Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 51

Јехова ги спасува оние што се обесхрабрени

Јехова ги спасува оние што се обесхрабрени

Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух (ПС. 34:18).

ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

ПОНЕКОГАШ можеби си мислиме дека животот е краток и полн со неволји (Јов 14:1). Затоа е нормално што одвреме-навреме се чувствуваме обесхрабрено. Многу Јеховини слуги во минатото се бореле со слични чувства. Некои од нив дури и посакувале да умрат (1. Цар. 19:2-4; Јов 3:1-3, 11; 7:15, 16). Но, секогаш одново Јехова — Богот во кого имале доверба — ги охрабрувал и ги зајакнувал. Она што го доживеале е запишано во Библијата за наша поука и утеха (Рим. 15:4).

2 Во оваа статија ќе го разгледаме примерот на некои Јеховини слуги кои се соочиле со тешки ситуации поради кои биле обесхрабрени: Јосиф (синот на Јаков), вдовицата Ноемина и нејзината снаа Рут, левитот кој го напишал Псалм 73 и апостол Петар. Како Јехова ги зајакнал, и што може да научиме од нивниот пример? Одговорот на овие прашања ќе нѐ увери дека „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето“ и дека ги спасува оние што се обесхрабрени (Пс. 34:18).

ЈОСИФ СЕ СООЧИЛ СО ТЕШКИ НЕПРАВДИ

3-4. Што му се случило на Јосиф кога бил млад?

3 Кога имал 17 години, Јосиф сонувал два сона. И двата сона биле од Бог. Тие укажувале дека еден ден тој ќе стане важна личност и дека ќе биде почитуван од сите во семејството (1. Мој. 37:5-10). Но, кратко потоа неговиот живот се сменил од корен. Наместо да покажат почит кон Јосиф, неговите браќа го продале како роб. По некое време, тој завршил во домот на египетскиот дворјанин Петефри (1. Мој. 37:21-28). Од сакан син на својот татко, Јосиф преку ноќ станал обичен роб во домот на еден пагански дворјанин (1. Мој. 39:1).

4 Но тогаш ситуацијата на Јосиф уште повеќе се влошила. Жената на Петефри го обвинила дека сакал да ја силува. Без да ги провери фактите, Петефри наредил Јосиф да биде фрлен в затвор, каде што бил окован во синџири (1. Мој. 39:14-20; Пс. 105:17, 18). Замисли како се чувствувал младиот Јосиф кога бил обвинет за обид за силување. И замисли колкав срам можело да му нанесе тоа лажно обвинение на Јеховиното име. Јосиф навистина имал причина да се чувствува обесхрабрено!

5. Што му помогнало на Јосиф да се справи со обесхрабрувањето?

5 Додека бил роб, а подоцна и затвореник, Јосиф немал никаков избор. Не можел да направи ништо за да ги смени своите околности. Што му помогнало да не падне во очај? Наместо да мисли на она што повеќе не можел да го прави, тој трудољубиво ја извршувал задачата што му била доверена. Но, најважно од сѐ му било да го радува Јехова, кој останал на прво место во неговиот живот. Затоа Бог го благословувал сето она што Јосиф го правел (1. Мој. 39:21-23).

6. Каква утеха можеби црпел Јосиф од своите пророчки соништа?

6 Јосиф можеби црпел утеха и од тоа што размислувал за пророчките соништа кои ги добил од Јехова. Тие укажувале дека тој повторно ќе се види со своето семејство и дека неговата ситуација ќе се подобри. И токму тоа се случило. Кога Јосиф имал 37 години, неговите пророчки соништа почнале да се исполнуваат на величествен начин! (1. Мој. 37:7, 9, 10; 42:6, 9).

7. Според 1. Петрово 5:10, што ќе ни помогне да се справиме со неволјите?

7 Поуки за нас. Извештајот за Јосиф нѐ потсетува дека живееме во суров свет и дека луѓето ќе постапуваат неправедно со нас. Би можел да нѐ повреди дури и некој соверник. Но, ако го сметаме Јехова за своја карпа, или прибежиште, нема да се обесхрабриме и нема да престанеме да му служиме (Пс. 62:6, 7; прочитај 1. Петрово 5:10). Сети се дека Јосиф имал 17 години кога Јехова му ги дал пророчките соништа. Ова покажува дека Бог има доверба во своите млади слуги. Денес многу млади се слични на Јосиф. И тие имаат вера во Јехова. Некои од нив дури и биле неправедно фрлени в затвор затоа што сакаат да му останат верни на својот Бог (Пс. 110:3).

ДВЕ ЖЕНИ ЗАВИЕНИ ВО ТАГА

8. Што им се случило на Ноемина и на Рут?

8 Кога во земјата завладеал тежок глад, Ноемина и нејзиното семејство го напуштиле својот дом во Јуда и се населиле како дојденци во Моав. Таму починал мажот на Ноемина, Елимелех, и таа останала со двата сина. Подоцна и двајцата се ожениле со Моавки — едниот со Рут, а другиот со Орфа. Околу 10 години подоцна починале и синовите на Ноемина, кои немале деца (Рут 1:1-5). Замисли колку биле тажни овие три жени! Се разбира, Рут и Орфа можеле да се премажат. Но кој ќе се грижел за остарената Ноемина? Таа била толку потиштена што во една прилика рекла: „Не викајте ме Ноемина! Викајте ме Мара, зашто Семоќниот ме исполни со голема горчина“. Скршена од болка, Ноемина решила да се врати во Витлеем, и Рут заминала заедно со неа (Рут 1:7, 18-20).

Бог им покажал на Ноемина и на Рут дека може да им помогне на своите слуги да се справат со обесхрабрувањето и тагата. Може ли да го стори тоа и за тебе? (Види во пасуси 8-13) *

9. Според Рут 1:16, 17, 22, како Рут ја охрабрила Ноемина?

9 Што ѝ помогнало на Ноемина да се справи со тешката ситуација? Верната љубов што ѝ ја покажала Рут, која останала со неа. (Прочитај Рут 1:16, 17, 22.) Во Витлеем, Рут напорно работела на полето, доприбирајќи јачмен за себе и за Ноемина. Поради тоа, за кратко време оваа млада жена си стекнала добар глас (Рут 3:11, 4:15).

10. На кој начин Јехова покажал љубов кон сиромашните, како што биле Ноемина и Рут?

10 Јехова им дал на Израелците закон од кој се гледало неговото сочувство кон сиромашните, како што биле Ноемина и Рут. Тој им заповедал да не ги ожневаат нивите до самите меѓи, за да можат сиромасите да доприбираат по жетвата (3. Мој. 19:9, 10). Од таа причина, Ноемина и Рут не морале да просат за храна, туку можеле да ја заработат на достоинствен начин.

11-12. Како Вооз им помогнал на Ноемина и на Рут?

11 Сопственик на нивата на која Рут доприбирала жито бил еден богат човек кој се викал Вооз. Тој бил толку трогнат од верноста и љубовта што Рут ја покажала кон својата свекрва Ноемина, што го откупил нивното семејно наследство и ја зел Рут за жена (Рут 4:9-13). На Вооз и на Рут им се родил син, кого го нарекле Овид. Тој му станал дедо на цар Давид (Рут 4:17).

12 Замисли колку била среќна Ноемина додека го држела в раце малиот Овид. Сигурно од срце му се заблагодарила во молитва на Јехова. Но во иднина, Ноемина и Рут ги очекува најголемиот благослов. Кога ќе воскреснат, тие ќе дознаат дека Овид станал предок на ветениот Месија, Исус Христос!

13. Кои скапоцени поуки можеме да ги извлечеме од извештајот за Ноемина и Рут?

13 Поуки за нас. Кога минуваме низ неволји, можеби сме обесхрабрени, па дури и скршени од болка. Можеби не гледаме никаков излез од проблемите. Во такви ситуации треба да покажеме целосна доверба во нашиот небесен Татко и да останеме блиски со нашите соверници. Се разбира, можеби Јехова нема да ја отстрани неволјата. Сети се дека, во случајот на Ноемина, тој не ги вратил во живот нејзиниот маж и нејзините синови. Тогаш, како ќе ни помогне? Така што ќе ни даде сила да се справиме со неволјата, можеби преку добрите дела на нашите браќа и сестри со кои тие ќе ја покажат својата верна љубов кон нас (Изр. 17:17).

ЕДЕН ЛЕВИТ ЗА МАЛКУ ЌЕ СЕ ОДДАЛЕЧЕЛ ОД ЈЕХОВА

Писателот на Псалм 73 за малку ќе се оддалечел од Јехова поради привидниот успех на оние што не му служеле на Бог. Истото може да ни се случи и нам (Види во пасуси 14-16)

14. Зошто еден левит многу се обесхрабрил?

14 Писателот на Псалм 73 бил левит кој имал огромна чест да служи во Јеховиниот дом. Сепак, во еден период од животот, дури и тој се чувствувал обесхрабрено. Зошто? Затоа што почнал да им завидува на злобните и вообразените. Тој не им завидувал затоа што правеле лоши работи, туку затоа што изгледало дека водат поубав живот од него (Пс. 73:2-9, 11-14). Се чинело дека имаат сѐ — богатство, добар живот и никакви грижи. Овој псалмист бил толку обесхрабрен од нивниот привиден успех што рекол: „Навистина, залудно си го исчистив срцето и си ги измив рацете за да покажам дека сум невин“. Очигледно, тој бил во голема духовна опасност. За малку ќе престанел да му служи на Јехова.

15. Според Псалм 73:16-19, 22-25, како левитот што го напишал овој псалм се справил со обесхрабрувањето?

15 Прочитај Псалм 73:16-19, 22-25. Левитот отишол „во величественото светилиште на Бог“. Таму, додека бил заедно со другите Божји слуги, тој можел да размислува јасно и смирено, и да се моли во врска со својата ситуација. Тоа му помогнало да сфати дека почнал неразумно да размислува и дека се нашол на опасен пат кој можел да го оддалечи од Јехова. Освен тоа, сфатил дека злобните се „на лизгаво место“ и дека ги очекува страшен крај. За да престане да им завидува и да се избори со обесхрабрувањето, овој левит требало да гледа на работите од Јеховина гледна точка. Кога го направил тоа, повеќе не бил вознемирен, туку среќен. Тој рекол: „Освен Јехова, друга радост немам на земјата“.

16. Кои поуки можеме да ги извлечеме од еден левит?

16 Поуки за нас. Никогаш не треба да им завидуваме на злобните, иако можеби ни се чини дека водат среќен живот. Нивната среќа е површна и привремена (Проп. 8:12, 13). Тие не можат да се надеваат на вечна иднина. Ако им завидуваме, ќе се обесхрабриме и може да го изгубиме нашето пријателство со Јехова. Затоа, ако кај тебе се појават слични чувства како кај левитот, постапи како што постапил тој. Послушај го советот што Бог со љубов ни го дава и дружи се со оние што ја вршат неговата волја. Ако Јехова е твојата најголема радост, ќе бидеш вистински среќен и ќе останеш на патот што води во „вистинскиот живот“ (1. Тим. 6:19).

ПЕТАР БИЛ ОБЕСХРАБРЕН ПОРАДИ СВОИТЕ СЛАБОСТИ

Можеме самите да се охрабриме или, пак, да ги охрабриме другите ако размислуваме како Петар успеал да се избори со разочарувањето и да продолжи да му служи на Бог (Види во пасуси 17-19)

17. Од кои причини Петар се обесхрабрил?

17 Апостол Петар бил енергичен човек. Но, понекогаш постапувал многу непромислено и брзо ги покажувал своите чувства. Поради тоа, одвреме-навреме кажувал или правел работи за кои подоцна се каел. На пример, кога Исус им кажал на своите апостоли дека ќе страда и ќе умре, Петар го прекорил, велејќи: „Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ (Мат. 16:21-23). Тогаш Исус го исправил. Кога една толпа луѓе дошле да го уапсат Исус, Петар постапил избрзано и го отсекол увото на робот на првосвештеникот (Јован 18:10, 11). Исус повторно го исправил овој апостол. Исто така, Петар пред тоа се фалел дека никогаш нема да го напушти Исус, дури и ако сите други апостоли го сторат тоа (Мат. 26:33). Но, покажал преголема самоувереност. Истата вечер, толку многу се исплашил што три пати се одрекол од својот Господар. Скршен од болка, Петар излегол надвор и горко заплакал (Мат. 26:69-75). Сигурно се прашувал дали Исус некогаш ќе му прости.

18. Како Исус му помогнал на Петар да се справи со обесхрабрувањето?

18 Но, Петар не дозволил обесхрабрувањето да го сруши. Откако ја направил таа грешка, тој повторно застанал на нозе и продолжил да му служи на Јехова (Јован 21:1-3; Дела 1:15, 16). Што му помогнало во тоа? Исус се молел да не му ослабне верата на Петар, и тој го поттикнал овој апостол да се врати и да ги зајакне своите браќа. Јехова одговорил на таа сесрдна молитва. Подоцна, Исус лично му се појавил на Петар, без сомнение за да го охрабри (Лука 22:32, 24:33, 34; 1. Кор. 15:5). Исус им се појавил на апостолите откако тие ловеле цела вечер и не фатиле ништо. Во таа прилика, тој му дал на Петар можност да му покаже колку многу го сака. Исус му простил на својот драг пријател и му доверил уште повеќе задачи (Јован 21:15-17).

19. Како Псалм 103:13, 14 ни помага да ги гледаме нашите грешки со Јеховините очи?

19 Поуки за нас. Од начинот на кој постапил со Петар се гледа дека Исус бил многу милосрден, исто како својот небесен Татко. Тој совршено ги одразувал неговите особини. Затоа, кога ќе згрешиме, не треба да си мислиме дека за нас нема надеж. Треба да имаме на ум дека Сатана сака да се чувствуваме така. Наместо тоа, добро е да вложиме труд за да се гледаме и себеси и оние што ни грешат со очите на нашиот небесен Татко, кој е сочувствителен и полн со љубов. (Прочитај Псалм 103:13, 14.)

20. Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Примерите на Јосиф, Ноемина и Рут, левитот и Петар, нѐ уверуваат дека „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето“ (Пс. 34:18). Понекогаш тој дозволува да се соочиме со неволји и да се обесхрабриме. Сепак, кога со негова помош успешно ќе ги пребродиме неволјите, нашата вера се зајакнува (1. Пет. 1:6, 7). Во следната статија ќе видиме на кои други начини Јехова им помага на своите верни слуги кои се обесхрабрени, можеби поради својата несовршеност или затоа што се наоѓаат во тешки околности.

ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила

^ пас. 5 Јосиф, Ноемина и Рут, еден левит и апостол Петар се соочиле со неволји кои ги обесхрабриле. Во оваа статија ќе видиме како Јехова ги утешил и ги зајакнал. Исто така, ќе видиме што може да научиме од нивниот пример и од сочувствителниот начин на кој Бог им помогнал.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Ноемина, Рут и Орфа биле тажни и обесхрабрени поради смртта на своите брачни другари. Подоцна, Рут, Ноемина и Вооз се радувале кога се родил Овид.