Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 1

Биди уверен дека Божјата Реч е вистина

Биди уверен дека Божјата Реч е вистина

ГОДИШЕН СТИХ ЗА 2023: Целата твоја реч е вистина (ПС. 119:160)

ПЕСНА 96 Божјата сопствена книга — богатство

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Зошто многу луѓе денес немаат доверба во Библијата?

 МНОГУМИНА денес се збунети бидејќи не знаат во кого можат да имаат доверба. Тие се прашуваат дали луѓето кои ги почитуваат — политичарите, научниците и бизнисмените навистина се залагаат за нивно добро. Освен тоа, тие немаат високо мислење за свештениците на христијанскиот свет. Затоа, не е чудно што немаат доверба ни во книгата за која тие верски водачи тврдат дека ја застапуваат.

2. Според Псалм 119:160, во што мора да бидеме уверени?

2 Како слуги на Јехова, ние сме уверени дека тој е Богот на вистината и дека секогаш ни го мисли најдоброто (Пс. 31:5; Иса. 48:17). Ние знаеме дека можеме да имаме доверба во она што го читаме во Библијата — знаеме дека целата Божја Реч е вистина. (Прочитај Псалм 119:160.) Ние се согласуваме со она што го напишал еден библиски изучувач: „Ниту една работа што ја кажал Бог не е лага и нема да остане неисполнета. Божјите слуги можат да имаат доверба во она што тој го кажува бидејќи му веруваат на Богот кој го рекол тоа“.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Како можеме да им помогнеме на другите и тие да имаат доверба во Божјата Реч како што имаме и ние? Да разгледаме три причини зошто можеме да ѝ веруваме на Библијата. Ќе видиме дека таа е точна, дека нејзините пророштва се исполнуваат и дека има моќ да менува животи.

БИБЛИСКАТА ПОРАКА Е ТОЧНО ЗАЧУВАНА

4. Зошто некои луѓе се сомневаат во точноста на Библијата?

4 Јехова Бог употребил околу 40 верни мажи за да ги напишат библиските книги. Но, до ден денес не е најден ниту еден оригинален манускрипт. b Значи, имаме само копии од копиите. Поради тоа, некои се прашуваат дали она што денес го читаме во Библијата е потполно истиот текст како оној што го напишале тие луѓе? Дали некогаш си се прашувал зошто може да бидеме сигурни дека тоа е така?

Вешти препишувачи на Хебрејските списи вложуваат голем труд за нивните преписи на Божјата Реч да бидат точни (види во пасус 5)

5. Како биле припишувани Хебрејските списи? (Види ја сликата на насловната страница.)

5 Со цел да ја зачува пораката на Библијата, Јехова му кажал на својот народ да прави преписи од неа. Тој им заповедал на израелските цареви самите да прават преписи на Законот и ги поставил левитите да го поучуваат народот за тој Закон (5. Мој. 17:18; 31:24-26; Неем. 8:7). Откако Евреите биле одведени во ропство во Вавилон, една група вешти препишувачи почнале да прават голем број преписи на Хебрејските списи (Езра 7:6, фус.). Овие луѓе биле темелни и со текот на времето почнале да ги бројат не само зборовите туку и секоја буква за да бидат сигурни дека нема никакви промени во текстот. И покрај тоа, поради човечка несовршеност, во библискиот текст се провлекле некои ситни грешки. Но, бидејќи биле направени многу преписи на истиот текст, овие грешки можеле многу лесно да се утврдат подоцна. Како?

6. Како може да се најдат грешките во преписите на Библијата?

6 Современите изучувачи имаат добар начин да ги откријат грешките што ги направиле препишувачите на библискиот текст. Да наведеме еден пример. Сто луѓе добиваат задача да препишат текст од една страница. Но, еден од нив прави мала грешка во својот примерок. Еден начин да се открие грешката е да се спореди неговиот текст со сите други. Слично, со тоа што ќе споредат повеќе библиски манускрипти, изучувачите можат да ги најдат грешките или пропустите што ги направил тој препишувач.

7. Колку биле внимателни препишувачите на Библијата?

7 Оние што ги препишувале библиските манускрипти вложиле голем труд за да го направат тоа точно. Да разгледаме еден пример кој го потврдува тоа. Најстариот комплетен манускрипт на Хебрејските списи датира од 1008 или 1009 год. од н.е. Познат е како Ленинградскиот кодекс. Но, во поново време се откриени голем број библиски манускрипти и фрагменти кои се околу 1.000 години постари од Ленинградскиот кодекс. Некои би можеле да си помислат дека, штом тие манускрипти биле толку препишувани во период од 1.000 години, сигурно има голема разлика помеѓу Ленинградскиот кодекс и постарите манускрипти. Сепак, не е така. Изучувачите кои ги споредиле постарите манускрипти со подоцнежните увиделе дека, со исклучок на некои релативно мали промени во текстот, Божјата порака е точно зачувана.

8. Каква разлика постои помеѓу преписите на Христијанските грчки списи и преписите на други древни книги?

8 Христијаните од првиот век исто така правеле преписи на Светото писмо. Тие внимателно ги препишувале 27-те книги од Грчките списи кои ги користеле на состаноците и во службата на проповедање. Еден изучувач, кој ги споредил манускриптите од Грчките списи со други книги од истиот период, го рекол следново: „Општо земено, денес постојат повеќе манускрипти од Грчките списи отколку од другите книги од истиот период... и тие обично се поцелосни“. Во една книга пишува: „Можеме да бидеме сигурни дека она што го читаме во еден добар современ превод на Грчките списи ја пренесува истата порака што ја запишале древните писатели“ (Anatomy of the New Testament).

9. Според Исаија 40:8, во што можеме да бидеме сигурни во врска со библиската порака?

9 Огромниот труд што го вложиле низ вековите голем број внимателни препишувачи придонел библискиот текст што денес го читаме и проучуваме да биде точно пренесен. c Нема сомнение дека Јехова е тој што се погрижил неговата порака за луѓето да биде точно зачувана. (Прочитај Исаија 40:8.) Се разбира, некои можеби ќе речат дека тоа што библиската порака е зачувана не е доказ дека е вдахновена од Бог. Затоа, да разгледаме неколку докази дека Библијата навистина е книга од Бог.

БИБЛИСКИТЕ ПРОРОШТВА СЕ ИСПОЛНУВААТ

Лево: C. Sappa/​DeAgostini/​Getty Images; десно: Фотографија © Homo Cosmicos/​Shutterstock

Библиските пророштва се исполнувале во минатото, а се исполнуваат и денес (види во пасуси 10-11) e

10. Наведи пример за исполнето пророштво кое ја потврдува вистинитоста на 2. Петрово 1:21. (Види ги сликите.)

10 Библијата содржи многу пророштва кои веќе се исполниле — некои од нив дури и стотици години откако биле запишани. Историјата потврдува дека овие пророштва навистина се исполниле. Ова не нѐ изненадува, бидејќи знаеме дека Јехова е тој што дал да се запишат библиските пророштва. (Прочитај 2. Петрово 1:21.) Размисли за пророштвата во врска со падот на древниот град Вавилон. Во 8 век пр.н.е, пророкот Исаија, под водство на светиот дух, прорекол дека моќниот град Вавилон ќе биде освоен. Тој дури и кажал дека оној што ќе го освои ќе се вика Кир, и во детали објаснил како ќе се случи тоа (Иса. 44:27 — 45:2). Исаија исто така прорекол дека Вавилон на крајот ќе биде уништен и потполно напуштен (Иса. 13:19, 20). Токму тоа и се случило. Медијците и Персијците го освоиле Вавилон во 539 год. пр.н.е, и од тој некогаш моќен и голем град сега има само куп урнатини. (Гледај го видеоклипот Библијата го прорекла падот на Вавилон во електронското издание на книгата Радувај му се на животот засекогаш, лекција 3, точка 5.)

11. Објасни како пророштвото од Даниел 2:41-43 се исполнува денес?

11 Библиските пророштва не се исполнувале само во минатото. Во Библијата има пророштва кои се исполнуваат и во наше време. Да го земеме за пример исполнувањето на пророштвото на Даниел во врска со англо-американската светска сила. (Прочитај Даниел 2:41-43.) Тоа пророштво точно предвидело дека оваа двојна светска сила ќе биде делумно цврста како железо и делумно кршлива како глина. Денес гледаме дека тоа навистина е така. Британија и Америка ја покажале својата железна цврстина со тоа што имале значаен удел во победата во двете светски војни и сѐ уште имаат голема воена моќ. Сепак, нивната моќ исто така ослабнала поради самите нивни граѓани кои се борат за своите права преку работнички синдикати, кампањи за човекови права и разни движења за независност. Еден политички аналитичар неодамна го кажал следново: „Ниту една современа демократска земја не е толку политички поделена и нефункционална како што се Соединетите Држави“. И Британија, другиот дел од оваа светска сила, е поделена. Ова се забележува особено во изминативе години поради спротивставените мислења во поглед на тоа какви односи треба да има со земјите од Европската Унија. Поради овие поделби речиси е невозможно англо-американската светска сила да дејствува решително.

12. Во што нѐ уверуваат библиските пророштва?

12 Тоа што голем број библиски пророштва веќе се исполниле ни ја зајакнува довербата дека Бог ќе ги исполни и сите други ветувања што ги дал за иднината. И ние се чувствуваме како псалмистот кој го молел Јехова со следниве зборови: „Душата ми гине од копнеж по твоето спасение, ја чекам твојата реч“ (Пс. 119:81). Преку Библијата, Јехова со љубов ни дава „иднина и надеж“ (Ерем. 29:11). Нашата надеж за иднината не зависи од човечките напори туку од ветувањата на Јехова. Да продолжиме и понатаму да ја градиме нашата доверба во Божјата Реч така што длабоко ќе ги проучуваме библиските пророштва.

БИБЛИСКИТЕ СОВЕТИ ИМ ПОМАГААТ НА МИЛИОНИ ЛУЃЕ

13. Според Псалм 119:66, 138 која е уште една причина зошто можеме да имаме доверба во Библијата?

13 Уште една причина зошто можеме да имаме доверба во Библијата е тоа што таа им помага на многу луѓе кои ги применуваат нејзините совети. (Прочитај Псалм 119:66, 138.) На пример, таа им помогнала на некои брачни парови да го зачуваат својот брак и да бидат среќни иако претходно биле пред развод. Нивните деца се среќни бидејќи растат во семејство во кое владее љубов и во кое се чувствуваат сигурно и сакано (Еф. 5:22-29).

14. Наведи еден пример што покажува дека применувањето на библиските совети ги менува луѓето на подобро.

14 Тоа што ги применувале мудрите совети од Библијата им помогнало дури и на опасни криминалци да си го сменат животот од корен. Да го разгледаме примерот на еден затвореник по име Џек. d Тој бил насилен криминалец и бил познат како еден од најопасните затвореници кои биле осудени на смрт. Но, еден ден Џек присуствувал на еден библиски курс. Тој бил воодушевен од љубовта и добрината на браќата кои го воделе курсот и затоа побарал и со него да проучуваат. Додека ги применувал библиските вистини во својот живот почнал да го менува своето однесување, па дури и својата личност. Со текот на времето, Џек ги исполнил условите да стане некрстен објавител и потоа се крстил како Јеховин сведок. Тој ревносно им проповедал на другите затвореници во врска со Божјето Царство, и им помогнал најмалку на четворица од нив да ја дознаат вистината. На денот на своето погубување, Џек веќе бил сосема друг човек. Еден од неговите адвокати рекол: „Џек не е истиот човек од пред 20 години. Учењата на Јеховините сведоци му го сменија животот“. Иако смртната казна на Џек била спроведена, неговиот пример јасно покажува дека можеме да имаме доверба во Божјата Реч и дека таа има моќ да ги менува луѓето на подобро (Иса. 11:6-9).

Советите од Библијата им помогнале на голем број луѓе со различно потекло да се сменат на подобро (види во пасус 15) f

15. Во кој поглед Јеховините сведоци се разликуваат од другите луѓе поради тоа што живеат во склад со библиската вистина? (Види ја сликата.)

15 Бидејќи живеат во склад со библиската вистина, Јеховините слуги се обединети (Јован 13:35; 1. Кор. 1:10). Мирот и единството кои владеат меѓу Божјиот народ се особено впечатливи бидејќи повеќето луѓе денес се поделени поради својата политичка определба, расата или социјалниот статус. Еден млад човек по име Жан, бил воодушевен кога го видел единството меѓу Јеховините сведоци. Тој пораснал во една африканска земја. Кога избила граѓанска војна ѝ се приклучил на војската, но подоцна избегал во една соседна земја. Таму сретнал Јеховини сведоци. Жан вели: „Дознав дека припадниците на вистинската религија не се мешаат во политика и не се поделени. Напротив, тие се сакаат“. Тој додава: „Порано животот го имав посветено на тоа да ја бранам татковината, но кога ја дознав библиската вистина решив животот да му го посветам на Јехова“. Жан се сменил потполно. Наместо да војува против луѓе со поинакво потекло, тој сега на сите им ја пренесува библиската порака за мир. Тоа што библиските совети им користат на толку многу луѓе со различно потекло е цврст доказ дека можеме да имаме доверба во Божјата Реч.

И ПОНАТАМУ ИМАЈ ДОВЕРБА ВО ВИСТИНАТА ОД БОЖЈАТА РЕЧ

16. Зошто е важно да ја зајакнуваме нашата доверба во Божјата Реч?

16 Додека светот оди од лошо на полошо, нашата доверба во Божјата Реч ќе биде ставена на испит. Луѓето можеби ќе се обидат да ни посеат сомнежи. На пример, во врска со вистинитоста на Библијата или во врска со тоа дали Јехова го поставил верниот и разборит роб за да ни дава водство денес. Но, ако сме уверени дека Јеховината Реч е секогаш вистинита ќе можеме да им се спротивставиме на таквите напади врз нашата вера. Секој од нас ќе биде решен „да ги извршува [Јеховините] уредби довека, сѐ до крајот“ (Пс. 119:112). Нема да се срамиме да им зборуваме на другите за библиската вистина и да ги поттикнуваме да живеат во склад со неа (Пс. 119:46). Исто така, ќе можеме со долготрпеливост и со радост да истраеме и во најтешките ситуации, вклучувајќи ги и прогонствата (Кол. 1:11; Пс. 119:143, 157).

17. На што ќе нѐ потсетува нашиот годишен стих?

17 Многу сме благодарни што Јехова ни ја открил вистината! Таа вистина ни дава внатрешен мир, јасна цел и смисла во животот во овој хаотичен свет во кој луѓето се збунети и не знаат во што да веруваат. Исто така, ни дава надеж за еден подобар живот под власта на Божјето Царство. Годишниот стих за 2023 год. нека нѐ поттикне и понатаму да имаме доверба дека целата Божја Реч е вистина (Пс. 119:160).

ПЕСНА 94 Благодарни сме му на Бог за неговата Реч

a За 2023 година е избран следниов годишен стих кој ни ја зајакнува верата: „Целата твоја реч е вистина“ (Пс. 119:160). Сигурно се согласуваш со овие зборови. Но, многу луѓе не веруваат дека Библијата е веродостојна и дека може да ни даде добри совети. Во оваа статија ќе разгледаме три докази кои може да ги користиме за да им помогнеме на искрените луѓе да почнат да ѝ веруваат на Библијата и на советите кои се наоѓаат во неа.

b Изразот „манускрипт“ се однесува на древен ракопис односно рачно пишуван документ.

c Ако сакаш да најдеш повеќе информации за тоа како била зачувана библиската порака, оди на jw.org и во полето за пребарување внеси „Историјата и Библијата“.

d Некои имиња се сменети.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Бог прорекол дека од моќниот древен град Вавилон ќе останат само урнатини.

f ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена — наместо да војува со луѓе, еден млад човек учи од Библијата како да живее во мир и им помага и на другите да го прават истото.