Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 5

„Христовата љубов нѐ тера“

„Христовата љубов нѐ тера“

Христовата љубов нѐ тера, бидејќи го заклучивме ова: тој умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе (2. КОР. 5:14, 15)

ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. а) Како се чувствуваме кога размислуваме за животот и службата на Исус? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

 КОГА ќе ни почине некој што го сакаме, чувствуваме голема празнина. На почеток, можеби не чувствуваме ништо друго освен болка кога размислуваме за деновите пред да почине, особено ако оној што сме го изгубиле многу се мачел пред да умре. Но по некое време, можеби ќе почнеме да чувствуваме радост кога ќе помислиме на нешто што нѐ поучил, на нешто што го направил или кажал за да нѐ охрабри или да нѐ насмее.

2 На сличен начин, кога читаме за страдањата и смртта на Исус, тоа нѐ растажува. Особено во периодот околу Спомен-свеченоста си одвојуваме време за да размислуваме за значењето на неговата откупна жртва (1. Кор. 11:24, 25). Од друга страна, чувствуваме голема радост кога размислуваме за сѐ што Исус кажал и направил додека бил на Земјата. Исто така, многу сме охрабрени кога размислуваме за сето она што тој го прави за нас сега и за она што ќе го направи за нас во иднина. Како што ќе видиме во оваа статија, тоа што ќе размислуваме за сето ова и за љубовта што Исус ја покажал кон нас, може да нѐ поттикне на практични начини да ја покажеме нашата благодарност.

БЛАГОДАРНОСТА ЌЕ НЀ ПОТТИКНЕ ДА СЕ УГЛЕДАМЕ НА ИСУС

3. Од кои причини сме благодарни за откупнината?

3 Многу сме благодарни кога размислуваме за сето она што Исус го правел кога бил на Земјата, како и за неговата спремност да го даде животот за нас. На пример, тој ги поучувал луѓето за благословите што ќе ги донесе Божјето Царство. Ние многу ги цениме вистините за Царството. Освен тоа, благодарни сме за откупнината бидејќи ни овозможува да имаме блиско пријателство со Јехова и со Исус. Исто така, оние кои покажуваат вера во Исус, имаат надеж дека ќе живеат вечно и дека повторно ќе ги видат своите најмили што им починале (Јован 5:28, 29; Рим. 6:23). Ние не сме направиле ништо за да ги заслужиме овие благослови. Ниту, пак, на некој начин можеме да им се оддолжиме на Бог и на Исус за она што го направиле за нас (Рим. 5:8, 20, 21). Но, сепак, можеме да ја покажеме нашата благодарност. Како?

Како тоа што ќе размислуваме за примерот на Марија Магдалена ќе нѐ поттикне да покажеме благодарност? (види во пасуси 4-5)

4. Како Марија Магдалена покажала дека е благодарна за она што Исус го направил за неа? (Види ја сликата.)

4 Да го разгледаме примерот на една Еврејка по име Марија Магдалена. Таа многу страдала бидејќи ја измачувале седум демони. Можеби си мислела дека никој не може да ѝ помогне. Затоа, замисли си колку била благодарна кога Исус ја ослободил од овие демони! Нејзината благодарност ја поттикнала да стане негов ученик и да ги користи силите, времето и средствата за да го поддржува во службата (Лука 8:1-3). Иако многу го ценела она што Исус го направил за неа, Марија можеби не била свесна дека тој ќе направи нешто многу поголемо во иднина. Исус требало да го даде својот живот како откупнина за човештвото, „за секој што верува во него“ да има вечен живот (Јован 3:16). Сепак, Марија покажала дека го цени Исус со тоа што била лојална. Додека Исус висел на маченичкиот столб, Марија стоела покрај него и им пружала емоционална поддршка нему и на другите (Јован 19:25). По смртта на Исус, Марија и две други жени отишле кај неговиот гроб и донеле мириси за да го намачкаат неговото тело (Мар. 16:1, 2). Јехова богато ја благословил Марија поради нејзината лојалност. Откако бил воскреснат, Исус се сретнал со Марија и разговарал со неа — чест што ја имале многу малку ученици (Јован 20:11-18).

5. Како можеме да покажеме дека сме благодарни за сето она што Јехова и Исус го направиле за нас?

5 И ние може да покажеме дека сме благодарни за сето она што Јехова и Исус го направиле за нас така што ќе ги користиме нашите сили, средства и време за да го поддржиме делото за Царството. На пример, можеме да се ставиме на располагање да помагаме во изградба и одржување на теократски објекти.

ЉУБОВТА КОН ЈЕХОВА И ИСУС НЀ ПОТТИКНУВА ДА ГИ САКАМЕ ДРУГИТЕ

6. Зошто може да кажеме дека откупнината е личен подарок за секого од нас?

6 Кога размислуваме колку многу Јехова и Исус нѐ сакаат, тоа нѐ поттикнува и ние да ги сакаме нив (1. Јов. 4:10, 19). А кога размислуваме за тоа дека Исус умрел за нас лично, тоа нѐ поттикнува да ги сакаме уште повеќе. Апостол Павле бил свесен за ова и неговото ценење се гледа од следниве зборови што им ги напишал на Галатите: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Гал. 2:20). На темел на откупната жртва на Исус, Јехова нѐ привлекол и може да бидеме пријатели со него (Јован 6:44). Зарем не буди убави чувства кај тебе тоа што знаеш дека Јехова видел нешто добро во тебе и што ја платил највисоката цена за да можеш да му бидеш пријател? Зарем ова не ја продлабочува твојата љубов кон Јехова и Исус? Затоа, прашај се: „На што ме поттикнува љубовта што ја чувствувам кон Јехова и Исус?“

Љубовта кон Бог и Исус нѐ поттикнува да им ја проповедаме пораката за Царството на сите луѓе (види во пасус 7)

7. Како што е прикажано на сликата, на кој начин секој од нас може да покаже дека ги сака Јехова и Исус? (2. Коринќаните 5:14, 15; 6:1, 2).

7 Љубовта што ја чувствуваме кон Бог и Христос нѐ поттикнува да им покажуваме љубов на другите. (Прочитај 2. Коринќаните 5:14, 15; 6:1, 2.) Еден начин на кој покажуваме дека ги сакаме другите е така што ревносно проповедаме. Ние му сведочиме на секого, без оглед на неговата расна, етничка или социјална припадност. На овој начин, ние постапуваме во склад со Јеховината волја „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4).

8. Како можеме да покажеме дека ги сакаме нашите браќа и сестри?

8 Нашата љубов кон Бог и кон Христос се гледа и од љубовта што ја покажуваме кон браќата и сестрите (1. Јов. 4:21). Ние се грижиме за нивните потреби и им помагаме кога минуваат низ неволји. Ги тешиме кога ќе им почине некој близок, ги посетуваме кога се болни и даваме сѐ од себе за да ги охрабриме кога се потиштени (2. Кор. 1:3-7; 1. Сол. 5:11, 14). Постојано се молиме за нив бидејќи знаеме дека „сесрдната молитва на праведникот има голема сила и може да направи многу добра“ (Јак. 5:16).

9. На кој друг начин можеме да покажеме дека ги сакаме нашите браќа и сестри?

9 Исто така, покажуваме дека ги сакаме нашите браќа и сестри така што даваме сѐ од себе за да останеме во мир со нив. Се трудиме да го следиме примерот на Јехова кој спремно им простува на другите. Штом Јехова го дал својот Син да умре за нашите гревови, тогаш зарем не треба и ние да им простуваме на нашите браќа и сестри кога тие ќе ни згрешат нам? Не сакаме да бидеме како злобниот роб спомнат во една од споредбите на Исус. Иако неговиот господар му простил огромен долг, овој роб не сакал да му прости многу помал долг на еден друг роб (Мат. 18:23-35). Ако и ти имаш некакво недоразбирање со некој соверник, би можел ли да го направиш првиот чекор за да се помириш со него пред да присуствуваш на Спомен-свеченоста? (Мат. 5:23, 24). Така ќе покажеш колку многу ги сакаш Јехова и Исус.

10-11. Како можат старешините да покажат дека ги сакаат Јехова и Исус? (1. Петрово 5:1, 2).

10 Како старешините можат да покажат дека ги сакаат Јехова и Исус? Еден важен начин е така што ќе се грижат за потребите на неговите овчички. (Прочитај 1. Петрово 5:1, 2.) Исус јасно му дал до знаење на Петар колку е важно ова. Откако три пати се одрекол од Исус, Петар очајно сакал да докаже дека го сака. По своето воскресение, Исус го прашал Петар: „Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли?“ Можеме да бидеме сигурни дека Петар бил спремен да направи сѐ што ќе било потребно за да ја докаже својата љубов кон својот Господар. Исус му рекол на Петар: „Паси ги моите овчички“ (Јован 21:15-17). До крајот на својот живот, Петар со љубов се грижел за Исусовите овчички и со тоа докажал дека го сака Исус.

11 Старешини, како можете во периодот околу Спомен-свеченоста да покажете дека и вам ви се важни зборовите што Исус му ги кажал на Петар? Може да покажете колку многу ги сакате Јехова и Исус така што ќе им пружате пастирска грижа на браќата и сестрите, и така што ќе вложувате посебен труд за да им помагате на неактивните да се вратат кај Јехова (Езек. 34:11, 12). Исто така, би можеле да им обрнете посебно внимание на интересентите и на оние кои за првпат ќе присуствуваат на Спомен-свеченоста. Сакаме да се чувствуваат добредојдено бидејќи се надеваме дека и тие еден ден ќе станат ученици на Исус.

ЉУБОВТА КОН ИСУС НЀ ПОТТИКНУВА ДА БИДЕМЕ ХРАБРИ

12. Зошто ни влева храброст тоа што ќе размислуваме за зборовите што Исус ги кажал ноќта пред да умре? (Јован 16:32, 33).

12 Ноќта пред да умре, Исус им го кажал следново на своите ученици: „Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот!“ (Прочитај Јован 16:32, 33.) Што му помогнало на Исус храбро да се соочи со непријателите и да остане верен сѐ до смрт? Тој се потпирал на Јехова. Бидејќи знаел дека и неговите следбеници ќе се соочат со слични искушенија, Исус го молел Јехова да ги чува (Јован 17:11). Зошто ова ни влева храброст? Јехова е помоќен од кој и да било наш противник (1. Јов. 4:4). Тој гледа сѐ. Уверени сме дека, ако се потпираме на Јехова, ќе можеме да ги надминеме нашите стравови и да бидеме храбри.

13. Како Јосиф од Ариматеја покажал храброст?

13 Да го разгледаме примерот на Јосиф од Ариматеја. Тој бил многу почитуван човек во еврејското општество и бил член на Синедрионот, еврејскиот врховен суд. Но додека Исус ја вршел службата на Земјата, Јосиф пропуштил да покаже храброст. Јован рекол дека тој бил Исусов ученик, но го криел тоа „поради страв од Евреите“ (Јован 19:38). Јосиф бил заинтересиран за пораката за Царството, но криел дека верува во Исус. Најверојатно, тој се плашел дека ќе ја изгуби угледната положба што ја имал во општеството. Без разлика од која причина се плашел, од Библијата дознаваме дека, откако Исус умрел, Јосиф најпосле се осмелил да влезе кај Пилат и „да го побара Исусовото тело“ (Мар. 15:42, 43). Тој повеќе не криел дека е ученик на Исус.

14. Што можеш да правиш ако имаш страв од човек?

14 Дали и ти понекогаш имаш страв од човек исто како Јосиф? Кога си на училиште или на работа, дали понекогаш се срамиш да кажеш дека си Јеховин сведок? Дали одложуваш да станеш објавител или да се крстиш бидејќи си загрижен што ќе мислат другите за тебе? Не дозволувај таквите чувства да те спречат да го правиш она што знаеш дека е исправно. Сесрдно моли го Јехова да ти дава храброст да ја вршиш неговата волја. Додека гледаш како одговара на твоите молитви, тоа ќе ти дава сила и ќе ти помогне да бидеш уште похрабар (Иса. 41:10, 13).

РАДОСТА НЀ ПОТТИКНУВА ДА МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА БЕЗ ПРЕСТАН

15. Откако Исус им се појавил на своите ученици, на што ги поттикнала радоста што ја чувствувале? (Лука 24:52, 53).

15 Кога Исус умрел, учениците биле многу тажни. Замисли си како се чувствувале. Тие не само што го изгубиле својот сакан пријател, туку го изгубиле и оној во кого ја полагале својата надеж (Лука 24:17-21). Сепак, кога им се појавил, Исус одвоил време да им помогне да разберат која е неговата улога во исполнувањето на библиските пророштва. Исто така, тој им дал една важна задача (Лука 24:26, 27, 45-48). Кога после 40 дена Исус се вознел на небото, тагата на учениците се претворила во голема радост. Тие биле среќни бидејќи знаеле дека Исус е жив и дека ќе им помага да ја извршат задачата што им ја дал. Радоста што ја чувствувале ги поттикнала да го слават Јехова без престан. (Прочитај Лука 24:52, 53; Дела 5:42.)

16. Како може да се угледаме на учениците на Исус?

16 Како може да се угледаме на учениците на Исус? Може да чувствуваме радост во службата за Јехова, не само во периодот околу Спомен-свеченоста, туку и во текот на целата година. За да успееме во ова, Божјето Царство треба да ни биде на прво место во животот. На пример, многумина направиле промена во работното време за да можат редовно да одат во служба и на состаноците, и редовно да ја одржуваат Семејната вечер. Некои одлучиле да се откажат од одредени материјални работи, за кои други сметаат дека се неопходни, со цел да прават повеќе за собранието или за да служат онаму каде што има поголема потреба од објавители. Иако ни е потребна голема истрајност за да продолжиме да му служиме на Јехова, тој ветил дека богато ќе нѐ благослови ако го ставиме Царството на прво место во нашиот живот (Изр. 10:22; Мат. 6:32, 33).

Во периодот околу Спомен-свеченоста, одвој си време длабоко да размислуваш за она што Јехова и Исус го направиле за тебе лично (види во пасус 17)

17. Што си решен да правиш во периодот околу Спомен-свеченоста? (Види ја сликата.)

17 Ние едвај чекаме да присуствуваме на Спомен-свеченоста која ќе се одржи во вторник, 4 април. Сепак, би било убаво во текот на целата година да размислуваме за животот и смртта на Исус, како и за љубовта што тој и Јехова ја покажале кон нас. А во периодот околу Спомен-свеченоста, труди се да размислуваш за овие работи колку што е можно повеќе. На пример, би можел да си одвоиш време да читаш и да размислуваш за настаните од табелата „Последната седмица од Исусовиот живот на Земјата“ која се наоѓа во брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч. Додека го правиш тоа, обрни посебно внимание на библиските стихови што ќе ти помогнат во уште поголема мера да покажуваш благодарност, љубов, храброст и радост. Потоа размисли на кои конкретни начини би можел да го покажеш твоето искрено ценење. Може да бидеме сигурни дека Исус многу ќе го цени сето она што ќе го направиме и оваа година во периодот околу Спомен-свеченоста за да покажеме дека се сеќаваме на неговата смрт (Отк. 2:19).

ПЕСНА 17 „Сакам“

a Во периодот околу Спомен-свеченоста, поттикнати сме длабоко да размислуваме за животот и смртта на Исус, како и за љубовта што тој и неговиот Татко ја покажале кон нас. Ако го правиме тоа, ќе ја покажеме нашата благодарност со дела. Во оваа статија ќе разгледаме практични начини на кои можеме да покажеме колку сме благодарни за откупнината и колку ги сакаме Јехова и Исус. Исто така, ќе разгледаме што ќе нѐ поттикне да ги сакаме нашите браќа и сестри, да покажуваме храброст и со радост да ја вршиме службата.