СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 1
„На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро“
ГОДИШЕН СТИХ ЗА 2022: На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро (ПС. 34:10)
ПЕСНА 4 „Јехова е мојот Пастир“
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1. Во каква тешка ситуација се нашол Давид?
ДАВИД бил во бегство за да си го спаси животот. Саул, кој бил цар на Израел и имал голема моќ, бил решен да го убие. Кога му била потребна храна, Давид отишол во градот Нов и скромно побарал пет леба (1. Сам. 21:1, 3). Подоцна, тој и неговите луѓе се засолниле во една пештера (1. Сам. 22:1). Зошто Давид се нашол во ваква ситуација?
2. На кој начин Саул се ставил себеси во опасна ситуација? (1. Самоилова 23:16, 17).
2 Саул му бил болно љубоморен на Давид, бидејќи луѓето го сакале и го фалеле за многуте воени победи што ги извојувал. Освен тоа, Саул знаел дека Јехова го отфрлил поради неговата непослушност и дека го избрал Давид за иден цар на Израел. (Прочитај 1. Самоилова 23:16, 17.) Сепак, Саул сѐ уште бил цар и имал голема војска и многу луѓе што го поддржувале. Затоа Давид морал да бега за да си го спаси животот. Дали Саул навистина сметал дека може да го спречи Бог да го постави Давид за цар? (Иса. 55:11). Библијата не ни кажува. Но, во едно може да бидеме сигурни: Саул се ставил себеси во опасна ситуација. Оние што му се противат на Бог на крајот секогаш губат!
3. Каков став имал Давид и покрај околностите во кои се наоѓал?
3 Давид не бил амбициозен човек. Тој не избрал да биде цар на Израел, туку Јехова му ја доделил таа улога (1. Сам. 16:1, 12, 13). Саул почнал да гледа на Давид како на смртен непријател. Но, Давид не го обвинувал Јехова за опасноста во која се нашол ниту, пак, се жалел што имал малку храна и што морал да се крие во пештера. Напротив, можеби токму додека се криел во таа пештера ја составил прекрасната фалбена песна што ги вклучува зборовите од стихот на кој се темели оваа статија: „На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро“ (Пс. 34:10).
4. Кои прашања ќе ги разгледаме, и зошто тие се важни?
4 Многу Јеховини слуги денес се соочуваат со недостиг на храна и на други работи кои се неопходни за живот. * Ова особено е случај во текот на пандемијата со КОВИД-19. А како што се приближува големата неволја, околностите уште повеќе ќе се влошуваат (Мат. 24:21). Имајќи ги овие работи на ум, ќе разгледаме четири прашања: Во која смисла на Давид не му недостасувало ниедно добро? Зошто треба да научиме да бидеме задоволни со она што го имаме? Зошто може да бидеме уверени дека Јехова ќе се грижи за нас? И како можеме уште сега да се подготвиме за она што нѐ очекува во иднина?
„НИШТО НЕМА ДА МИ НЕДОСТАСУВА“
5-6. Како Псалм 23:1-6 ни помага да сфатиме што мислел Давид кога рекол дека на Божјите слуги „нема да им недостасува ниедно добро“?
5 На што мислел Давид кога рекол дека на Јеховините слуги „нема да им недостасува ниедно добро“? Тоа може да го дознаеме од Псалм 23, бидејќи во него Давид користел слични изрази. (Прочитај Псалм 23:1-6.) Давид го започнал тој псалм со зборовите: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува“. Во останатиот дел од псалмот, Давид спомнал некои работи што имаат трајна вредност — изобилството духовни благослови кои Јехова му ги дал затоа што го прифатил како свој Пастир. Јехова го водел „по праведни патеки“ и верно го поддржувал и во добро и во лошо. Давид знаел дека, иако Јехова го водел „на зелени пасишта“, неговиот живот нема да биде без проблеми. Тој бил свесен дека понекогаш можеби ќе се обесхрабри и ќе се чувствува како да оди „низ долината на густата темнина“. Исто така, знаел дека ќе има непријатели. Но, бидејќи Јехова бил неговиот Пастир, Давид напишал дека нема да се плаши од зло.
6 Од ова јасно се гледа во која смисла на Давид не му недостасувало ниедно добро. Во духовен поглед, тој имал сѐ што му било потребно. Неговата среќа не зависела од материјалните работи. Давид бил задоволен со она што Јехова му го обезбедувал, и најважно му било тоа што Тој го благословувал и го штител.
7. Според Лука 21:20-24, со какви потешкотии се соочиле христијаните од првиот век кои живееле во Јудеја?
7 Од зборовите на Давид гледаме колку е важно да имаме исправен став кон материјалните работи. Се разбира, не е погрешно да уживаме во материјалните работи што ги поседуваме, но тие не треба да ни бидат на прво место во животот. Христијаните од првиот век кои живееле во Јудеја ја сфатиле оваа важна вистина. (Прочитај Лука 21:20-24.) Исус ги предупредил дека ќе дојде време кога Ерусалим ќе биде „опколен од улогорени војски“. Кога тоа ќе се случело, тие требало да „бегаат во планините“. Со тоа ќе си го спаселе животот, но ќе изгубеле многу работи. Во врска со ова, во една Стражарска кула пишуваше: „Ги напуштиле нивите и домовите, не собирајќи го дури ни она што го поседувале во своите куќи. Уверени во заштитата и поддршката од Јехова, тие го ставиле неговото обожавање пред сѐ друго што можеби им изгледало важно“.
8. Која важна поука може да ја извлечеме од она што им се случило на христијаните од првиот век кои живееле во Јудеја?
8 Која важна поука може да ја извлечеме од она што им се случило на христијаните од првиот век кои живееле во Јудеја? Во Стражарската кула што веќе ја спомнавме стои: „Можеби пред нас лежат испити што се однесува до тоа како гледаме на материјалните работи; дали тие ни се најважното нешто или ни е поважно спасението кое ќе дојде за сите кои се на Божјата страна? Да, нашето бегање може да вклучува некои тешкотии и загуби. Ќе мораме да бидеме спремни да сториме сѐ што ќе биде потребно, како што сториле и лицата од првиот век... кои побегнале од Јудеја“. *
9. Како те охрабруваат зборовите што апостол Павле им ги напишал на Евреите?
9 Можеш ли да си замислиш колку им било тешко на тие христијани да остават сѐ што имаат и да започнат нов живот на друго место? Им била потребна вера за да се потпираат на Јехова за нивните основни потреби. Но, не биле оставени без помош. Пет години пред Римјаните да го опколат Ерусалим, апостол Павле им дал на Евреите некои корисни совети: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто, тој рекол: ’Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам’. Затоа, исполнети со храброст, можеме да речеме: ’Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?’“ (Евр. 13:5, 6). Без сомнение, на оние што ги зеле при срце зборовите на Павле пред да започне опсадата на Римјаните, им било полесно да се навикнат на скромниот начин на живот во новото место. Тие биле уверени дека Јехова ќе се грижи за нивните основни потреби. Зборовите на Павле ни помагаат и ние да ја имаме истата увереност.
„СО ТОА ДА БИДЕМЕ ЗАДОВОЛНИ“
10. Што е она што Павле го научил и го споделил со нас?
10 Павле му дал сличен совет на Тимотеј кој важи и за нас денес. Тој напишал: „Значи, ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тим. 6:8). Дали ова значи дека е погрешно да уживаме во вкусна храна, да имаме убаво место за живеење или одвреме-навреме да купуваме нова облека? Тоа не е она што Павле сакал да го каже. Тој сакал да истакне дека треба да бидеме задоволни со што и да имаме во материјален поглед (Фил. 4:12). Павле научил да живее така. Најскапоценото нешто што го имаме е нашиот однос со Бог, а не материјалните работи што ги поседуваме (Авак. 3:17, 18).
11. Што учиме од она што Мојсеј им го кажал на Израелците?
11 Понекогаш, може да има разлика меѓу нашето и Јеховиното гледиште во врска со она што ни е потребно. Размисли за зборовите што Мојсеј му ги кажал на израелскиот народ откако 40 години биле во пустината: „Јехова, твојот Бог, те благослови во секое дело на твоите раце. Тој добро знае како патуваше низ оваа голема пустина. Овие четириесет години Јехова, твојот Бог, беше со тебе. Ништо не ти недостасуваше“ (5. Мој. 2:7). Во текот на целиот тој период, Јехова се грижел Израелците да имаат мана за јадење. Нивната облека — истата облека со која го напуштиле Египет — никогаш не изветвила (5. Мој. 8:3, 4). Иако некои можеби сметале дека овие работи не им биле доволни, Мојсеј ги потсетил Израелците дека имале сѐ што им било потребно. Јехова ќе се радува ако научиме да бидеме задоволни. Тој сака да бидеме благодарни дури и за најмалите работи што ни ги дава и да гледаме на нив како на дар од него.
ИМАЈ ДОВЕРБА ДЕКА ЈЕХОВА ЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА ТЕБЕ
12. Што покажува дека Давид не се потпирал на себе, туку имал доверба во Јехова?
12 Давид знаел дека Јехова е верен и дека покажува голема грижа кон оние што го сакаат. Иако неговиот живот бил во опасност кога го напишал Псалм 34, со очите на верата тој видел дека „ангел Јеховин стои улогорен“ околу него (Пс. 34:7). Можеби Давид го споредил Јеховиниот ангел со војник кој е улогорен во полето и будно внимава на непријателската војска. Иако бил искусен воин и Јехова му ветил дека ќе стане цар, Давид не се потпирал на својата способност вешто да користи праќа или меч за да го победи непријателот (1. Сам. 16:13; 24:12). Тој имал доверба во Бог и бил уверен дека Јеховин ангел ги избавува „оние што се бојат од Бог“. Се разбира, ние денес не очекуваме Јехова со чудо да нѐ штити. Но, знаеме дека на оној што има доверба во Јехова никогаш нема да му биде нанесена трајна штета.
13. а) Зошто ќе изгледаме беспомошно кога Гог од Магог ќе нѐ нападне? б) Зошто не треба да се плашиме? (Види ја сликата на насловната страница.)
13 Наскоро, нашата доверба во Јеховината способност да нѐ заштити ќе биде ставена на испит. Кога Гог од Магог — коалицијата составена од сите народи — ќе ги нападне Божјите слуги, ќе изгледа дека нашите животи се во опасност. Тогаш ќе биде многу важно да сме уверени дека Јехова може да нѐ избави и дека ќе го стори тоа. На народите ќе им изгледаме како беспомошни овци кои нема кој да ги заштити (Езек. 38:10-12). Ќе бидеме без оружје и без воена обука. Народите ќе нѐ сметаат за лесен плен. Тие нема да го видат она што ние го гледаме со очите на верата — огромна војска ангели улогорени околу Божјиот народ, спремни да нѐ заштитат. Народите нема да можат да го видат тоа бидејќи немаат вера во Бог. Колку ли само ќе се изненадат кога небесните војски ќе почнат да се борат за нас! (Отк. 19:11, 14, 15).
УШТЕ СЕГА ПОДГОТВИ СЕ ЗА ИДНИНАТА
14. Што може да правиме уште сега за да се подготвиме за иднината?
14 Што може да правиме уште сега за да се подготвиме за иднината? Пред сѐ, треба да имаме исправен став кон материјалните работи и да бидеме свесни дека еден ден ќе ги изгубиме. Исто така, треба да бидеме задоволни со она што го имаме и најголема радост да ни носи нашето пријателство со Јехова. Колку подобро го запознаваме нашиот Бог толку поуверени ќе бидеме дека тој ќе нѐ заштити кога Гог од Магог ќе нѐ нападне.
15. Кои работи што му се случиле на Давид во младоста го увериле дека Јехова секогаш ќе му помага?
15 Да видиме што друго му помогнало на Давид, а кое може да ни помогне и нам да се подготвиме за искушенијата. Тој рекол: „Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште!“ (Пс. 34:8). Од овие зборови дознаваме зошто Давид знаел дека може да се потпре на Јехова. Тој честопати ја полагал својата доверба во Бог, кој никогаш не го разочарал. Кога бил млад, се соочил со филистејскиот џин Голијат, и во таа прилика му рекол на овој застрашувачки воин: „Денес Јехова ќе те предаде во мои раце“ (1. Сам. 17:46). Подоцна, Давид му служел на цар Саул, кој повеќе пати се обидел да го убие. Но, Јехова бил со Давид (1. Сам. 18:12). Бидејќи во минатото видел како Јехова му помага, Давид знаел дека може и понатаму да смета на неговата помош сеедно со какви неволји ќе се соочи.
16. На кои начини може да ја „вкусиме“ Јеховината добрина?
16 Колку повеќе се потпираме на Јеховиното водство сега толку поуверени ќе бидеме во неговата способност да нѐ заштити во иднина. Ни треба вера и спремност да се потпираме на Јехова за да побараме слободни денови од нашиот работодавец со цел да присуствуваме на некој собир или конгрес или, пак, за да побараме промена во работното време со цел да присуствуваме на сите наши состаноци и да поминуваме повеќе време во служба. Да речеме дека нашиот работодавец не го прифатил нашето барање и сме ја изгубиле работата. Дали ќе имаме вера дека Јехова никогаш нема да нѐ напушти и дека секогаш ќе се грижи за нашите основни потреби? (Евр. 13:5). Многумина кои се во полновремена служба на своја кожа почувствувале како Јехова им помагал кога тоа им било најпотребно. Јехова навистина е верен.
17. Кој е годишниот стих за 2022, и зошто е соодветен?
17 Штом Јехова е на наша страна, немаме причина да се плашиме од она што ни претстои. Сѐ додека го ставаме Царството на прво место, нашиот Бог никогаш нема да нѐ напушти. За да нѐ потсети колку е важно уште сега да се подготвуваме за тешките денови што се пред нас и да имаме доверба дека Јехова никогаш нема да нѐ остави, Водечкото тело го избра Псалм 34:10 за годишен стих за 2022: „На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро“.
ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне
^ Годишниот стих за 2022 е земен од Псалм 34:10: „На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро“. Голем број верни Божји слуги имаат малку во материјален поглед. Тогаш, зошто може да се каже дека не им „недостасува ниедно добро“? И како тоа што ќе го разбереме значењето на овој стих ќе ни помогне да се подготвиме за тешките времиња што ни претстојат?
^ Види во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 септември 2014.
^ Види во Стражарска кула од 1 мај 1999, стр. 19.