Прашања од читателите
Библијата вели дека се потребни најмалку двајца сведоци за да се потврди некое тврдење (4. Мој. 35:30; 5. Мој. 17:6; 19:15; Мат. 18:16; 1. Тим. 5:19). Но според Мојсеевиот закон, ако некој маж силувал свршена девојка „во полето“ и ако таа викала, тогаш девојката не била виновна за прељуба, а мажот бил. Со оглед на тоа што немало сведоци на силувањето, зошто девојката не била виновна, а мажот бил виновен?
Целта на извештајот во 5. Мојсеева 22:25-27 главно не е да се утврди вината на мажот, бидејќи тој веќе бил сметан за виновен. Овој закон бил даден за да се покаже дека девојката не е виновна. Да го разгледаме контекстот.
Во претходните стихови се зборува за еден човек што имал сексуални односи со свршена девојка „во градот“. Со тоа човекот бил виновен за прељуба бидејќи на свршената девојка се гледало како да е во брак. А дали таа била виновна за прељуба? Девојката „не викала во градот“. Доколку викала, другите сигурно би ја чуле и би ја бранеле. Но таа не викала. Тоа значи дека и девојката била учесник во прељубата, и затоа двајцата биле сметани за виновни (5. Мојсеева 22:23, 24).
Потоа во Законот била наведена друга ситуација: „Но, ако некој човек наиде на свршена девојка во полето, па ја фати и легне со неа, нека биде погубен само тој човек што легнал со неа, а на девојката не прави ѝ ништо. Девојката не направила грев што заслужува смрт, зашто тоа е исто како кога некој ќе го нападне својот ближен и ќе го убие. Зашто, наишол на неа во полето. Свршената девојка викала, но немало кој да ѝ притрча на помош“ (5. Мој. 22:25-27).
Во овој случај, судиите ѝ верувале на девојката. Зошто? Се претпоставувало дека таа „викала, но немало кој да ѝ притрча на помош“. Значи таа не направила прељуба. А мажот бил виновен за силување и за прељуба затоа што ја зграпчил свршената девојка и „легнал со неа“.
Според тоа, бидејќи целта на овој закон била да се покаже дека девојката не е виновна, за мажот едноставно се вели дека е виновен за силување и за прељуба. Можеме да бидеме сигурни дека судиите темелно ги истражувале ваквите случаи и дека носеле одлуки во склад со јасните упатства што Бог често пати им ги повторувал (5. Мој. 13:14; 17:4; 2. Мој. 20:14).