Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 4

Едноставни симболи — што учиме од нив за Исус, нашиот небесен Цар

Едноставни симболи — што учиме од нив за Исус, нашиот небесен Цар

Ова го претставува моето тело... Ова ја претставува мојата „крв на сојузот“ (МАТ. 26:26-28)

ПЕСНА 16 Фалете го Бог за Исус, небесниот Цар

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Зошто не нѐ изненадува тоа што Исус нѐ поучил да ја одбележуваме неговата смрт на едноставен начин? б) Кои особини на Исус ќе ги разгледаме?

МОЖЕШ ли да објасниш како се одбележува годишнината од смртта на Христос? Повеќето од нас можат со неколку зборови да кажат што се случува во текот на Господаровата вечера. Зошто? Затоа што таа прослава е прилично едноставна. Но, истовремено е и многу значајна. Можеби се прашуваш: „Зошто Исус нѐ поучил да ја одбележуваме неговата смрт на толку едноставен начин?“

2 Додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус им пренесувал важни вистини на луѓето на едноставен, јасен и разбирлив начин (Мат. 7:28, 29). Слично на тоа, тој нѐ поучил да ја одбележуваме и неговата смрт на начин кој е едноставен, но сепак полн со значење. Да разгледаме што се случувало во текот на Господаровата вечера, и да видиме што кажал и што направил Исус во таа прилика. Така уште подобро ќе разбереме колку тој е понизен, храбар и полн со љубов, и ќе дознаеме како да го следиме неговиот пример во уште поголема мера.

ИСУС Е ПОНИЗЕН

Лебот и виното кои се користат како симболи на Спомен-свеченоста нѐ потсетуваат дека Исус го дал својот живот за нас и дека сега владее како наш Цар на небото (Види во пасуси 3-5)

3. а) Според Матеј 26:26-28, зошто може да се каже дека Спомен-свеченоста била едноставна прослава? б) Што симболизираат лебот и виното што ги користел Исус?

3 Кога ја воспоставил Спомен-свеченоста со која требало да се одбележува неговата смрт, Исус бил заедно со своите 11 верни апостоли. Тој го зел она што останало од вечерата со која ја прославиле Пасхата за да им покаже како да ја одржуваат Господаровата вечера во иднина. (Прочитај Матеј 26:26-28.) Исус ги употребил само бесквасниот леб и виното што веќе биле на трпезата. Тој им рекол на апостолите дека тие две едноставни работи го симболизираат неговото совршено тело и неговата совршена крв, кои наскоро требало да ги даде како жртва за нив. Апостолите веројатно не биле изненадени што Исус им покажал дека оваа нова важна прослава треба да се одбележува на толку едноставен начин. Зошто?

4. Како советот што Исус ѝ го дал на Марта ни помага да сфатиме зошто на Господаровата вечера употребил само леб и вино?

4 Размисли за она што се случило неколку месеци пред тоа, во третата година од службата на Исус, кога бил на гости кај своите блиски пријатели Лазар, Марта и Марија. Тој ја искористил таа прилика да ги поучува оние што биле таму. Иако и Марта била присутна, вниманието ѝ било поделено бидејќи подготвувала најразлични јадења за својот важен гостин. Исус го забележал тоа, и затоа љубезно ја исправил. Тој ѝ помогнал да сфати дека не мора секогаш да има толку разновидна и обилна храна (Лука 10:40-42). Подоцна, само неколку часа пред да го жртвува својот живот, и самиот го применил советот што ѝ го дал, така што на Господаровата вечера употребил само леб и вино. Што учиме од ова за Исус?

5. Што учиме за Исус од тоа што на Господаровата вечера употребил едноставни симболи, и како тоа е во склад со Филипјаните 2:5-8?

5 Понизноста на Исус се гледала во сите негови зборови и постапки. Затоа не нѐ изненадува тоа што покажал голема понизност и во таа последна ноќ од својот живот на Земјата (Мат. 11:29). Тој знаел дека наскоро ќе треба да ја принесе најголемата жртва во човечката историја, и дека потоа Јехова ќе го воскресне и ќе му даде величествена положба на небото. Сепак, не сакал да свртува непотребно внимание на себеси, барајќи неговата смрт да се одбележува на некој комплициран начин. Наместо тоа, им кажал на своите ученици дека треба еднаш годишно да го одржуваат тој настан во негов спомен така што ќе користат само леб и вино (Јован 13:15; 1. Кор. 11:23-25). Тие едноставни, но сепак соодветни симболи, покажуваат дека Исус не бил горделив. Среќни сме што понизноста е една од најистакнатите особини на нашиот небесен Цар. (Прочитај Филипјаните 2:5-8.)

6. Како можеме да бидеме понизни како Исус кога се соочуваме со неволји?

6 Како можеме да бидеме понизни како Исус? Така што ќе ги ставаме потребите и интересите на другите пред нашите (Фил. 2:3, 4). Размисли уште еднаш за последната ноќ од животот на Исус на Земјата. Тој знаел дека ќе претрпи мачна смрт. Сепак, бил длабоко загрижен за своите верни апостоли, кои наскоро ќе тагувале по него. Затоа го искористил тоа кратко време за да им даде совети, да ги охрабри и да ги зајакне (Јован 14:25-31). Исус понизно покажал дека повеќе се грижи за доброто на другите отколку за самиот себе. Тој навистина ни оставил прекрасен пример!

ИСУС Е ХРАБАР

7. Како Исус покажал голема храброст кратко откако ја воспоставил Господаровата вечера?

7 Кратко откако ја воспоставил Господаровата вечера, Исус покажал извонредна храброст. Во кој поглед? Тој спремно се подложил на волјата на својот Татко иако тоа значело дека ќе биде погубен како богохулник, нешто што се сметало за срамно злодело (Мат. 26:65, 66; Лука 22:41, 42). Исус бил совршено послушен и останал верен до смрт за да го прослави Божјето име, да го оправда Јехова како Севишен Владетел и да им овозможи вечен живот на луѓето што ќе се покаат. Истовремено, тој ги подготвил своите следбеници за она што наскоро ги очекувало.

8. а) Што им кажал Исус на своите верни апостоли? б) Како учениците на Исус го следеле неговиот пример на храброст со години подоцна?

8 Исус покажал храброст и така што не дозволил да се преокупира со сопствените чувства. Напротив, и во тие тешки мигови го насочил вниманието на она што им било потребно на неговите верни апостоли. На пример, едноставната прослава што тој ја воспоставил откако му рекол на Јуда да си оди, требало да ги потсетува оние што ќе станеле негови помазани следбеници на користа од неговата пролеана крв и од тоа што ќе бидат учесници во новиот сојуз (1. Кор. 10:16, 17). Но, за да им помогне да останат достојни за небесниот повик, Исус им кажал што очекуваат тој и неговиот Татко од нив (Јован 15:12-15). Освен тоа, ги предупредил своите апостоли дека ќе имаат неволји. На крајот, ги поттикнал да го следат неговиот пример, велејќи: „Бидете храбри!“ (Јован 16:1-4а, 33). Со години подоцна, учениците на Исус продолжиле да ги покажуваат истата самопожртвуваност и храброст што ги покажувал тој. По цена на огромни лични жртви, тие си помагале во разните неволји со кои се соочувале (Евр. 10:33, 34).

9. Како може да покажуваме храброст по примерот на Исус?

9 И ние денес го следиме примерот на Исус така што покажуваме храброст. На пример, потребна е храброст за да им помагаме на нашите браќа кои се прогонувани поради својата вера. Понекогаш, некои од нив се неправедно ставени во затвор. Кога ќе се случи такво нешто, мора да правиме сѐ што можеме за да им помогнеме. Можеби ќе треба дури и смело да зборуваме во нивна одбрана (Фил. 1:14; Евр. 13:19). Друг начин како покажуваме храброст е така што и понатаму смело проповедаме (Дела 14:3). Исто како Исус, решени сме да ја проповедаме пораката за Царството иако луѓето би можеле да ни се противат и да нѐ прогонуваат. Сепак, можеби понекогаш ни недостига храброст. Што може да правиме тогаш?

10. Што треба да правиме во седмиците пред Спомен-свеченоста, и зошто?

10 Можеме да бидеме уште похрабри ако размислуваме за надежта што ја имаме благодарение на откупната жртва која Христос ја дал за нас (Јован 3:16; Еф. 1:7). Во седмиците пред Спомен-свеченоста, имаме посебна можност да го продлабочиме нашето ценење за откупнината. Труди се да ги читаш извештаите од Библијата кои се предвидени за тој период и длабоко размислувај за настаните поврзани со смртта на Исус. Така, кога ќе присуствуваш на Господаровата вечера, уште подобро ќе ја разбереш важноста на симболите кои се користат, како и бесценетата жртва што тие ја претставуваат. Кога размислуваме за она што Исус и Јехова го сториле за нас и сфаќаме колку тоа ни користи нам и на нашите најмили, нашата надеж за иднината станува уште посветла, и поттикнати сме храбро да издржиме до крајот (Евр. 12:3).

11-12. Што научивме од она што го разгледавме досега?

11 Досега видовме дека Господаровата вечера нѐ потсетува не само на скапоцената жртва туку и на извонредната понизност и храброст што ги покажал Исус. Колку треба да бидеме благодарни што тој и понатаму ги покажува овие особини како наш небесен Првосвештеник, кој се зазема кај Бог за нас! (Евр. 7:24, 25). За да го изразиме нашето искрено ценење, мора да бидеме послушни на заповедта што ја дал Исус така што нема да пропуштиме да присуствуваме на одбележувањето на неговата смрт (Лука 22:19, 20). Го правиме тоа на датумот што одговара на 14 нисан — најважниот ден во годината!

12 Едноставниот начин на кој била одржана Господаровата вечера укажува на уште една особина што го поттикнала Исус да умре за нас. Додека бил на Земјата, тој бил познат по таа особина. За што станува збор?

ИСУС Е ПОЛН СО ЉУБОВ

13. Како во Јован 15:9 и во 1. Јованово 4:8-10 е опишана љубовта што ја покажале Јехова и Исус, и кој извлекува корист од неа?

13 Со сѐ што правел, Исус совршено ја одразувал огромната љубов што Јехова ја чувствува кон нас. (Прочитај Јован 15:9; 1. Јованово 4:8-10.) Но, најмногу од сѐ покажал колку многу нѐ сака со тоа што го дал својот живот за нас. Без разлика дали сме помазаници или им припаѓаме на „другите овци“, сите извлекуваме корист од љубовта што Јехова и неговиот Син ни ја покажале со таа жртва (Јован 10:16; 1. Јов. 2:2). Но, и од симболите што Исус ги употребил на Господаровата вечера се гледа неговата љубов и обѕир кон учениците. Во која смисла?

Од љубов, Исус воспоставил толку едноставна прослава што можела да се одбележува низ вековите во најразлични околности (Види во пасуси 14-16) *

14. Како Исус покажал љубов кон своите ученици?

14 Исус покажал љубов кон своите помазани следбеници со тоа што им заповедал да ја одбележуваат неговата смрт на едноставен, а не на комплициран начин. Низ годините, тие помазаници требало да ја одржуваат Спомен-свеченоста секоја година и тоа во најразлични околности, дури и кога некои од нив биле в затвор (Отк. 2:10). Дали успеале да му бидат послушни на Исус? Да!

15-16. Како некои успеале да ја одбележат Господаровата вечера во тешки околности?

15 Вистинските христијани се трудат да ја одбележуваат смртта на Исус сѐ до ден-денес. Уште од самиот почеток, тие давале сѐ од себе да ја одржуваат Господаровата вечера на истиот начин, понекогаш дури и во многу тешки околности. На пример, кога бил во самица во еден затвор во Кина, брат Харолд Кинг морал да биде многу досетлив. Тој скришно ги подготвил симболите за Спомен-свеченоста користејќи го она што го имал при рака. Освен тоа, го пресметал датумот на одбележувањето највнимателно што можел. Кога дошол тој ден, брат Кинг пеел, се молел и одржал библиски говор иако бил сам во ќелијата.

16 Да разгледаме уште еден пример. Група сестри, кои биле затворени во концентрационен логор во текот на Втората светска војна, си го ризикувале животот за да ја одбележат Господаровата вечера. Со оглед на тоа што симболите кои се користат во таа прилика се толку едноставни, тие успеале незабележливо да ја одржат Спомен-свеченоста. Овие сестри раскажале: „Стоевме во круг околу едно столче покриено со парче бела ткаенина на која беа ставени лебот и виното. Запаливме свеќа бидејќи, ако го вклучевме светлото, можеа да нѐ откријат... Со ревност и жар повторно му се заветувавме на нашиот Татко дека ќе продолжиме со сите сили да го правдаме неговото свето име“. Тие навистина покажале извонредна вера! А Исус покажал огромна љубов со тоа што ни овозможил да ја одбележуваме неговата смрт дури и во толку тешки околности!

17. Кои прашања е добро да си ги поставиме?

17 Додека наближува Спомен-свеченоста, добро е да си ги поставиме следниве прашања: „По примерот на Исус, како можам да покажувам љубов во уште поголема мера? Дали размислувам повеќе за потребите на моите соверници отколку за своите лични потреби? Дали очекувам од моите браќа и сестри повеќе отколку што можат да прават или сум свесен за нивните ограничувања?“ Да се трудиме секогаш да постапуваме како Исус и да бидеме сочувствителни (1. Пет. 3:8).

НЕ ЗАБОРАВАЈ ГИ ОВИЕ ПОУКИ

18-19. а) Во што може да бидеме уверени? б) Што си решен да правиш?

18 Од нас нема да се очекува уште долго да ја одбележуваме Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт. Кога Исус ќе дојде во големата неволја, ќе ги земе преостанатите „избрани“ на небото, и Господаровата вечера ќе престане да се одржува (1. Кор. 11:26; Мат. 24:31).

19 Но, дури и кога повеќе нема да го одбележуваме овој настан, може да бидеме уверени дека ќе имаме пријатни спомени од него — тој секогаш ќе нѐ потсетува на најголемиот пример на понизност, храброст и љубов што воопшто ги покажал некој човек. Тогаш, оние што присуствувале на оваа свеченост сигурно ќе им раскажуваат на сите други за поуките што ги извлекле од неа. Но, за да може уште сега да извлечеме корист од овој настан, мора да бидеме решени да покажуваме понизност, храброст и љубов исто како Исус. Така ќе бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ награди (2. Пет. 1:10, 11).

ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример

^ пас. 5 Наскоро ќе присуствуваме на Господаровата вечера за да ја одбележиме смртта на Исус Христос. Од едноставните симболи што Исус ги користел во таа прилика, учиме многу за неговата понизност, храброст и љубов. Во оваа статија ќе разгледаме како можеме и ние да ги покажуваме овие скапоцени особини.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Верни Божји слуги ја одбележуваат Господаровата вечера: во едно собрание од првиот век; при крајот на 19 век; во нацистички концентрационен логор; и во наше време, во скромна сала без ѕидови во една земја во Јужна Америка каде што има топла клима.