Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 1

„Одете и правете ученици“

„Одете и правете ученици“

ГОДИШЕН СТИХ ЗА 2020: Одете и правете ученици, крштавајќи ги (МАТ. 28:19)

ПЕСНА 79 Да ги учиме да бидат непоколебливи

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Што им кажал ангелот на жените кои дошле на гробот на Исус, и што им рекол самиот Исус?

УТРОТО на 16 нисан 33 год. од н.е., неколку верни жени со тага во срцето се упатиле кон гробот каде што два дена пред тоа било положено телото на нивниот Господар, Исус Христос. Но, кога пристигнале таму, со намера да го намачкаат мртвото тело со мирисливи масла, тие виделе дека гробот е празен! Додека стоеле запрепастено, им се појавил еден ангел и им рекол дека Исус воскреснал од мртвите. А потоа додал: „Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе го видите“ (Мат. 28:1-7; Лука 23:56; 24:10).

2 Кога си заминале откај гробот, им се појавил самиот Исус и им рекол: „Одете, кажете им на моите браќа да појдат во Галилеја. Таму ќе ме видат“ (Мат. 28:10). Исус очигледно имал многу важни упатства за своите ученици бидејќи првото нешто што сакал да го направи по своето воскресение било да се сретне со нив.

ЗА КОГО ВАЖИ ЗАПОВЕДТА ШТО ЈА ДАЛ ИСУС?

Кога по своето воскресение се сретнал со апостолите и со некои други во Галилеја, Исус им заповедал да одат и и да прават ученици. (Види во пасуси 3-4.)

3-4. Зошто може да се каже дека Исус не им ја дал заповедта од Матеј 28:19, 20 само на апостолите? (Види ја сликата на насловната страница.)

3 Прочитај Матеј 28:16-20. На средбата во Галилеја, Исус им кажал на своите ученици кое важно дело требало да го извршуваат во тоа време. Тоа е истото дело што го вршиме и ние денес. Исус рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“.

4 Исус сака сите негови следбеници да проповедаат. Таа заповед не требало да важи само за неговите 11 верни апостоли. Кога Исус ја дал оваа заповед на гората во Галилеја, таму не биле присутни само неговите апостоли. Од каде го знаеме ова? Сети се дека ангелот им рекол на жените: „Таму ќе го видите“. Ова значи дека и тие требало да појдат во Галилеја. Според тоа, освен апостолите, сигурно и овие жени присуствувале на таа средба. Но, тие не биле единствените.

5. Што дознаваме од 1. Коринќаните 15:6?

5 Апостол Павле открива дека Исус, всушност, им се појавил на „повеќе од петстотини“ браќа (1. Кор. 15:6). Во која прилика? Имаме добри причини да заклучиме дека Павле ја имал на ум токму таа средба во Галилеја која е спомната во Матеј, поглавје 28. Прво, повеќето ученици на Исус биле од Галилеја. Затоа било многу полесно да се сретне со голем број луѓе на некоја гора во Галилеја отколку во нечиј дом во Ерусалим. Второ, откако воскреснал, Исус веќе им се појавил на своите 11 апостоли во една куќа во Ерусалим. Ако сакал само ним да им даде заповед да проповедаат и да ги поучуваат луѓето, можел да го стори тоа во Ерусалим наместо да бара од нив, од жените и од други да се сретнат со него во Галилеја (Лука 24:33, 36).

6. а) Како Матеј 28:20 покажува дека заповедта на Исус да ги поучуваме луѓето важи и денес? б) Од што се гледа дека Христовите следбеници се послушни на таа заповед?

6 И трето, заповедта што ја дал Исус не важела само за христијаните што живееле во првиот век. Од каде го знаеме ова? Откако им заповедал на своите ученици да ги поучуваат луѓето, Исус им рекол: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Во склад со неговите зборови, денес делото на проповедање и поучување е во полн ек. Секоја година, речиси 300.000 луѓе се крштаваат како Јеховини сведоци и стануваат ученици на Исус Христос!

7. Што ќе разгледаме во оваа статија, и зошто?

7 Мнозина од оние со кои ја проучуваме Библијата се крштаваат. Но, некои со кои редовно проучуваме не се решаваат на тој чекор. Иако им е убаво да проучуваат, не прават промени. Ако проучуваш со некого, сигурно сакаш да му помогнеш на тоа лице да го применува она што го учи и да стане ученик на Христос. Во оваа статија ќе видиме како можеме да му помогнеме на интересентот да го засака Јехова и да напредува во духовен поглед. Во спротивно, ќе дојде време кога можеби ќе мора да одлучиме да престанеме да проучуваме со него.

ПОМОГНИ МУ ДА ГО ЗАСАКА ЈЕХОВА

8. Зошто понекогаш на интересентите им е тешко да го засакаат Јехова?

8 Јехова сака луѓето да му служат од љубов. Наша цел е да им помогнеме на интересентите да разберат дека Јехова многу се грижи за нив и дека многу ги сака. Треба да им помогнеме да гледаат на него како на Татко и заштитник на беспомошните (Пс. 68:5). Кога ќе сфатат колку Бог ги сака, веројатно и кај нив ќе се развие љубов кон него. На некои можеби им е тешко да го гледаат Јехова како Татко полн со љубов бидејќи нивниот татко не им покажувал љубов и нежност (2. Тим. 3:1, 3). Затоа, додека проучуваш со нив, истакни ги прекрасните особини што ги има Јехова. Помогни им на интересентите да сфатат дека нашиот грижлив Бог сака тие да добијат вечен живот, и дека е спремен да им помогне во тоа. Што друго може да правиме?

9-10. Кои публикации треба да ги користиме за да проучуваме со луѓето, и зошто?

9 Користи ги книгите „Што учи Библијата“ и „Божјата љубов“. Главна цел на овие публикации е да им помогнеме на интересентите да го засакаат Јехова. На пример, во првото поглавје од книгата Што учи Библијата има одговор на следниве прашања: Дали Бог е незаинтересиран и бесчувствителен?, Како гледа Бог на неправдите што ги трпиме? и Можеш ли да бидеш близок со Јехова? Книгата Божјата љубов ќе му помогне на интересентот да разбере како да ги применува библиските начела за да води подобар живот и да стане поблизок со Јехова. Дури и ако веќе си ги проучувал овие книги со некој друг, подготвувај се добро имајќи ги на ум конкретните потреби на интересентот.

10 Но, што ако него го интересира некоја тема за која се зборува во друга публикација која не е наменета за проучување? Би можел да го поттикнеш да си ја прочита сам. Така ќе можете да продолжите со проучување на некоја од публикациите што веќе ги спомнавме.

Кога ја проучуваш Библијата со интересентот, моли се заедно со него (Види во пасус 11)

11. Кога треба да ја воведеме молитвата ако проучуваме со некого, и како би можеле да го сториме тоа?

11 Кога ја проучуваш Библијата со интересентот, моли се заедно со него. Општо земено, ако почнеме редовно да проучуваме со некого, најдобро е да ја воведеме молитвата што е можно порано, можеби уште во првите неколку седмици. Убаво е да почнеме и да завршиме со молитва. Мора да му помогнеме на интересентот да сфати дека можеме да ја разбереме Библијата само со помош на Божјиот дух. Некои објавители објаснуваат зошто е добро да се молиме така што го читаат Јаков 1:5, каде што стои: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог“. Потоа го прашуваат интересентот: „Како можеме да бараме мудрост од Бог?“ Тој веројатно ќе каже дека треба да му се молиме.

12. Како можеш да го употребиш Псалм 139:2-4 за да го поттикнеш интересентот отворено да му се моли на Јехова за сѐ?

12 Објасни му на интересентот како да се моли. Кажи му дека Јехова сака да ги слуша неговите искрени молитви. Објасни му дека во нашите лични молитви можеме отворено да зборуваме со Бог за сѐ — дури и да му ги искажеме нашите најдлабоки чувства, кои не би можеле да ги споделиме со никој друг. Впрочем, Јехова веќе ги знае нашите најскриени мисли. (Прочитај Псалм 139:2-4.) Исто така, може да го поттикнеш интересентот да го моли Бог да му помогне да си го смени погрешното размислување и да совлада некои лоши навики. На пример, можеби на некој што проучува веќе извесно време многу му значи одреден празник кој има пагански корени. Иако знае дека христијаните не треба да го слават тој празник, сепак му се допаѓаат некои обичаи поврзани со него. Што би можел да направиш? Поттикни го да му каже на Јехова со какви чувства се бори, и да бара помош од него за да може да го сака само она што му е допадливо на Бог (Пс. 97:10).

Покани го да дојде на состанок (Види во пасус 13)

13. а) Зошто треба да ги поканиме интересентите да дојдат на состанок што е можно побрзо? б) Како може да им помогнеме да се чувствуваат попријатно кога ќе дојдат на состанок?

13 Покани го интересентот да дојде на состанок што е можно побрзо. Она што ќе го види и ќе го чуе на состаноците може да влијае позитивно врз него и да го поттикне да направи чекори за да му служи на Јехова. Покажи му го видеоклипот Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? и срдечно покани го да дојде со тебе. Ако можеш, понуди му превоз. Добро е да одиш со разни објавители кога проучуваш со него. На тој начин ќе се запознае и со други од собранието, и веројатно ќе се чувствува попријатно кога ќе дојде на состанок.

ПОМОГНИ МУ НА ИНТЕРЕСЕНТОТ ДА НАПРЕДУВА ВО ДУХОВЕН ПОГЛЕД

14. Што ќе го поттикне интересентот да им помага на другите?

14 Нашата цел е да му помогнеме на интересентот да напредува во духовен поглед (Еф. 4:13). Кога некој ќе одлучи да ја проучува Библијата, можеби главно е заинтересиран за користа што ќе ја има од тоа. Но, кога ќе го засака Јехова, веројатно ќе почне да размислува како може и самиот да им помага на другите, во кои спаѓаат и оние што веќе се дел од собранието (Мат. 22:37-39). Во некоја соодветна прилика добро е да му спомнеш дека сите имаме чест да го поддржуваме делото за Царството со доброволни прилози.

Поучи го како да постапува кога ќе има проблеми (Види во пасус 15)

15. Како може да му помогнеме на интересентот да постапува на исправен начин кога ќе дојде до проблеми?

15 Поучи го интересентот како да постапува кога ќе има проблеми. Да речеме дека еден интересент кој веќе станал некрстен објавител ти каже дека некој од собранието го навредил. Наместо да заземаш страна, добро е да му посочиш кои библиски начела важат за неговата ситуација. Тој може или да му прости на оној што му згрешил или, ако му е тешко да премине преку тоа, може да разговара љубезно и смирено со него со цел да ги средат односите. (Спореди со Матеј 18:15.) Помогни му да се подготви така што однапред ќе размисли што да каже. Покажи му како да ги користи Прирачникот за истражување, апликацијата JW Library® или jw.org® за да истражи како да го реши проблемот. Ако научи уште пред да се крсти како да ги расчистува несогласувањата, ќе му биде полесно да одржува добри односи со другите во собранието и откако ќе стане Јеховин сведок.

16. Зошто е добро да земаш разни објавители со себе кога одиш да проучуваш со некој интересент?

16 Кога ќе проучуваш со интересентот, оди кај него со разни објавители, како и со покраинскиот надгледник кога ќе дојде во посета на вашето собрание. Зошто? Освен причините што веќе беа спомнати, другите објавители би можеле да му ја дадат на интересентот помошта која можеби ти не можеш да му ја пружиш. Да речеме дека тој пробал да ги откаже цигарите неколку пати, но безуспешно. Зошто не појдеш кај него со некој објавител кој порано го имал истиот проблем, но по неколку обиди успеал да прекине со таа навика? Можеби тој ќе му го даде на интересентот токму оној совет што му е потребен. Ако ти е непријатно да го водиш библискиот курс во присуство на некој искусен брат, замоли го тој да го направи тоа. Во секој случај, помогни му на интересентот да извлече корист од искуството на другите. Имај на ум дека за нас е најважно тој да напредува во духовен поглед.

ДАЛИ ДА ГО ПРЕКИНАМ БИБЛИСКИОТ КУРС?

17-18. Што треба да земеш предвид кога размислуваш дали да престанеш да ја проучуваш Библијата со некого?

17 Ако интересентот не прави промени во животот, еден ден ќе мора да одлучиш да престанеш да проучуваш со него. Кога ќе размислуваш за тоа, треба да ги земеш предвид неговите способности и околности. На некои им треба повеќе време за да напредуваат. Прашај се: „Дали интересентот прави промени во склад со неговите околности? Дали почнува да го применува она што го учи?“ (Мат. 28:20). Некому можеби ќе му треба подолго време за да стане ученик на Христос. Сепак, мора постепено да прави промени.

18 Но, што ако гледаш дека некој со кого проучуваш веќе извесно време не покажува речиси никакво ценење за она што го учи? Размисли за следнава ситуација: Можеби интересентот завршил со проучување на книгата Што учи Библијата и можеби дури веќе сте ја почнале книгата Божјата љубов, но тој сѐ уште не присуствувал на ниту еден состанок — дури ни на Спомен-свеченоста! Освен тоа, честопати ти откажува од безначајни причини. Во таков случај, добро е отворено да поразговараш со него. *

19. Што би можел да го прашаш интересентот ако ти се чини дека не покажува ценење за она што го учи, и како неговиот одговор ќе ти помогне?

19 Би можел да го прашаш: „Што е тоа што најмногу те спречува да станеш Јеховин сведок?“ Интересентот можеби ќе одговори: „Сакам да ја проучувам Библијата, но никогаш нема да станам Јеховин сведок!“ Ако има таков став откако проучувал веќе извесно време, дали има смисла да продолжиш? Од друга страна, можеби во таа прилика интересентот за првпат ќе ти каже што навистина му е проблем. На пример, можеби си мисли дека никогаш нема да може да проповеда од куќа до куќа. Откако ќе дознаеш што е проблемот, ќе бидеш во подобра положба да му помогнеш.

Не троши време за да проучуваш со некој што не прави промени (Види во пасус 20)

20. Како Дела 13:48 може да ни помогне да одлучиме дали и понатаму да проучуваме со некого?

20 За жал, некои интересенти се како Израелците во времето на Езекиел. Во врска со нив, Јехова му го рекол следново на Езекиел: „Гледај, ти си им како љубовна песна, како пејач со убав глас, кој добро свири на жици. Ги слушаат твоите зборови, но никој од нив не ги извршува“ (Езек. 33:32). Можеби ни е тешко да му кажеме на некој интересент дека ќе престанеме да проучуваме со него. Сепак, не смееме да заборавиме дека „преостана малку време“ (1. Кор. 7:29). Наместо да трошиме уште време со некој што не прави промени, треба да ги најдеме оние кои покажуваат дека исправно гледаат „на вечниот живот“. (Прочитај Дела 13:48.)

Можеби на твоето подрачје има други што го молат Бог за помош (Види во пасус 20)

21. Кој е годишниот стих за 2020 год., и на што ќе нѐ поттикне?

21 Во текот на 2020 год., нашиот годишен стих ќе нѐ поттикне да размислуваме како уште подобро да ги поучуваме луѓето. Исус ги кажал зборовите од тој стих на таа незаборавна средба на гората во Галилеја: „Одете и правете ученици... крштавајќи ги“ (Мат. 28:19).

Да бидеме решени уште подобро да ги поучуваме луѓето и да им помогнеме на интересентите да се крстат (Види во пасус 21)

ПЕСНА 70 Барајте ги достојните!

^ пас. 5 Годишниот стих за 2020 год. нѐ поттикнува да ги поучуваме луѓето со цел да станат ученици на Христос. Оваа заповед важи за сите Јеховини слуги. Како може да им помогнеме на оние со кои ја проучуваме Библијата да го засакаат Јехова и да станат ученици на Христос? Во оваа статија ќе видиме како можеме да ги поттикнеме интересентите да се зближат со Бог. Исто така, ќе видиме кои работи ќе ни помогнат да одлучиме дали да продолжиме да проучуваме со некого или не.

^ пас. 18 Гледај го видеоклипот Кога да прекинеш некој библиски курс на JW Broadcasting®.