СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 2
Што може да научиме од помладиот брат на Исус?
Јаков, роб на Бог и на Господарот Исус Христос (ЈАК. 1:1)
ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1. Како би го опишал семејството на Јаков?
ЈАКОВ, братот на Исус, пораснал во духовно семејство. * Неговите родители, Јосиф и Марија, многу го сакале Јехова и давале сѐ од себе за да му служат. Тој имал уште еден благослов — неговиот постар брат станал ветениот Месија. Колку голема чест имал Јаков да биде дел од тоа семејство!
2. Кои причини ги имал Јаков за да се угледа на својот постар брат?
2 Јаков имал многу причини да се угледа на својот постар брат (Мат. 13:55). На пример, Исус толку добро ги познавал светите списи кога имал 12 години што верските учители во Ерусалим биле восхитени од него (Лука 2:46, 47). Јаков можеби се занимавал со дрводелство исто како Исус и работел заедно со него. Ако тоа било случај, тогаш имал можност добро да го запознае својот брат. Натан Нор честопати велел: „Кога работиш со некого, имаш прилики добро да го запознаеш“. * Исто така, Јаков веројатно забележал дека Исус напредува во мудроста и ужива „сѐ поголема наклоност кај Бог и кај луѓето“ (Лука 2:52). Поради тоа, можеби си мислиме дека Јаков требало да биде меѓу првите ученици на Исус. Но, тоа не се случило.
3. Каков став имал Јаков додека Исус ја извршувал својата служба на Земјата?
3 Додека Исус ја извршувал својата служба на Земјата, Јаков не станал негов ученик (Јован 7:3-5). Всушност, тој можеби бил меѓу роднините кои мислеле дека Исус „се мрднал од умот“ (Мар. 3:21). И, ништо не укажува на тоа дека Јаков бил со својата мајка Марија кога Исус бил прикован на маченичкиот столб (Јован 19:25-27).
4. Кои поуки ќе ги разгледаме?
4 Подоцна, Јаков покажал вера во Исус и станал старешина во христијанското собрание кого другите многу го почитувале. Во оваа статија ќе разгледаме две поуки што може да ги научиме од Јаков: 1) Зошто мора да останеме понизни? и 2) Како може вешто да поучуваме?
ОСТАНИ ПОНИЗЕН КАКО ЈАКОВ
5. Што направил Јаков откако Исус му се појавил по своето воскресение?
5 Кога Јаков станал верен следбеник на Исус? Откако воскреснал, Исус му се појавил „на Јаков, а потоа на сите апостоли“ (1. Кор. 15:7). Таа средба со Исус била пресвртница во животот на Јаков. Тој бил присутен во една горна соба во Ерусалим додека апостолите го очекувале ветениот свет дух (Дела 1:13, 14). Подоцна, Јаков имал чест да служи како член на водечкото тело во првиот век (Дела 15:6, 13-22; Гал. 2:9). А некое време пред 62 год. од н.е., под водство на светиот дух им напишал писмо на помазаните христијани. Ова писмо ни користи и нам денес, без оглед на тоа дали имаме надеж за живот на небото или на Земјата (Јак. 1:1). Според Јосиф Флавиј, историчар од првиот век, Јаков бил погубен по наредба на еврејскиот првосвештеник Ана (Ананија). Јаков му останал верен на Јехова сѐ до крајот на својот живот на Земјата.
6. Во кој поглед Јаков се разликувал од верските водачи во тоа време?
6 Јаков бил понизен. Зошто може да го кажеме ова? Размисли за разликата меѓу ставот што Јаков го стекнал кон Исус со текот на времето и ставот што го имале многу од верските водачи. Кога се соочил со непобитен доказ дека Исус е Божјиот Син, Јаков понизно го прифатил тоа. Меѓутоа, ова не било случај со главните свештеници во Ерусалим. На пример, тие не можеле да порекнат дека Исус го воскреснал Лазар. Но, наместо да прифатат дека Исус бил испратен од Јехова, тие сакале да го убијат и него и Лазар (Јован 11:53; 12:9-11). Подоцна, кога и Исус воскреснал, тие се обиделе да го скријат тој факт од луѓето (Мат. 28:11-15). Затоа што биле горди, овие верски водачи го отфрлиле Месијата.
7. Зошто не треба да бидеме горди?
7 Поука за нас: Да не бидеме горди и да му дозволиме на Јехова да нѐ поучува. Исто како што некоја болест може да ги стврдне артериите на срцето и да ја наруши неговата работа, така и гордоста може да го стврдне нашето симболично срце и да ни отежни да бидеме послушни на Јеховиното водство. Фарисеите дозволиле нивното срце толку многу да се стврдне што ги отфрлиле јасните докази дека Исус е воден од Божјиот дух и дека е Божји Син (Јован 12:37-40). Тоа било многу опасно за нив бидејќи на тој начин ја изгубиле можноста да живеат вечно (Мат. 23:13, 33). Навистина е многу важно и понатаму да им дозволуваме на Божјата Реч и на Божјиот дух да нѐ обликуваат и да влијаат врз нашето размислување и врз нашите одлуки! (Јак. 3:17). Бидејќи бил понизен, Јаков му дозволил на Јехова да го поучува. И, како што ќе видиме, токму поради неговата понизност тој станал вешт учител.
ИСТО КАКО ЈАКОВ, ДА БИДЕМЕ ВЕШТИ ВО ПОУЧУВАЊЕТО
8. Што може да ни помогне да научиме вешто да поучуваме?
8 Јаков немал некое големо световно образование. Без сомнение, верските водачи на него гледале исто како што гледале на апостолите Петар и Јован — како на „неуки и обични“ луѓе (Дела 4:13). Но, Јаков научил вешто да поучува, и тоа јасно се гледа од книгата што ја напишал. Исто како него, можеби и ние не сме многу образовани. Но, благодарение на Јеховиниот дух и обуката од неговата организација, и ние може да научиме вешто да поучуваме. Да разгледаме каков пример ни оставил Јаков во тој поглед и да видиме кои поуки може да ги научиме од него.
9. На каков начин поучувал Јаков?
9 Јаков не користел тешко разбирливи зборови и не ги објаснувал работите на комплициран начин. Како резултат на тоа, неговите слушатели знаеле што треба да прават. На пример, размисли на колку едноставен начин Јаков ги поучил христијаните дека треба спремно да трпат неправди без да се огорчат. Тој напишал: „Ги прогласуваме за среќни оние што истрајаа. Чувте за истрајноста на Јов и видовте до каков исход Јехова го доведе неговото искушение — видовте дека Јехова е полн со сочувство и милосрден“ (Јак. 5:11). Забележи дека Јаков ја темелел својата поука на Божјата Реч. Така им помогнал на своите слушатели да сфатат дека Јехова секогаш ги наградува оние што му се верни, исто како што бил Јов. Јаков ја истакнал таа поука со едноставни зборови и на логичен начин. Така го насочил вниманието кон Јехова, а не кон себеси.
10. Кој е еден начин на кој може да го следиме примерот на Јаков кога поучуваме?
10 Поука за нас: Треба да поучуваме на едноставен начин и на темел на Божјата Реч. Целта не треба да ни биде да им покажеме на другите колку ние знаеме, туку колку многу Јехова знае и се грижи за нив (Рим. 11:33). Тоа може да го постигнеме ако секогаш поучуваме на темел на Божјата Реч. На пример, наместо да им кажуваме на нашите интересенти што би направиле ние да сме на нивно место, треба да им помогнеме да размислуваат за соодветни библиски примери и да сфатат каков став и какви чувства има Јехова за некоја работа. Така ќе го применат она што го учат од желба да му угодат на Јехова, а не нам.
11. Со какви предизвици се соочувале некои христијани, и каков совет им дал Јаков? (Јаков 5:13-15).
11 Јаков бил реален. Од неговото писмо јасно се гледа дека тој бил свесен со какви предизвици се соочуваат неговите соверници, и јасно им кажал како да ги надминат. На пример, некои христијани не ги применувале веднаш советите од Божјата Реч (Јак. 1:22). Други биле пристрасни кон богатите (Јак. 2:1-3). А на некои, пак, им било тешко да си го контролираат јазикот (Јак. 3:8-10). Иако тие христијани имале сериозни проблеми, Јаков не се откажал од нив. Тој им дал љубезни, но директни совети и ги поттикнал оние што биле во лоша духовна состојба да побараат дополнителна помош од старешините. (Прочитај Јаков 5:13-15.)
12. Како може да задржиме позитивен став кога им помагаме на нашите интересенти?
12 Поука за нас: Да бидеме реални, но и да задржиме позитивен став кон другите. На многумина со кои ја проучуваме Библијата можеби им е тешко да ги применат нејзините совети (Јак. 4:1-4). Можеби им е потребно повеќе време да ги искоренат лошите навики и да стекнат христијански особини. Исто како Јаков, треба да имаме храброст за да им кажеме на нашите интересенти во што треба да се подобрат. Освен тоа, треба да задржиме позитивен став кон нив, имајќи доверба дека Јехова ќе ги привлече понизните кон себе и ќе им ја даде потребната сила за да прават промени во животот (Јак. 4:10).
13. Според Јаков 3:2, што признал Јаков?
13 Јаков задржал исправно гледиште за себеси. Тој не сметал дека е поважен од другите христијани поради тоа што му бил брат на Исус или поради тоа што имал важни одговорности. Јаков им се обратил на соверниците со зборовите „браќа мои сакани“ (Јак. 1:16, 19; 2:5). Тој не се обидувал да остави впечаток дека е совршен. Наместо тоа, тој рекол: „Сите ние честопати грешиме“, вклучувајќи се и самиот себе во таа изјава. (Прочитај Јаков 3:2.)
14. Зошто треба да признаеме дека правиме грешки?
14 Поука за нас: Да имаме на ум дека сите грешиме. Не треба да си мислиме дека ние сме далеку подобри од оние што ги поучуваме. Зошто? Ако на нашиот интересент му оставаме впечаток дека сме совршени, тој можеби ќе заклучи дека никогаш не би можел да живее според Божјите барања. Но, ако искрено му кажеме дека не ни било секогаш лесно да ги применуваме библиските начела и му објасниме како Јехова ни помогнал да ги направиме потребните промени, ќе му помогнеме да се увери дека и тој може да му служи на Јехова.
15. Како би ги опишал споредбите што ги запишал Јаков? (Јаков 3:2-6, 10-12).
15 Јаков користел делотворни споредби. Иако добил помош од светиот дух, тој веројатно научил како да ги поучува другите и со тоа што размислувал за споредбите што ги дал неговиот постар брат, Исус. Споредбите што ги запишал Јаков во своето писмо се едноставни, а поуката е јасна. (Прочитај Јаков 3:2-6, 10-12.)
16. Зошто треба да користиме делотворни споредби?
16 Поука за нас: Да користиме делотворни споредби. Кога користиме соодветни споредби, им помагаме на луѓето да го „видат“ она што го слушаат. Така во нивниот ум се создаваат слики кои им помагаат да ги запамтат важните библиски вистини. Исус бил исклучително вешт во користењето споредби, а брат му Јаков го следел неговиот пример. Да разгледаме една од споредбите на Јаков и да видиме зошто е толку делотворна.
17. Зошто споредбата запишана во Јаков 1:22-25 е толку делотворна?
17 Прочитај Јаков 1:22-25. Има повеќе причини зошто споредбата на Јаков во врска со огледалото е делотворна. Тој имал за цел да истакне една важна поука: За да извлечеме корист од Божјата Реч, не е доволно само да ја читаме, туку треба и да го применуваме она што го учиме. Освен тоа, Јаков избрал споредба која другите можеле лесно да ја разберат — споредба за човек што се гледа во огледало. Која била поентата? Ако некој човек се погледне во огледало и забележи дека треба да поправи нешто на себе, ќе постапи неразумно ако не направи ништо во врска со тоа. На сличен начин, ако ја читаме Библијата и забележиме дека треба да правиме промени во нашите особини, ќе биде неразумно ако не направиме ништо во врска со тоа.
18. На кои три работи треба да обрнеме внимание кога користиме споредби?
18 Кога користиш споредби, можеш да го следиш примерот на Јаков така што ќе обрнеш внимание на три работи: 1) Споредбата треба да биде соодветна на поуката што сакаш да ја истакнеш. 2) Другите треба да можат лесно да ја разберат споредбата. 3) Треба да биде јасно како споредбата може да се примени. Ако не ти е лесно самиот да смислиш некоја споредба, во нашите публикации можеш да најдеш многу споредби кои би можел да ги користиш. * Сепак, имај на ум дека споредбите се како микрофон — тие ја „засилуваат“ поуката што сакаш да ја пренесеш. Затоа, најдобро е да користиш споредби само за главните мисли што сакаш да ги истакнеш. Се разбира, најважната причина зошто сакаме да се подобриме во поучувањето не е да привлечеме внимание кон себе, туку да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе да станат дел од Јеховиното среќно семејство.
19. Како покажуваме дека ги сакаме нашите браќа и сестри?
19 За разлика од Јаков, никој од нас не пораснал со постар брат кој бил совршен. Сепак, сите ние имаме чест да бидеме дел од едно големо семејство и да му служиме на Јехова заедно со нашите браќа и сестри. Нашата љубов кон соверниците ја покажуваме така што се дружиме со нив, учиме од нив и така што заедно со нив верно го извршуваме делото на проповедање и поучување. Кога се трудиме да го следиме примерот на Јаков во поглед на нашите ставови, постапки и начин на поучување, му носиме слава на Јехова и им помагаме на искрените лица да станат блиски пријатели со нашиот мил небесен Татко.
ПЕСНА 114 Да бидеме стрпливи како Јехова!
^ Јаков пораснал во истото семејство во кое пораснал и Исус. Тој го познавал Божјиот совршен Син подобро од повеќето луѓе во тоа време. Во оваа статија ќе разгледаме што може да научиме од животот и учењата на помладиот брат на Исус кој станал еден од столбовите на христијанското собрание во првиот век.
^ Поради едноставност, во оваа статија ќе се осврнуваме на Јаков како на брат на Исус. Всушност, тој му бил полубрат, и очигледно го напишал писмото што го носи неговото име.
^ Натан Нор служеше како член на Водечкото тело. Тој го заврши својот живот на Земјата во 1977 год.
^ Види во Индексот на публикации на српски јазик, под поимот „Поређења“.
^ ОПИС НА СЛИКАТА: Јаков употребил споредба со мал оган — нешто што луѓето можеле лесно да го разберат — за да истакне колку е опасно ако не се внимава како се користи јазикот.