Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Чие признание ти е најважно?

Чие признание ти е најважно?

Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име (ЕВР. 6:10)

ПЕСНИ: 39, 30

1. Каква природна желба има секој од нас?

КАКО би се чувствувал доколку некој што го познаваш и почитуваш ти го заборави името или, уште полошо, воопшто не те препознае? Ова сигурно многу би те обесхрабрило. Зошто? Бидејќи сосема е природно да сакаме да бидеме прифатени од другите. Исто така, сакаме да знаат какви личности сме и да го ценат она што го правиме (4. Мој. 11:16; Јов 31:6).

2, 3. Што може да се случи со нашата вродена желба да бидеме прифатени и ценети од другите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

2 Но, бидејќи сме несовршени, таа природна желба може да стане неурамнотежена и да почнеме да посакуваме другите да нѐ возвишуваат и да ни се восхитуваат. Светот на Сатана се обидува да создаде во нас желба да стекнеме слава и углед. Ако го дозволиме тоа, нема да му ги оддадеме на нашиот небесен Татко, Јехова Бог, славата и честа кои само тој ги заслужува (Отк. 4:11).

3 Во времето на Исус, некои верски водачи сакале луѓето да ги возвишуваат и да им се восхитуваат. Исус ги предупредил своите ученици: „Чувајте се од книжниците кои сакаат да одат во долги облеки и да бидат поздравувани на плоштадите и да ги заземаат предните седишта во синагогите и најдобрите места на вечерите“. Потоа додал: „Тие ќе добијат построга пресуда“ (Лука 20:46, 47). За разлика од книжниците, Исус пофалил една сиромашна вдовица која не очекувала некакво признание од другите кога дала доброволен прилог (Лука 21:1-4). На овој начин Исус покажал кое е исправното, односно Јеховиното гледиште во врска со тоа чие признание треба да ни биде најважно. Оваа статија ќе ни помогне и нам да задржиме исправно гледиште за оваа работа.

ЧИЕ ПРИЗНАНИЕ Е НАЈВРЕДНО

4. Чие признание е највредно, и зошто?

4 Многу луѓе се трудат да стекнат слава и углед преку високото образование, успешната кариера или светот на забавата. Но дали таквото признание е највредно? Не. Павле објаснил кое признание е највредно кога рекол: „Сега кога го запознавте Бог — поправо, сега кога Бог ве запозна вас — како можете повторно да им се враќате на слабите и бедни начела и сакате повторно да им робувате?“ (Гал. 4:9). Замисли — Јехова, Врховниот Владетел на вселената, нѐ познава и сака да биде близок пријател со нас! Навистина нема поголема чест од ова! Всушност, тоа е целта на нашето постоење — да бидеме негови пријатели (Проп. 12:13, 14).

5. Што мора да правиме за Бог да нѐ смета за свои пријатели?

5 Знаеме дека Мојсеј бил пријател на Бог. Кога го молел Јехова да му ги објави своите патишта, тој му одговорил: „И ова што го рече ќе го направам, зашто најде милост во мои очи и те знам по име“ (2. Мој. 33:12-17). И ние можеме да добиеме прекрасни благослови ако Јехова лично нѐ познава, односно нѐ смета за свои пријатели. Но што мора да правиме за да бидеме негови пријатели? Мора да го сакаме и да му го заветуваме својот живот. (Прочитај 1. Коринќаните 8:3.)

6, 7. Кое размислување би можело да го загрози нашето пријателство со Јехова?

6 Меѓутоа, мора да го зачуваме скапоценото пријателство со нашиот небесен Татко. Исто како христијаните во Галатија од првиот век, и ние мора да престанеме да им робуваме „на слабите и бедни начела“ на овој свет, во што спаѓаат успехот и славата што ни ги нуди (Гал. 4:9). Христијаните од Галатија веќе го познавале Бог, а и Бог ги познавал нив. Но Павле рекол дека истите тие браќа се вратиле на безвредните работи. Со други зборови, тој ги прашал: „Зошто им се вративте на празните и бескорисни работи што веќе ги оставивте?“

7 Дали би можело истото да ни се случи и нам? Да. Слично како Павле, кога сме станале Јеховини сведоци, можеби сме се откажале од некаква слава и успех во светот на Сатана. (Прочитај Филипјаните 3:7, 8.) Можеби сме имале можност да стекнеме високо образование. Можеби сме добиле понуда за добро вработување или сме имале шанса да заработиме многу пари. Или можеби сме имале можност да станеме богати и славни бидејќи имаме талент за музика или за спорт. Но ние сме се откажале од сето тоа (Евр. 11:24-27). Би било многу немудро да жалиме поради тие одлуки и да си мислиме дека животот би ни бил поубав доколку сме постапеле поинаку. Таквото размислување би можело да нѐ натера да се вратиме на работите во овој свет, работите за кои веќе сме се увериле дека немаат никаква вредност.

ЗАЈАКНИ ЈА СВОЈАТА РЕШЕНОСТ ДА ДОБИЕШ ПРИЗНАНИЕ ОД БОГ

8. Која е една работа што може да ја зајакне нашата решеност да бараме признание од Бог наместо од светот?

8 Што може да ја зајакне нашата решеност да бараме признание од Бог наместо од светот? Тоа што ќе имаме на ум две важни вистини. Прво, Јехова секогаш ги цени и ги наградува оние што верно му служат. (Прочитај Евреите 6:10; 11:6.) Јехова длабоко го цени секој свој слуга, и затоа смета дека би било неправедно да ги заборави оние што му се верни. Тој ги познава „оние што се негови“ (2. Тим. 2:19). Тој „го познава патот на праведните“ и знае „како да ги избави од искушение“ (Пс. 1:6; 2. Пет. 2:9).

9. Наведи примери од кои се гледа дека Јехова многу ги сака и ги цени своите слуги.

9 Во некои случаи, Јехова на посебен начин им покажал на своите слуги дека длабоко ги цени (2. Лет. 20:20, 29). На пример, размисли за начинот на кој Јехова ги спасил своите слуги кај Црвеното Море кога моќната војска на фараонот тргнала во потера по нив (2. Мој. 14:21-30; Пс. 106:9-11). Овој настан им оставил толку силен впечаток на луѓето во тој дел од светот што 40 години подоцна сѐ уште зборувале за него (Ис. Нав. 2:9-11). Наскоро ќе се соочиме со нападот на Гог од Магог (Езек. 38:8-12). Затоа, многу ќе се охрабриме ако размислуваме како во минатото Јехова покажал дека ги сака своите слуги и како ја користел својата моќ за да ги спасува. Во тоа време, ќе бидеме пресреќни што ни било најважно да добиеме признание од Бог, а не од светот.

10. Која е втората вистина што мора да ја имаме на ум?

10 Втората вистина што мора да ја имаме на ум е дека Јехова може на сосема неочекуван начин да ни покаже дека длабоко нѐ цени. Оние што прават добри дела само за да ги видат другите нема да добијат награда од Јехова. Зошто? Бидејќи тие веќе ја добиле својата награда со тоа што луѓето ги славеле. (Прочитај Матеј 6:1-5.) Од друга страна, Исус рекол дека Јехова „ги гледа во тајност“ оние кои не добиле никакво признание за доброто што им го направиле на другите. Јехова ги забележува добрите дела што тие ги прават и ги наградува, односно ги благословува. А понекогаш Јехова ги наградува своите слуги на сосема неочекуван начин. Да разгледаме неколку примери.

ЈЕХОВА Ѝ УКАЖАЛ ЧЕСТ НА НЕОЧЕКУВАН НАЧИН

11. Како Јехова ѝ укажал чест на Марија?

11 Кога дошло времето Божјиот Син да се роди како човек на Земјата, Јехова избрал една понизна девица по име Марија да биде мајка на ова посебно дете. Таа живеела во малото гратче Назарет, далеку од Ерусалим и од неговиот величествен храм. (Прочитај Лука 1:26-33.) Зошто Јехова ја избрал токму неа? Ангелот Гавриел ѝ кажал дека „нашла милост кај Бог“. Марија била многу блиска со Јехова. Тоа се гледа од зборовите што ѝ ги кажала на својата роднина Елисавета (Лука 1:46-55). Јехова ја набљудувал Марија и, бидејќи верно му служела, тој ја благословил на начин што не го очекувала.

12, 13. Како Јехова му укажал чест на Исус кога се родил и подоцна кога Марија го однела во храмот?

12 Кога Марија го родила Исус, Јехова не му кажал за тоа на ниту еден владетел ниту, пак, на некој друг угледен член на општеството. Кому му ја укажал оваа чест? Јехова испратил ангели кај понизните овчари кои ги чувале своите стада на полињата надвор од Витлеем (Лука 2:8-14). Потоа, тие овчари го посетиле новороденото бебе (Лука 2:15-17). Марија и Јосиф сигурно биле пријатно изненадени и воодушевени што Јехова му укажал таква чест на Исус! Размисли колку многу се разликува начинот на кој Јехова ги прави работите од начинот на Сатана. Кога Сатана испратил астролози да ги посетат Исус и неговите родители, сите во Ерусалим дознале за Исусовото раѓање и се вознемириле поради тоа (Мат. 2:3). На крај дури биле убиени многу недолжни деца (Мат. 2:16).

13 Четириесет дена откако се родил Исус, Марија требало да му принесе жртва на Јехова во храмот во Ерусалим, кој бил оддалечен околу девет километри од Витлеем (Лука 2:22-24). Додека патувала со Јосиф и Исус, Марија можеби се прашувала дали свештеникот ќе му укаже чест на Исус така што ќе објави каква улога ќе има тој во иднина. На Исус навистина му била укажана чест, но не така како што Марија можеби очекувала. Јехова ги употребил Симеон, „праведен и богобојазлив“ човек, и пророчицата Ана, 84-годишна вдовица, да објават дека Исус ќе стане ветениот Месија, или Христос (Лука 2:25-38).

14. Какви благослови добила Марија од Јехова?

14 Дали Јехова продолжил да ѝ укажува чест на Марија бидејќи верно се грижела за Исус додека тој растел? Да. Бог се погрижил во Библијата да бидат запишани некои работи што ги кажала и направила Марија. Се чини дека таа не можела да го придружува Исус во текот на неговата служба, која траела три и пол години. Поради тоа, најверојатно пропуштила многу од убавите искуства што ги доживеале оние што биле со Исус. Но таа била покрај Исус кога тој умрел (Јован 19:26). Подоцна, на Педесетница 33 год. од н.е., Марија била во Ерусалим заедно со учениците на Исус пред да го добијат светиот дух (Дела 1:13, 14). Голема е веројатноста дека и таа била помазана со свет дух заедно со другите ученици. Ако е така, тоа значи дека ѝ била дадена можност да биде заедно со Исус на небото во цела вечност. Колку прекрасна награда за нејзината верна служба!

ЈЕХОВА МУ УКАЖАЛ ЧЕСТ НА СВОЈОТ СИН

15. Додека Исус бил на Земјата, како Јехова му покажал дека го сака?

15 На Исус не му било важно да добие признание од верските или политичките водачи. Но сигурно бил многу охрабрен што Јехова во три прилики директно му се обратил од небото, и со тоа му дал до знаење дека го сака. Веднаш откако Исус се крстил во реката Јордан, Јехова рекол: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Мат. 3:17). Се чини дека, освен Исус, Јован Крстител бил единствениот што ги чул тие зборови. Потоа, околу една година пред смртта на Исус, тројца од неговите апостоли чуле како Јехова вели за него: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го!“ (Мат. 17:5). И на крајот, само неколку дена пред Исусовата смрт, Јехова повторно му се обратил на својот Син од небото (Јован 12:28).

Што учиш од начинот на кој Јехова го наградил својот Син? (Види во пасуси 15-17)

16, 17. Како Јехова му укажал чест на Исус на неочекуван начин?

16 Исус знаел дека луѓето ќе го наречат богохулник и дека го очекувала срамна смрт. Сепак, тој се молел да се изврши волјата на Јехова, а не неговата (Мат. 26:39, 42). Исус претрпел „маченички столб, не мислејќи на срамот“, бидејќи му било важно да добие признание од Бог, а не од светот (Евр. 12:2). Како Јехова го наградил Исус за неговата верност?

17 Додека бил на Земјата, Исус изразил желба повторно да ја добие славата што ја имал кога бил на небото со својот Татко (Јован 17:5). Но никаде во Библијата не пишува дека Исус се надевал дека ќе добие нешто повеќе од тоа. Тој не очекувал некоја посебна награда за тоа што ја вршел Јеховината волја на Земјата. Но што направил Јехова? Го наградил Исус на сосема неочекуван начин. Кога го воскреснал, Јехова го возвишил така што го поставил на многу висока положба на небото. Исто така, му дал нешто што никој друг го немал добиено дотогаш — бесмртен живот на небото! * (Фил. 2:9; 1. Тим. 6:16). Ова навистина било извонредна награда за тоа што Исус верно ја извршил својата служба!

18. Што може да ја зајакне нашата решеност да бараме признание од Бог наместо од светот?

18 Што може да ја зајакне нашата решеност да бараме признание од Бог наместо од светот? Треба да имаме на ум дека Јехова секогаш ги цени своите верни слуги и дека честопати ги наградува на неочекуван начин. Не можеме ни да си замислиме на кои сѐ начини Јехова ќе нѐ благослови во иднина! Но засега, додека ги трпиме проблемите и тешкотиите во овие последни денови, секогаш да имаме на ум дека овој злобен свет и сета слава што тој ја нуди ќе исчезнат засекогаш и ќе потонат во заборав (1. Јов. 2:17). Од друга страна, нашиот грижлив Татко, Јехова, „не е неправеден“ и затоа никогаш нема да ги заборави нашиот труд и љубовта што сме ја покажале кон неговото име (Евр. 6:10). Тој сигурно ќе нѐ награди — и тоа можеби на начини на кои никогаш не сме ни помислиле!

^ пас. 17 Бесмртноста не е спомната во Хебрејските списи. Затоа можеби Исус не ја очекувал оваа награда од Јехова.