Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 4

Да се сакаме силно и од срце

Да се сакаме силно и од срце

Со братска љубов сакајте се силно еден со друг (РИМ. 12:10)

ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што покажува дека во многу семејства недостига љубов?

БИБЛИЈАТА прорекла дека во последните денови луѓето нема да имаат „љубов кон членовите на семејството“ (2. Тим. 3:1, 3, фус.). Денес гледаме дека тоа пророштво се исполнува. На пример, милиони бракови завршуваат со развод, при што мажот и жената остануваат полни со гнев, а децата се чувствуваат несакано. Исто така, членовите на некои семејства не се блиски едни со други, иако живеат во ист дом. Еден семеен советник вели: „Мајката, таткото и децата не разговаарат меѓу себе, и поголемиот дел од времето го минуваат со своите компјутери, таблети, мобилни телефони или видеоигри“. Иако членовите на овие семејства живеат под ист покрив, тие речиси не се познаваат.

2-3. а) Според Римјаните 12:10, кон кого треба да покажуваме љубов? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Не би сакале нашата љубов да олади поради влијанието на овој себичен свет (Рим. 12:2). Наместо тоа, треба да научиме да покажуваме поголема љубов кон членовите на семејството, и кон браќата и сестрите во собранието. (Прочитај Римјаните 12:10.) Грчкиот израз кој е преведен со „сакајте се срдечно“ укажува на блискоста и на пријателството кои постојат во едно семејство. Иста таква љубов треба да чувствуваме кон членовите на нашето духовно семејство, односно кон нашите соверници. На тој начин им помагаме на сите да му служат на Јехова радосно и обединето (Мих. 2:12).

3 Во оваа статија ќе разгледаме неколку библиски примери кои ќе ни помогнат да покажуваме поголема љубов кон другите.

ЈЕХОВА ПОКАЖУВА ЉУБОВ КОН СВОИТЕ СЛУГИ

4. Што учиме од Исаија 63:9?

4 Од Библијата дознаваме колку убави особини има Јехова. На пример, во неа пишува дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Без сомнение, овие зборови нѐ поттикнуваат да бидеме блиски пријатели со него. Но, Библијата исто така ни открива дека Јехова многу ги сака своите слуги. (Прочитај Исаија 63:9.) Овој стих јасно покажува колку голема љубов чувствува Јехова кон нас. Тоа сигурно нѐ допира до срце!

5. Како Јехова покажува милост, и како може да го следиме неговиот пример?

5 Забележи дека Исаија 63:9 ја поврзува Јеховината љубов со уште една особина која нѐ привлекува кон него — неговата милост (2. Мој. 34:6). Еден начин на кој Јехова покажува милост е така што ни простува кога грешиме (Пс. 51:1). Според Библијата, милоста не значи само да простиме некому. Таа извира од длабочината на срцето. Милоста е чувство кое се појавува кога ќе видиме дека некој страда и кое нѐ поттикнува да му помогнеме затоа што се наоѓа во тешка ситуација. Јехова вели дека неговата желба да ни помогне е посилна од љубовта што една мајка ја има кон своето дете (Иса. 49:15). Кога сме во некоја мака, милоста го поттикнува Јехова да ни ја даде потребната помош (Пс. 37:39; 1. Кор. 10:13). Може да покажеме милост кон браќата и сестрите така што ќе им простуваме и нема да држиме лутина кога ќе нѐ вознемират со нешто (Еф. 4:32). Уште еден важен начин на кој може да покажеме милост кон нив е така што ќе им помагаме додека минуваат низ разни тешкотии. Кога љубовта нѐ поттикнува да бидеме милостиви кон другите, постапуваме како Јехова кој е најдобар пример во овој поглед (Еф. 5:1).

ПРИЈАТЕЛСТВОТО МЕЃУ ЈОНАТАН И ДАВИД

6. Какво пријателство постоело меѓу Јонатан и Давид?

6 Во Библијата се запишани примери на несовршени луѓе кои биле блиски пријатели. Размисли за пријателството меѓу Јонатан и Давид. Библијата вели: „Душата на Јонатан се врза за душата на Давид, и Јонатан го засака како својата душа“ (1. Сам. 18:1). Јехова го избрал Давид да го наследи Саул на царскиот престол. Некое време потоа, Саул му станал толку љубоморен на Давид што сакал да го убие. Но, Јонатан не го поддржал својот татко Саул во неговата намера. Тој и Давид си ветиле дека ќе останат пријатели и дека секогаш ќе си помагаат еден на друг (1. Сам. 20:42).

Иако Јонатан бил многу постар од Давид, тие биле блиски пријатели (Види во пасуси 6-9)

7. Што можело да ги спречи Јонатан и Давид да станат блиски пријатели?

7 Пријателството меѓу Јонатан и Давид е нешто посебно бидејќи имало многу работи што можеле да ги спречат да станат блиски пријатели. На пример, Јонатан бил околу 30 години постар од Давид. Тој можел да си мисли дека не може да биде пријател со некој што е многу помлад од него и што има помалку искуство во животот. Но, Јонатан не гледал така на работите. Напротив, тој длабоко го почитувал Давид.

8. Зошто Јонатан му бил добар пријател на Давид?

8 Јонатан можел да му биде љубоморен на Давид. Бидејќи бил син на цар Саул, Јонатан можел да си мисли дека тој е единствениот што има законско право да го наследи својот татко на царскиот престол (1. Сам. 20:31). Но, тој бил понизен и му бил верен на Јехова. Затоа потполно ја поддржал Божјата одлука Давид да биде следниот цар. Исто така, Јонатан му бил верен на Давид, иако со тоа многу го налутил Саул (1. Сам. 20:32-34).

9. Од каде знаеме дека Јонатан не му бил љубоморен на Давид?

9 Бидејќи го сакал својот пријател, Јонатан не го гледал како соперник. Тој бил вешт стрелец и храбар воин. За Јонатан и за татко му Саул, народот велел дека се побрзи од орлите и „посилни од лавовите“ (2. Сам. 1:22, 23). Затоа, Јонатан можел да се фали со своите херојски подвизи. Но, тој не се обидувал да докаже дека е подобар од Давид и не му бил љубоморен. Напротив, му се восхитувал поради храброста и довербата што ја имал во Јехова. Всушност, Библијата вели дека Јонатан го засакал Давид како својата душа веднаш откако овој млад човек го убил Голијат. Како можеме ние да покажеме таква љубов кон нашите браќа и сестри?

КАКО МОЖЕМЕ НИЕ ДА ПОКАЖУВАМЕ ЉУБОВ?

10. Што значи да се сакаме еден со друг силно и од срце?

10 Во Библијата пишува дека треба да се сакаме еден со друг силно и од срце (1. Пет. 1:22). Јехова ни дава најдобар пример во тој поглед. Неговата љубов кон нас е толку силна, што никогаш нема да престане да нѐ сака ако му останеме верни (Рим. 8:38, 39). Грчкиот збор преведен со „силно“ укажува на напрегање. Понекогаш треба да се напрегаме, односно да вложиме голем труд за да покажеме љубов кон некој наш соверник кој можеби нѐ вознемирил. Но, Библијата нѐ поттикнува да се поднесуваме еден со друг со љубов и да се трудиме да ги зачуваме мирот и единството меѓу нас (Еф. 4:1-3). Кога даваме сѐ од себе да бидеме во мир со нашите браќа и сестри, нема да се концентрираме на нивните грешки. Напротив, ќе се трудиме да гледаме на нив како што гледа Јехова (1. Сам. 16:7; Пс. 130:3).

Павле ги поттикнал Еводија и Синтихија да бидат сложни во размислувањето. Понекогаш и нам не ни е лесно да бидеме во добри односи со некој брат или сестра (Види во пасус 11)

11. Зошто понекогаш не е лесно да покажуваме љубов?

11 Факт е дека не е секогаш лесно да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри, особено кога сме свесни за нивните слабости. Очигледно, ова било случај со некои христијани од првиот век. На пример, на Еводија и Синтихија веројатно не им било тешко да соработуваат со Павле во објавувањето на добрата вест. Но, од некоја причина не биле во добри односи меѓу себе. Затоа, Павле ги поттикнал да бидат „сложни во размислувањето, како што им прилега на слугите на Господарот“ (Фил. 4:2, 3).

Помладите и постарите старешини можат да станат блиски пријатели (Види во пасус 12)

12. Што ќе ни помогне да развиеме поголема љубов кон браќата и сестрите?

12 Што може да ни помогне да развиеме поголема љубов кон браќата и сестрите? Ако подобро ги запознаеме ќе ни биде полесно да ги разбереме и уште повеќе да ги засакаме. Може да станеме блиски пријатели со нив дури и ако се постари или помлади од нас или, пак, ако се од различна култура. Сети се дека Јонатан бил постар од Давид околу 30 години, а сепак биле блиски пријатели. Дали можеш да се спријателиш со некој од твоето собрание кој е постар или помлад од тебе? На тој начин ќе покажеш дека ги сакаш сите браќа и сестри (1. Пет. 2:17).

(Види во пасус 12) *

13. Зошто не е можно да се чувствуваме подеднакво блиски со сите во собранието?

13 Дали тоа што ги сакаме соверниците значи дека треба да се чувствуваме подеднакво блиски со сите во собранието? Не, тоа не е можно. Нормално е да се чувствуваме поблиски со оние што се интересираат за исти работи како нас. Исус рекол дека ги смета сите апостоли за пријатели, но чувствувал посебна наклоност кон Јован (Јован 13:23; 15:15; 20:2). Сепак, Исус не постапувал со Јован подобро отколку со другите. На пример, кога Јован и брат му Јаков побарале од него да им даде важни положби во Божјето Царство, тој им рекол: „Да седнете од мојата десна или лева страна, тоа не можам да ви го дадам јас“ (Мар. 10:35-40). Исто како Исус, и ние не треба да постапуваме со нашите блиски пријатели подобро отколку со другите (Јак. 2:3, 4). На тој начин би создавале поделби, нешто за кое нема место во христијанското собрание (Јуда 17-19).

14. Според Филипјаните 2:3, како ќе спречиме да се појави натпреварувачки дух во собранието?

14 Кога покажуваме љубов кон другите, спречуваме да се појави натпреварувачки дух во собранието. Сети се дека Јонатан не му бил љубоморен на Давид и не се обидувал да стане цар наместо него. Секој од нас може да го следи примерот на Јонатан. Не треба да им бидеме љубоморни на нашите соверници поради нивните јаки страни, туку треба да бидеме понизни и да ги сметаме за поголеми од себе. (Прочитај Филипјаните 2:3.) Имај на ум дека секој од нас може да направи нешто корисно за собранието. Ако останеме понизни, ќе можеме да ги гледаме убавите особини на нашите браќа и сестри, и да учиме од нивниот пример (1. Кор. 12:21-25).

15. Што учиш од она што им се случило на Тања и на нејзините ќерки?

15 Кога ненадејно ќе нѐ снајде некоја неволја, Јехова нѐ теши и ни помага преку љубовта и грижата на нашите браќа и сестри. Да разгледаме што им се случило на Тања и на нејзините три ќерки кои присуствувале на меѓународниот конгрес „Љубовта никогаш не престанува“ во САД во 2019 година. Откако завршила програмата во сабота, тие тргнале со својата кола кон хотелот во кој престојувале. Тања раскажува: „Одеднаш едно возило изгуби контрола, навлезе во нашата лента и удри во нас. Никој од нас не беше повреден, но излеговме од колата и стоевме на автопатот вознемирени и во шок. Во еден момент, видовме како еден човек ни мавта да влеземе во неговата кола за да бидеме на безбедно. Тоа беше еден наш брат кој исто така се враќаше од конгресот. Но, тој не беше единствениот. Застанаа и пет браќа и сестри кои беа делегати од Шведска. Сестрите срдечно нѐ изгушкаа, и тоа беше токму она што ни беше потребно мене и на моите ќерки. Им кажав дека сме добро, но тие не сакаа да нѐ остават. Останаа со нас дури и откако дојде медицинската екипа, и си заминаа дури кога се уверија дека имаме сѐ што ни е потребно. За сето време додека траеше оваа тешка ситуација ја чувствуваме Јеховината љубов. Оваа случка ни помогна уште повеќе да ги засакаме браќата и сестрите, а ја зајакна и нашата љубов и благодарност кон Јехова“. Дали и ти се сеќаваш како некој соверник покажал љубов кон тебе така што ти помогнал во тешка ситуација?

16. Од кои причини треба да си покажуваме љубов?

16 Размисли што сѐ се постигнува кога си покажуваме љубов еден кон друг. Ги тешиме браќата и сестрите кога доживуваат проблеми. Го зајакнуваме единството на Божјиот народ. Јасно покажуваме дека сме ученици на Исус, а ова ги поттикнува искрените луѓе да му служат на Јехова. Најважно од сѐ, го радуваме Јехова, „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. Кор. 1:3). Затоа, да бидеме решени да им покажуваме сѐ поголема љубов на браќата и сестрите!

ПЕСНА 130 Спремно да простуваме

^ пас. 5 Исус рекол дека неговите ученици ќе се препознаваат по љубовта што ја имаат меѓу себе. Сите ние се трудиме да покажуваме ваква љубов. Треба да научиме да ги сакаме нашите соверници исто како што ги сакаме членовите на нашето семејство. Оваа статија ќе ни помогне да покажуваме поголема љубов кон браќата и сестрите во собранието.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден помлад старешина го применува она што го научил од постариот старешина. На другата слика се гледа како помладиот старешина заедно со својата сопруга оди на гости кај постариот старешина кој им изразува срдечно добредојде.