Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Најдов нешто подобро од медицината

Најдов нешто подобро од медицината

„ОВА што ми ги кажувате е мојот сон од детството!“ Со голема возбуда им ги кажав овие зборови на двајца нови пациенти кои дојдоа кај мене во 1971 год. Кратко пред тоа, почнав да работам како лекар и си отворив своја амбуланта. Кои беа овие пациенти и кој беше мојот сон? Да ви раскажам како по тој разговор нешто друго ми стана најважно во животот, и зошто верувам дека мојот сон од детството наскоро ќе се исполни.

Роден сум во 1941 год. во Париз во семејство кое не беше богато. Многу сакав да учам, па затоа може да си замислите колку бев разочаран кога на 10 години се разболев од туберкулоза и не можев повеќе да одам на училиште. Лекарите ми препорачаа да останам во кревет за да не ми се влоши состојбата на белите дробови. Затоа неколку месеци времето го минував така што читав енциклопедија и слушав образовни програми на радиото Сорбона од Парискиот универзитет. Бев пресреќен кога лекарот ми рече дека сум излекуван и дека можам да се вратам на училиште. Си реков: „Она што го прават лекарите навистина е извонредно!“ Оттогаш натаму мојот сон беше и јас да ги лекувам луѓето од нивните болести. Секогаш кога татко ми ќе ме прашаше што сакам да бидам кога ќе пораснам, му велев дека сакам да бидам лекар. Така медицината ми стана најважното нешто во животот.

НАУКАТА МИ ПОМОГНА ДА СЕ ЗБЛИЖАМ СО БОГ

Како семејство, бевме католици. Но јас не знаев многу за Бог и имав голем број неодговорени прашања. Дури откако почнав да студирам медицина, се уверив дека постои Творец.

Се сеќавам кога за прв пат гледав под микроскоп клетки од лале. Бев восхитен кога видов како клетките се штитат кога се изложени на топло и ладно. Исто така, можев да видам како цитоплазмата (супстанција која се наоѓа во внатрешноста на клетката) се собира кога ќе дојде во контакт со сол и како се шири кога ќе се стави во чиста вода. Поради оваа способност, а и многу други, организмите можат да се приспособат на промените во надворешната средина. Додека набљудував колку е сложена секоја клетка, сфатив дека не е можно животот да биде производ на слепа случајност.

Во текот на втората година од студиите, видов уште повеќе докази дека Бог постои. На часовите по анатомија учевме како подлактицата ни помага да ги свиткуваме и да ги исправаме нашите прсти. Начинот на кој се поставени мускулите, лигаментите и тетивите и како тие заедно функционираат е вистинско ремек-дело. На пример, научив дека тетивата која прицврстува еден од мускулите на подлактицата за втората коска од прстот се дели на две. Притоа се формира мост под кој минува друга тетива која продолжува кон врвот од прстот и која лизга помеѓу тетивата која е поделена на два дела. Исто така, тетивите се држат блиску до коските на прстот благодарение на цврсти ткива. Без овие механизми, тетивите на нашата рака би биле затегнати и прави, и нашите прсти не би функционирале добро. Од сето ова можев јасно да видам дека човечкото тело е дело на интелигентен Творец.

Уште повеќе почнав да им се восхитувам на делата на Творецот додека го проучував процесот на раѓање. Научив дека, додека е во стомакот на мајката, бебето прима кислород преку папочната врвца. Затоа алвеолите — ситни меурчиња во белите дробови — сѐ уште не се исполнети со воздух. Како што се приближува денот бебето да се роди, внатрешниот ѕид на алвеолите се обложува со супстанција која е позната како сурфактант. По раѓањето, во моментот кога бебето го зема првиот здив, се случуваат низа извонредни процеси. Еден отвор во срцето на бебето се затвора, и крвта се насочува кон белите дробови. Во овој важен момент, сурфактантот спречува алвеолите да се залепат додека брзо се полнат со воздух. Така за кратко време бебето почнува самото да дише.

Бидејќи сакав да дознаам повеќе за оној што ги создал овие чудесни дела, сериозно се зафатив со читањето на Библијата. Бев воодушевен од законите за хигиена кои Бог им ги дал на Израелците кога склучил сојуз со нив пред повеќе од 3.000 години. Бог им заповедал на Израелците да го закопуваат својот измет, редовно да се мијат со вода и да го стават во карантин секој што ќе покажел знаци на некоја заразна болест (3. Мој. 13:50; 15:11; 5. Мој. 23:13). Она што научниците го откриле за ширењето на болестите во последниве 150 години било запишано во Библијата уште многу одамна. Исто така, сфатив дека законите за сексуалните односи и за интимната хигиена кои се запишани во книгата 3. Мојсеева придонесувале да се зачува здравјето на целиот народ (3. Мој. 12:1-6; 15:16-24). Заклучив дека Творецот им ги дал овие закони на Израелците за нивно добро и дека ги благословувал оние што ги држеле. Се уверив дека Библијата е книга од Бог — Бог чие име сѐ уште не го знаев во тоа време.

КАКО ЈА СРЕТНАВ ЖЕНА МИ И КАКО ГО ЗАПОЗНАВ ЈЕХОВА

Јас и Лиди на денот на нашата венчавка (3 април 1965)

Додека студирав медицина, запознав една девојка по име Лиди, во која се заљубив. Стапивме во брак во 1965 год. кога бев на пола од студиите. До 1971 год. ни се родија три од нашите шест деца. Мојата сопруга ми е огромна поддршка и во работата и во семејството.

Три години работев во болница, а потоа ја отворив својата амбуланта. По кратко време, кај мене на преглед дојде еден брачен пар. Тоа, всушност, беа двајцата нови пациенти кои што ги спомнав на почетокот. Кога почнав да го пишувам рецептот за сопругот, жената ме замоли: „Ве молам, докторе, само да нема крв во лековите“. Изненадено ја прашав: „Навистина? Зошто?“ Таа ми одговори: „Ние сме Јеховини сведоци“. Никогаш немав чуено за Јеховините сведоци ниту за нивниот став за крвта. Жената ја извади својата Библија и ми прочита од неа зошто донеле одлука да не примаат крв (Дела 15:28, 29). Потоа таа и нејзиниот сопруг ми покажаа дека Божјето Царство ќе ги отстрани страдањата, болестите и смртта (Отк. 21:3, 4). Кога го слушнав тоа, возбудено им реков: „Ова што ми го кажувате е мојот сон од детството! Токму затоа станав лекар, за луѓето да не страдаат“. Разговорот ми беше толку интересен што зборувавме час и половина. Кога овој брачен пар си замина, ми беше јасно дека повеќе не сакам да бидам католик. И научив дека Творецот на чии созданија толку многу се восхитував има име — Јехова.

Овој брачен пар дојде три пати во мојата амбуланта, и секојпат нашиот разговор траеше повеќе од еден час. За да имаме повеќе време да зборуваме за Библијата, ги поканив кај нас дома. Иако се согласи да присуствува на библискиот курс, Лиди не можеше да прифати дека некои од учењата на Католичката црква за кои бевме поучени се погрешни. Затоа поканив дома еден свештеник. До доцна во ноќта зборувавме за учењата на Црквата, користејќи ја само Библијата. Овој разговор ја увери Лиди дека Јеховините сведоци поучуваат за вистината. Оттогаш натаму, нашата љубов кон Јехова сѐ повеќе растеше, и во 1974 год. се крстивме.

ЈЕХОВА МИ СТАНА НАЈВАЖЕН ВО ЖИВОТОТ

Кога дознав која е Божјата намера за човештвото, нешто друго ми стана најважно во животот. Јас и Лиди решивме на прво место да го ставиме Јехова. Бевме решени да ги воспитуваме нашите деца според библиските мерила. Ги поучивме децата да го сакаат Бог и ближниот. Тоа уште повеќе нѐ зближи како семејство (Мат. 22:37-39).

Јас и Лиди честопати се смееме кога ќе се сетиме како нашите деца гледаа на тоа што секогаш бевме едногласни како родители. Тие знаеја дека начелото што го кажал Исус, нашето „да“ да значи „да“, а нашето „не“ да значи „не“, беше закон дома (Мат. 5:37). На пример, еднаш кога една од нашите ќерки имаше 17 години, Лиди не ја пушти да излезе со некои млади. Тогаш едно девојче ѝ рекло на нашата ќерка: „Ако мајка ти не те пушта, прашај го татко ти“. Но нашата ќерка рекла: „Не вреди ни да пробам. Што ќе каже едниот, другиот секогаш го поддржува“. Нашите шест деца навистина можеа да видат дека имаме исти ставови кога станува збор за библиските начела. Многу сме му благодарни на Јехова што денес многумина од нашето семејство му служат нему.

Откако ја дознав вистината, медицината веќе не ми беше најважна. Сепак, сакав да го искористам знаењето што го имав стекнато како лекар за да му помагам на Божјиот народ. Затоа се пријавив да помагам како лекар во Бетелот во Париз, а потоа и во новиот Бетел во Лувје. Речиси 50 години служам како бетелски соработник. Во текот на тој период, стекнав блиски пријатели меѓу бетелското семејство. Некои од нив веќе имаат над 90 години. Исто така, многу се изненадив кога еден ден запознав еден нов бетелски слуга. Дознав дека пред околу 20 години јас сум бил лекарот кој ѝ помогнал на неговата мајка да го роди!

ВИДОВ КОЛКУ МНОГУ ЈЕХОВА СЕ ГРИЖИ ЗА СВОЈОТ НАРОД

Додека гледав низ годините како Јехова го води и го штити својот народ преку организацијата, мојата љубов кон него сѐ повеќе растеше. Во почетокот на 80-тите, Водечкото тело започна една програма во САД чија цел беше да им се помогне на лекарите и на другиот медицински персонал подобро да го разберат ставот на Сведоците во врска со крвта.

Потоа во 1988 год., Водечкото тело отвори едно ново одделение во Бетел — Служба за медицински информации. На почетокот, ова одделение ја надгледуваше работата на Одборите за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци кои беа формирани во САД со цел да им се помогне на Сведоците да добијат соодветно лекување. Подоцна вакви одбори беа формирани низ целиот свет, а и во Франција. Се восхитувам кога гледам како Јеховината организација со љубов им ја пружа потребната помош на болните браќа и сестри!

МОЈОТ СОН НАСКОРО ЌЕ СЕ ИСПОЛНИ

Се радуваме што сѐ уште можеме да даваме сѐ од себе за да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство

Порано медицината ми беше најважна во животот. Но, кога ја дознав вистината, сфатив дека најважно е да им помогнам на луѓето да добијат духовно лекување — да го запознаат и да му служат на Јехова, кој е изворот на животот. Откако отидов во пензија, јас и Лиди служевме како општи пионери и секој месец минувавме многу часови проповедајќи ја добрата вест за Божјето Царство.

Јас и Лиди (2021)

Сѐ уште се трудиме да даваме сѐ од себе во ова животоспасувачко дело. И понатаму правам сѐ што можам за да им помогнам на оние што се болни. Но, сфатив дека дури и најдобриот лекар не може да ги излекува сите болести и да ѝ стави крај на смртта. Затоа едвај чекам да дојде времето кога повеќе нема да има болки, болести, ниту смрт. Во новиот свет кој е на прагот ќе можам во цела вечност да учам за Божјите созданија, меѓу кое е и човечкото тело кое функционира на чудесен начин. Всушност, мојот сон од детството наскоро ќе се исполни во потполност. Уверен сум дека најдоброто допрва доаѓа!