СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 1
Зачувајте ги мирот и довербата во Јехова
ГОДИШЕН СТИХ ЗА 2021: Зачувајте ги мирот и довербата, тоа ќе биде вашата сила! (ИСА. 30:15)
ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1. Исто како цар Давид, кое прашање можеби си го поставуваат некои од нас?
СЕКОЈ од нас сака да води мирен и спокоен живот. Никој не сака да го измачуваат грижи. За жал, грижите се неизбежен дел од животот. Всушност, некои Јеховини слуги можеби си го поставуваат истото прашање што цар Давид му го поставил на Јехова: „До кога душата ќе ми се измачува и срцето секојдневно ќе ми тагува?“ (Пс. 13:2, Радосна Вест).
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Иако сите ние понекогаш се чувствуваме вознемирено и загрижено, може да направиме нешто за да ги држиме тие чувства под контрола. Во оваа статија најпрво ќе видиме што би можело да предизвика загриженост кај нас. А потоа ќе разгледаме шест работи што ќе ни помогнат да останеме смирени додека се справуваме со нашите проблеми.
ШТО БИ МОЖЕЛО ДА НИ ПРЕДИЗВИКА ЗАГРИЖЕНОСТ?
3. Со какви притисоци се соочуваме, и дали имаме контрола над нив?
3 Постојат различни причини за загриженост. Врз некои од нив немаме речиси никаква контрола. На пример, не можеме да влијаеме врз тоа колку ќе се покачат цените на храната, на облеката или на киријата. А не можеме да влијаеме ни врз тоа колку често нашите колеги или соученици ќе нѐ ставаат на искушение да бидеме нечесни или да постапиме неморално. Освен тоа, не можеме да го спречиме криминалот во нашата околина. Се соочуваме со вакви проблеми, бидејќи живееме во свет во кој повеќето луѓе не размислуваат Мат. 13:22; 1. Јов. 5:19). Не е ни чудо што светот е полн со толку многу проблеми што предизвикуваат загриженост кај луѓето!
во склад со библиските начела. Сатана, кој е бог на овој свет, знае дека може да ги спречи луѓето да му служат на Јехова ако ги оптовари со грижи (4. Како би можеле да се чувствуваме кога сме под силен притисок?
4 Кога ќе се најдеме под силен притисок, грижите можат толку да нѐ преокупираат што не можеме да мислиме на ништо друго. На пример, можеби се плашиме дека ќе немаме доволно пари да го купиме она што ни е неопходно или дека ќе се разболиме и затоа нема да можеме да одиме на работа, па дури и дека ќе ја изгубиме работата. Или, можеби се плашиме дека ќе му бидеме неверни на Бог ако некој нѐ стави на искушение да ги прекршиме неговите закони. Наскоро, Сатана ќе ги наведе оние што се под негова контрола да го нападнат Божјиот народ, и затоа можеби сме загрижени како ќе постапиме кога тоа ќе се случи. Можеби се прашуваме: „Дали е погрешно да чувствувам загриженост во врска со овие работи?“
5. Што сакал да каже Исус кога рекол: „Не бидете загрижени“?
5 Знаеме дека Исус им кажал на своите ученици: „Не бидете загрижени“ (Мат. 6:25). Дали ова значи дека тој очекува воопшто да не бидеме загрижени за ништо? Секако дека не. Во минатото, некои верни слуги на Јехова се измачувале со чувства на загриженост. Сепак, не ја изгубиле неговата наклоност * (1. Цар. 19:4; Пс. 6:3). Всушност, Исус сакал да нѐ утеши. Тој не сакал толку многу да се преокупираме со грижите на овој свет што би ја запоставиле нашата служба за Јехова. Тогаш, што ќе ни помогне да не чувствуваме претерана загриженост? (Види ја рамката „ Како може да го правиш тоа“.)
ШЕСТ РАБОТИ ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНАТ ДА ОСТАНЕМЕ СМИРЕНИ
6. Според Филипјаните 4:6, 7, што може да нѐ смири ако сме загрижени?
6 1) Моли се често. Кога те измачуваат грижи поради некој проблем, моли му се сесрдно на Јехова (1. Пет. 5:7). Тој може да ти одговори така што ќе ти го даде „мирот Божји, кој ја надминува секоја [човечка] мисла“. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.) Јехова нѐ смирува со помош на својот моќен свет дух (Гал. 5:22).
7. Што треба да имаме на ум кога му се молиме на Бог?
7 Кога го молиш Јехова, кажи му сѐ што ти лежи на срце. Кажи му што точно те мачи и објасни му како се чувствуваш. Ако проблемот може да се реши, моли го да ти даде мудрост за да го најдеш решението и да ти даде сила за да постапиш како што треба. Но, ако не можеш да сториш ништо во врска со својот проблем, моли го Јехова да ти помогне да не бидеш претерано загрижен. Кога се молиш за конкретни работи, со текот на времето ќе можеш појасно да видиш како Јехова ти одговара на молитвите. Ако нема веднаш одговор на некоја твоја молитва, не се откажувај. Освен што сака да бидеме конкретни кога се молиме, Јехова сака да бидеме и упорни (Лука 11:8-10).
8. Што треба да спомнеме во молитвите?
8 Кога му се молиш на Јехова во врска со она што те загрижува, кажи му и за кои работи си благодарен. Добро е да размислуваме за убавите работи што ни се случуваат дури 2. Лет. 18:31; Рим. 8:26).
и ако сме во многу тешки околности. Ако понекогаш не можеш да ги најдеш вистинските зборови за да ги изразиш своите силни чувства, не заборавај дека Јехова ќе ти одговори дури и ако само му кажеш: „Те молам, помогни ми!“ (9. Каде може да најдеме вистинска сигурност?
9 2) Потпирај се на Јеховината мудрост, а не на својата. Во осмиот век пред н.е., народот во Јуда се плашел дека ќе биде нападнат од Асирците. Во очаен обид да го избегнат асирското ропство, тие побарале помош од Египќаните (Иса. 30:1, 2). Јехова ги предупредил дека тоа што покажале доверба во Египет ќе има катастрофални последици (Иса. 30:7, 12, 13). Преку својот пророк Исаија, Јехова му кажал на народот каде може да најде вистинска сигурност. Тој рекол: „Зачувајте ги мирот и довербата [во Јехова], тоа ќе биде вашата сила!“ (Иса. 30:15б).
10. Во кои ситуации би можеле да покажеме доверба во Јехова?
10 Како би можеле да покажеме доверба во Јехова? Да разгледаме неколку примери. Замисли дека ти е понудено подобро платено работно место, но ќе мора да работиш прекувремено и нема да имаш доволно време за духовните активности. Или, замисли дека на работа некој од спротивниот пол сака да почне врска со тебе, но не е крстен Божји слуга. Или, замисли дека некој од најблиските членови на семејството ти се закани велејќи: „Бирај — или јас или твојот Бог“. Во секоја од овие ситуации ќе мора да донесеш тешка одлука. Но, Јехова ќе ти го даде потребното водство (Мат. 6:33; 10:37; 1. Кор. 7:39). Прашањето е: „Дали ќе имаш доволно доверба во Јехова за да бидеш послушен на неговото водство?“
11. Кои библиски извештаи може да ни помогнат да останеме смирени кога ќе се соочиме со противење?
11 3) Учи и од добрите и од лошите примери. Во Библијата има многу извештаи од кои јасно се гледа колку е важно да останеме смирени и да покажуваме доверба во Јехова. Додека ги проучуваш, забележи како Бог им помагал на своите слуги да го зачуваат мирот кога се соочувале со жестоко противење. На пример, кога еврејскиот врховен суд им заповедал на апостолите да престанат да проповедаат, тие не се уплашиле. Наместо тоа, смело рекле: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29). Дури и откако биле истепани со стапови, апостолите не дозволиле да ги обземе страв. Зошто? Бидејќи знаеле дека го радуваат Јехова и дека тој ги поддржува. Затоа продолжиле да ја проповедаат добрата вест (Дела 5:40-42). Слично на тоа, пред да биде убиен, и ученикот Стефан бил толку смирен и спокоен што неговото лице било „како лице на ангел“ (Дела 6:12-15). Зошто? Затоа што бил уверен дека ја има Јеховината милост.
12. Според 1. Петрово 3:14 и 4:14, зошто може да бидеме среќни ако сме прогонувани?
12 Апостолите имале јасни докази дека Јехова е со нив. Тој им дал моќ да прават чуда (Дела 5:12-16; 6:8). Ова не е случај со нас денес. И покрај тоа, преку својата Реч, Јехова нѐ уверува дека, кога трпиме поради праведноста, тој нѐ поддржува и ни го дава својот дух. (Прочитај 1. Петрово 3:14; 4:14.) Затоа, наместо да се преокупираме со тоа како ќе реагираме ако се соочиме со жестоко прогонство во иднина, треба да размислуваме како уште сега да ја зајакнеме нашата доверба во Јехова. Мора цврсто да се увериме дека тој може да нѐ поддржува и да нѐ спаси. Исто како првите ученици на Исус, и ние мора да имаме доверба во неговото ветување: „Ќе ви дадам зборови и мудрост на која сите ваши противници заедно не ќе можат да им се спротивстават“. Тој нѐ уверува: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:12-19). И никогаш немој да заборавиш дека Јехова се сеќава и на најситните детали за своите слуги кои му остануваат верни до смрт. Бидејќи толку добро ги познава, тој ќе може да ги воскресне.
13. Како може да ни користи тоа што ќе размислуваме за примерите на оние што не успеале да го зачуваат мирот и својата доверба во Јехова?
13 Може да учиме и од оние што не успеале да ги зачуваат мирот и довербата во Јехова. Ако ги проучуваме овие лоши примери, нема да ги направиме истите грешки што ги направиле тие. На пример, во почетокот на своето владеење, Аса, кој бил цар на Јуда, се потпрел на Јехова кога против него излегла една огромна војска. И Јехова му помогнал да извојува победа (2. Лет. 14:9-12). Но подоцна, кога израелскиот цар Васа го нападнал со многу помала војска, Аса не се потпрел на Јехова како што го правел тоа порано, туку им платил на Сиријците за да дојдат и да му помогнат (2. Лет. 16:1-3). Освен тоа, при крајот на својот живот, кога се разболел од тешка болест, тој не побарал помош од Јехова (2. Лет. 16:12).
14. Што може да научиме од грешките на Аса?
14 Во почетокот, Аса барал помош од Јехова кога се соочувал со проблеми. Но подоцна, престанал да го прави тоа и се обидувал да ги решава проблемите на свој начин. На прв поглед изгледало дека неговиот план да побара помош од Сиријците има добри резултати. Но, тоа било само краткотрајно. Преку еден пророк, Јехова му рекол: „Затоа што се потпре на сирискиот цар, а не се потпре на Јехова, својот Бог, затоа војската на сирискиот цар ти избега од рацете“ (2. Лет. 16:7). И ние не смееме да мислиме дека би можеле да ги решаваме нашите проблеми сами, без да бараме водство од Јехова преку неговата Реч. Дури и кога треба да донесеме некоја итна одлука, добро е смирено да се потпираме на Јехова, и тој ќе ни помогне да постапиме на исправен начин.
15. Што би можеле да правиме додека ја читаме Библијата?
15 4) Труди се да научиш напамет библиски стихови. Кога ќе прочиташ некој библиски стих од кој се гледа колку е важно да ги зачуваме мирот и довербата во Јехова, потруди се да го научиш напамет. За да успееш во тоа, прочитај ги тие стихови неколку пати на глас или запиши ги и читај ги почесто. Јехова му заповедал на Исус Навин да ја чита книгата на законот секој ден со придушен глас за да може да постапува мудро. Она што го читал, ќе му помогнело да го совлада стравот што нормално би го чувствувал во такви околности (Ис. Нав. 1:8, 9). Многу стихови во Божјата Реч можат да ни помогнат да си го зачуваме душевниот мир во ситуации во кои обично би нѐ обзеле чувства на загриженост и страв (Пс. 27:1-3; Изр. 3:25, 26).
16. Како Јехова го користи собранието за да ни помогне да си ги зачуваме мирот и довербата во него?
16 5) Дружи се со Божјиот народ. Преку нашите браќа и сестри, Јехова ни помага да си ги зачуваме мирот и довербата во него. На нашите состаноци извлекуваме корист од поуките што ги добиваме, од коментарите на нашите браќа и сестри, како и од изградувачките разговори со нив (Евр. 10:24, 25). Исто така, може многу да се охрабриме кога ги споделуваме своите грижи со нашите блиски пријатели од собранието. Добриот збор од некој пријател може многу да ни го олесни товарот од грижите што нѐ притискаат (Изр. 12:25).
17. Според Евреите 6:19, како надежта за вечен живот може да ни помогне да останеме смирени и покрај тешките околности?
17 6) Зачувај ја цврста својата надеж. Нашата надеж за вечен живот е како „котва за душата“ која ни помага да останеме смирени и покрај тешките околности и големите грижи што можеби нѐ притискаат. (Прочитај Евреите 6:19.) Размислувај за ветувањата што Јехова ги дал за иднината, кога нема да имаме никаква причина за загриженост (Иса. 65:17). Замисли си како живееш во мирољубивиот нов свет во кој нема да бидеме изложени на никакви стресни ситуации (Мих. 4:4). Можеш да си ја зајакнеш надежта и така што ќе зборуваш за неа со другите. Давај сѐ од себе за да проповедаш и да ги поучуваш луѓето. Ако го правиме тоа, ќе бидеме потполно сигурни во исполнувањето на нашата надеж (Евр. 6:11).
18. Со какви проблеми можеби ќе се соочиме во иднина, и што ќе ни помогне успешно да се справиме со нив?
18 Додека се ближи крајот на овој свет, ќе се соочиме со уште повеќе проблеми кои може да предизвикаат загриженост кај нас. Нашиот годишен стих за 2021 год. може да ни помогне успешно да се справиме со нив и да останеме смирени, но не така што ќе се потпираме на сопствената сила туку така што ќе имаме доверба во Јехова. Во годината што ни претстои да покажеме на дело дека имаме вера во Јеховиното ветување: „Зачувајте ги мирот и довербата, тоа ќе биде вашата сила!“ (Иса. 30:15).
ПЕСНА 8 Јехова ни е заклон
^ пас. 5 Годишниот стих за 2021 год. нагласува колку е важно да имаме доверба во Јехова кога се соочуваме со стресни ситуации. Во оваа статија ќе разгледаме на кои практични начини може да го примениме советот од годишниот стих.
^ пас. 5 Некои верни браќа и сестри се борат со претерани чувства на загриженост или имаат напади на паника. Во таков случај станува збор за сериозен здравствен проблем, и тоа не треба да се меша со загриженоста за која што зборувал Исус.
^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: 1) Во текот на целиот ден, една сестра сесрдно се моли во врска со своите грижи.
^ пас. 65 ОПИС НА СЛИКАТА: 2) За време на паузата за ручек на работното место, таа бара мудро водство од Божјата Реч.
^ пас. 67 ОПИС НА СЛИКАТА: 3) Таа размислува за добрите и за лошите примери од Библијата.
^ пас. 69 ОПИС НА СЛИКАТА: 4) На својот фрижидер залепува охрабрувачки стих што сака да го научи напамет.
^ пас. 71 ОПИС НА СЛИКАТА: 5) Ужива во добро друштво додека е во служба.
^ пас. 73 ОПИС НА СЛИКАТА: 6) Си ја зајакнува својата надеж така што размислува за иднината.