Прашања од читателите
Кога ѝ кажал на Ева дека нема да умре доколку јаде од дрвото на познавањето на доброто и злото, дали Сатана сакал да ја наведе да верува во бесмртност на душата, како што веруваат многу луѓе денес?
По сѐ изгледа не. Зошто може да го кажеме тоа? Ѓаволот не ѝ рекол на Ева дека, ако јаде од плодот што го забранил Бог, ќе умре само нејзиното тело, а нејзината душа ќе продолжи да живее на друго место. Зборувајќи преку змијата, Сатана тврдел дека Ева сигурно нема да умре ако јаде од плодот на тоа дрво. Тој сакал да каже дека таа ќе продолжи да живее, дека ќе има поубав живот на Земјата и дека ќе биде независна од Бог (1. Мој. 2:17; 3:3-5).
Ако лажното верување за бесмртност на душата не потекнува од рајската градина, тогаш кога се појавило? Не можеме да кажеме со сигурност. Но знаеме дека сите лажни учења биле отстранети во Потопот од времето на Ное. Ниту едно лажно религиозно учење не останало по Потопот бидејќи преживеале само Ное и неговото семејство — а сите тие му служеле на Јехова.
Значи, учењето за бесмртност на душата сигурно се појавило по Потопот. А како се раширило ова учење? Кога Бог ги помешал јазиците во Вавилон и луѓето се расеале “по целата земја“, тие без сомнение го рашириле верувањето во бесмртност на душата (1. Мој. 11:8, 9). Без оглед на тоа од кога потекнува ова лажно учење, можеме да бидеме сигурни дека зад него стои Сатана Ѓаволот, кој е „татко на лагата“, и кој со задоволство гледал како тоа се шири насекаде (Јован 8:44).