Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Исус навистина умрел за мене?

Дали Исус навистина умрел за мене?

ВО Библијата читаме за верни Божји слуги кои имале „исти чувства како и ние“ (Јак. 5:17, фус.). На пример, лесно можеме да сфатиме што сакал да каже Павле со она што го запишал во Римјаните 7:21-24: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене... Беден човек сум јас!“ Многу нѐ охрабрува тоа што Павле ги изразил своите чувства на ваков начин, бидејќи сфаќаме дека не сме единствените кои се борат со својата несовршеност.

Павле отворено зборувал и за други чувства. Тој рекол: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Гал. 2:20). Павле бил потполно уверен во тоа. А дали си и ти? Можеби не секогаш.

Ако се чувствуваш безвредно поради некои гревови од минатото, можеби не ти е лесно да прифатиш дека Јехова те сака и дека ти простил. Освен тоа, можеби ти е тешко да гледаш на откупнината како на дар што ти е даден тебе лично. Но, дали Исус сака да гледаме на откупнината како на еден таков дар? Ако да, што ќе ни помогне во тој поглед? Да ги разгледаме овие две прашања.

КАКО ИСУС САКА ДА ГЛЕДАМЕ НА НЕГОВАТА ЖРТВА

Исус сака да гледаме на неговата жртва како на дар наменет лично за нас. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа? Пробај да си го замислиш она што е запишано во Лука 23:39-43. Прикован на маченички столб покрај Исус, еден човек признава дека направил нешто многу лошо. Сигурно се работело за сериозен престап, бидејќи на таква сурова смрт биле осудувани само луѓе што извршиле големи злосторства. Потресен од тешката ситуација во која се наоѓа, човекот го моли Исус: „Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство“.

Како реагира Исус на тоа? И покрај силните болки, ја врти главата кон злосторникот за да го погледне во очи. Собира сили, благо се насмевнува и со утешителен глас му вели: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“. Исус можел да му рече на човекот дека Синот човечки дошол „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). Сепак, не го направил тоа. Забележа ли како Исус покажал дека неговата жртва е дар наменет лично за овој човек? Така што пријателски му кажал: „[Ти] ќе бидеш со мене“. Освен тоа, Исус истакнал и дека злосторникот ќе има лична корист од неговата жртва — ќе може да живее во рајот на Земјата.

Без сомнение, Исус сакал овој човек да гледа на жртвата што ќе ја даде како на дар наменет за него лично. Ако Исус имал таков став кон еден злосторник кој не ни почнал да му служи на Бог, колку повеќе тоа важи за еден крстен христијанин кој веќе му служи на Бог. Но, што може да ни помогне да гледаме на Христовата жртва на таков начин и покрај гревовите што сме ги правеле во минатото?

ШТО МУ ПОМОГНАЛО НА ПАВЛЕ

Тоа што добил задача да проповеда, го уверило Павле дека Исус умрел и за него. Во која смисла? Павле објаснил: „Благодарен сум му на Христос Исус, нашиот Господар, кој ми даде сила, зашто сметаше дека сум достоен за доверба, па ме постави во служба, иако порано бев хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тим. 1:12-14). Бидејќи добил таква задача и покрај тоа што во минатото правел многу лоши работи, Павле бил уверен дека Исус го сака, дека му покажува милост и дека има доверба во него. И секому од нас Исус му доверил задача да проповеда (Мат. 28:19, 20). Дали тоа може да нѐ увери дека тој умрел и за нас лично?

Алберт, кој неодамна се вратил кај Јехова откако бил исклучен речиси 34 години, вели: „Моите гревови се постојано пред мене. Но, кога сум во служба, исто како апостол Павле и јас имам чувство дека таа задача сум ја добил лично од Исус. Тоа ме охрабрува и ми помага да имам позитивен став кон себе, кон мојот живот и кон мојата иднина“ (Пс. 51:3).

Додека проучуваш со најразлични луѓе, труди се да ги увериш дека Исус им покажува милост и дека ги сака

Ален, кој пред да ја дознае вистината бил насилен криминалец, вели: „Не можам да ги заборавам лошите работи што им ги правев на луѓето. Поради тоа, понекогаш се чувствувам потиштено. Но, благодарен сум му на Јехова што дозволува еден грешник како мене да им ја пренесува добрата вест на другите. Кога ќе видам како реагираат луѓето на пораката, помислувам на тоа колку е добар Јехова и колку нѐ сака. Имам чувство дека ме користи за да им помогне на луѓе кои имаат слично минато како мене“.

Кога сме во служба, имаме позитивни мисли бидејќи знаеме дека правиме нешто добро. Тоа нѐ уверува дека Исус ни покажува љубов, милост и доверба.

ЈЕХОВА Е ПОГОЛЕМ ОД НАШЕТО СРЦЕ

Сѐ додека трае овој злобен свет, нашето срце може да нѐ осудува поради гревовите од минатото. Што ќе ни помогне во борбата со таквите чувства?

Џин, која честопати има чувства на вина поради двојниот начин на живот што го водела кога била помлада, вели: „Ме охрабрува тоа што ’Бог е поголем од нашето срце‘“ (1. Јов. 3:19, 20). Исто како Џин, и нас може да нѐ утеши мислата дека Јехова и Исус ја разбираат човечката природа и знаат дека сме грешни. Секогаш имај на ум дека тие од љубов се погрижиле да има откупнина — и тоа не за совршени луѓе, туку за грешни луѓе кои се каат (1. Тим. 1:15).

Можеме да го увериме нашето срце дека откупнината е дар лично за нас ако длабоко размислуваме за начинот на кој Исус постапувал со несовршените луѓе и ако даваме сѐ од себе за да ја извршиме службата што ни ја доверил. Така и ние, исто како Павле, можеме да кажеме: Исус „ме сакаше и се предаде себеси за мене“.