Прашања од читателите
Дали зборовите на апостол Павле запишани во 1. Коринќаните 15:29 укажуваат дека некои христијани во тоа време се крштавале во името на други луѓе кои веќе биле мртви?
Не, ниту во Библијата ниту во историските записи нема потврда за вакво нешто.
Поради начинот на кој овој стих е преведен во многу Библии, некои заклучиле дека во времето на Павле се извршувало крштавање во вода во името на мртвите. На пример, еден превод гласи: „Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите ако нема воскресение на мртвите?“ (Радосна Вест).
Но, забележи што рекле двајца библиски изучувачи. Едниот од нив, д-р Грегори Локвуд, рекол дека „нема ниту библиски ниту историски докази дека некој се крстил во името на мртов човек“. Нешто слично напишал и професор Гордон Фи. Тој рекол дека „нема никаков пример ниту во Библијата ниту во историјата за ваков вид крштавање. Ова крштавање не се спомнува во Новиот завет и нема никаков доказ дека првите христијани се крштавале на ваков начин. Истото може да се каже и за Црквите што биле основани кратко по смртта на апостолите“.
Библијата вели дека следбениците на Исус требало да им помагаат на луѓето од сите народи да станат негови ученици, „крштавајќи ги“ и „учејќи ги да држат сѐ“ што им заповедал (Мат. 28:19, 20). Пред некој да стане крстен ученик, требало да учи за Јехова и за неговиот Син, и да поверува во нив. Некој што веќе бил мртов не можел да прави такво нешто ниту, пак, некој жив христијанин можел да го прави тоа за него (Проп. 9:5, 10; Јован 4:1; 1. Кор. 1:14-16).
Тогаш, што сакал да каже Павле?
Некои Коринќани тврделе дека нема воскресение (1. Кор. 15:12). Но, Павле им покажал дека таквото гледиште е погрешно. Тој им рекол дека самиот секојдневно се соочува со смртта. Сепак, и покрај сите опасности бил уверен дека, откако ќе умре, ќе биде воскреснат како духовно суштество на небото, исто како што бил воскреснат Исус (1. Кор. 15:30-32, 42-44).
Коринќаните требало да сфатат дека сите помазани христијани ќе претрпат неволји и ќе умрат пред да бидат воскреснати. Оние што се „крстени во Христос Исус“ се крстени и „во неговата смрт“ (Рим. 6:3). Ова значи дека, исто како Исус, ќе мора да страдаат и да умрат за да бидат воскреснати на небото.
Повеќе од две години откако се крстил во вода, Исус им го рекол следново на двајца свои апостоли: „Со крштавањето со кое се крштавам јас, ќе се крстите“ (Мар. 10:38, 39). Овде Исус не зборувал за крштавање во вода, туку за симболично крштавање во смрт. Тој знаел дека, затоа што ќе му остане верен на Бог, на крајот ќе мора да умре. Во врска со помазаниците, Павле рекол дека ќе страдаат заедно со Исус за да можат заедно со него да бидат и прославени (Рим. 8:16, 17; 2. Кор. 4:17). Според тоа, и тие ќе морале да умрат за да бидат воскреснати за живот на небото.
Значи, точниот превод на изјавата на Павле гласи: „А ако не е така, тогаш на што можат да се надеваат оние кои се крштаваат за да бидат мртви? Ако мртвите навистина не воскреснуваат, зошто тогаш се крштаваат за да бидат мртви?“