Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова ги исправаше моите патеки

Јехова ги исправаше моите патеки

ЕДЕН млад брат еднаш ме праша: „Кој е твојот омилен стих?“ Без колебање му одговорив: „Изреки 3:5, 6, каде што пишува: ’Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки‘“. Јехова навистина ги исправаше моите патеки. Да ви раскажам како.

МОИТЕ РОДИТЕЛИ МЕ ИЗВЕДОА НА ИСПРАВНИОТ ПАТ

Моите родители ја запознале вистината во 1920-тите, пред да стапат во брак. Роден сум на почетокот од 1939 год. Кога бев дете, живеевме во Англија, и со моите родители одев на состаноците. Подоцна се запишав во Теократската школа за служба. Сѐ уште се сеќавам на мојата прва задача. Бидејќи имав само шест години, бев качен на една кутија за да можам да бидам на висина на микрофонот и пултот. Имав многу трема додека гледав во возрасните кои беа во публиката.

Сведочам на улица заедно со моите родители

Татко ми подготви за мене една картичка со едноставна презентација за да можам да ја користам во службата. Имав осум години кога за прв пат сам сведочев на една врата. Многу бев возбуден кога станарот ја прочита мојата картичка и ја зеде книгата „Бог нека биде вистинит“. Веднаш отрчав да му кажам на татко ми, кој сведочеше на истата улица. Службата и состаноците ми носеа радост и ми помогнаа да развијам желба полновремено да му служам на Јехова.

Откако татко ми направи претплата на Стражарска кула за мене, мојата љубов кон Библијата почна сѐ повеќе да расте. Едвај чекав да го прочитам секое списание што ќе го добиев по пошта. Мојата доверба во Јехова растеше, и тоа ме поттикна да му го заветувам животот.

Во 1950 год., со моите родители присуствував на конгресот „Пораст на теократијата“, кој се одржа во Њујорк. Мотото за петтиот ден од конгресот, четврток, 3 август, беше: „Мисионерски ден“. Тогаш брат Кери Барбер, кој подоцна служеше како член на Водечкото тело, го одржа говорот за крштавање. Откако на крајот од својот говор ги постави двете прашања за крштавање, јас станав и реков: „Да!“ Иако имав само 11 години, сфатив дека донесов сериозна одлука. Но, се плашев да влезам во водата бидејќи сѐ уште не знаев да пливам. Чичко ми ме донесе до базенот и ме увери дека сѐ ќе биде во ред. И навистина, сѐ се случи толку брзо што моите нозе не го ни допреа дното на базенот. Еден брат ме крсти и веднаш ме подаде на друг кој ме извади од базенот. Тоа беше важен ден во мојот живот. Оттогаш Јехова ме води и ги исправа моите патеки.

ОДЛУЧИВ ДА ПОКАЖАМ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

Кога завршив со школувањето, сакав да станам пионер, но професорите ме поттикнуваа да се запишам на факултет. Јас попуштив на нивниот притисок и го сторив тоа. Но, набрзо сфатив дека не можам да останам цврст во вистината и во исто време да се посветам на учењето. Затоа решив да го напуштам факултетот. Му се молев на Јехова во врска со тоа, и на моите професори им напишав писмо во кое со почит им објаснив дека ќе прекинам со студиите на крајот од првата година. Со потполна доверба во Јехова, веднаш започнав со пионерска служба.

Пред да почнам да служам полновремено, ги прашав браќата од Бетелот во Лондон дали би можеле да ми препорачаат некој искусен пионер со кој би можел да соработувам. Тие ми го препорачаа брат Берт Вејзи. Така во јули 1957 год., се преселив во градот Велинборо и започнав со полновремена служба. Научив многу работи од брат Вејзи. Тој ревносно ја проповедаше добрата вест и ми помогна да си направам добар распоред за проповедање. Во собранието во кое служевме бевме само ние двајца и шест постари сестри. Тоа што се подготвував и учествував на сите состаноци ми помогна да си ја зајакнам довербата во Јехова и ми даде многу можности да ја изразувам својата вера.

Откако кратко време поминав во затвор затоа што не сакав да служам војска, ја запознав Барбара, која служеше како специјален пионер. Се венчавме во 1959 год., и бевме спремни да служиме секаде каде што ќе нѐ испратат. Најпрво служевме во областа Ленкешир, северозападна Англија. Потоа, во јануари 1961 год., бев поканет да присуствувам на Школата за именувани браќа, која се одржа во Бетелот во Лондон и траеше еден месец. Се изненадив кога на крајот од школата бев замолен да служам во патувачкото дело. Две седмици добивав обука од еден искусен покраински надгледник во градот Бирмингем, а и на Барбара ѝ беше дозволено да биде со мене. Потоа бевме испратени да служиме во областите Ленкешир и Чешир.

НИКОГАШ НЕ ЗАЖАЛИВ ШТО ИМАВ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

Во август 1962 год., додека бевме на одмор, добивме писмо од подружницата. Внатре имаше молби за школата Гилеад. Откако прво се молевме, ги пополнивме молбите и веднаш ги испративме назад до подружницата. По пет месеци заминавме за Бруклин (Њујорк) за да присуствуваме на 38-миот клас на школата Гилеад, која во тоа време траеше 10 месеци.

На оваа школа научивме многу за Библијата и за Божјата организација, но и за тоа како нашите браќа и сестри низ целиот свет му служат на Јехова. Во тоа време имавме нешто повеќе од 20 години и се радувавме што можевме да учиме од повозрасните браќа и сестри во нашиот клас. Ми беше чест што добив задача секој ден дел од времето да работам со брат Фред Раск, кој беше еден од нашите инструктори. Од него научив една многу важна поука — секогаш кога давам совети, да внимавам тие цврсто да се темелат на Библијата. Меѓу оние што ни беа инструктори имаше браќа со големо искуство, како на пример, брат Натан Нор, Фредерик Франц и Карл Клајн. А многу научивме и од понизноста на брат Мекмилан, кој ни раскажуваше како Јехова му помагал на својот народ во периодот од 1914 до почетокот на 1919 год., кога браќата во организацијата се соочувале со тешки испити.

ПРОМЕНА НА ЗАДАЧАТА

При крајот на школата, брат Нор ни кажа на мене и на Барбара дека ќе бидеме испратени да служиме во Бурунди (Африка). Веднаш отидовме во бетелската библиотека и го зедовме Годишникот за да видиме колку објавители има во Бурунди. Се изненадивме кога видовме дека нема никакви податоци за таа земја. Значи, требаше да одиме на место каде што дотогаш никој не проповедал и на континент за кој не знаевме скоро ништо. Тоа малку нѐ вознемири, но откако му се молевме на Јехова, почувствувавме мир.

На нашата нова задача сѐ беше поразлично од претходно — климата, културата и јазикот. Требаше да учиме француски, а требаше и да најдеме место за живеење. Два дена откако пристигнавме, нѐ посети брат Хари Арнот, со кој бевме во истиот клас на Гилеад. Тој се враќаше во Замбија на својата задача. Ни помогна да најдеме стан, кој всушност стана нашиот прв мисионерски дом. За кратко време властите, кои не знаеја ништо за Јеховините сведоци, почнаа да ни се противат. Само што почнавме да се навикнуваме на нашата задача, тие ни кажаа дека не можеме да останеме доколку немаме работна дозвола. За жал, мораше да си заминеме и да се преселиме во нова земја, Уганда.

Бевме загрижени затоа што требаше да одиме во Уганда без виза, но довербата во Јехова ни помогна да го надминеме стравот. Еден брат од Канада, кој служеше на место каде што има поголема потреба во Уганда, му ја објасни нашата ситуација на еден службеник од одделот за имиграција. Ни беше дозволено да останеме во земјата неколку месеци додека да добиеме дозвола за престој. Ова јасно ни покажа дека Јехова е со нас и ни помага.

Ситуацијата во Уганда беше многу поинаква од ситуацијата во Бурунди. Проповедничкото дело во Уганда веќе беше во тек иако во земјата имаше само 28 Сведоци. На подрачјето најдовме многу луѓе кои зборуваа англиски. Сепак, набрзо сфативме дека, за да им помогнеме на заинтересираните лица да напредуваат, треба да научиме барем еден од многуте домородни јазици. Најпрво проповедавме во областа Кампала, каде што се зборуваше луганда, и затоа решивме да го учиме тој јазик. Ни требаше неколку години за да научиме течно да го зборуваме, но тоа ни помогна да бидеме поуспешни во службата на проповедање. Можевме подобро да разбереме какви духовни потреби имаа луѓето со кои ја проучувавме Библијата. Како резултат на тоа, тие ни ги отворија срцата и ни кажаа што мислат за она што го учат.

НАШИТЕ ПАТУВАЊА

На едно од нашите патувања во Уганда

Чувствувавме голема радост што можевме да им помагаме на луѓето да ја дознаат вистината. Но, уште повеќе се израдувавме кога нѐ замолија да служиме во патувачкото дело во таа земја. Во тоа време, за проповедничкото дело во Уганда се грижеше подружницата во Кенија. Браќата од таа подружница нѐ испратија на неколку патувања за да видиме на кои места има најголема потреба од специјални пионери. Во неколку прилики ни беше укажано големо гостопримство од луѓе кои никогаш порано немале контакт со Сведоците. Тие беа многу срдечни со нас, па дури и ни подготвија нешто за јадење.

Потоа заминав на едно патување кое имаше поинаква цел. Од Кампала два дена патував со воз до Момбаса, пристанишен град во Кенија, и оттаму заминав со брод до Сејшелите, група острови во Индискиот Океан. Подоцна, во периодот од 1965 до 1972 год., Барбара редовно доаѓаше со мене кога ги посетував Сејшелите. Во почетокот, таму живееја само двајца објавители, но подоцна се формираше група, а потоа и собрание. Освен тоа, ги посетував и браќата во Еритреја, Етиопија и Судан.

Откако во Уганда имаше воен удар, политичката ситуација се смени многу брзо. Годините што следеа беа многу тешки, но од она што се случуваше научив дека е многу важно да го следиме библискиот совет да им бидеме послушни на властите (Мар. 12:17). Во тој период, сите странци што живееја во Уганда требаше да се пријават во најблиската полициска станица. Ние веднаш го сторивме тоа. Но неколку дена подоцна, додека јас и еден мисионер возевме низ Кампала, ни пристапија службеници на тајната полиција. Бевме преплашени. Тие нѐ обвинија дека сме шпиони и нѐ одведоа во главната полициска станица, каде што им објаснивме дека сме мирољубиви мисионери. Им кажавме дека веќе се пријавивме во полиција, но тие не сакаа да нѐ слушаат. Потоа вооружени полицајци нѐ одведоа до полициската станица што беше најблиску до мисионерскиот дом. Ни падна камен од срце кога еден од службениците таму, кој знаеше дека претходно се пријавивме, нѐ препозна и им кажа да нѐ ослободат.

Во тој период честопати се соочувавме со напнати ситуации кога требаше да ги поминеме воените барикади, особено ако нѐ застанеа војници кои беа пијани. Секојпат му се молевме на Јехова, и тој ни даваше внатрешен мир и ни помагаше безбедно да поминеме. За жал, во 1973 год., сите мисионери кои беа од други земји мораа ја напуштат Уганда.

Правам копии од Нашата служба за Царството во подружницата во Абиџан (Брегот на Слоновата Коска)

Повторно добивме нова задача — овој пат бевме испратени во Брегот на Слоновата Коска во западна Африка. Ова беше голема промена за нас. Требаше да се навикнеме на нова култура, повторно да зборуваме француски цело време и да се навикнеме да живееме со мисионери од разни земји. Сепак, видовме како Јехова ни помага затоа што многу искрени и понизни лица брзо ја прифаќаа добрата вест. Јас и Барбара гледавме како Јехова ги исправаше нашите патеки, односно нѐ водеше во животот затоа што имавме доверба во него.

ПРОМЕНА НА ОКОЛНОСТИТЕ

По некое време на Барбара ѝ беше откриен рак. И покрај тоа што патувавме во други земји за да добие лекување, во 1983 год. ни стана јасно дека не можеме веќе да служиме во Африка. Тоа беше големо разочарување за нас двајцата.

Додека служевме во Бетелот во Лондон, здравствената состојба на Барбара сѐ повеќе се влошуваше, и таа на крај почина. Браќата и сестрите од Бетел ми пружија голема поддршка. Особено еден брачен пар ми помогна да се навикнам на новите околности и да продолжам да имам доверба во Јехова. Подоцна ја запознав Ен, која беше надворешен соработник на Бетел и која претходно служела како специјален пионер. Таа многу го сакаше Јехова, и тоа ми покажа дека е духовна личност. Се зедовме во 1989 год., и оттогаш заедно служиме во Бетел.

Со Ен пред новиот Бетел во Британија

Од 1995 до 2018 год., имав чест да служам како претставник на главното седиште (кој порано се нарекуваше зонски надгледник) и да посетам скоро 60 земји. Во секоја земја можев да видам како Јехова ги благословува своите слуги без разлика во какви околности се наоѓаат.

Во 2017 год. имав можност повторно да ја посетам Африка. Многу се радував што можев да ја однесам Ен во Бурунди. И двајцата бевме воодушевени кога видовме колкав пораст има во таа земја. Таму сега има повеќе од 15.500 објавители. Токму на улицата каде што во 1964 год. проповедав од куќа до куќа, сега има прекрасен Бетел.

Бев пресреќен кога го добив планот за посети за 2018 год. Една од земјите која требаше да ја посетам беше Брегот на Слоновата Коска. Кога пристигнавме во Абиџан, најголемиот град во земјата, се чувствував како да сум дома. Кога погледнав во бетелскиот телефонски именик, видов дека во бетелската соба која беше веднаш до нашата живее брат чие име го препознав, Сосоу. Се сетив дека, додека јас бев во Абиџан, тој служеше како надгледник на градот. * Но не бев во право. Тоа беше друг Сосоу, неговиот син.

Јехова си го одржа своето ветување. Неволјите што ги доживеав ме научија дека, кога имаме доверба во Јехова, тој навистина ги исправа нашите патеки. Сакам и понатаму да продолжам да чекорам по патот кој ќе ме доведе во прекрасниот нов свет (Изр. 4:18).

^ пас. 33 Денес организацијата повеќе не именува браќа за да служат како надгледници на градот.