Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 4

Јехова го благословува нашиот труд да ја одбележуваме Спомен-свеченоста

Јехова го благословува нашиот труд да ја одбележуваме Спомен-свеченоста

Правете го ова за мој спомен! (ЛУКА 22:19)

ПЕСНА 19 Господаровата вечера

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Зошто секоја година присуствуваме на Спомен-свеченоста?

 ПРЕД речиси 2.000 години, Исус го дал својот живот за нас и со тоа ни овозможил да добиеме вечен живот. Ноќта пред да умре, Исус им заповедал на своите следбеници да се сеќаваат на неговата жртва така што ќе ја одбележуваат неговата смрт на едноставен начин со леб и вино (1. Кор. 11:23-26).

2 Ние сме послушни на оваа заповед од Исус бидејќи многу го сакаме (Јован 14:15). Секоја година во периодот околу Спомен-свеченоста, ние ја покажуваме нашата благодарност за она што тој го направил за нас така што си одвојуваме време за длабоко да размислуваме за значењето на неговата смрт. Исто така, се трудиме да го зголемиме нашето учество во службата и се трудиме да поканиме што е можно повеќе луѓе да ни се придружат на овој посебен настан. И, се разбира, решени сме да не дозволиме ништо да нѐ спречи да присуствуваме на Спомен-свеченоста.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе разгледаме три начини на кои Јеховините слуги вложиле голем труд за да ја одбележуваат смртта на Исус така што: 1) почнале да го прават тоа во склад со упатствата од Исус, 2) ги канат другите да дојдат на Спомен-свеченоста и 3) ја одржуваат Спомен-свеченоста и покрај тешките околности.

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ ВО СКЛАД СО УПАТСТВАТА ОД ИСУС

4. На кои вистини сме потсетени секоја година на Спомен-свеченоста и зошто тие се скапоцени за нас? (Лука 22:19, 20).

4 Секоја година на Спомен-свеченоста слушаме библиски говор кој дава јасен одговор на неколку прашања. Дознаваме зошто на луѓето им е потребна откупнината, и како смртта на еден човек може да послужи како темел за простување на гревовите на мнозина. Се потсетуваме што претставуваат лебот и виното, и кој треба да земе од нив (Прочитај Лука 22:19, 20.) Исто така, имаме можност да размислуваме за благословите што ги очекуваат оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата (Иса. 35:5, 6; 65:17, 21-23). Никогаш не треба да заборавиме колку се скапоцени овие вистини. Милијарди луѓе не ги знаат тие вистини и не сфаќаат колкава вредност има жртвата на Исус. Освен тоа, тие не ја одбележуваат неговата смрт во склад со упатствата што ги дал тој. Зошто?

5. Откако умреле повеќето апостоли, како луѓето почнале да ја одбележуваат Исусовата смрт?

5 Кратко по смртта на повеќето апостоли, лажни христијани се вовлекле во собранието (Мат. 13:24-27, 37-39). Тие кажувале „искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30). Едно такво искривено учење што лажните христијани почнале да го шират е дека Исус не го принел своето тело „еднаш засекогаш... за да ги понесе гревовите на мнозина“, како што вели Библијата, туку дека неговата жртва мора секогаш одново да се принесува (Евр. 9:27, 28). Денес, многу луѓе веруваат во ова лажно учење. Тие редовно одат во црква, понекогаш и секој ден, за да земат од она што тие го нарекуваат Света Причест. b Други верски организации поретко ја одбележуваат смртта на Исус, но повеќето нивни членови не разбираат потполно што значи жртвата на Исус. Некои можеби се прашуваат: „Дали на темел на Исусовата смрт навистина можат да ми бидат простени гревовите?“ Зошто си го поставуваат ова прашање? Можеби се под влијание на оние кои не веруваат дека смртта на Исус може да нѐ исчисти од гревовите. Што прават вистинските следбеници на Исус за да им помогнат на луѓето да го сфатат значењето на неговата жртва и на исправен начин да ја одбележуваат неговата смрт?

6. До каков заклучок дошла една група истражувачи на Библијата во 1872 год.?

6 Кон крајот на 19 век, една група истражувачи на Библијата, предводена од Чарлс Расел, почнале темелно да ја проучуваат Божјата Реч. Тие сакале да ја дознаат вистината за значењето на Исусовата жртва и за тоа како треба да се одбележува неговата смрт. Во 1872 год., на темел на Библијата, тие дошле до заклучок дека Исус навистина го дал својот живот како откупнина за целото човештво. Тоа што го дознале, не го чувале само за себе. Напротив, тие им го пренесувале тоа на другите преку книги, весници и списанија. Кратко потоа, по примерот на христијаните од првиот век, почнале да ја одбележуваат смртта на Исус само еднаш годишно.

7. Како ни користи она што го открила една група искрени христијани?

7 И нам денес многу ни користи она што тие искрени христијани го откриле пред многу години. На кој начин? Јехова ни помогнал да ја сфатиме вистината за жртвата на Исус и да сфатиме какво значење има таа за нас и за целото човештво (1. Јов. 2:1, 2). Исто така, од Библијата сме дознале дека луѓето што верно му служат на Бог имаат два вида надеж — бесмртен живот на небото за одреден број луѓе и вечен живот на Земјата за милиони други. Стануваме сѐ поблиски со Јехова кога размислуваме колку многу тој нѐ сака и колку нам лично ни користи жртвата на Исус (1. Пет. 3:18; 1. Јов. 4:9). Затоа, слично како нашите верни браќа од минатото, и ние ги каниме другите да ни се придружат во одбележувањето на смртта на Исус, кое го правиме во склад со упатствата што ни ги дал тој.

ГИ КАНИМЕ ДРУГИТЕ НА СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТА

Како можеш во поголема мера да учествуваш во акцијата за Спомен-свеченоста? (види во пасуси 8-10) e

8. Што правеле Јеховините слуги за да ги канат другите на Спомен-свеченоста? (Види ја сликата.)

8 Јеховините слуги веќе со години ги канат другите да присуствуваат на Спомен-свеченоста. Уште во 1881 год., преку едно известување во Стражарска кула, браќата и сестрите во САД биле поканети да се соберат во домот на еден брат во Алегени (Пенсилванија) за овој посебен настан. Подоцна, секое собрание почнало да ја одржува Спомен-свеченоста посебно. Во март 1940 год., на објавителите им било кажано дека можат да го поканат секој на нивното подрачје кој ќе покажел интерес. Во 1960 год., за првпат Бетелот им испратил на собранијата печатени покани. Оттогаш, се поделени милијарди покани за Спомен-свеченоста. Зошто вложуваме толку голем труд за да ги каниме другите?

9-10. Кој извлекува корист од тоа што се трудиме да ги каниме другите на Спомен-свеченоста? (Јован 3:16).

9 Една причина зошто ги каниме другите да присуствуваат на Спомен-свеченоста, е затоа што сакаме оние кои ќе дојдат за првпат да ја дознаат вистината за она што Јехова и Исус го направиле за сите нас. (Прочитај Јован 3:16.) Се надеваме дека она што ќе го видат и чујат на Спомен-свеченоста ќе ги поттикне да дознаат нешто повеќе за Јехова и да станат негови слуги. Но, и други можат да извлечат корист.

10 Исто така, ги каниме и оние што не се активни Јеховини сведоци. Тоа го правиме за да ги потсетиме дека Бог сѐ уште ги сака. Многумина ја прифаќаат нашата покана и ние многу се радуваме кога ќе ги видиме. Тоа што присуствуваат на Спомен-свеченоста ги потсетува колку им било убаво додека му служеле на Јехова во минатото. Да го разгледаме примерот на Моника. c За време на пандемијата со КОВИД-19, таа повторно почнала да проповеда. Откако присуствувала на Спомен-свеченоста во 2021 год., таа рекла: „Оваа Спомен-свеченост имаше големо значење за мене. За првпат по 20 години, им проповедав на луѓето и ги канев на Спомен-свеченоста. Го правев тоа со сета душа бидејќи сум им многу благодарна на Јехова и на Исус за сето она што го направиле за мене“ (Пс. 103:1-4). Без разлика дали луѓето ќе ја прифатат нашата покана или не, ние даваме сѐ од себе за да ги каниме другите на Спомен-свеченоста бидејќи знаеме дека Јехова многу го цени нашиот труд.

11. Како Јехова го благословува нашиот труд кога ги каниме другите на Спомен-свеченоста? (Агеј 2:7).

11 Јехова богато го благословува нашиот труд кога ги каниме другите на Спомен-свеченоста. На  пример, во 2021 год., и покрај ограничувањата поради пандемијата со КОВИД-19, беа присутни 21.367.603 лица, што е најголем број присутни досега. Тоа е речиси два и пол пати повеќе од вкупниот број Јеховини сведоци во светот! Се разбира, на Јехова не му се најважни бројките. Нему му е важен секој човек поединечно (Лука 15:7; 1. Тим. 2:3, 4). Можеме да бидеме сигурни дека кога ги каниме другите на Спомен-свеченоста, Јехова ни помага да ги најдеме оние што имаат искрено срце. (Прочитај Агеј 2:7.)

ЈА ОДРЖУВАМЕ СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТА И ПОКРАЈ ТЕШКИТЕ ОКОЛНОСТИ

Јехова го благословува трудот што го вложуваме за да присуствуваме на Спомен-свеченоста (види во пасус 12) f

12. Кои околности можат да ни отежнат да ја одржиме Спомен-свеченоста? (Види ја сликата.)

12 Исус прорекол дека во последните денови ќе се соочиме со разни тешки ситуации — противење од семејството, прогонство, војни, смртоносни зарази и многу други работи (Мат. 10:36; Мар. 13:9; Лука 21:10, 11). Понекогаш, овие околности ни отежнуваат да ја одбележуваме смртта на Исус. Што направиле некои браќа и сестри за да ги надминат ваквите предизвици, и како Јехова им помогнал?

13. Како Јехова ги благословил храброста и решеноста на Артем да ја одржи Спомен-свеченоста и покрај тоа што бил во затвор?

13 Во затвор. Нашите браќа кои се во затвор поради својата вера прават сѐ што можат за да ја одбележат смртта на Исус. Да го разгледаме примерот на Артем. Во 2020 год., во периодот околу Спомен-свеченоста, тој бил ставен во затворска ќелија од 17 метри квадратни во која имало четири, а понекогаш и пет затвореници. И покрај тоа што бил во затвор, тој успеал да најде соодветни работи кои му послужиле како симболи и имал намера да одржи говор за себе. Но другите затвореници во ќелијата пушеле и многу пцуеле. Што направил Артем? Тој ги замолил ако можат да не пушат и да не пцујат во текот на само еден час. На негово изненадување, тие се согласиле да не пушат и да не пцујат за време на Спомен-свеченоста. Артем вели: „Ги прашав дали сакаат да им кажам нешто за Спомен-свеченоста“. Иако отпрвин рекле дека не сакаат да им кажува ништо во врска со тој настан, откако виделе како Артем ја одржал Спомен-свеченоста му поставиле многу прашања во врска со тоа. 

14. Колкав труд вложи Јеховиниот народ за да ја одржува Спомен-свеченоста и покрај пандемијата со КОВИД-19? 

14 Пандемија со КОВИД-19. Поради оваа пандемија, Јеховиниот народ не можеше да ја одржува Спомен-свеченоста со физичко присуство. Сепак, пандемијата не нѐ спречи да ја одржиме Спомен-свеченоста. d Собранијата што имаа пристап до интернет ја одржуваа Спомен-свеченоста преку видеоконференција. Но, што беше со милиони други кои немаа пристап до интернет? Во некои земји, подружниците се погрижија говорот да биде пренесуван преку телевизија или радио. Освен тоа, подружниците го снимаа говорот за Спомен-свеченоста на повеќе од 500 јазици за да можат оние што живеат во зафрлени подрачја да ја одбележат смртта на Исус. А потоа, некои наши ревни браќа им ги носеа снимките на оние на кои им беа потребни.

15. Што учиме од примерот на Су?

15 Противење од семејството. За некои, најголема пречка да присуствуваат на Спомен-свеченоста е противењето од семејството. Да го разгледаме примерот на една интересентка по име Су. Во 2021 год., еден ден пред Спомен-свеченоста, Су ѝ кажала на сестрата со која проучува дека поради противење од семејството нема да може да присуствува на Спомен-свеченоста. Сестрата ѝ го прочитала Лука 22:44. Потоа ѝ објаснила дека кога се соочуваме со тешкотии треба да го следиме примерот на Исус така што ќе му се молиме на Јехова и ќе имаме потполна доверба во него. Следниот ден, Су ги подготвила лебот и виното и ја гледала посебната утринска програма на нашата интернет-страница. Вечерта, додека била сама во својата соба, таа се приклучила на Спомен-свеченоста преку својот телефон. Потоа, Су ѝ напишала на сестрата со која проучува: „Вчера многу ме охрабри. Направив сѐ што можам за да присуствувам на Спомен-свеченоста. Јехова навистина ми помогна. Не можам да опишам колку сум среќна и колку сум му благодарна на Јехова“. Што мислиш, дали Јехова може да ти помогне и тебе ако се соочиш со слична ситуација?

16. Зошто сме уверени дека Јехова ќе го благослови нашиот труд да присуствуваме на Спомен-свеченоста? (Римјаните 8:31, 32).

16 Јехова многу го цени трудот што го вложуваме за да ја одбележиме смртта на Исус. Можеме да бидеме сигурни дека тој ќе нѐ благослови доколку ја покажеме нашата благодарност за она што тој го направил за нас. (Прочитај Римјаните 8:31, 32.) Затоа, да бидеме решени и оваа година да бидеме присутни на Спомен-свеченоста, и колку што е можно повеќе да учествуваме во духовните активности во периодот околу овој важен настан. 

ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината

a Во вторник на 4 април 2023 год., милиони луѓе низ целиот свет ќе ја одбележат годишнината од Христовата смрт. Многумина ќе присуствуваат за првпат. Други, кои долго време биле неактивни Сведоци, ќе бидат присутни за првпат по многу години. Некои кои се во тешки околности ќе вложат голем труд за да присуствуваат. Без разлика какви се твоите околности, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе се радува што си вложил труд за да присуствуваш.

b Верниците веруваат дека во текот на овој обред лебот и виното се претвораат во телото и крвта на Исус. Тие сметаат дека, кога некој учествува во овој ритуал, телото и крвта на Исус на некој начин секогаш одново се жртвуваат.

c Некои имиња се сменети.

d Види ги и статиите на jw.org со наслов „Спомен-свечаност 2021“ на српски јазик.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Од 1960 год., изгледот на поканите за Спомен-свеченоста постојано се подобрува, и сега се достапни во печатен и електронски формат.

f ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена — браќа и сестри одржуваат Спомен-свеченост за време на граѓански немири.