СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 8
„Бидете трезвени, бдејте!“
Бидете трезвени, бдејте! (1. ПЕТ. 5:8)
ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Што им кажал Исус на своите ученици во врска со тоа кога ќе дојде крајот, и какво предупредување им дал?
НЕКОЛКУ дена пред Исус да умре, четворица негови ученици го прашале: „Кој ќе биде знакот... на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:3). Учениците веројатно се прашувале по што ќе можат да знаат кога ќе бидат уништени Ерусалим и неговиот храм. Во одговорот што им го дал, Исус не зборувал само за уништувањето на Ерусалим и неговиот храм туку и за „свршетокот на овој поредок“ во кој живееме ние. Во врска со тоа кога ќе дојде крајот, Исус рекол: „А за тој ден или час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“. Потоа, ги предупредил сите свои ученици да бидат будни и да бдеат (Мар. 13:32-37).
2. Зошто било важно христијаните во првиот век да останат будни?
2 Христијаните со еврејско потекло во првиот век морале да останат будни бидејќи од тоа им зависел животот. Исус им кажал на своите следбеници по што ќе можат да препознаат дека се приближува уништувањето на Ерусалим и неговиот храм. Тој рекол: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување!“ Во тој момент, тие требало да го послушаат предупредувањето на Исус и да бегаат во планините (Лука 21:20, 21). Оние кои обрнале внимание на ова предупредување преживеале кога Римјаните го уништиле Ерусалим.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Ние живееме во времето на крајот на овој злобен свет. Затоа, и ние мора да бидеме трезвени и да бдееме. Во оваа статија ќе разгледаме што ќе ни помогне да бидеме урамнотежени додека будно внимаваме што се случува во светот, што значи да внимаваме на себе и како на најдобар можен начин да го искористиме преостанатото време.
БИДИ УРАМНОТЕЖЕН ДОДЕКА ГЛЕДАШ ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО СВЕТОТ
4. Зошто треба да бидеме заинтересирани за тоа како настаните во светот ги исполнуваат библиските пророштва?
4 Имаме добри причини да бидеме заинтересирани за тоа како настаните во светот ги исполнуваат библиските пророштва. На пример, Исус кажал кои конкретни настани ќе се случуваат за да знаеме кога ќе се приближи крајот на Сатановиот свет (Мат. 24:3-14). За нашата вера да остане цврста, апостол Петар нѐ поттикнал да обрнеме внимание на исполнувањето на пророштвата (2. Пет. 1:19-21). Последната книга од Библијата почнува со зборовите: „Откровение на Исус Христос, кое му го даде Бог, за да им го покаже на своите робови она што наскоро ќе се случи“ (Отк. 1:1). Значи, ние сме многу заинтересирани за она што се случува во светот и сакаме да разбереме на кој начин тие настани можеби се исполнување на библиските пророштва. Освен тоа, можеби многу сакаме да разговараме со другите на оваа тема.
5. Што не треба да правиме, а што треба да правиме кога разговараме за библиските пророштва? (Види ги и сликите.)
5 Сепак, кога разговараме со другите за библиските пророштва, не треба да шпекулираме. Зошто? Бидејќи не би сакале да кажеме нешто со кое би го нарушиле единството во собранието. На пример, можеби ќе слушнеме како светските водачи зборуваат за тоа дека можат да решат некој конфликт во светот и дека ќе донесат мир и сигурност. Наместо да шпекулираме дека таквата изјава е исполнување на пророштвото од 1. Солуњаните 5:3, треба да бидеме во тек со најновите информации од Јеховината организација. Кога нашите разговори ги темелиме на информациите што ги дава нашата организација, придонесуваме собранието да остане обединето „со ист начин на размислување“ (1. Кор. 1:10; 4:6).
6. Што учиме од 2. Петрово 3:11-13?
6 Прочитај 2. Петрово 3:11-13. Апостол Петар ни помага да задржиме урамнотежено гледиште додека размислуваме за библиските пророштва. Тој нѐ поттикнува да го имаме на ум Јеховиниот ден. Зошто? Не затоа што сакаме да ги откриеме денот и часот кога ќе дојде Армагедон, туку затоа што сакаме преостанатото време да го искористиме за да правиме свети дела по кои ќе се види дека сме му оддадени на Бог (Мат. 24:36; Лука 12:40). Со други зборови, сакаме и понатаму да постапуваме исправно и да внимаваме сѐ што правиме во службата за Јехова да биде поттикнато од длабока љубов кон него. За да успееме во тоа, мора да внимаваме на себе.
ШТО ЗНАЧИ ДА ВНИМАВАМЕ НА СЕБЕ?
7. Како покажуваме дека внимаваме на себе? (Лука 21:34).
7 Исус не им кажал на своите ученици будно да внимаваат само на настаните во светот туку да внимаваат и на себе. Ова јасно се гледа од предупредувањето кое е запишано во Лука 21:34. (Прочитај.) Забележи дека Исус кажал: „Внимавајте на себе“. Некој што внимава на себе, обрнува внимание на секоја опасност која би можела да го загрози неговото пријателство со Јехова, и презема сѐ што е потребно за да ја избегне. На тој начин ќе успее да ја зачува Божјата љубов (Изр. 22:3; Јуда 20, 21).
8. Каков поттик им дал апостол Павле на христијаните?
8 Апостол Павле ги поттикнал христијаните да внимаваат на себе. На пример, тој им кажал на христијаните во Ефес: „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри“ (Еф. 5:15, 16). Сатана постојано се обидува да го уништи нашето пријателство со Јехова. Затоа, Библијата ни кажува што треба да правиме за да се заштитиме од сите напади на Сатана. Таа нѐ поттикнува: „Трудете се да разберете што е Јеховината волја“ (Еф. 5:17).
9. Како можеме да разбереме што е Јеховината волја за нас?
9 Во Библијата не е наведена секоја опасност која може да ни го загрози пријателството со Јехова. Честопати мора да носиме одлуки за работи кои не се директно спомнати во Библијата. За да носиме мудри одлуки треба да разбереме што е Јеховината волја. Тоа може да го правиме така што редовно ќе ја проучуваме Божјата Реч и длабоко ќе размислуваме за неа. Колку подобро разбираме што е Јеховината волја и се трудиме да го имаме „Христовиот ум“, толку поголема е веројатноста дека ќе живееме како мудри дури и кога немаме конкретни правила за тоа што треба да правиме (1. Кор. 2:14-16). Понекогаш е лесно да ги препознаеме опасностите од кои треба да се чуваме, но понекогаш тие не се толку очигледни.
10. Кои се некои опасности од кои мора да се чуваме?
10 Некои опасности од кои мора да се чуваме се: флертување, опивање, прејадување, користење навредливи зборови, како и гледање насилна забава, порнографија и слично (Пс. 101:3). Нашиот непријател, Ѓаволот, постојано бара прилики да го наруши нашето пријателство со Јехова (1. Пет. 5:8). Ако не сме внимателни, Сатана може во нашиот ум и во нашето срце да посее завист, нечесност, алчност, омраза, горделивост и огорченост (Гал. 5:19-21). На почеток, тие чувства можеби нема да бидат толку силни. Но, ако веднаш не преземеме нешто за да ги искорениме, тие ќе продолжат да растат како отровно растение и ќе создаваат проблеми (Јак. 1:14, 15).
11. Која е една прикриена опасност од која мора да се чуваме, и зошто?
11 Една прикриена опасност е лошото друштво. Размисли за следнава ситуација. Имаш еден колега кој не е Јеховин сведок. Бидејќи сакаш да има добро мислење за Јеховините сведоци, се однесуваш љубезно и се ставаш на располагање да му помагаш. Понекогаш, дури одиш и на ручек со тоа лице. Наскоро, почнувате редовно да ручате заедно. Одвреме-навреме, тоа лице почнува да зборува за неморални работи. На почеток се трудиш да не зборуваш на таа тема. Но, со текот на времето толку се навикнуваш на таквите теми што тие повеќе не ти пречат. Потоа, еден ден, твојот колега те поканува да одите на пијалак после работа и ти прифаќаш. Со текот на времето, почнуваш да размислуваш како твојот колега. Што мислиш, колку време ќе помине пред и ти да почнеш да постапуваш како него? Се разбира, ние сме љубезни и покажуваме почит кон сите, но мора да имаме на ум дека врз нас силно влијаат оние со кои го минуваме времето (1. Кор. 15:33). Ако внимаваме на себе, како што нѐ поттикнал Исус, нема непотребно да се дружиме со оние кои не живеат според Јеховините мерила (2. Кор. 6:15). Ќе ја согледаме опасноста и ќе се чуваме од неа.
КОРИСТИ ГО ВРЕМЕТО НАЈДОБРО ШТО МОЖЕШ
12. Што требало да прават учениците на Исус додека чекале да дојде крајот на поредокот во кој живееле?
12 Исус сакал неговите ученици да бидат зафатени додека чекале да дојде крајот на поредокот во кој живееле. Затоа им дал задача која требало да ја извршуваат. Тој им заповедал да ја проповедаат добрата вест „во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:6-8). Значи, учениците на Исус добиле огромна задача! Со тоа што потполно се посветиле на таа задача, тие го користеле своето време на најдобар можен начин.
13. Зошто треба да го користиме нашето време најдобро што можеме? (Колошаните 4:5).
13 Прочитај Колошаните 4:5. За да внимаваме на себе, треба сериозно да размислиме како го користиме нашето време. „Непредвидените настани“ можат да го погодат секого од нас (Проп. 9:11). Освен тоа, нашиот живот може неочекувано да заврши.
14-15. Како можеме на најдобар можен начин да го користиме нашето време? (Евреите 6:11, 12; види ја и сликата).
14 Нашето време ќе го користиме на најдобар можен начин така што ќе ја вршиме волјата на Јехова и ќе си го зајакнуваме пријателството со него (Јован 14:21). Треба да бидеме „постојани, непоколебливи, секогаш зафатени во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58). Така, кога ќе дојде крајот — без разлика дали крајот на нашиот живот или крајот на овој злобен свет — ќе нема за што да жалиме (Мат. 24:13; Рим. 14:8).
15 Денес, Исус продолжува да ги води своите ученици додека проповедаат за Божјето Царство низ целата Земја. Тој го исполнил своето ветување. Преку Јеховината организација, Исус нѐ поучува како да проповедаме и ни го дава сето она што ни е потребно за да ја објавуваме добрата вест (Мат. 28:18-20). Ние го правиме нашиот дел така што трудољубиво проповедаме и ги поучуваме луѓето за Бог, и така што остануваме будни додека чекаме Јехова да му стави крај на овој свет. Ако го применуваме советот од Евреите 6:11, 12, ќе можеме цврсто да се држиме за нашата надеж „сѐ до крајот“. (Прочитај.)
16. Што сме решени да правиме?
16 Јехова има одредено во кој ден и час ќе му стави крај на Сатановиот свет. Во свое време, Јехова ќе ги исполни сите пророштва за новиот свет кои се запишани во неговата Реч. Но понекогаш можеби си мислиме дека крајот нема да дојде толку брзо. Сепак, Јеховиниот ден „нема да задоцни“! (Авак. 2:3) Затоа, да бидеме решени да гледаме кон Јехова и да го чекаме Богот на нашето спасение (Мих. 7:7).
ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?
a Во оваа статија ќе видиме како можеме да останеме урамнотежени додека будно внимаваме што се случува во светот. Исто така, ќе разгледаме како можеме да внимаваме на себе и како на најдобар начин да го искористиме нашето време.
b ОПИС НА СЛИКАТА: (Горе) Еден брачен пар гледа вести. Потоа, по еден собраниски состанок, тие им ги изнесуваат на другите своите цврсти ставови во врска со значењето на настаните од вестите. (Долу) Еден брачен пар гледа извештај од Водечкото тело за да биде во тек со најновите разбирања на библиските пророштва. Тие им нудат на другите библиски публикации што ги обезбедува верниот и разборит роб.