Прашања од читателите
Што значи заповедта „не станувај против крвта на својот ближен“, која е запишана во 3. Мојсеева 19:16, и каква поука може да извлечеме од неа?
Јехова ги поттикнал Израелците да бидат свети. За да им помогне во тоа, тој им рекол: „Не разнесувај клевети меѓу својот народ. Не станувај против крвта на својот ближен. Јас сум Јехова“ (3. Мој. 19:2, 16).
Што значи изразот „не станувај против“, кој е превод на еден хебрејски идиом? Во врска со овој стих, еден изучувач на хебрејскиот јазик напишал: „Овој дел од стихот... не е лесно да се разбере бидејќи не се знае точното значење на овој хебрејски израз, кој буквално значи ’не застанувај покрај; не застанувај до‘”.
Некои изучувачи сметаат дека овој израз е поврзан со претходниот стих, каде што стои: „Не судете неправедно. Не биди пристрасен кон сиромавиот и не давај му предност на големецот. Суди му по правда на својот ближен“ (3. Мој. 19:15). Во тој случај, заповедта запишана во 16-от стих да не се станува против крвта на некој човек би можела да значи дека Израелците не требало да постапуваат неправедно во судските случаи, во деловните односи и во семејството. Освен тоа, не требало да прават ништо нечесно заради лична корист. Точно е дека не треба да правиме такви работи, но има пологично објаснување за значењето на изразот во стих 16.
Размисли за првиот дел од тој стих. Бог му заповедал на својот народ да не разнесува клевети. Точно е дека, кога некој ги озборува другите, тоа може да води до проблеми. Но, кога некој клевети некого, тоа е далеку посериозно (Изр. 10:19; Проп. 10:12-14; 1. Тим. 5:11-15; Јак. 3:6). Оној што клевети обично намерно кажува неточни работи за некого со цел да го оцрни. Таквото лице можеби лажно ќе сведочи против некого дури и ако со тоа му го загрозува животот. Сети се дека некои клеветници лажно сведочеле против Навутеј, и поради тоа тој бил неправедно каменуван (1. Цар. 21:8-13). Според тоа, како што читаме во вториот дел од 3. Мојсеева 19:16, клеветникот би можел да стане „против крвта на својот ближен“ доколку поради него му бил одземен животот на тоа лице.
Освен тоа, некој би можел да клевети некого затоа што го мрази. Во 1. Јованово 3:15 пишува: „Секој што го мрази својот брат е убиец, а знаете дека во ниту еден убиец не останува вечниот живот“. Вреди да се забележи дека, откако го кажал она што е запишано во стих 16, Бог додал: „Не мрази го својот брат во своето срце“ (3. Мој. 19:17).
Значи, необичната заповед запишана во 3. Мојсеева 19:16 содржи силно предупредување за христијаните. Не смееме негативно да размислуваме за другите, ниту да ги клеветиме. Ако станеме „против крвта на својот ближен“, односно ако клеветиме некого затоа што не ни се допаѓа или му завидуваме, тогаш тоа би можело да биде показател дека го мразиме. Христијаните не смеат да мразат никого! (Мат. 12:36, 37).