Какви цели би можел да си поставиш? (Види ја рамката „ Цели кои би можел да си ги поставиш“.)

15 Какви цели би можел да си поставиш? На пример, би можел со свои зборови да коментираш на состаноците, да почнеш со пионерска служба или да служиш во Бетел. Исто така, би можел да научиш друг јазик за да им проповедаш на луѓе кои го зборуваат тој јазик. Еден млад брат по име Барак, кој е во полновремена служба, вели: „Тоа што знам дека секој нов ден ја трошам сета моја сила за Јехова ме исполнува со радост што не може да ми ја донесе ниту една друга активност“.

ЦЕНИ ЈА СЛОБОДАТА ШТО ТИ ЈА ДАВА ЈЕХОВА

16. Како Давид покажал ценење за Јеховините мерила?

16 Како што дознавме во претходната статија, кога живееме според Божјите мерила, стануваме вистински слободни бидејќи учиме да го сакаме она што е добро и да го мразиме она што е зло (Амос 5:15). Давид сфатил дека Јеховината добрина е голема (Пс. 31:19). Тој покажал дека ги цени Божјите мерила. Како? Така што се трудел да го следи примерот на Јехова и да покажува добрина како него. Исто така, Давид научил да го мрази она што е зло во Божји очи. Една од овие работи е идолопоклонството. Тоа ги понижува луѓето и ги спречува да му ја даваат на Јехова славата која само тој ја заслужува (Иса. 2:8, 9; Отк. 4:11).

17, 18. а) Што кажал Давид во врска со последиците што ги носи обожавањето на лажни богови? б) Од кои причини денес на луѓето „им се множат болките“?

17 Во библиско време, обожавањето на лажните богови честопати вклучувало сексуален неморал (Оси. 4:13, 14). На многу луѓе им се допаѓала лажната религија бидејќи им дозволувала да вршат неморал. Но тоа не ги правело вистински среќни. Напротив! Давид рекол дека на оние што обожаваат лажни богови „им се множат болките“. (Прочитај Псалм 16:4.) Овие луѓе дури ги жртвувале своите деца на лажни богови! (Иса. 57:5). На Јехова му била одвратна таквата суровост (Ерем. 7:31). Да си живеел во тоа време, сигурно би бил многу благодарен доколку твоите родители му служеле на Јехова.

18 И денес лажната религија го одобрува сексуалниот неморал, во што спаѓа и хомосексуалноста. Неморалниот начин на живот може да ги наведе луѓето да си мислат дека се слободни, но всушност ним „им се множат болките“ (1. Кор. 6:18, 19). Дали го гледаш тоа? Затоа, млади, бидете му послушни на вашиот небесен Татко и уверете се дека тоа е за ваше добро. Размислувајте за тешките последици што ги носи неморалот и не заборавајте дека болката што ја предизвикува е многу поголема од моменталното задоволство (Гал. 6:8). Џошуа, кој го спомнавме претходно, рекол: „Можеме да ја користиме нашата слобода како што сакаме, но ако ја злоупотребиме, само ќе се разочараме“.

19, 20. Какви благослови ги очекуваат младите кои му се послушни на Јехова и имаат вера во него?

19 Исус рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Благодарение на Јехова, ние сме ослободени од лажната религија, од суеверие и не сме во незнаење. А се надеваме и дека во иднина ќе ја добиеме „славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21). Уште денес можеш до одредена мера да ја чувствуваш таа слобода така што ќе ги следиш учењата на Исус. Тоа ќе ти овозможи на посебен начин да ја запознаеш вистината — така што на своја кожа ќе ја почувствуваш нејзината вредност.

20 Млади, ценете ја слободата што ви ја дал Бог. Ако мудро ја користите, ве чека прекрасна иднина. Еден млад брат рекол: „Ако уште како млад мудро ја користиш својата слобода, подоцна во животот ќе можеш да донесеш мудри одлуки за многу поважни работи како, на пример, какво вработување да избереш, или дали да стапиш во брак или да останеш самец некое време“.

21. Како можеш да останеш на патот на „вистинскиот живот“?

21 Во овој свет, дури и она што луѓето го сметаат за добар живот нема никаква сигурност и кратко трае. Никој од нас не знае што му носи утрешниот ден (Јак. 4:13, 14). Затоа, мудро е да останеш на патот кој води до „вистинскиот живот“ — вечниот живот (1. Тим. 6:19). Се разбира, Јехова не присилува никого да оди на тој пат. Изборот е наш. Затоа, труди се Јехова да биде дел од твоето наследство. Цени ги сите добри работи што тој ти ги дава (1. Тим. 6:17). И имај вера дека ќе ти помага да бидеш радосен и среќен во сета вечност (Пс. 16:11).

^ пас. 1 Оваа брошура ја нема на македонски, но достапна е на српски и на хрватски јазик.