Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 3

Ти си скапоцен за Јехова, твојот Бог!

Ти си скапоцен за Јехова, твојот Бог!

Од правот го подига бедниот (ПС. 113:7)

ПЕСНА 33 Фрли му ги грижите на Јехова!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Со какви ситуации се соочуваат многу Јеховини слуги, и како тоа може да влијае врз нив?

РАЗМИСЛИ за следниве три ситуации: Еден млад брат дознава дека има тешка болест. Еден трудољубив средовечен брат останува без работа и, иако дава сѐ од себе, не може да најде друга работа. Една верна постара сестра не може да прави толку многу во службата за Јехова како порано.

2 Ако и ти си во некоја слична ситуација, можеби си мислиш дека си бескорисен. Таквите околности можат да ти ја одземат радоста, да ти ја уништат самодовербата и да ти ги нарушат односите со другите.

3. Како гледаат на човечкиот живот Сатана и оние што се под негова власт?

3 Светот го одразува гледиштето за човечкиот живот што го има Сатана. Тој отсекогаш се однесувал со луѓето како да се безвредни. Безмилосно ѝ рекол на Ева дека ќе биде слободна ако не го послуша Бог, иако многу добро знаел дека казна за таквата непослушност е смрт. Сатана цело време ги има под своја власт трговскиот, политичкиот и религиозниот дел од овој свет. Затоа воопшто не изненадува што многу бизнисмени, политичари и верски водачи немаат никаква почит кон човечкиот живот и достоинство.

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Но, Јехова сака да нѐ увери дека не сме безвредни, и нѐ поддржува кога минуваме низ ситуации кои би можеле да предизвикаат такви негативни чувства кај нас (Пс. 136:23; Рим. 12:3). Во оваа статија ќе видиме како Јехова ни помага: 1) кога сме болни, 2) кога имаме економски тешкотии и 3) кога мислиме дека нема никаква корист од нас во службата затоа што веќе сме во поодминати години. Но, најпрво да видиме зошто може да бидеме сигурни дека секој од нас е скапоцен за Јехова.

ТИ СИ СКАПОЦЕН ЗА ЈЕХОВА

5. Што те уверува дека луѓето се скапоцени за Јехова?

5 Иако сме создадени од земен прав, ние сме далеку повредни од еден грст земја (1. Мој. 2:7). Размисли само за неколку работи што нѐ уверуваат дека сме скапоцени за Јехова. Тој ги создал луѓето со способност да ги одразуваат неговите особини (1. Мој. 1:27). На тој начин, го воздигнал човекот над сите други материјални созданија, и го поставил да се грижи за Земјата и за животните (Пс. 8:4-8).

6. Кој друг доказ го имаме дека Јехова ги цени несовршените луѓе?

6 Дури и откако Адам згрешил, Јехова продолжил да ги цени луѓето. Толку сме вредни за него, што тој го дал својот сакан Син, Исус, како откупнина за нашите гревови (1. Јов. 4:9, 10). Благодарение на таа жртва, Јехова ќе ги воскресне оние што умреле поради гревот на Адам. Во нив спаѓаат „и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Неговата Реч нѐ уверува дека сме скапоцени за него сеедно дали се соочуваме со болест, со економски тешкотии или со старост (Дела 10:34, 35).

7. Кои други докази им покажуваат на Божјите слуги дека се скапоцени за Јехова?

7 Има и други причини зошто може да бидеме уверени дека Јехова нѐ цени. Тој забележал како сме реагирале кога сме ја слушнале добрата вест и нѐ привлекол кон себе (Јован 6:44). Кога сме почнале да правиме чекори за да станеме поблиски со него, и тој направил чекори да стане поблизок со нас (Јак. 4:8). Исто така, Јехова вложува време и труд за да нѐ поучува, и со тоа покажува колку многу му значиме. Тој знае какви сме сега и какви може да бидеме во иднина. Освен тоа, нѐ советува и нѐ укорува затоа што нѐ сака (Изр. 3:11, 12). Ова се навистина силни докази дека сме скапоцени за Јехова!

8. Како можат зборовите од Псалм 18:27-29 да ни помогнат исправно да гледаме на нашите проблеми?

8 Иако некои го сметале цар Давид за ништожен и безначаен, тој знаел дека Јехова го сака и го поддржува. Тоа му помогнало исправно да гледа на својата ситуација (2. Сам. 16:5-7). Ако сме потиштени или се соочуваме со проблеми, Јехова може да ни помогне да гледаме поинаку на работите и да ја надминеме секоја пречка. (Прочитај Псалм 18:27-29.) Кога знаеме дека тој нѐ поддржува, ништо не може да нѐ спречи да му служиме со радост (Рим. 8:31). Да разгледаме три конкретни ситуации во кои не смееме да заборавиме дека Јехова нѐ сака и нѐ цени.

КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО БОЛЕСТ

Ако ги читаме Јеховините зборови, тоа ќе ни помогне да се справиме со негативните чувства што ги причинува болеста (Види во пасуси 9-12)

9. Со какви чувства можеби се бориме ако сме болни?

9 Ако сме болни, тоа може да влијае врз нашите чувства и да нѐ наведе да си мислиме дека веќе нема никаква корист од нас. Можеби се срамиме затоа што луѓето забележуваат дека сме болни или затоа што зависиме од помошта на другите. Дури и кога не се гледа дека сме болни, можеби се бориме со чувства на срам бидејќи не можеме да правиме толку многу како порано. Како Јехова нѐ охрабрува кога минуваме низ таков тежок период?

10. Според Изреки 12:25, што може да ни помогне кога сме болни?

10 Кога сме болни, „добриот збор“ може многу да нѐ охрабри. (Прочитај Изреки 12:25.) Библијата е полна со добри зборови кои нѐ потсетуваат дека сме скапоцени за Јехова и покрај тоа што имаме лошо здравје (Пс. 31:19; 41:3). Ако ги читаме и препрочитуваме тие зборови, Јехова ќе ни помогне да се справиме со негативните чувства кои нѐ измачуваат поради болеста.

11. Како Јехова му помогнал на еден брат?

11 Да го разгледаме примерот на Хорхе. Како млад, тој се разболел од тешка болест која брзо напредувала. Поради тоа се чувствувал безвредно. Хорхе вели: „Не очекував дека ќе ми биде толку тешко да се носам со последиците од болеста. Згора на тоа, чувствував и срам затоа што со мојата состојба им паѓав во очи на луѓето. Додека здравјето ми се влошуваше, размислував колку мојот живот ќе се смени. Се чувствував очајно и го преколнував Јехова да ми помогне“. Како Јехова му помогнал? Хорхе вели: „Бидејќи не можев да се концентрирам, читав по неколку стихови од Псалмите кои покажуваат колку Јехова се грижи за своите слуги. Ги препрочитував тие стихови секој ден, и навистина ми беа извор на утеха. Со текот на времето, другите почнаа да забележуваат дека почесто се смеам. Дури ми рекоа дека ги охрабрувам со мојот позитивен став. Сфатив дека Јехова одговори на моите молитви! Ми помогна да се гледам со поинакви очи. Почнав повеќе да мислам на она што тој го вели во Библијата — дека многу ме цени и покрај болеста“.

12. Ако си болен, што можеш да правиш за да ја почувствуваш Јеховината поддршка?

12 Ако и ти се соочуваш со болест, биди уверен дека Јехова е свесен низ што поминуваш. Моли го за помош за да можеш исправно да гледаш на својата ситуација. А потоа читај ја Библијата за да се потсетиш на добрите зборови што Јехова дал да бидат запишани во неа. Особено обрни внимание на стиховите кои покажуваат колку тој ги цени своите слуги. На тој начин ќе се увериш дека Јехова е добар кон сите што верно му служат (Пс. 84:11).

КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО ЕКОНОМСКИ ТЕШКОТИИ

Ако ни е тешко да најдеме работа, да имаме на ум дека Јехова ветил дека ќе се грижи за нашите потреби (Види во пасуси 13-15)

13. Како би можел да се чувствува еден сопруг и татко ако ја изгуби работата?

13 Секој сопруг и татко сака да се грижи за потребите на своето семејство. Но, замисли си дека некој брат останува без работа. Иако се труди да најде друга работа, никако не успева во тоа. Во такви околности, можеби ќе се чувствува бескорисно. Како може да му помогне тоа што ќе размислува за Јеховините ветувања?

14. Зошто Јехова ги исполнува своите ветувања?

14 Јехова секогаш ги одржува своите ветувања (Ис. Нав. 21:45; 23:14). Тој го прави тоа од неколку причини. Прво, во прашање е неговото име, односно неговиот углед. Јехова ветил дека ќе се грижи за своите верни слуги, и се чувствува должен да си го одржи зборот (Пс. 31:1-3). Освен тоа, знае дека ние, како дел од неговото семејство, ќе бидеме многу разочарани ако не се грижи за нас. Тој ни ветува дека ќе ни го обезбеди она што ни е потребно и во материјален и во духовен поглед. Ништо нема да го спречи да го исполни тоа ветување! (Мат. 6:30-33; 24:45).

15. а) Со какви проблеми се соочиле христијаните во првиот век? б) Каква доверба ни влева Псалм 37:18, 19?

15 Ако имаме на ум зошто Јехова си ги одржува ветувањата, може да бидеме уверени дека ќе ни помага кога ќе имаме финансиски тешкотии. Да разгледаме што се случило со христијаните во првиот век. Кога почнало прогонството против собранието во Ерусалим, „сите, освен апостолите“ се распрснале (Дела 8:1). Размисли што значело тоа. Христијаните се соочиле со немаштија затоа што веројатно ги изгубиле своите домови и работата. Сепак, Јехова не ги напуштил, и тие продолжиле радосно да му служат (Дела 8:4; Евр. 13:5, 6; Јак. 1:2, 3). Тој им помагал на тие верни христијани, а ќе ни помага и нам. (Прочитај Псалм 37:18, 19.)

КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО СТАРОСТ

Ако мислиме на она што може да го правиме, дури и да сме во поодминати години, ќе бидеме сигурни дека Јехова нѐ цени и нас и нашата верна служба (Види во пасуси 16-18)

16. Зошто би можеле да си мислиме дека нашата служба веќе не му е толку важна на Јехова?

16 Како што старееме, можеби почнуваме да си мислиме дека не можеме да правиме многу за Јехова. Можно е и цар Давид да се измачувал со слични чувства кога остарел (Пс. 71:9). Како може Јехова да ни помогне?

17. Што учиме од една сестра по име Чери?

17 Размисли за една сестра по име Чери. Таа била поканета на еден состанок за одржување на нашите сали, но немала желба да оди. Чери си рекла: „Стара сум, вдовица сум, и немам ниту една вештина со која би можела да му послужам на Јехова. Од мене нема никаква корист!“ Вечерта пред тој состанок, таа сесрдно му се помолила на Јехова. Кога пристигнала во салата следниот ден, се прашувала зошто воопшто дошла. Но, во текот на состанокот, еден од говорниците нагласил дека најважно од сѐ е некој да има желба да биде поучен од Јехова. Чери вели: „Си помислив — па, јас имам таква желба! Почнав да плачам кога сфатив дека Јехова ми одговори на молитвата. Тој ме увери дека имам нешто вредно што можам да го дадам и дека е спремен да ме поучи!“ Кога се потсетува на тоа, Чери вели: „Отидов на состанокот чувствувајќи се вознемирено, обесхрабрено и потиштено. Но, кога излегов од таму, се чувствував охрабрено и корисно“.

18. Како Библијата покажува дека Јехова и понатаму ја цени нашата служба иако сме во поодминати години?

18 Дури и да сме во поодминати години, може да бидеме сигурни дека Јехова сѐ уште има работа за нас (Пс. 92:12-15). Исус нѐ поучил дека, сеедно колку сме ограничени или колку мал труд ни се чини дека вложуваме, Јехова го цени сето она што го правиме во службата за него (Лука 21:2-4). Затоа мисли на она што можеш да го правиш. На пример, можеш да зборуваш за Јехова, да се молиш за браќата и да ги охрабруваш другите да останат верни. Бог те смета за свој соработник, не поради она што го постигнуваш, туку затоа што си му послушен од срце (1. Кор. 3:5-9).

19. Во што нѐ уверува Римјаните 8:38, 39?

19 Колку сме благодарни што му служиме на Јехова, Богот кој навистина ги цени оние што му се верни! Тој нѐ создал да ја вршиме неговата волја, и тоа му дава вистинска смисла на нашиот живот (Отк. 4:11). Иако можеби сме безвредни за светот, Јехова не се срами од нас (Евр. 11:16, 38). Дури и ако сме обесхрабрени поради болест, економски тешкотии или старост, никогаш да не заборавиме дека ништо не може да нѐ одвои од љубовта на нашиот небесен Татко! (Прочитај Римјаните 8:38, 39.)

^ пас. 5 Дали во некои ситуации си се чувствувал безвредно? Оваа статија ќе те потсети колку си скапоцен за Јехова. Ќе видиш како можеш да си ја зачуваш самодовербата без разлика што ти се случува во животот.

ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател