Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 3

Што учиме од солзите на Исус?

Што учиме од солзите на Исус?

Исус почна да рони солзи (ЈОВАН 11:35)

ПЕСНА 17 „Сакам“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-3. Поради кои работи можеби некогаш плачеме?

 КОГА последен пат плачеше? Понекогаш плачеме од радост. Но, обично ни течат солзи затоа што ни е тешко. На пример, можеби плачеме бидејќи ни починал некој близок. Лорилеј, една сестра од САД, напишала: „Болката што ја чувствував поради смртта на ќерка ми понекогаш беше толку силна што ништо не можеше да ме утеши. Во таквите моменти се прашував како моето скршено и здробено срце може сѐ уште да чука?“ *

2 Понекогаш можеби плачеме од други причини. Хироми, една сестра од Јапонија која служи како пионер, вели: „Одвреме-навреме ми паѓа тешко бидејќи луѓето кои ги среќавам во служба не се заинтересирани за пораката од Библијата. Со солзи во очите понекогаш го молам Јехова да ми помогне да најдам некој што ја бара вистината“.

3 Дали и ти некогаш си се чувствувал така? Тоа е случај со многумина од нас (1. Пет. 5:9). Ние сакаме радосно да му служиме на Јехова, но понекогаш можеби плачеме затоа што ни умрел некој близок, затоа што сме обесхрабрени или затоа што минуваме низ тешка ситуација која ја става на испит нашата верност кон Бог (Пс. 6:6; 100:2). Што може да ни помогне кога се бориме со такви чувства?

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Можеме да учиме од примерот на Исус. Понекогаш и тој доживувал силни емоции поради кои ронел солзи (Јован 11:35; Лука 19:41; 22:44; Евр. 5:7). Да видиме неколку такви ситуации. Од нив ќе дознаеме што може да научиме за Исус и за неговиот Татко, Јехова. Исто така, ќе разгледаме што може да правиме кога минуваме низ тешки ситуации поради кои ни навираат солзи.

ИСУС ПЛАЧЕЛ ОД ЖАЛ ЗА СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

Исто како Исус, помагај им на оние што жалат (Види во пасуси 5-9) *

5. Што учиме за Исус од извештајот во Јован 11:32-36?

5 Зимата 32 год. од н.е., Лазар, кој му бил добар пријател на Исус, се разболел и умрел (Јован 11:3, 14). Тој имал две сестри, Марија и Марта, и Исус многу го сакал ова семејство. Двете сестри биле скршени од болка поради смртта на нивниот сакан брат. Откако Лазар умрел, Исус тргнал кон селото Витанија, каде што живееле Марија и Марта. Кога чула дека Исус доаѓа, Марта брзо истрчала за да го пресретне. Замисли со колкава болка му рекла: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“ (Јован 11:21). Кратко потоа, кога ги видел Марија и другите како плачат, Исус почнал „да рони солзи“. (Прочитај Јован 11:32-36.)

6. Зошто Исус плачел кога отишол во Витанија?

6 Зошто Исус плачел во таа прилика? Во книгата Увид во Писмото пишува: „Исус бил длабоко трогнат и почнал да рони солзи поради смртта на својот пријател Лазар и поради тагата што ја чувствувале неговите сестри“. * Исус можеби размислувал за болките што ги имал неговиот драг пријател Лазар додека бил болен и за тоа како се чувствувал кога сфатил дека наскоро ќе умре. Без сомнение, Исус бил трогнат и кога видел колку Марија и Марта се погодени од смртта на нивниот брат. Ако и тебе ти починал близок пријател или член на семејството, сигурно минуваш низ слични чувства. Да разгледаме три поуки од овој извештај што можат да ти користат.

7. Што учиме за Јехова од тоа што Исус плачел за своите пријатели?

7 Јехова разбира како се чувствуваш. Исус совршено ја одразува личноста на својот Татко (Евр. 1:3). Со тоа што плачел, Исус покажал како се чувствува неговиот Татко кога некој ќе умре (Јован 14:9). Ако ти починал некој близок, биди уверен дека Јехова не само што ја забележува твојата тага туку и длабоко сочувствува со тебе. Тој сака да го излекува твоето скршено срце (Пс. 34:18; 147:3).

8. Зошто може да бидеме уверени дека Исус ќе ги воскресне нашите блиски што починале?

8 Исус сака да ги воскресне твоите блиски што починале. Кратко пред да заплаче, Исус ја уверил Марта: „Твојот брат ќе стане“. Марта му верувала на Исус (Јован 11:23-27). Бидејќи му служела на Јехова, таа знаела дека пророците Илија и Елисеј во минатото воскреснале луѓе (1. Цар. 17:17-24; 2. Цар. 4:32-37). Освен тоа, веројатно слушнала дека и Исус воскреснал некои што починале (Лука 7:11-15; 8:41, 42, 49-56). И ти можеш да бидеш уверен дека повторно ќе ги видиш твоите сакани кои починале. Тоа што Исус плачел додека ги тешел своите ужалени пријатели е доказ дека со душа чека да ги воскресне мртвите.

9. По примерот на Исус, како можеш да им помагаш на оние што тагуваат? Наведи пример.

9 Можеш да им помагаш на оние што тагуваат. Освен што плачел со Марта и Марија, Исус ги слушал и ги тешел. И ние може да постапуваме така со оние што тагуваат. Дан, еден старешина кој живее во Австралија, вели: „Кога почина жена ми, ми беа потребни помош и утеха. Кога и да ми требаше уво за слушање, неколку брачни парови беа секогаш тука за мене. Пред нив можев слободно да си ја искажам болката, и не им беше непријатно кога плачев. Освен тоа, ми пружаа практична помош така што ми ја миеја колата, ми пазаруваа и ми готвеа кога јас не бев во состојба да се грижам за тие работи. А и често се молеа со мене. Тие покажаа дека се вистински пријатели и браќа во неволја“ (Изр. 17:17).

ИСУС ПЛАЧЕЛ ОД ЖАЛ ЗА ЛУЃЕТО НА КОИ ИМ ПРОПОВЕДАЛ

10. Опиши го настанот запишан во Лука 19:36-40.

10 На 9 нисан 33 год. од н.е., Исус пристигнал во Ерусалим. Додека се приближувал кон градот, се собрале многу луѓе и почнале да ги простираат своите облеки по патот за да покажат дека го прифаќаат како свој Цар. Тоа сигурно бил радосен настан. (Прочитај Лука 19:36-40.) Затоа, она што се случило потоа можеби ги изненадило неговите ученици. Библијата вели: „Кога се приближи и го виде градот, [Исус] заплака над него“. Со солзи во очите, Исус ја претскажал мрачната иднина што стоела пред жителите на Ерусалим (Лука 19:41-44).

11. Зошто Исус плачел за жителите на Ерусалим?

11 На Исус срцето му се кинело од жал бидејќи знаел дека, иако во таа прилика бил срдечно пречекан, повеќето Евреи нема да ја прифатат пораката за Царството. Поради тоа, Ерусалим ќе бил уништен, а оние Евреи што ќе преживееле ќе биле одведени во заробеништво (Лука 21:20-24). За жал, токму како што рекол Исус, повеќето луѓе го отфрлиле. А како реагираат луѓето на пораката за Царството во местото каде што живееш ти? Ако само малкумина позитивно реагираат на твоите напори да ги поучуваш за вистината, што можеш да научиш од солзите на Исус? Да разгледаме уште три поуки.

12. Што учиме за Јехова од тоа што Исус плачел за своите ближни?

12 Јехова се грижи за луѓето. Солзите на Исус нѐ потсетуваат колкава грижа покажува Јехова кон луѓето. Тој „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Покажуваме дека ги сакаме нашите ближни така што неуморно се трудиме да им помогнеме да ја дознаат добрата вест за Царството (Мат. 22:39). *

Исто како Исус, биди приспособлив во поглед на времето што го одвојуваш за службата (Види во пасуси 13-14) *

13-14. Како Исус покажувал сочувство кон луѓето, и како може и ние да ја покажуваме оваа особина?

13 Исус вложувал голем труд во службата. Тој ја покажувал својата љубов кон луѓето така што ја користел секоја прилика за да ги поучува (Лука 19:47, 48). Што го поттикнувало на тоа? Сочувството кон нив. Понекогаш имало толку многу луѓе кои сакале да ги слушаат неговите зборови што тој и неговите ученици немале време „ни да јадат“ (Марко 3:20). А кога еден човек сакал да зборува со Исус ноќе, тој спремно го прифатил тоа (Јован 3:1, 2). Повеќето од оние што на почетокот го слушале Исус никогаш не станале негови ученици. Сепак, сите што го слушале добиле темелно сведоштво. Ние сакаме да им дадеме можност на сите луѓе да ја слушнат добрата вест (Дела 10:42). За да успееме во тоа, можеби ќе треба да направиме некои промени во нашата служба.

14 Биди спремен да ги правиш потребните промени. Ако секогаш одиме во служба во исто време, можеби нема да сретнеме некои луѓе кои би биле заинтересирани за добрата вест. Матилда, која служи како пионер, вели: „Јас и маж ми се трудиме да проповедаме во различно време. Рано наутро одиме на деловно подрачје. Напладне, кога многу луѓе се излезени надвор, сведочиме со колички. А подоцна во денот, кога повеќето луѓе се дома, проповедаме од куќа до куќа“. Наместо да се држиме за распоред што нам ни одговара, треба да се трудиме да проповедаме во време кога има поголеми шанси да ги сретнеме луѓето. Ако го правиме тоа, може да бидеме уверени дека Јехова ќе се радува.

ИСУС ПЛАЧЕЛ БИДЕЈЌИ БИЛ ЗАГРИЖЕН ЗА ЈЕХОВИНОТО ИМЕ

Исто како Исус, сесрдно моли го Јехова кога се наоѓаш во тешка ситуација (Види во пасуси 15-17) *

15. Според Лука 22:39-44, што се случило ноќта пред Исус да биде погубен?

15 Доцна вечерта на 14 нисан 33 год. од н.е., Исус отишол во градината Гетсиманија. Таму му го излеал своето срце на Јехова во молитва. (Прочитај Лука 22:39-44.) Во тие тешки моменти сесрдно се молел „со силни извици и солзи“ (Евр. 5:7). За што се молел Исус ноќта пред да биде погубен? Се молел Јехова да го зајакне за да му остане верен и да ја изврши Неговата волја. Јехова видел колку голема душевна болка чувствувал неговиот Син, и испратил ангел да го зајакне.

16. Зошто Исус бил вознемирен додека се молел во градината Гетсиманија?

16 Без сомнение, Исус плачел додека се молел во градината Гетсиманија затоа што бил вознемирен од самата помисла дека луѓето ќе го сметаат за богохулник. Исто така, тој чувствувал огромна одговорност — да го посвети името на својот Татко. Ако и ти се соочуваш со некоја тешка ситуација што ја става на испит твојата верност кон Јехова, што можеш да научиш од солзите на Исус? Да разгледаме уште три поуки.

17. Што учиме за Јехова од тоа што одговорил на сесрдните молитви на Исус?

17 Јехова ги слуша твоите сесрдни молитви. Јехова го услишил Исус кога сесрдно се молел. Зошто? Затоа што на Исус му било најважно да му остане верен на својот Татко и да го посвети Неговото име. Ако и нам ни е најважно да му останеме верни на Јехова и да го посветиме неговото име, тој ќе одговори и на нашите молитви (Пс. 145:18, 19).

18. Во која смисла Исус е како сочувствителен пријател?

18 Исус разбира како се чувствуваш. Кога сме вознемирени, многу ни значи да добиеме утеха од некој сочувствителен пријател, особено ако и тој поминал низ нешто слично. Исус е таков пријател. Тој знае како е да се чувствуваш слаб и да имаш потреба од помош. Тој е свесен дека имаме слабости, и ќе се погрижи да добиеме помош во вистинско време (Евр. 4:15, 16). Исто како што Исус прифатил помош од еден ангел во градината Гетсиманија, и ние треба да бидеме спремни да ја прифатиме помошта што Јехова ни ја дава, сеедно дали тоа е преку некоја публикација, видеоклип, говор или, пак, преку некој старешина или зрел пријател.

19. Што може да те зајакне кога се соочуваш со некоја ситуација која ја става на испит твојата верност кон Бог? Наведи пример.

19 Јехова ќе ти го даде „мирот Божји“. Како Јехова ќе нѐ зајакне? Кога се молиме, тој ни го дава „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7). Мирот што го дава Јехова го смирува нашето срце и ни помага појасно да ги гледаме работите. Тоа го почувствувала една сестра по име Луз. Таа вели: „Се борам со чувства на осаменост, поради кои понекогаш мислам дека Јехова не ме сака. Во тие моменти, веднаш му кажувам на Јехова како се чувствувам. Молитвата ми помага да се изборам со таквите чувства“. Како што покажува искуството на оваа сестра, молитвата може да ни помогне да си го вратиме мирот.

20. Кои работи ги научивме од солзите на Исус?

20 Навистина, од солзите на Исус може да добиеме голема утеха и да научиме многу работи! Се потсетивме дека треба да им помагаме на нашите браќа и сестри кои жалат поради смртта на некој близок и да имаме доверба дека Јехова и Исус ќе ни помагаат доколку и ние се најдеме во таква ситуација. Видовме дека треба да покажуваме сочувство кон другите додека им проповедаме и ги поучуваме, бидејќи Јехова Бог и Исус Христос ја покажуваат оваа извонредна особина. А голема утеха ни носи тоа што знаеме дека Јехова и неговиот мил Син разбираат како се чувствуваме, сочувствуваат со нас во нашите слабости и сакаат да ни помогнат да истраеме. Да продолжиме и понатаму да го применуваме она што го разгледавме во оваа статија, сѐ додека Јехова не го исполни своето прекрасно ветување дека „ќе ја избрише секоја солза“ од нашите очи! (Отк. 21:4).

ПЕСНА 120 Да бидеме благи како Исус

^ Во Библијата читаме дека понекогаш Исус чувствувал силни емоции и плачел. Во оваа статија ќе разгледаме три прилики во кои Исус ронел солзи и ќе видиме што може да научиме од тоа.

^ Некои имиња се сменети.

^ Увид во писмото, том 2, стр. 69 (англ.).

^ Грчкиот збор кој во Матеј 22:39 е преведен со изразот „ближен“ не се однесува само на некој што ни е близок пријател или роднина, туку може да се однесува на секој човек со кого имаме некаков контакт.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Исус бил поттикнат да ги утеши Марија и Марта. И ние може да ги тешиме оние на кои им починал некој близок.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Исус бил спремен да го поучува Никодим ноќе. И ние треба да ги поучуваме луѓето за Библијата во време кога ним им одговара.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Исус го молел Јехова да му даде сила за да му остане верен. И ние мора да го правиме истото кога се соочуваме со некој испит на верата.