Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 5

Добро користи го времето што го имаш

Добро користи го времето што го имаш

Внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Добро користете го времето што го имате (ЕФ. 5:15, 16, фус.)

ПЕСНА 8 Јехова ни е заклон

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како може да поминуваме време со Јехова?

 НИЕ сакаме да поминуваме време со луѓето кои ни значат. Сопружниците кои имаат среќен брак уживаат кога поминуваат време заедно. На младите им е убаво кога се со своите блиски пријатели. И, сите ние се радуваме кога се дружиме со нашите соверници. Но, најубаво ни е кога поминуваме време со нашиот Бог. Тоа го правиме така што му се молиме, ја читаме неговата Реч и размислуваме за неговата намера и за неговите прекрасни особини. Времето што го поминуваме со Јехова е скапоцено за нас! (Пс. 139:17).

2. Зошто можеби немаме доволно време за духовните активности?

2 Иако многу сакаме да поминуваме време со Јехова, тоа не ни е секогаш лесно. Бидејќи сме многу зафатени, може да ни биде тешко да одвојуваме време за духовните активности. Работата, семејните одговорности и другите неопходни работи можеби ни одземаат толку многу време што сметаме дека сме премногу зафатени за да се молиме, да проучуваме и длабоко да размислуваме.

3. Што друго може да ни го одзема времето?

3 И нешто друго може да ни го одзема времето. Ако не сме внимателни, може да ни биде тешко да се зближуваме со Јехова затоа што сме зафатени со активности кои сами по себе не се погрешни, но ни одземаат премногу време. На пример, важно е да одвојуваме време за одмор и рекреација. Но, дури и ако се рекреираме на исправен начин, доколку трошиме премногу време на тоа, ќе ни страдаат духовните активности. Треба да ја ставиме рекреацијата на исправно место (Изр. 25:27; 1. Тим. 4:8).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа статија ќе разгледаме зошто треба да си поставуваме исправни приоритети. Исто така, ќе видиме како најдобро да го користиме времето што сме го одвоиле за Јехова, и како тоа ќе ни користи.

МУДРИ ОДЛУКИ И ИСПРАВНИ ПРИОРИТЕТИ

5. Како тоа што ќе размислуваат за советот од Ефешаните 5:15-17 може да им помогне на младите да го изберат најдобриот начин на живот?

5 Избери го најдобриот начин на живот. Младите честопати размислуваат за тоа кој правец да го изберат во животот. Од една страна, професорите и членовите на семејството кои не се Сведоци можеби ги насочуваат кон високо образование кое би им овозможило угледна кариера во светот, што веројатно би им одзело многу време. Од друга страна, родителите и пријателите во собранието можеби ги поттикнуваат да го посветат својот живот на службата за Јехова. Што може да им помогне на младите кои го сакаат Јехова да ја донесат најдобрата одлука? Многу може да им користи ако ги прочитаат стиховите од Ефешаните 5:15-17 и ако размислуваат за нив. (Прочитај.) Откако ќе ги прочитаат овие стихови, би можеле да се прашаат: „Што е ’Јеховината волја‘? Со која одлука ќе го израдувам Јехова? Која одлука ќе ми овозможи најдобро да го користам моето време?“ Млади, имајте на ум дека „деновите се зли“ и дека овој свет со кој владее Сатана наскоро ќе биде уништен. Мудро е да го користиме животот на начин со кој ќе го радуваме Јехова.

6. Што избрала Марија, и зошто тоа било мудра одлука?

6 Поставувај си исправни приоритети. За да можеме да го користиме времето на најдобар начин, понекогаш треба да бираме меѓу две работи што не се погрешни. Тоа може да го видиме од она што се случило кога Исус ги посетил Марија и Марта. Бидејќи била многу среќна што Исус им дошол на гости, Марта почнала да подготвува разни јадења. Но, Марија седнала крај својот Господар и ги слушала неговите поуки. Иако она што го направила Марта не било погрешно, сепак Исус рекол дека Марија го избрала „подобриот дел“ (Лука 10:38-42). Со текот на времето, Марија можеби заборавила што јаделе во таа прилика, но може да бидеме сигурни дека никогаш не го заборавила она што го научила од Исус. Исто како што таа го ценела времето што го поминала со Исус, така и ние го цениме времето што го поминуваме со Јехова. Како најдобро да го искористиме тоа време?

НАЈДОБРО ИСКОРИСТИ ГО ВРЕМЕТО ШТО ГО ОДВОЈУВАШ ЗА ЈЕХОВА

7. Зошто е многу важно да се молиме, да проучуваме и длабоко да размислуваме?

7 Имај на ум дека молитвата, проучувањето и длабокото размислување се дел од нашето обожавање. Кога се молиме, ние разговараме со нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака (Пс. 5:7). Кога ја проучуваме Библијата, ние стекнуваме знаење за Бог, кој е изворот на сета мудрост (Изр. 2:1-5). А кога длабоко размислуваме, умот го насочуваме на Јеховините убави особини, како и на прекрасните работи што во иднина тој ќе ги направи за нас лично и за целото човештво. Зарем има подобар начин да го користиме нашето време? Но, како да извлечеме најголема корист од времето што го одвојуваме за овие духовни активности?

Можеш ли да најдеш мирно место каде што ќе проучуваш? (Види во пасуси 8-9)

8. Што учиме од примерот на Исус додека бил во пустината?

8 Ако е можно, избери тивко место. Размисли за примерот на Исус. Пред да започне со својата служба на Земјата, тој поминал 40 дена во пустината (Лука 4:1, 2). На тоа мирно место, Исус можел да се моли и да размислува за Јеховината волја во врска со него. Тоа му помогнало да се подготви за искушенијата кои наскоро го очекувале. Што можеш да научиш од неговиот пример? Ако живееш во големо семејство, можеби не е секогаш лесно дома да најдеш тивко место. Во таков случај, би можел да побараш некое мирно место надвор. Токму тоа го прави Џули од Франција кога сака да одвои време за да му се моли на Јехова. Бидејќи со маж ѝ живеат во мал стан, не ѝ е лесно да најде време кога ќе биде сама без ништо да ѝ го одвлекува вниманието. Џули вели: „Затоа секој ден одам во паркот. Таму можам полесно да се концентрирам и насамо да зборувам со Јехова“.

9. Иако бил многу зафатен, како Исус покажал дека го цени својот однос со Јехова?

9 Исус бил многу зафатен. Во кое место и да одел, го следеле многу луѓе кои сакале да бидат во негово друштво. Еднаш, додека бил во една куќа, луѓето од целиот град се собрале пред вратата за да го видат. И покрај тоа, Исус нашол време за да му се моли на Јехова. Рано изутрина, уште пред да изгрее сонцето, тој отишол на едно осамено место каде што можел да помине време со својот Татко (Мар. 1:32-35).

10-11. Според Матеј 26:40, 41, кој важен совет им го дал Исус на своите ученици во градината Гетсиманија, но што се случило?

10 Последната ноќ од животот на Исус на Земјата, кога неговата служба привршувала, тој повторно побарал тивко место каде што ќе може длабоко да размислува и да се моли. Такво место нашол во градината Гетсиманија (Мат. 26:36). Во таа прилика, Исус им дал на своите ученици важен совет за молитвата.

11 Размисли за она што се случило. Кога пристигнале во градината Гетсиманија, било многу доцна, можеби по полноќ. Тој им кажал на апостолите да бдеат и отишол да се моли (Мат. 26:37-39). Но, додека се молел, тие заспале. Кога дошол кај нив и видел дека спијат, Исус уште еднаш ги поттикнал да бдеат и да се молат. (Прочитај Матеј 26:40, 41.) Тој знаел дека тие биле под голем притисок и дека чувствувале умор. Затоа, сочувствително рекол дека „телото е слабо“. Исус уште два пати отишол да се моли, но и во двете прилики кога се вратил, тие спиеле наместо да се молат (Мат. 26:42-45).

Можеш ли да одвојуваш време да се молиш кога не си премногу уморен? (Види во пасус 12)

12. Што може да правиме ако ни е тешко да се молиме затоа што сме под голем стрес или сме многу уморни?

12 Избери го вистинското време. Понекогаш можеби ни е тешко да се молиме бидејќи сме под голем стрес или сме многу уморни. Ако ти се случило тоа, имај на ум дека не си единствениот. Што можеш да правиш во таква ситуација? Некои кои обично му се молеле на Јехова на крајот од денот, сфатиле дека за нив е подобро да се молат малку порано, кога не се толку уморни. Други увиделе дека положбата на нивното тело додека се молат влијае врз нивната концентрација. Но, што ако ти е тешко да се молиш затоа што си премногу загрижен или обесхрабрен? Кажи му на Јехова како се чувствуваш. Можеш да бидеш уверен дека нашиот милостив Татко те разбира (Пс. 139:4).

Можеш ли да избегнуваш да одговараш на пораки кога си на состанок? (Види во пасус 13-14)

13. Како би можеле електронските уреди да ни пречат додека сме зафатени со духовни активности?

13 Додека проучуваш, не дозволувај да ти се одвлекува вниманието. Молитвата не е единствениот начин што ни помага да си го зајакнеме пријателството со Јехова. Проучувањето на Божјата Реч и присуството на собраниските состаноци исто така ни помагаат да се зближиме со Бог. Што може да ти помогне најдобро да го искористиш времето што го одвојуваш за да ја проучуваш Библијата и да присуствуваш на состаноците? Прашај се: „Што ми го одвлекува вниманието кога сум на состанок или кога проучувам?“ Дали можеби тоа се повици, имејлови или пораки што ги добиваш на твојот телефон или на некој друг електронски уред? Денес, милијарди луѓе користат вакви уреди. Според некои истражувачи, дури и само да имаме паметен телефон близу нас, тоа може лесно да нѐ деконцентрира. Еден професор по психологија вели: „Не сме сконцентрирани на она што го правиме, умот ни е на некое друго место“. Пред да почне програмата на собирите и конгресите, честопати сме потсетени да го подесиме звукот на нашите електронски уреди така што нема да им пречи на другите. Дали можеме да го направиме истото кога сме сами, за нашите уреди да не ни пречат нам додека сме зафатени со духовни активности?

14. Според Филипјаните 4:6, 7, како Јехова ќе ни помогне ако ни е тешко да се концентрираме на духовните работи?

14 Моли го Јехова да ти помогне да се концентрираш. Ако забележиш дека мислите ти лутаат додека проучуваш или додека си на состанок, моли го Јехова за помош. Доколку нешто те загрижува или те вознемирува, можеби нема да ти биде лесно да ги тргнеш тие мисли на страна и да се концентрираш на духовните работи, но многу е важно да го сториш тоа. Моли го Јехова да ти даде мир, кој ќе го чува не само твоето срце туку и твојот ум. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.)

КАКО НИ КОРИСТИ ТОА ШТО ПОМИНУВАМЕ ВРЕМЕ СО ЈЕХОВА

15. Како ни користи тоа што поминуваме време со Јехова?

15 Ако одвојуваш време да зборуваш со Јехова, да го слушаш и да размислуваш за него, тоа многу ќе ти користи. Како? Прво, ќе носиш подобри одлуки. Библијата нѐ уверува дека оној што „оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изр. 13:20). Значи, ако поминуваш време со Јехова, кој е изворот на мудроста, ќе станеш помудар. Подобро ќе разбереш како можеш да го радуваш и што треба да одбегнуваш за да не го повредиш.

16. Како тоа што поминуваме време со Јехова ни помага подобро да ги поучуваме другите?

16 Второ, ќе можеш подобро да ги поучуваш другите. Кога ја проучуваме Библијата со некого, една од најважните цели е да му помогнеме да се зближи со Јехова. Колку повеќе му се молиме на нашиот небесен Татко и учиме за него толку повеќе ќе расте нашата љубов кон него. А како резултат на тоа, ќе можеме подобро да им помогнеме на интересентите и тие да го засакаат. Ова било случај и со Исус. Тој ги истакнувал убавите особини на својот Татко, и со тоа им помогнал на своите верни следбеници и тие да го засакаат (Јован 17:25, 26).

17. Зошто може да кажеме дека молитвата и проучувањето ни ја зајакнуваат верата?

17 Трето, твојата вера ќе расте. Сети се на ситуации кога си го молел Бог за водство, утеха или помош. Секојпат кога Јехова ти одговорил на молитвите, твојата вера во него се зајакнала (1. Јов. 5:15). Што друго може да ти ја зацврсти верата? Личното проучување. Имај на ум дека, „верата се стекнува од слушање на пораката“ (Рим. 10:17). Но, за да имаш цврста вера, не е доволно само да стекнуваш знаење. Што друго е потребно?

18. Објасни зошто е важно длабоко да размислуваме.

18 Треба длабоко да размислуваме за она што го учиме. Размисли за примерот на писателот на Псалм 77. Тој бил вознемирен бидејќи сметал дека Јехова ги отфрлил — и него и останатите Израелци. Толку се измачувал со тие мисли што не можел да спие (стихови 2-8). Што направил? Тој му рекол на Јехова: „Длабоко ќе размислувам за сите твои дела, ќе се зафатам со твоите постапки“ (стих 12). Се разбира, псалмистот добро знаел што направил Јехова за својот народ во минатото. Сепак, овој загрижен човек се прашувал: „Заборави ли Бог да биде милостив, ги скрати ли во гневот своите милосрдија?“ (стих 9). Псалмистот размислувал за Јеховините постапки во минатото и за тоа колкава милост и сочувство покажувал (стих 11). Како му помогнало тоа? Тој се уверил дека Јехова нема да го напушти својот народ (стих 15). На сличен начин, и твојата вера ќе се зајакне ако размислуваш за она што Јехова веќе го направил за својот народ и за она што го прави за тебе лично.

19. На кој друг начин ни користи тоа што поминуваме време со Јехова?

19 Четврто, и најважно, твојата љубов кон Јехова ќе се зголеми. Љубовта, повеќе од која и да било друга особина, ќе те поттикне да му бидеш послушен на Јехова, да правиш жртви со кои ќе го радуваш и да истраеш во секоја неволја (Мат. 22:37-39; 1. Кор. 13:4, 7; 1. Јов. 5:3). Нема ништо поскапоцено од нашето блиско пријателство со Јехова! (Пс. 63:1-8).

20. Што планираш да направиш за да имаш време за Јехова?

20 Не заборавај дека молитвата, проучувањето и длабокото размислување се дел од нашето обожавање. По примерот на Исус, барај тивки места за да поминуваш време со Јехова. Отстрани ги работите кои би можеле да ти го одвлечат вниманието. Моли го Јехова да ти помогне да се концентрираш додека учествуваш во духовните активности. Ако уште сега се трудиш да го користиш времето најдобро што можеш, Јехова ќе те награди со вечен живот во Божјиот нов свет (Мар. 4:24).

ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова

^ Јехова е нашиот најдобар пријател. Многу ни значи пријателството со него, и сакаме да го запознаваме сѐ подобро. Потребно е време за да запознаеме некого, а истото важи и кога станува збор за односот со Јехова. Со оглед на брзото темпо на живеење, како може да најдеме време да се зближиме со нашиот небесен Татко, и како тоа ќе ни користи?