Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, вашиот Творец сака да бидете среќни

Млади, вашиот Творец сака да бидете среќни

Бог ни дава сѐ за да уживаме (1. ТИМ. 6:17)

ПЕСНИ: 135, 39

1, 2. Зошто е мудро да го слушаш твојот Творец кога одлучуваш на што ќе го посветиш својот живот? (Види ги сликите на почетокот од статијата.)

АКО си млада личност, веројатно добиваш многу совети за твојата иднина. Наставниците, педагозите и некои други можеби те поттикнуваат да стекнеш високо образование или да изградиш успешна кариера во светот и да заработуваш многу пари. Но, Јехова ти дава поинаков совет. Се разбира, тој сака да вложуваш голем труд додека си на училиште за да можеш самостојно да се издржуваш откако ќе завршиш со школувањето (Кол. 3:23). Исто така, Јехова знае дека, кога си млад, треба да донесеш важна одлука — на што ќе го посветиш својот живот. Затоа ти дава мудри начела кои можат да те водат и да ти помогнат да живееш во склад со неговата волја во текот на овие последни денови (Мат. 24:14).

2 Не заборавај дека Јехова знае сѐ — знае што ќе се случи во иднина и колку сме блиску до крајот на овој свет (Иса. 46:10; Мат. 24:3, 36). Јехова знае сѐ и за тебе. Знае што ќе те направи вистински среќен, а што ќе те направи несреќен. Според тоа, без разлика колку мудар може да изгледа некој совет од луѓето, ако не се темели на Божјата Реч, тогаш воопшто не е мудар (Изр. 19:21).

САМО ЈЕХОВА ДАВА ВИСТИНСКА МУДРОСТ

3, 4. Како тоа што Адам и Ева послушале лош совет влијаело врз нив и врз нивните потомци?

3 Првиот лош совет бил даден на почетокот од човечката историја. Ѓаволот ѝ кажал на Ева дека таа и Адам ќе бидат посреќни ако сами одлучуваат како ќе живеат (1. Мој. 3:1-6). Но, всушност, Сатана имал себични мотиви. Тој сакал Адам и Ева, како и нивните потомци, нему да му бидат послушни и нему да му служат, а не на Јехова. Но што направил Сатана за нив? Ништо! Всушност, Јехова им дал сѐ што имале — брачен другар, прекрасна градина во која живееле, совршени тела и можност да живеат вечно.

4 За жал, Адам и Ева не му биле послушни на Бог. Со тоа се одвоиле од Оној што им го дал животот. Последиците биле катастрофални. Слично на еден скинат цвет, тие почнале постепено да венеат и на крајот умреле. А поради нивниот грев, страдаат и сите нивни потомци (Рим. 5:12). Повеќето луѓе денес не го слушаат Бог и сакаат да си живеат по свое (Еф. 2:1-3). Со каков резултат? Јасно е дека секогаш има лоши последици кога луѓето му се противат на Бог. Затоа Библијата вели дека нема мудрост против Јехова (Изр. 21:30).

5. Каква доверба имал Бог во луѓето, и дали таквата доверба била оправдана?

5 Јехова бил сигурен дека некои луѓе, вклучувајќи и многу млади, ќе сакаат да го запознаат и да му служат (Пс. 103:17, 18; 110:3). Јехова многу ги цени овие млади луѓе! Дали и ти си еден од нив? Ако да, тогаш сигурно добиваш голем број благослови од Бог кои те прават многу среќен (1. Тим. 6:17; Изр. 10:22). Сега ќе разгледаме четири од тие благослови — духовна храна, добри пријатели, цели кои му даваат смисла на твојот живот и вистинска слобода.

ЈЕХОВА ТИ ДАВА ДУХОВНА ХРАНА

6. Зошто треба да се трудиме да ги задоволиме своите духовни потреби, и што ни дава Јехова за таа цел?

6 За разлика од животните, ние имаме духовни потреби, кои може да ги задоволи само нашиот Творец (Мат. 4:4). Кога сме му послушни на Бог, стекнуваме знаење и мудрост. Исто така, послушноста кон Бог нѐ прави среќни. Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). Бог ни ги задоволува духовните потреби преку својата Реч и духовната храна што ни ја дава преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Ние навистина имаме изобилство духовна храна! (Иса. 65:13, 14).

7. Како ти користи духовната храна што ја дава Бог?

7 Духовната храна ќе ти даде мудрост и способност да расудуваш — особини кои можат да те заштитат во многу ситуации. (Прочитај Изреки 2:10-14.) На пример, овие особини ќе ти помогнат да ги препознаеш лажните учења, како што е учењето дека не постои Творец. Тие ќе те штитат и од лагата дека парите и материјалните работи ќе те направат среќен. Исто така, ќе ти помогнат да ги препознаеш и да се бориш со погрешните желби и штетните навики. Затоа, дај сѐ од себе за да стекнеш мудрост и да ја подобриш својата способност за расудување. Додека ги стекнуваш тие скапоцени особини, самиот ќе се увериш дека Јехова те сака и дека ти го мисли најдоброто (Пс. 34:8; Иса. 48:17, 18).

8. Зошто треба уште сега да станеш поблизок со Бог, и како тоа ќе ти користи во иднина?

8 Наскоро, секој дел од светот на Сатана ќе биде уништен. Тогаш само Јехова ќе може да нѐ заштити и да ни го даде она што ни е потребно, во што може да спаѓа и храната која ќе ни биде неопходна за да преживееме (Авак. 3:2, 12-19). Затоа, сега е времето да станеш поблизок со твојот небесен Татко и да си ја зајакнеш довербата во него (2. Пет. 2:9). Ако го правиш тоа, тогаш, без разлика што ќе се случува околу тебе, ќе се чувствуваш како Давид, кој рекол: „Постојано го имам Јехова пред себе. Тој ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам“ (Пс. 16:8).

ЈЕХОВА ТИ ГИ ДАВА НАЈДОБРИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

9. а) Според Јован 6:44, што прави Јехова? б) Што веќе знаеме за браќата и сестрите кои за првпат ќе ги сретнеме, и зошто тоа е нешто посебно?

9 Кога првпат ќе се запознаеш со некој што не е во вистината, колку работи знаеш за тоа лице? Можеби ќе ти каже како се вика и ќе видиш како изгледа, но веројатно не знаеш ништо повеќе од тоа. За разлика од тоа, многу поинаку е кога за првпат ќе сретнеш некој што е во вистината. Знаеш дека тоа лице го сака Јехова. Знаеш дека Јехова му дозволил да биде дел од неговото духовно семејство бидејќи видел нешто добро во него. (Прочитај Јован 6:44.) Без разлика на потеклото, воспитувањето и културата на тој човек, ти веќе знаеш многу за него, а и тој за тебе!

Јехова сака да ги имаме најдобрите пријатели и да си поставуваме духовни цели (Види во пасуси 9-12)

10, 11. Што е заедничко за сите Јеховини слуги, и каков благослов е тоа за нас?

10 Штом ќе сретнеш некој Јеховин сведок, знаеш дека имате многу заеднички работи. На пример, дури и ако зборувате различни јазици, сепак и двајцата го зборувате истиот „чист јазик“ на вистината (Соф. 3:9). Тоа значи дека и двајцата верувате во Бог, живеете според истите морални мерила и имате иста надеж за иднината. Ова се најважните работи што можеш да ги знаеш за некого, работи кои помагаат да имате меѓусебна доверба и да изградите цврсто пријателство што ќе трае засекогаш.

11 Не е претерано да кажеш дека, како слуга на Јехова, ти ги имаш најдобрите пријатели. Такви пријатели имаш низ целиот свет, иако сѐ уште не си ги запознал сите нив. Кој друг освен Јеховиниот народ го има овој скапоцен дар?

ЦЕЛИ КОИ МУ ДАВААТ СМИСЛА НА ТВОЈОТ ЖИВОТ

12. Кои духовни цели можеш да си ги поставиш?

12 Прочитај Проповедник 11:9 — 12:1. Дали имаш една или повеќе духовни цели кои се трудиш да ги оствариш? Можеби имаш цел да ја читаш Библијата секој ден. Можеби се трудиш да даваш подобри коментари или подобро да ги изнесуваш своите задачи на состаноците. Или можеби се трудиш поделотворно да ја користиш Библијата во служба. Како се чувствуваш кога ќе забележиш дека си се подобрил во нешто или кога другите ќе го забележат тоа и ќе те пофалат? Без сомнение, многу си среќен. И треба да бидеш, бидејќи, по примерот на Исус, го правиш она што Јехова го очекува од тебе (Пс. 40:8; Изр. 27:11).

13. Зошто е многу подобро да го посветиме животот на службата за Бог отколку на световни цели?

13 Ако го посветиш својот живот на службата за Јехова, ќе бидеш вистински среќен и ќе имаш смисла во животот. Апостол Павле напишал: „Бидете постојани, непоколебливи, секогаш зафатени во делото на Господарот, знаејќи дека вашиот труд во Господарот не е залуден“ (1. Кор. 15:58). За разлика од тоа, кога луѓето се посветуваат на световни цели како, на пример, да заработат многу пари или да станат славни, тие не се вистински среќни. Дури и ако се успешни во она што го прават, честопати во себе чувствуваат празнина (Лука 9:25). Ова го дознаваме од примерот на цар Соломон (Рим. 15:4).

14. Што можеш да научиш од она што го направил Соломон?

14 Соломон бил еден од најбогатите и најмоќните луѓе што некогаш живееле. Тој решил да им се препушти на уживањата за да види дали тоа ќе го направи среќен (Проп. 2:1-10). Затоа изградил раскошни куќи, направил прекрасни градини и паркови, и правел сѐ што ќе посакал. Како се чувствувал потоа? Исполнет? Задоволен? Среќен? Не треба да нагаѓаме. Самиот Соломон напишал: „Кога се осврнав на сите свои дела што ги направија рацете мои... увидов дека сѐ беше суета... од сето тоа немаше никаква корист“ (Проп. 2:11). Дали ќе извлечеш корист од оваа важна поука?

15. Зошто е важно да имаш вера, и како таа ќе ти помогне во склад со Псалм 32:8?

15 Некои луѓе ги учат важните животни лекции на потешкиот начин — преку сопствените грешки. Но ова може да ни донесе многу страдања, а Јехова сака да нѐ поштеди од тоа. Тој сака да му бидеш послушен и да ти биде најважно да ја вршиш неговата волја. За ова е потребна вера, но никогаш нема да зажалиш за одлуките што ќе ги донесеш поради својата вера. Освен тоа, Јехова никогаш нема да ја заборави љубовта што ја покажуваш кон неговото име (Евр. 6:10). Затоа, дај сѐ од себе за да изградиш силна вера. Тогаш ќе носиш мудри одлуки во животот и самиот ќе се увериш дека твојот небесен Татко ти го мисли најдоброто. (Прочитај Псалм 32:8.)

БОГ ТИ ДАВА ВИСТИНСКА СЛОБОДА

16. Зошто треба да ја цениме слободата и мудро да ја користиме?

16 Павле напишал: „Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата“ (2. Кор. 3:17). Јехова ја сака слободата, а таква љубов кон слободата ставил и во нашето срце. Но, во исто време, тој сака да ја користиш својата слобода на мудар начин, а тоа ќе ти служи како заштита. Можеби некои од твоите врсници гледаат порнографија, вршат неморал, се занимаваат со ризични спортови, се дрогираат или се опиваат. На почеток, овие работи може да изгледаат забавни или возбудливи, но тие честопати носат страшни последици како, на пример, болести, зависност, па дури и смрт (Гал. 6:7, 8). Младите кои ги прават овие работи можеби мислат дека се слободни, но тие, всушност, само се залажуваат себеси (Тит 3:3).

17, 18. а) Во која смисла послушноста кон Бог ни дава вистинска слобода? б) Зошто може да се каже дека Адам и Ева имале поголема слобода од луѓето денес?

17 Од друга страна, дали познаваш некој што се разболел поради тоа што се држел за библиските мерила? Јасно е дека послушноста кон Јехова е корисна за нашето здравје и ни дава вистинска слобода (Пс. 19:7-11). Што е уште поважно, кога мудро ја користиш својата слобода, односно кога живееш во склад со Божјите совршени закони и начела, им покажуваш и на Бог и на твоите родители дека си одговорна личност. Поради тоа, родителите веројатно ќе имаат поголема доверба во тебе и ќе ти дадат повеќе слобода. А Јехова ветува дека на сите свои верни слуги наскоро ќе им даде совршена слобода која во Библијата е наречена „славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21).

18 Адам и Ева почувствувале таква слобода. Во рајската градина, Бог им забранил само една работа — им кажал да не јадат од плодот на едно дрво (1. Мој. 2:9, 17). Што мислиш, дали таа единствена забрана била премногу строга или неправедна? Се разбира дека не! Спореди го тоа со огромниот број на човечки закони кои сме принудени да ги почитуваме.

19. На кој начин уште сега Јехова и Исус нѐ поучуваат да бидеме слободни луѓе?

19 Јехова постапува многу мудро со своите слуги. Наместо да ни даде безброј закони, тој стрпливо нѐ поучува да му бидеме послушни на законот на љубовта. Тој сака да живееме според неговите начела и да го мразиме злото (Рим. 12:9). Во Проповедта на гората, неговиот Син, Исус, ни помогнал да разбереме зошто луѓето прават лоши работи (Мат. 5:27, 28). А во новиот свет, како Цар на Божјето Царство, Исус ќе продолжи да нѐ поучува да го имаме неговото гледиште за тоа што е исправно, а што погрешно (Евр. 1:9). Исто така, тој ќе ни помогне да станеме совршени — и умствено и физички. Замисли, повеќе нема да бидеме на искушение да правиме лоши работи и нема да страдаме поради несовршеноста. Тогаш, конечно ќе ја добиеме „славната слобода“ што ни ја ветил Јехова.

20. а) Како Јехова ја користи својата слобода? б) Зошто е корисно да го следиме примерот на Бог?

20 Се разбира, нашата слобода никогаш нема да биде неограничена. Сите наши постапки секогаш ќе треба да бидат поттикнати од љубов кон Бог и кон луѓето. Всушност, сѐ што бара Јехова од нас е да го следиме неговиот пример. Иако тој има неограничена слобода, сепак избира љубовта да го води во сѐ што прави, вклучувајќи го и начинот на кој постапува со нас (1. Јов. 4:7, 8). Според тоа, логично е да заклучиме дека може да бидеме вистински слободни само ако постапуваме како Бог.

21. а) Какви чувства имал Давид кон Јехова? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Дали си благодарен за сето она што го добиваш од Јехова? Тој ти дал духовна храна, добри пријатели, можност да си поставуваш цели кои му даваат смисла на твојот живот, можност да добиеш совршена слобода и многу други прекрасни дарови (1. Тим. 6:17). Веројатно се чувствуваш како Давид, кој во молитва ги кажал зборовите запишани во Псалм 16:11: „Ќе ми дадеш да го запознаам патот на животот. Твоето лице ќе ме насити со радост, а во твојата десница е вечното блаженство“. Во следната статија ќе разгледаме и други скапоцени вистини од Псалм 16. Тие ќе ти помогнат да дознаеш како можеш да водиш вистински среќен живот!