Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 1

Не плаши се, зашто јас сум твојот Бог!

Не плаши се, зашто јас сум твојот Бог!

Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам (ИСА. 41:10)

ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Како влијаеле зборовите од Исаија 41:10 врз една сестра по име Јошико? б) Кому можат да му користат зборовите од тој стих?

ДОКТОРКАТА ѝ соопштила лоша вест на една верна христијанка по име Јошико — ѝ рекла дека ѝ преостануваат само уште неколку месеци живот. Како реагирала Јошико? Таа се сетила на еден омилен библиски стих, Исаија 41:10. (Прочитај.) А потоа смирено ѝ кажала на докторката дека не се плаши бидејќи Јехова ја држи за рака. * Утешните зборови од тој стих ѝ помогнале на нашата мила сестра да покаже потполна доверба во Јехова. Овој стих може да ни помогне и нам да останеме смирени кога ќе се соочиме со тешки неволји. За да разбереме како може да ни помогне, најпрво да видиме зошто Бог му ги кажал тие зборови на Исаија.

2 Јехова го поттикнал Исаија да го напише тоа за да ги утеши Евреите кои подоцна биле одведени како изгнаници во Вавилон. Но, Бог ги зачувал тие зборови за да им користат и на сите други негови слуги што живееле оттогаш па сѐ до ден-денес (Иса. 40:8; Рим. 15:4). Бидејќи живееме во „особено тешки времиња“, сега ни е потребно охрабрувањето што го содржи книгата Исаија повеќе од кога и да е порано (2. Тим. 3:1).

3. а) Кои ветувања се дадени во Исаија 41:10, кој беше избран како годишен стих за 2019 год.? б) Зошто ни се потребни овие ветувања?

3 Во оваа статија ќе разгледаме три ветувања од Јехова кои можат да ни ја зајакнат верата, а се запишани во Исаија 41:10: 1) Јехова ќе биде со нас, 2) тој е нашиот Бог и 3) тој ќе ни помага. Овие ветувања * навистина ни се потребни бидејќи, слично на Јошико, секој од нас се соочува со тешки ситуации. Освен тоа, чувствуваме додатен притисок и од лошите работи што се случуваат во светот. А некои од нас дури трпат и прогонство од страна на моќни влади. Да ги разгледаме овие три ветувања едно по едно.

„ЈАС СУМ СО ТЕБЕ“

4. а) Кое е првото ветување што ќе го разгледаме? (Види ја и фуснотата.) б) Со кои зборови Јехова ги изразил своите чувства кон нас? в) Како она што го кажал Бог влијае врз тебе?

4 Најпрво Јехова нѐ утешува со следниве зборови: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе!“ * Тој докажува дека е со нас така што ни обрнува целосно внимание и ни покажува голема љубов. Забележи со кои зборови Бог ги изразил своите нежни и длабоки чувства кон нас. Јехова рекол: „Драгоцен [си] во моите очи, достоен си за чест и јас те сакам“ (Иса. 43:4). Не постои сила на светот што може да го натера Јехова да престане да ги сака оние што му служат; тој нема никогаш да ги напушти (Иса. 54:10). Неговата љубов и пријателство ни влеваат храброст. Тој ќе нѐ штити денес, исто како што го штител својот пријател Аврам (Авраам). Јехова му рекол: „Не плаши се, Авраме! Јас ќе те штитам“ (1. Мој. 15:1).

Со Јеховина помош, ќе можеме да ги пребродиме сите неволји кои ќе надојдат како реки или ќе пламнат како оган (Види во пасуси 5-6) *

5-6. а) Зошто сме уверени дека Јехова сака да ни помогне да се избориме со проблемите низ кои минуваме? б) Што учиме од Јошико?

5 Уверени сме дека Јехова сака да ни помогне да се избориме со проблемите низ кои минуваме, бидејќи тој му го ветил следново на својот народ: „Ако појдеш преку води, јас ќе бидам со тебе. Ако појдеш преку реки, тие нема да те преплават. Ако појдеш преку оган, нема да изгориш и пламен нема да те подгори“ (Иса. 43:2). Што значат овие зборови?

6 Јехова не ни ветува дека ќе ги отстрани неволјите што ни го отежнуваат животот. Сепак, тој нема да дозволи да потонеме во „реки“ од проблеми и нема да допушти огнените испити да ни нанесат трајна штета. Тој нѐ уверува дека ќе биде со нас и дека ќе ни даде сила да ги пребродиме тешкотиите на кои ќе наидеме. Што ќе направи Јехова? Тој ќе ни помогне да го совладаме стравот за да му останеме верни, дури и ако се соочиме со смрт (Иса. 41:13). Јошико, која беше спомната во почетокот на статијата, се уверила во тоа. Нејзината ќерка вели: „Бевме восхитени од тоа колку мама беше смирена. Навистина видовме како Јехова ѝ дава душевен мир. До последниот ден од својот живот зборуваше со медицинските сестри и со пациентите за Јехова и за неговите ветувања“. Што учиме од Јошико? Ако имаме доверба во ветувањето што го дал Бог дека ќе биде со нас, и ние можеме да бидеме силни и храбри додека трпиме неволји.

„ЈАС СУМ ТВОЈОТ БОГ“

7-8. а) Кое е второто ветување што го дал Јехова преку Исаија, и што значи тоа? б) Зошто Јехова им рекол на еврејските изгнаници да не бидат загрижени? в) Кои зборови од Исаија 46:3, 4 сигурно го зајакнале Божјиот народ?

7 Забележи го второто ветување, односно уверување, што го дал Исаија: „Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог!“ Изразот „не свртувај се плашливо“ пренесува слика на некој што се обѕрнува наназад бидејќи се плаши дека му се заканува опасност од нешто или од некого. Може да се преведе и со „не биди загрижен“ или „не вознемирувај се“.

8 Зошто Јехова им рекол на Евреите кои подоцна заминале како изгнаници во Вавилон да не бидат загрижени? Бидејќи знаел дека жителите на таа земја ќе имаат причина да се плашат. Од што? При крајот на 70-годишниот период од изгнанството на Евреите, Вавилон ќе бил нападнат од моќната медо-персиска војска. Јехова имал намера да ја употреби таа војска за да го ослободи својот народ од Вавилон (Иса. 41:2-4). Кога Вавилонците и другите народи во тоа време дознале дека непријателот се приближува, се обиделе да се охрабрат велејќи си еден на друг: „Биди јак!“ Исто така, почнале да прават уште повеќе идоли на лажни богови со надеж дека тие ќе ги заштитат (Иса. 41:5-7). Во меѓувреме, Јехова ги утешил еврејските изгнаници така што им рекол: „А ти, Израеле, [за разлика од околните народи] си слуга мој... Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог!“ (Иса. 41:8-10). Забележи дека Јехова рекол: „Јас сум твојот Бог“. Со тие зборови ги уверил своите верни слуги дека не ги заборавил — тој сѐ уште бил нивниот Бог, а тие сѐ уште биле негов народ. Јехова им рекол: „Ќе ве носам... и ќе ве избавувам“. Овие утешни зборови сигурно многу ги зајакнале еврејските изгнаници. (Прочитај Исаија 46:3, 4.)

9-10. Зошто нема причина да се плашиме? Наведи споредба.

9 Денес, повеќе од кога и да е порано, луѓето околу нас се загрижени и вознемирени поради условите во светот, кои сѐ повеќе се влошуваат. Се разбира, и ние сме погодени од истите проблеми. Но, не треба да се плашиме. Јехова ни вели: „Јас сум твојот Бог“. Зошто ова е силна причина да останеме смирени?

10 Размисли за следнава споредба: Двајца патници, Денис и Роберт, се наоѓаат во авион кој го тресат силни ветрови. Додека авионот на моменти нагло паѓа и се крева, преку разгласот се слуша глас кој им вели на патниците: „Ве молиме, не одврзувајте ги појасите. Некое време ќе летаме низ зона на турбуленции“. Денис многу се вознемирува. Но, тогаш пилотот додава: „Ви се обраќа пилотот на авионот. Нема причина за загриженост“. „Е сега ептен нѐ утеши!“, иронично вели Денис. Сепак, тој забележува дека Роберт воопшто не е вознемирен, па го прашува: „Како можеш да бидеш толку смирен?“ А Роберт се насмевнува и вели: „Го познавам пилотот многу добро. Тоа е татко ми“. Потоа продолжува: „Да знаеш колку добар пилот е тој, и ти нема да се плашиш! Да ти кажам нешто за него...“

11. Што учиме од споредбата за двајцата патници?

11 Што учиме од оваа споредба? Слично на Роберт, ние сме смирени бидејќи многу добро го познаваме нашиот небесен Татко, Јехова. Знаеме дека тој ќе ни помогне безбедно да поминеме низ животните бури со кои се соочуваме во последните денови на овој свет (Иса. 35:4). Бидејќи имаме доверба во Јехова, може да бидеме спокојни иако луѓето во светот постојано живеат во страв (Иса. 30:15). Постапуваме слично како Роберт и кога им објаснуваме на другите зошто имаме доверба во Бог. Така и тие можат да се уверат дека Јехова ќе им помага сеедно на какви проблеми ќе наидат.

„ЈАС ЌЕ ТЕ ЗАЈАКНАМ И ЌЕ ТИ ПОМОГНАМ“

12. а) Кое е третото ветување што го дал Јехова преку Исаија? б) На што нѐ потсетува изразот Јеховината „рака“?

12 Да го разгледаме и третото ветување што го запишал Исаија: „Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“. Тој веќе објаснил како Бог ќе го зајакне својот народ, кога рекол: „Јехова ќе дојде како силен јунак, неговата рака ќе владее за него“ (Иса. 40:10). Во Библијата, зборот „рака“ честопати се користи за да се укаже на моќ. Според тоа, изразот Јеховината „рака ќе владее“, нѐ потсетува дека Јехова е моќен Цар. Тој ја искористил својата неизмерна сила за да ги поддржува и да ги брани своите слуги во минатото, и продолжува да ги зајакнува и штити оние што покажуваат доверба во него денес (5. Мој. 1:30, 31; Иса. 43:10).

Ниедно оружје што ќе се крене против Јеховината силна заштитничка рака нема да успее (Види во пасуси 12-16) *

13. а) Особено во која ситуација Јехова си го одржува ветувањето дека ќе нѐ зајакне? б) Кое уверување ни влева сила и доверба?

13 Особено кога непријателите нѐ прогонуваат, Јехова си го одржува ветувањето: „Јас ќе те зајакнам“. Денес, во некои делови од светот нашите непријатели се обидуваат со сите сили да го спречат проповедничкото дело или да ја забранат нашата организација. И покрај тоа, не сме премногу загрижени поради таквите напади. Јехова ни дал уверување што ни влева сила и доверба. Тој ни ветува: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (Иса. 54:17). Оваа изјава нѐ потсетува на три важни работи.

14. Зошто не сме изненадени што Божјите непријатели нѐ напаѓаат?

14 Прво, како следбеници на Христос, ние очекуваме другите да нѐ мразат (Мат. 10:22). Исус прорекол дека неговите ученици ќе бидат сурово прогонувани во последните денови (Мат. 24:9; Јован 15:20). Второ, пророштвото на Исаија нѐ предупредува дека нашите непријатели нема само да нѐ мразат туку и дека ќе користат најразлично оружје против нас. Во таквото оружје спаѓаат ширење на полувистини или чисти лаги, како и немилосрдно прогонство (Мат. 5:11). Јехова нема да ги спречи нашите непријатели да го користат тоа оружје за да се борат против нас (Еф. 6:12; Отк. 12:17). Сепак, не треба да се плашиме. Зошто?

15-16. а) Која е третата работа што мора да ја имаме на ум, и како Исаија 25:4, 5 го потврдува тоа? б) Како во Исаија 41:11, 12 е опишано што ќе се случи со сите што се борат против нас?

15 Да ја разгледаме и третата работа што мора да ја имаме на ум. Јехова рекол дека „никакво оружје“ што ќе се користи против нас „нема да успее“. Исто како што еден ѕид може да нѐ заштити од налетот на силна бура, така Јехова нѐ штити од нападите на насилниците, кои се „како бура што удира в ѕид“. (Прочитај Исаија 25:4, 5.) Нашите непријатели никогаш нема да успеат да ни нанесат трајна штета (Иса. 65:17).

16 Јехова ја зајакнува нашата доверба во него и со тоа што ни објаснува во детали што ќе се случи со „оние што се жестат“ на нас. (Прочитај Исаија 41:11, 12.) Без разлика колку немилосрдно нашите противници се борат против нас или колку жестока станува таа војна, крајниот исход ќе биде ист — сите непријатели на Божјиот народ „ќе бидат како ништо и ќе изгинат“.

КАКО СИ ЈА ЗАЈАКНУВАМЕ ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВА

Си ја зајакнуваме довербата во Јехова кога редовно читаме за него во Библијата (Види во пасуси 17-18) *

17-18. а) Како може да си ја зајакнеме довербата во Бог со тоа што ќе ја читаме Библијата? Наведи споредба. б) Како може да ни помогне тоа што длабоко ќе размислуваме за годишниот стих за 2019 год.?

17 Довербата во Јехова си ја зајакнуваме кога уште подобро го запознаваме. А единствен начин како можеме вистински да го запознаеме е така што внимателно ќе ја читаме Библијата и длабоко ќе размислуваме за неа. Таа содржи веродостоен запис за начинот на кој Јехова го штител својот народ во минатото. Ова нѐ исполнува со доверба дека тој и денес ќе се грижи за нас.

18 Да разгледаме еден прекрасен опис што го дал Исаија за да ни помогне да сфатиме како Јехова нѐ штити. Тој го споредил Бог со пастир, а Божјите слуги со јагниња. Во врска со Јехова, Исаија вели: „Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите“ (Иса. 40:11). Кога сме свесни дека Јехова цврсто нѐ држи во својата прегратка, сигурно се чувствуваме заштитено и спокојно. За да останеме спокојни и покрај сите проблеми со кои се соочуваме, верниот и разборит роб го избра Исаија 41:10 како годишен стих за 2019 год.: Не плаши се, зашто јас сум твојот Бог! Длабоко размислувај за овие утешни зборови. Тие ќе ти влеат сила да се справиш со предизвиците што ни претстојат.

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

^ пас. 5 Во годишниот стих кој е избран за 2019 год. се наоѓаат три причини зошто може да останеме спокојни дури и кога во светот или нам лично ни се случуваат лоши работи. Тие причини ќе бидат разгледани во оваа статија. Таа ќе ни помогне да не бидеме премногу загрижени и да имаме уште поголема доверба во Јехова. Длабоко размислувај за годишниот стих. Обиди се да го научиш напамет. Зборовите од тој стих ќе те зајакнат и ќе ти влеат сила да се соочиш со проблемите кои нѐ очекуваат во иднина.

^ пас. 3 ПОЈАСНУВАЊЕ: Ветување е вистинита изјава дека нешто со сигурност ќе се случи. Ветувањата од Јехова ќе ни помогнат да не бидеме премногу загрижени кога во нашиот живот ќе се појават проблеми.

^ пас. 4 Изразот „не плаши се“ се спомнува три пати во Исаија 41:10, 13 и 14. Во истите стихови, на повеќе места се спомнува зборот „јас“ (се однесува на Јехова). Зошто Јехова, преку својот дух, го поттикнал Исаија да го користи зборот „јас“ толку често? За да нагласи една важна работа — нашите стравови ќе ги снема само ако имаме доверба во него.

^ пас. 52 ОПИС НА СЛИКАТА: Членовите на едно семејство се соочуваат со разни проблеми на работа, со здравјето, во служба и на училиште.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: На еден состанок што се одржува во приватен дом влегува полиција, но браќата и сестрите не паничат.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Редовното одржување на Семејната вечер ни дава сила да истраеме.