Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 49

Поуки од Трета Мојсеева за тоа како да постапуваме со другите

Поуки од Трета Мојсеева за тоа како да постапуваме со другите

Сакај го својот ближен како самиот себе (3. МОЈ. 19:18)

ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Што разгледавме во претходната статија, и што ќе разгледаме сега?

ВО ПРЕТХОДНАТА статија разгледавме некои практични совети од 3. Мојсеева поглавје 19. На пример, како што видовме од третиот стих, Јехова им рекол на Израелците да ги почитуваат своите родители. Разгледавме дека ние денес може да го примениме тој совет така што ќе се грижиме за физичките, емоционалните и духовните потреби на нашите родители. Во истиот стих Бог го потсетил својот народ колку е важно да го држи денот за одмор. Научивме дека, иако од нас денес не се бара да го правиме тоа, сепак може да го примениме начелото кое стои зад тој закон така што секој ден ќе си одвојуваме време за духовни активности. На тој начин ќе покажеме дека се трудиме да бидеме свети, како што сме поттикнати во 3. Мојсеева 19:2 и 1. Петрово 1:15.

2 Во оваа статија ќе разгледаме уште некои стихови од 3. Мојсеева поглавје 19. Ќе видиме како може да постапуваме обѕирно кон оние што имаат телесни ограничувања, како да бидеме чесни во деловните односи и како да им покажуваме љубов на другите. Многу е важно да обрнеме внимание на тие поуки бидејќи сакаме да бидеме свети исто како што е свет нашиот Бог.

БИДИ ОБЅИРЕН КОН ОНИЕ ШТО ИМААТ ТЕЛЕСНИ ОГРАНИЧУВАЊА

Според 3. Мојсеева 19:14, како треба да се однесуваме кон некој што е глув или слеп? (Види во пасуси 3-5) *

3-4. Според 3. Мојсеева 19:14, како требало Израелците да постапуваат со глувите и слепите?

3 Прочитај 3. Мојсеева 19:14. Јехова очекувал од својот народ да постапува обѕирно со оние што имале телесни ограничувања. На пример, тој им рекол на Израелците дека не смеат да колнат глув човек. Колнењето вклучувало упатување закани или посакување зло некому. Било ужасно да му се направи такво нешто на некој што е глув. Тој не би можел да го чуе она што се кажува за него, и затоа не би можел ни да се одбрани.

4 Освен тоа, од стих 14 дознаваме дека Божјите слуги не смееле да ставаат „пречка пред слепиот“. Во врска со луѓето со телесни ограничувања, една книга вели: „Во минатото, на Блискиот Исток со нив честопати се постапувало неправедно и сурово“. Некој злобен човек можеби намерно ќе ставел нешто пред некој што е слеп за да го повреди или за да му се смее. Колку сурово! Заповедта што се наоѓа во 14-от стих им помагала на Јеховините слуги да сфатат дека треба да бидат сочувствителни кон оние што имаат некаков хендикеп.

5. Како може да покажуваме сочувство кон оние што имаат телесни ограничувања?

5 Исус покажувал сочувство кон оние што имале телесни ограничувања. Сети се што им рекол на двајца ученици да му пренесат на Јован Крстител: „На слепите им се враќа видот, сакатите одат, лепрозните се исчистуваат, глувите слушаат, мртвите стануваат“. Откако ги виделе чудата на Исус, луѓето почнале да го слават Бог (Лука 7:20-22; 18:43). Како христијани, сакаме да го следиме примерот на Исус и да покажуваме сочувство кон оние што имаат некаков хендикеп. Затоа сме љубезни, обѕирни и стрпливи со тие лица. Се разбира, Јехова не ни дал моќ да правиме чуда. Сепак, и на оние што се дословно слепи и на оние што се духовно слепи имаме чест да им ја пренесуваме добрата вест за рајот во кој сите ќе имаат совршено здравје и добар однос со Бог (Лука 4:18). Благодарение на оваа добра вест, многумина веќе го слават Бог.

БИДИ ЧЕСЕН ВО ДЕЛОВНИТЕ ОДНОСИ

6. Како 3. Мојсеева поглавје 19 ни помага подобро да ги разбереме Десетте заповеди?

6 Некои стихови од 3. Мојсеева поглавје 19 ни помагаат подобро да ги разбереме Десетте заповеди. На пример, осмата заповед едноставно вели: „Не кради“ (2. Мој. 20:15). Некој можел да си мисли дека, сѐ додека не земе нешто туѓо, тогаш е послушен на оваа заповед. Но, како што ќе видиме од ова поглавје, некој би можел да краде и на други начини.

7. Како некој трговец можел да ја прекрши осмата заповед во врска со крадењето?

7 Некој трговец можел да си мисли дека не краде затоа што никогаш не зел нешто туѓо. Но, дали секогаш бил чесен со муштериите? Според 3. Мојсеева 19:35, 36, Јехова рекол: „Не вршете неправда... при мерењето на должина, тежина или течност. Вагата нека ви биде точна, теговите точни, ефата точна и инот точен“. Ако некој трговец користел неточна вага и неточни мерки за да ги измами муштериите, тој, всушност, крадел од нив. Ова го потврдуваат и други стихови од 3. Мојсеева поглавје 19.

Во склад со 3. Мојсеева 19:11-13, што може да се праша еден христијанин во врска со тоа како го води својот бизнис? (Види во пасуси 8-10) *

8. Како стиховите од 3. Мојсеева 19:11-13 им помагале на Евреите да го применат начелото зад осмата заповед, и како ни користат нам денес?

8 Прочитај 3. Мојсеева 19:11-13. Во 3. Мојсеева 19:11 пишува: „Не крадете... и не мамете го својот ближен“. Значи, ако некој постапувал нечесно така што го мамел својот ближен, тоа било еднакво на крадење. Иако осмата заповед јасно истакнувала дека крадењето е погрешно, она што стои во 3. Мојсеева им помагало на Евреите да сфатат како да го применат начелото зад тој закон, односно како можат да бидат чесни во сѐ што прават. Добро е да размислиме каков став има Јехова кон нечесноста и крадењето. Би можеле да се прашаме: „Имајќи ги на ум стиховите од 3. Мојсеева 19:11-13, дали сметам дека треба да направам некои промени во мојот живот, особено во моите деловни односи и работни навики?“

9. Како законот во 3. Мојсеева 19:13 ги штител работниците?

9 Има уште една работа во врска со чесноста за која треба да размислат христијаните кои имаат свои вработени. Во 3. Мојсеева 19:13 стои: „Платата на наемникот да не остане кај тебе преку ноќта до изутрина“. Повеќето луѓе во Израел се занимавале со земјоделство, и на наемниците им се исплаќале заработените пари на крајот од денот. Ако некој работник не ги добиел тие пари, можеби тој ден немало да може да ја обезбеди потребната храна за своето семејство. Јехова објаснил: „Тој е во неволја и душата негова желно ја исчекува својата плата“ (5. Мој. 24:14, 15; Мат. 20:8).

10. Која поука може да ја извлечеме од 3. Мојсеева 19:13?

10 Денес, на многу вработени платата им се исплаќа еднаш или двапати месечно, а не секој ден. Сепак, начелото од 3. Мојсеева 19:13 сѐ уште важи. Некои работодавци ги искористуваат своите вработени така што им плаќаат многу помалку од она што им следува. Тие знаат дека нивните работници скоро и да немаат друг избор освен да продолжат да работат кај нив за бедна плата. Може да се каже дека во таков случај „платата на наемникот“ останува кај работодавецот. Еден христијанин кој има свои вработени мора да размисли дали постапува чесно и праведно со нив. Сега да видиме што друго може да научиме од 3. Мојсеева поглавје 19.

САКАЈ ГИ ДРУГИТЕ КАКО СЕБЕСИ

11-12. Што нагласил Исус со тоа што цитирал од 3. Мојсеева 19:17, 18?

11 Бог очекува од нас многу повеќе отколку само да не им нанесуваме штета на другите. Тоа го гледаме од 3. Мојсеева 19:17, 18. (Прочитај.) Јехова јасно рекол: „Сакај го својот ближен како самиот себе“. Ова е неопходно да го правиме ако сакаме да му угодиме на Бог.

12 Да видиме како Исус покажал дека заповедта од 3. Мојсеева 19:18 е многу важна. Кога еден фарисеј го прашал: „Која е најголемата заповед во Законот?“, тој му одговорил дека „најголемата и прва заповед“ е да го сакаме Јехова „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“. Потоа Исус цитирал од 3. Мојсеева 19:18, велејќи: „Втората, слична на неа, е оваа: ’Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22:35-40). Има многу начини како да им покажеме љубов на другите, а за некои од нив се зборува во 3. Мојсеева поглавје 19.

13. Како библискиот извештај за Јосиф ни помага подобро да го разбереме она што стои во 3. Мојсеева 19:18?

13 Еден начин на кој може да покажеме дека ги сакаме другите е така што ќе го применуваме советот од 3. Мојсеева 19:18. Таму пишува: „Не одмаздувај се и не држи лутина“. Повеќето од нас познаваат луѓе кои држат лутина кон некој колега, соученик, роднина или член на семејството, и тоа можеби со години! Сети се дека десетте полубраќа на Јосиф долго време чувствувале лутина кон него што водело до тоа еден ден да му нанесат зло (1. Мој. 37:2-8, 25-28). Но, колку само Јосиф се разликувал од нив! Кога бил на висока положба и можел лесно да им се одмазди, тој им покажал милост. Јосиф не држел лутина. Наместо тоа, постапил во склад со советот кој подоцна бил запишан во 3. Мојсеева 19:18 (1. Мој. 50:19-21).

14. Што покажува дека начелата кои се наоѓаат во 3. Мојсеева 19:18 сѐ уште важат?

14 Христијаните кои сакаат да го радуваат Бог треба да го следат примерот на Јосиф, кој не држел лутина кон своите браќа и не им се одмаздил, туку им простил. Тоа е во склад и со она што го рекол Исус во молитвата „Оченаш“, дека треба да им простуваме на оние што ни грешат (Мат. 6:9, 12). Исто така, апостол Павле ги советувал своите соверници: „Не одмаздувајте се, сакани“ (Рим. 12:19). Освен тоа, тој ги поттикнал: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Кол. 3:13). Јеховините начела не се менуваат. Начелата кои стојат зад законот запишан во 3. Мојсеева 19:18 важат и за нас денес.

Исто како што не треба постојано да чепкаме една дословна рана, така не треба и постојано да мислиме на ситуациите во кои некој нѐ повредил. Треба да се трудиме да ги заборавиме и да простиме (Види во пасус 15) *

15. Која споредба ни помага подобро да разбереме зошто треба да им простуваме на другите?

15 Да разгледаме еден пример. Повредените чувства може да ги споредиме со дословни рани — некои се помали, а некои посериозни. На пример, кога отвараме плик, може да се случи острата хартија малку да ни го исече прстот. Тоа може да нѐ здоболи, но за брзо време ќе помине. По неколку дена, можеби нема ни да се сеќаваме каде сме се пресекле. Слично на тоа, некој може да ни нанесе мала болка во емоционален поглед. На пример, некој пријател можеби ќе каже или ќе направи нешто непромислено што ќе нѐ здоболи, но нема да ни биде тешко брзо да му простиме. Од друга страна, ако имаме подлабока рана, можеби докторот ќе треба да ја сошие и да ја преврзе со завој. Ако постојано ја чепкаме раната, само ќе си наштетиме. За жал, нешто слично би можел да прави и некој што е длабоко повреден од некого. Тој можеби постојано ќе размислува за емоционалната болка што ја доживеал и за тоа колку е повреден. Но, оние што држат лутина си наштетуваат себеси. Колку само е подобро да бидеме послушни на советот запишан во 3. Мојсеева 19:18!

16. Според 3. Мојсеева 19:33, 34, како сакал Јехова да се однесуваат Израелците со дојденците, и што учиме ние од тоа?

16 Кога Јехова им заповедал на Израелците да ги сакаат своите ближни како самите себе, тој не мислел дека требало да им покажуваат љубов само на оние што биле од истата раса или националност како нив. Тој им рекол дека требало да ги сакаат и дојденците. Тоа јасно се гледа од она што стои во 3. Мојсеева 19:33, 34. (Прочитај.) Тие требало да постапуваат со дојденецот како со „роден Израелец“ и да го сакаат „како самите себе“. На пример, според Законот, Израелците требало да им дозволат и на сиромашните и на дојденците да доприбираат на нивите (3. Мој. 19:9, 10). Начелото дека треба да им се покажува љубов на дојденците важи и за христијаните денес (Лука 10:30-37). Во светот има милиони имигранти и, веројатно, некои живеат во твојата близина. Многу е важно да се однесуваме со овие мажи, жени и деца со почит и достоинство.

ЕДНО ВАЖНО ДЕЛО КОЕ НЕ Е СПОМНАТО ВО 3. МОЈСЕЕВА ПОГЛАВЈЕ 19

17-18. а) На што нѐ поттикнуваат стиховите 3. Мојсеева 19:2 и 1. Петрово 1:15? б) Кое важно дело нѐ поттикнал апостол Петар да го извршуваме?

17 Како што видовме, и 3. Мојсеева 19:2 и 1. Петрово 1:15 ги поттикнуваат Божјите слуги да бидат свети. Во 3. Мојсеева поглавје 19 има и многу други стихови од кои се гледа што треба да правиме за да му угодиме на Јехова. Разгледавме некои од нив кои покажуваат кои работи треба да ги правиме, а кои работи треба да ги избегнуваме. * Од Христијанските грчки списи гледаме дека Јехова сѐ уште сака да ги применуваме начелата кои стојат зад тие закони. Но, апостол Петар додал уште нешто.

18 Можеби сме зафатени со различни духовни активности и им правиме добро на другите. Но, Петар истакнал дека треба да правиме уште нешто што е многу важно. Пред да нѐ поттикне да бидеме свети во сѐ што правиме, тој рекол: „Подгответе го умот за напорна работа“ (1. Пет. 1:13, 15). На каква работа мислел? Петар рекол дека Христовите помазани браќа ќе ги објавуваат „доблестите на оној што [ги] повикал“ (1. Пет. 2:9). Всушност, сите христијани денес имаат чест да учествуваат во ова многу важно дело од кое луѓето можат да извлечат најголема корист. Како Божји свет народ, колку голема чест имаме редовно и ревносно да учествуваме во делото на проповедање и поучување! (Мар. 13:10). Кога даваме сѐ од себе да ги применуваме начелата од 3. Мојсеева поглавје 19, покажуваме дека ги сакаме Бог и ближните и дека сакаме да бидеме свети во сѐ што правиме.

ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост

^ пас. 5 Христијаните не се под Мојсеевиот закон, но во него се наведени многу работи што треба да ги правиме, како и работи што не треба да ги правиме. Тоа што ќе дознаеме нешто повеќе за нив ќе ни помогне да им покажуваме љубов на другите и да му угодиме на Бог. Од оваа статија ќе видиме како можат да ни користат некои поуки од 3. Мојсеева поглавје 19.

^ пас. 17 Во оваа и во претходната статија не ги разгледавме стиховите кои се однесуваат на покажување пристрасност, клеветење, јадење месо со крв, занимавање со спиритизам, претскажување на иднината и вршење блуд (3. Мој. 19:15, 16, 26-29, 31). (Види ја статијата „Прашања од читателите“, која се наоѓа во овој број.)

^ пас. 52 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден Јеховин сведок му помага на еден глувонем брат да зборува со докторот.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат кој има фирма за молерски услуги му дава плата на еден свој вработен.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра може лесно да заборави мала исеченица. Дали ќе одлучи да го направи истото и со посериозна повреда?