Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Бидете благодарни“

„Бидете благодарни“

ДАЛИ мислиш дека си благодарна личност? Добро е секој од нас да размисли за ова прашање. Во Библијата е проречено дека во наше време, многу луѓе ќе бидат неблагодарни (2. Тим. 3:2). Веројатно познаваш луѓе кои сметаат дека другите се должни да прават нешто за нив или да им даваат работи. Можеби затоа мислат дека не треба да бидат благодарни за она што го добиваат од другите. Сигурно ќе се согласиш дека не е пријатно да бидеш со такви луѓе.

За разлика од тоа, Јехова ги поттикнува своите слуги: „Бидете благодарни!“ Исто така, во Божјата Реч пишува: „За сѐ благодарете“ (Кол. 3:15; 1. Сол. 5:18). Всушност, ако сме благодарни, тоа многу ќе ни користи. Зошто го велиме ова? Да разгледаме неколку причини.

БЛАГОДАРНОСТА НИ ПОМАГА ДА ИМАМЕ ПОЗИТИВНО ГЛЕДИШТЕ ЗА СЕБЕСИ

Една важна причина зошто треба секогаш да бидеме благодарни е бидејќи тоа ни помага позитивно да гледаме на себеси. Човек што им се заблагодарува на другите веројатно има добро мислење за себе. Но, и оној кому некој ќе му се заблагодари се чувствува убаво. Зошто благодарноста ги прави сите среќни? Да разгледаме еден пример: Кога другите сакаат да одвојат време за да направат нешто за тебе, сигурно сметаат дека го заслужуваш тоа. Тие те сакаат и се грижат за тебе. Кога ќе го сфатиш тоа, ти се зголемува самопочитта. Можеме да бидеме сигурни дека истото било случај и со Рут. Вооз бил дарежлив кон неа. Без сомнение, Рут била пресреќна кога видела дека некој ја цени и се грижи за неа (Рут 2:10-13).

Некој што особено заслужува да му бидеме благодарни е Бог. Сигурно понекогаш помислуваш на многуте дарови што ни ги дал, и што и понатаму ни ги дава (5. Мој. 8:17, 18; Дела 14:17). Но добро е да одвоиш повеќе време за длабоко да размислуваш за дарежливоста на Бог и за сета добрина што ја покажува кон тебе и кон твоите најблиски. Тоа ќе ја зголеми твојата благодарност кон Јехова и уште повеќе ќе те увери дека тој многу те сака и те цени (1. Јов. 4:9).

Но, освен што ќе размислуваш за дарежливоста на Јехова и за благословите што ти ги дава, добро е и да му ја изразиш својата благодарност (Пс. 100:4, 5). Кога им се заблагодаруваме на другите, и самите се чувствуваме среќни.

БЛАГОДАРНОСТА ГИ ЗБЛИЖУВА ЛУЃЕТО

Друга причина зошто е корисна благодарноста е бидејќи таа ги зајакнува пријателствата. Секој од нас има потреба да знае дека другите го ценат. Кога некому искрено му се заблагодаруваме, стануваме поблиски пријатели (Рим. 16:3, 4). Освен тоа, оние што се благодарни обично се спремни да им помагаат на другите. Тие забележуваат кога некој ќе направи нешто добро за нив и тоа ги поттикнува и самите да им прават добро на другите. И, кога помагаме некому, се чувствуваме среќно. Токму тоа го рекол Исус: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

Роберт Емонс, професор на еден универзитет во Калифорнија, го кажал следново: „За да бидеме благодарни, треба да сфатиме дека зависиме еден од друг. Понекогаш ние им даваме нешто на другите, а понекогаш ние добиваме нешто од нив“. Факт е дека нашиот живот и нашата среќа во голема мера зависат од другите. На пример, можеби ни даваат храна или ни помагаат кога сме болни (1. Кор. 12:21). Оној што е благодарен забележува што прават другите за него. Имајќи го тоа предвид, дали имаш навика да им се заблагодаруваш на другите за тоа што го прават за тебе?

БЛАГОДАРНОСТА ВЛИЈАЕ ВРЗ ТВОЈОТ ПОГЛЕД КОН ЖИВОТОТ

Уште една причина зошто е корисно да бидеме благодарни е бидејќи тоа ни помага да се концентрираме на позитивните, а не на негативните работи. Во некоја смисла, нашиот ум е како филтер — ни дозволува да се концентрираме само на одредени аспекти од нашето опкружување, а ги блокира другите. Кога сме благодарни, повеќе ќе мислиме на позитивните работи, а помалку на проблемите. Колку поблагодарни сме, толку посвесни сме за добрите работи околу нас. А тоа уште повеќе ни ја зголемува благодарноста. Тоа што ќе се концентрираме на работите за кои можеме да бидеме благодарни, ќе ни помогне да го следиме советот на апостол Павле: „Секогаш радувајте се во Господарот“ (Фил. 4:4).

Благодарноста ти помага да не размислуваш негативно. Сигурно ќе се согласиш дека е многу тешко да бидеш благодарен, а во исто време да бидеш љубоморен, тажен или гневен. Исто така, благодарните луѓе обично не се преокупирани со материјални работи. Тие се задоволни со она што го имаат и не се оптоваруваат со желбата да имаат повеќе (Фил. 4:12).

РАЗМИСЛУВАЈ ЗА БЛАГОСЛОВИТЕ!

Како Божји слуги, свесни сме дека Сатана би сакал да бидеме тажни и обесхрабрени од проблемите со кои се соочуваме во овие последни денови. Тој би се радувал да бидеме негативни и постојано да се жалиме за нешто. Ако имаме таков став, тогаш ќе им отежнеме на луѓето да ја прифатат добрата вест. Благодарноста е тесно поврзана со плодовите на Божјиот дух. На пример, ако сме благодарни, полесно ни е да бидеме радосни. Таа радост произлегува од тоа што ги гледаме добрите работи што ни ги дава Бог и од верата што ја имаме во Божјите ветувања (Гал. 5:22, 23).

Бидејќи си дел од Јеховиниот народ, веројатно се согласуваш со тоа што беше кажано за благодарноста во оваа статија. Сепак, свесен си дека не е секогаш лесно да бидеме благодарни и позитивни. Но, не дозволувај тоа да те обесхрабри. Ти можеш да научиш да бидеш уште поблагодарен. Како? Секој ден одвојувај време за да размислуваш за некои аспекти од твојот живот за кои можеш да бидеш благодарен. Колку почесто го правиш тоа, толку полесно ќе ти биде да чувствуваш и да покажуваш благодарност. Тоа ќе ти помогне да бидеш многу посреќен од оние што се концентрираат само на проблемите во животот. Размислувај за добрите работи што ги прават Бог и другите за тебе — работи што те охрабруваат и што те радуваат. Би можел дури и да почнеш да си водиш дневник. Во него можеш да си запишеш две или три работи за кои си благодарен секој ден.

Некои стручњаци откриле дека, кога редовно им се заблагодаруваме на другите, тоа може да го смени начинот на кој функционира нашиот мозок, односно да ни помогне да гледаме попозитивно на животот. Благодарните луѓе се посреќни. Затоа размислувај за твоите благослови, уживај во добрите работи што ти се случуваат и секогаш биди благодарен! Немој да ги земаш добрите работи во животот здраво за готово бидејќи Библијата нѐ поттикнува: „Благодарете му на Јехова, зашто е добар“ и „За сѐ благодарете“ (1. Лет. 16:34; 1. Сол. 5:18).