Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие се ставиле на располагање — во Мјанмар

Тие се ставиле на располагање — во Мјанмар

„ЖЕТВАТА е голема, а работници има малку. Затоа молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Лука 10:2). Овие зборови што ги кажал Исус пред околу 2.000 години се многу соодветни за Мјанмар денес. Зошто? Во Мјанмар има 55 милиони жители, а само околу 4.200 објавители кои ја проповедаат добрата вест.

Сепак, „Господарот на жетвата“, Јехова, ги поттикна срцата на стотици браќа и сестри од различни земји да се преселат во оваа земја во југоисточна Азија и да помогнат во духовната жетва. Зошто овие луѓе ја напуштиле својата земја? Што им помогнало да се преселат таму? И какви благослови добиле? Ајде да видиме.

„ДОЈДЕТЕ, НИ ТРЕБААТ ПОВЕЌЕ ПИОНЕРИ!“

Пред неколку години, Казухиро, пионер од Јапонија, имал епилептичен напад, изгубил свест и морал да лежи во болница. Докторот му рекол дека не смее да вози две години. Казухиро бил во шок. Тој се прашувал: „Како сега ќе го правам она што најмногу го сакам — пионерската служба?“ Тој од срце го молел Јехова да му помогне за да може да продолжи да служи како пионер.

Казухиро и Мари

Казухиро продолжува: „Еден месец подоцна, еден мој пријател кој служи во Мјанмар дозна што ми се случило. Ми се јави и ми рече: ’Во Мјанмар луѓето главно се возат со автобуси. Ако дојдеш овде, не ти треба кола за да одиш во служба‘. Го прашав мојот доктор дали здравствената состојба ми дозволува да се преселам во Мјанмар. Се изненадив кога ми рече: ’Еден доктор од Мјанмар кој е специјалист за епилепсија е во посета на Јапонија. Ќе те запознаам со него. Ако се случи да имаш напад, тој ќе се погрижи за тебе‘. Зборовите на докторот за мене беа одговор на моите молитви“.

Казухиро веднаш испратил имејл до подружницата во Мјанмар и објаснил дека тој и неговата сопруга сакаат да служат таму како пионери. За само пет дена, подружницата им одговорила: „Дојдете, ни требаат повеќе пионери!“ Казухиро и жена му Мари ги продале своите коли, добиле виза и купиле авионски карти. Денес, тие радосно служат во група на знаковен јазик во градот Мандалеј. Казухиро вели: „Ова искуство ни ја зајакна довербата во Божјето ветување кое е запишано во Псалм 37:5: ’Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне‘“.

ЈЕХОВА ГО РАСЧИСТУВА ПАТОТ

Во 2014 год. Јеховините сведоци во Мјанмар имаа чест да бидат домаќини на еден специјален конгрес. На овој настан беа присутни делегати од други земји. Една од нив е Моник од САД, која има 34 години. Таа вели: „Кога се вратив од конгресот, го молев Јехова да ми помогне да одлучам што да правам понатаму со мојот живот. Исто така, зборував со татко ми и мајка ми за моите духовни цели. Сите се сложивме дека треба да се вратам во Мјанмар. Но, беа потребни време и многу молитви пред да ја донесам мојата конечна одлука“. Моник објаснува зошто.

Моник и Ли

„Исус ги поттикнал своите ученици да го ’пресметаат трошокот‘. Си размислував: ’Дали сум во можност да се преселам? Дали ќе можам да се издржувам себеси без да трошам премногу време на работа?‘ Набрзо сфатив дека нема да имам доволно пари да се преселам на другиот крај од светот“. Тогаш, како успеала да се пресели? (Лука 14:28).

Моник продолжува: „Еден ден мојата шефица ме викна на разговор. Се уплашив бидејќи мислев дека ќе ми дадат отказ. Наместо тоа, таа ме пофали за мојата работа и ми рече дека се погрижила да добијам бонус. Добив точно толку пари колку што ми требаа за да си ги исплатам долговите!“

Моник служи во Мјанмар од декември 2014 год. Како се чувствува што служи во земја каде што има поголема потреба од објавители? Таа вели: „Многу сум среќна што сум тука. Водам три библиски курсеви. Меѓу лицата со кои ја проучувам Библијата е една жена која има 67 години. Секогаш кога одам кај неа, ме пречекува со широка насмевка и цврста прегратка. Кога дозна дека Бог се вика Јехова, се расплака. Таа рече: ’Првпат во животот слушам дека Бог се вика Јехова. Дупло си помлада од мене, ама ми го кажа најважното нешто во животот‘. Бев трогната до солзи од нејзината реакција. Овие и слични искуства ми носат голема радост додека служам во оваа земја со поголема потреба од објавители“. Неодамна, Моник присуствуваше на Школата за полновремени објавители.

Некои објавители решиле да се преселат во Мјанмар откако го прочитале Годишникот на Јеховините сведоци за 2013 год., кој зборуваше токму за оваа земја. Една сестра од Азија по име Ли е во своите 30-ти. Кога го прочитала извештајот за Мјанмар од Годишникот, почнала да размислува да се пресели таму иако работела со полно работно време. Таа вели: „Во 2014 год. присуствував на специјалниот конгрес во Јангон. Таму запознав еден брачен пар кој се преселил во Мјанмар за да служи на кинеско подрачје. Со оглед на тоа што знам кинески, одлучив да живеам во Мјанмар за да помагам во кинеската група. Се здружив со Моник и се преселивме во Мандалеј. Со Јеховина помош и двете најдовме работа како учителки со скратено работно време во едно училиште. Исто така, најдовме стан во близина на работното место. Овде е доста жешко и имам некои тешкотии. Сепак, уживам во службата. Луѓето овде живеат скромно, но многу се учтиви и сакаат да слушаат за добрата вест. Многу е возбудливо да гледаш како Јехова го забрзува делото. Сигурна сум дека е Јеховина волја тоа што служам тука во Мандалеј“.

ЈЕХОВА ГИ СЛУША МОЛИТВИТЕ

Многу објавители кои се преселиле онаму каде што има поголема потреба почувствувале како Јехова им одговара на молитвите. Џумпеј и неговата жена Нао, кои се во своите 30-ти, служеле во собрание на знаковен јазик во Јапонија. Но зошто одлучиле да се преселат во Мјанмар? Џумпеј вели: „Јас и жена ми отсекогаш сме сакале да служиме во земја со поголема потреба од објавители. Еден брат од нашето собрание се пресели во Мјанмар. Иако немавме многу пари на страна, во мај 2010 год. и ние се преселивме во Мјанмар. Таму браќата нѐ пречекаа со широко отворени раце“. Што вели Џумпеј за подрачјето на знаковен јазик во Мјанмар? „Има огромен интерес. Кога ќе им покажеме некој видеоклип на знаковен јазик, станарите се воодушевени. Пресреќни сме што одлучивме да му служиме на Јехова овде!“

Нао и Џумпеј

Дали Џумпеј и Нао имале финансиски проблеми? Џумпеј вели: „По три години, ја потрошивме нашата заштеда и немавме доволно пари за да платиме кирија за следната година. Јас и жена ми многу се молевме. Неочекувано, добивме покана од подружницата да служиме како привремени специјални пионери. Имавме доверба во Јехова, и тој во ниту еден момент не нѐ напушти. Се грижеше за сите наши потреби“. Неодамна, Џумпеј и Нао беа поканети на Школата за полновремени објавители.

ЈЕХОВА ПОТТИКНУВА МНОГУМИНА

Симон, кој има 43 години и по потекло е од Италија, и неговата жена Ана, која има 37 години и по потекло е од Нов Зеланд, се преселиле во Мјанмар. Што ги поттикнало на овој чекор? Ана вели: „Годишникот за 2013“. Симон вели: „За нас е голема чест што сме во Мјанмар. Животот овде е многу поедноставен и можеме повеќе да се посветиме на службата. Возбудливо е да гледаш како Јехова се грижи за тебе додека служиш во земја со поголема потреба од објавители“ (Пс. 121:5). Ана вели: „Никогаш не сум била порадосна. Живееме едноставно. Сега минувам повеќе време со маж ми, и станавме поблиски. Исто така, стекнавме многу нови пријатели. Луѓето овде немаат предрасуди кон Сведоците и многу се заинтересирани за вистината“. Еве еден пример што го потврдува ова.

Симон и Ана

Ана раскажува: „Еднаш ѝ сведочев на една студентка на пазарот и се договоривме да се видиме пак. Кога се сретнавме, таа беше со една нејзина другарка. Следниот пат дојде со уште неколку другарки. Подоцна донесе уште повеќе другарки. Сега ја проучувам Библијата со пет од нив“. Симон вели: „Луѓето на подрачјето се пријатни и љубопитни. Има многу заинтересирани. Едноставно немаме доволно време да ги посетиме сите што ќе покажат интерес“.

Сачио и Мизухо

Какви практични чекори направиле некои пред да донесат одлука да се преселат во Мјанмар? Мизухо од Јапонија вели: „Јас и маж ми, Сачио, отсекогаш сме сакале да служиме во земја со поголема потреба од објавители. Но не знаевме каде. Откако го прочитавме Годишникот за 2013, каде што се зборуваше за Мјанмар, толку многу ни се допаднаа искуствата од оваа земја што почнавме да размислуваме дали ќе биде можно да се преселиме таму“. Сачио вели: „Одлучивме да одиме една седмица во Јангон, главниот град на Мјанмар, за да ја ’извидиме‘ земјата. Ова кратко патување ни беше доволно да решиме да се преселиме тука“.

ЌЕ ПРЕЈДЕШ ЛИ И ТИ?

Џејн, Даника, Родни и Џордан

Родни и неговата сопруга Џејн се во своите 50-ти и се од Австралија. Тие со своите деца Џордан и Даника служат во Мјанмар од 2010 год. Родни вели: „Бевме воодушевени кога видовме колку многу луѓето овде сакаат да учат за Бог. Од срце им препорачувам и на други семејства да пробаат да служат на места како Мјанмар“. Зошто Родни го вели ова? „Сега како семејство сме многу поблиски со Јехова. Тоа е нешто бесценето! Многу млади мислат само на телефони, коли, работа и сл. А нашите деца учат нов јазик за да можат да им проповедаат на луѓето овде. Учат како да зборуваат со оние што не знаат многу за Библијата и како да даваат коментари на состаноците на локалниот јазик. Исто така, зафатени се со многу други активности поврзани со службата за Јехова.“

Оливер и Ана

Оливер од САД, кој има 37 години, објаснува зошто би им препорачал на другите да служат во земја со поголема потреба од објавители: „Дома си имав своја рутина и ми беше убаво, но тоа што му служам на Јехова на ваков начин ми носи многу благослови. Откако се преселив овде, научив да се потпирам на Јехова во секоја ситуација. Служам рамо до рамо со браќа кои не сум ги знаел претходно, но тоа што имаме исти верувања нѐ обединува. Ова го има само во Божјата организација“. Во моментов, Оливер и неговата сопруга Ана служат ревносно на кинеско подрачје.

Трејзел

Трејзел од Австралија има 52 години и служи во Мјанмар од 2004 год. Таа вели: „На оние на кои им дозволуваат околностите топло им препорачувам да служат на место каде што има потреба од повеќе објавители. На своја кожа осетив дека, ако имаш желба да служиш, Јехова ќе го благослови твојот труд. Ни на сон не помислив дека ќе имам ваков живот. За мене ова е најдобриот начин на живот!“

Се надеваме дека искрените изјави на овие објавители кои служат во Мјанмар ќе те поттикнат и тебе да им ја пренесуваш добрата вест на луѓето кои живеат на необработени подрачја. Овие објавители ти велат и тебе: „Те молиме, прејди во Мјанмар и помогни ни!“