Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 49

Можеме да живееме вечно

Можеме да живееме вечно

Дарот што го дава Бог е вечен живот (РИМ. 6:23)

ПЕСНА 147 Ветен ни е вечен живот

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Како влијае врз нас тоа што длабоко размислуваме за Јеховиното ветување за вечен живот?

 ЈЕХОВА ветил дека оние кои му се послушни ќе добијат „вечен живот“ (Рим. 6:23). Кога длабоко размислуваме за она што ни го ветил Јехова, нашата љубов кон него станува посилна. Размисли за следново: Нашиот небесен Татко толку многу нѐ сака што сака да постоиме засекогаш и ништо да не нѐ одвои од него.

2. Како ни помага ветувањето за вечен живот?

2 Ветувањето за вечен живот ни помага да истраеме и покрај неволјите што ги доживуваме. Дури и кога непријателите ни се закануваат со смрт, ние нема да се откажеме од Јехова. Зошто? Меѓу другото, затоа што знаеме дека, ако верно сме му служеле на Јехова до смртта, тој ќе нѐ воскресне и ќе ни даде можност никогаш повторно да не умреме (Јован 5:28, 29; 1. Кор. 15:55-58; Евр. 2:15). Зошто можеме да бидеме сигурни дека е можно да живееме засекогаш? Да разгледаме неколку причини.

ЈЕХОВА Е ВЕЧЕН

3. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова има моќ да ни овозможи да живееме вечно? (Псалм 102:12, 24, 27).

3 Ние знаеме дека Јехова има моќ да ни овозможи да живееме вечно бидејќи тој е „изворот на животот“, а и самиот тој е вечен (Пс. 36:9). Да разгледаме неколку стихови од Библијата кои потврдуваат дека Јехова постоел отсекогаш и ќе постои засекогаш. Во Псалм 90:2 пишува дека Јехова постои „од век до век“, а во Псалм 102 пишува нешто слично. (Прочитај Псалм 102:12, 24, 27.) Во врска со нашиот небесен Татко, пророкот Авакум напишал: „Не си ли ти од дамнина, Јехова? Боже мој, Светецу мој, ти не умираш“ (Авак. 1:12).

4. Дали треба да нѐ загрижува тоа што не можеме потполно да разбереме дека Јехова постои отсекогаш? Објасни.

4 Дали ти е тешко да го разбереш фактот дека Јехова е „вечен Бог“? (Иса. 40:28). На многу луѓе им е тешко да го разберат тоа. За Бог, Елиу рекол: „Не може да се истражи [односно разбере] бројот на неговите години“ (Јов 36:26). Но, тоа што нешто не разбираме не значи дека не е така. На пример, иако не разбираме потполно како функционира светлината, дали тоа значи дека светлината не постои? Се разбира дека не. Слично на тоа, можеби ние луѓето никогаш нема потполно да разбереме како е можно Јехова да постои отсекогаш и дека ќе постои засекогаш. Но тоа што ние не го разбираме ова, не значи дека Бог не е вечен. Вистината за Творецот не зависи од она што ние можеме или не можеме да го разбереме (Рим. 11:33-36). Тој постоел пред да почне да постои сѐ друго во универзумот, вклучувајќи ги и изворите на светлина, како што е Сонцето. Ние знаеме дека Јехова ја создал „земјата со својата сила“. Да, тој постоел уште пред да ги распне небесата (Ерем. 51:15; Дела 17:24). Која е уште една причина зошто може да бидеме сигурни дека можеме да живееме вечно?

СОЗДАДЕНИ СМЕ ЗА ДА ЖИВЕЕМЕ ВЕЧНО

5. Каква можност имале првите луѓе?

5 Јехова ги создал со ограничен животен век сите живи суштества на Земјата, освен луѓето. Тој им дал уникатна можност никогаш да не умрат. Меѓутоа, Јехова го предупредил Адам: „Од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мој. 2:17). Ако Адам и Ева го послушале Јехова, никогаш немало да умрат. Разумно е да заклучиме дека во одреден момент Јехова ќе им дозволел да јадат од „дрвото на животот“. Тоа ќе значело дека ја имаат неговата гаранција дека ќе живеат вечно b (1. Мој. 3:22).

6-7. а) Што друго покажува дека луѓето не биле создадени за да умираат? б) Што би сакал ти да правиш во новиот свет? (Види ја сликата.)

6 Некои истражувачи нашле докази дека човечкиот мозок може да складира многу повеќе информации отколку што еден човек денес би можел да меморира во текот на целиот свој живот. Во 2010 год., во едно научно списание пишуваше дека, според една проценка, нашиот мозок има капацитет од околу 2,5 милиони гигабајти (Scientific American Mind). Тоа би било еднакво на три милиони часа (преку 300 години) на снимена телевизиска програма. А оваа проценка можеби воопшто не го доловува вистинскиот капацитет на мозокот. Сепак, ова покажува дека Јехова го создал нашиот мозок со можност да складира многу повеќе информации од она што го складира за само 70 или 80 години (Пс. 90:10).

7 Исто така, Јехова нѐ создал со силна желба да живееме. Библијата вели дека Бог „дури и вечноста им ја ставил на луѓето в срце“ (Проп. 3:11). Тоа е една причина зошто на смртта гледаме како на наш непријател (1. Кор. 15:26). Ако тешко се разболиме, дали само ќе чекаме да умреме без ништо да преземеме? Не. Обично, одиме на лекар и можеби земаме лекови за да оздравиме. Всушност, ги преземаме сите разумни мерки за да не умреме. А кога некој наш близок ќе почине, сеедно дали бил млад или стар, зарем не чувствуваме длабока и долготрајна емоционална болка? (Јован 11:32, 33). Штом нашиот Творец нѐ создал со желба за живот и со огромен капацитет, сигурно дека неговата намера била да живееме вечно. Но, имаме и други силни причини да веруваме дека можеме да живееме вечно. Да разгледаме некои работи што Јехова ги направил во минатото и ги прави сега, а кои потврдуваат дека неговата првобитна намера не се променила.

Бидејќи имаме надеж дека ќе живееме вечно, уживаме да си замислуваме што сѐ ќе може да правиме во иднина (види во пасус 7) c

ЈЕХОВИНАТА НАМЕРА НЕ СЕ ПРОМЕНИЛА

8. Што учиме од Исаија 55:11 во врска со Јеховината намера со луѓето?

8 Иако Адам и Ева згрешиле и им пренеле смрт на своите потомци, Јехова не се предомислил во врска со својата намера. (Прочитај Исаија 55:11.) Тој сѐ уште сака неговите верни слуги да живеат вечно. Тоа може да го заклучиме на темел на она што Јехова го кажал и го направил со цел да ја исполни својата намера.

9. Кое ветување го дал Бог? (Даниел 12:2, 13).

9 Јехова ветил дека ќе ги воскресне мртвите и дека ќе им даде можност да живеат вечно (Дела 24:15; Тит 1:1, 2). Верниот Јов бил уверен дека Јехова копнее да ги воскресне оние што умреле (Јов 14:14, 15). Пророкот Даниел знаел дека ќе има воскресение на мртвите и дека тие ќе имаат можност да живеат вечно (Пс. 37:29; прочитај Даниел 12:2, 13). Евреите во времето на Исус исто така знаеле дека Јехова може да ги награди своите верни слуги со „вечен живот“ (Лука 10:25; 18:18). Исус многу пати го спомнал ова ветување, а и тој самиот бил воскреснат од неговиот Татко (Мат. 19:29; 22:31, 32; Лука 18:30; Јован 11:25).

Во што те уверува тоа што Илија воскреснал едно дете? (види во пасус 10)

10. Што потврдуваат воскресенијата кои се случиле во минатото? (Види ја сликата.)

10 Јехова е оној од кого извира животот и тој има моќ да ги врати луѓето во живот (1. Цар. 17:21-23). Тој му дал моќ на пророкот Илија да го воскресне синот на вдовицата од Сарепта. Подоцна, со Божја помош, пророкот Елисеј го воскреснал синот на една Сунамка (2. Цар. 4:18-20, 34-37). Овие и други воскресенија потврдуваат дека Јехова има моќ да ги врати луѓето во живот. Додека бил на Земјата, Исус покажал дека неговиот Татко му дал таква моќ (Јован 11:23-25, 43, 44). Сега Исус е на небото и му е дадена „сета власт на небото и на земјата“. Затоа тој може да го исполни ветувањето дека ќе бидат воскреснати сите оние што се во гробовите, со можност да живеат вечно (Мат. 28:18; Јован 5:25-29).

11. Како откупнината ни овозможува да живееме вечно?

11 Зошто Јехова дозволил неговиот сакан Син да претрпи мачна смрт? Одговорот го наоѓаме во следниве зборови на Исус: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Со тоа што го дал својот Син како откупнина за нашите гревови, Бог ни овозможил да имаме вечен живот (Мат. 20:28). Апостол Павле го објаснил овој важен дел од Божјата намера. Тој напишал: „Поради тоа што смртта дојде преку човек, и воскресението на мртвите доаѓа преку човек. Зашто, како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Кор. 15:21, 22).

12. Како Царството ќе овозможи да се исполни Јеховината намера со луѓето?

12 Исус ги поучил своите следбеници да се молат да дојде Божјето Царство и да се врши Божјата волја на Земјата (Мат. 6:9, 10). Еден аспект на Божјата намера е луѓето да живеат на Земјата засекогаш. За да го исполни тоа, Јехова го поставил својот Син за Цар на месијанското Царство. Бог почнал да собира 144.000 луѓе од Земјата, кои заедно со Исус ќе се погрижат да се исполни Божјата волја (Отк. 5:9, 10).

13. Што прави Јехова денес, и што мора да правиме ние?

13 Денес, Јехова собира едно „големо мноштво луѓе“ и ги обучува да бидат добри поданици на неговото Царство (Отк. 7:9, 10; Јак. 2:8). Иако во овој свет постојат многу поделби поради омразата и војните, оние што се дел од големото мноштво се трудат да ја искоренат секоја трага на омраза од своето срце. Во симболична смисла, тие веќе ги прековуваат своите мечеви во плугови (Мих. 4:3). Наместо да учествуваат во војни, кои предизвикуваат да се изгубат толку многу човечки животи, тие им помагаат на луѓето да го освојат „вистинскиот живот“ со тоа што ги поучуваат за вистинскиот Бог и за неговата намера (1. Тим. 6:19). Бидејќи тие го поддржуваат Божјето Царство, можеби наидуваат на противење од членовите на семејството или трпат финансиски загуби, но Јехова им помага да го имаат она што им е потребно (Мат. 6:25, 30-33; Лука 18:29, 30). Сето ова нѐ уверува дека Божјето Царство навистина постои и дека ќе продолжи да ја исполнува Јеховината намера.

НЀ ОЧЕКУВА ПРЕКРАСНА ИДНИНА

14-15. Како ќе се исполни Јеховиното ветување дека смртта ќе биде уништена?

14 Сега Исус има голема власт на небото и ќе ги исполни сите ветувања што ги дал Јехова (2. Кор. 1:20). Од 1914 год., Исус ги држи во покорност своите непријатели (Пс. 110:1, 2). Наскоро, тој и неговите совладетели ќе извојуваат конечна победа и ќе ги уништат злобните (Отк. 6:2).

15 За време на своето илјадагодишно владеење, Исус ќе ги воскресне мртвите и ќе им помогне на сите послушни луѓе да станат совршени. По конечниот испит, оние кои Јехова ќе ги прогласи за праведни „ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:10, 11, 29). Колку ќе биде убаво што „како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Кор. 15:26).

16. Која треба да ни биде најважната причина зошто му служиме на Јехова?

16 Како што видовме, нашата надеж за вечен живот цврсто се темели на Божјата Реч. Таа надеж може да ни помогне да му останеме верни на Јехова во овие тешки последни денови. Но, за да го радуваме нашиот Бог, мотивот не треба да ни биде само желбата да живееме. Најважната причина зошто сме им верни на Јехова и на Исус е тоа што многу ги сакаме (2. Кор. 5:14, 15). Таа љубов нѐ поттикнува да се трудиме да бидеме слични на нив и да ја споделуваме со другите надежта што ја имаме (Рим. 10:13-15). Тоа што се трудиме да бидеме несебични и великодушни ни помага да станеме онакви личности какви што Јехова сака да има за свои пријатели во сета вечност (Евр. 13:16).

17. Што треба да направи секој од нас? (Матеј 7:13, 14).

17 Дали и ние ќе бидеме меѓу оние кои ќе добијат вечен живот? Јехова ни ја пружил таа можност. Ние мора да го направиме нашиот дел и да останеме на патот што води во живот. (Прочитај Матеј 7:13, 14.) Каков ќе ни биде животот кога ќе живееме засекогаш? Ова прашање ќе го разгледаме во следната статија.

ПЕСНА 141 Животот — чудесен Божји дар

a Дали се радуваш на надежта да живееш засекогаш? Јехова ни ветил дека еден ден ќе можеме да живееме без да се плашиме дека некогаш ќе умреме. Во оваа статија ќе разгледаме некои од причините зошто може да имаме целосна доверба дека Јехова ќе го исполни своето ветување.

b Види ја рамката „ Зборот ’вечно‘ во Библијата“.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден постар брат си замислува што ќе може да прави кога ќе живее вечно.