Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова ме благослови повеќе отколку што можев да си замислам

Јехова ме благослови повеќе отколку што можев да си замислам

„ТРЕБА да бидам пионер. Но, дали таа служба ќе ми биде интересна?“ — се прашував. Си ја сакав работата што ја имав во Германија. Извезував храна до егзотични места во Африка како, на пример, Дар ес Салам, Елизабетвил и Асмара. Тогаш ни на крај памет не ми паѓаше дека еден ден ќе служам полновремено во тие и во многу други места низ Африка!

Кога конечно започнав со пионерска служба, не можев ни да си замислам дека во животот ќе ми се случат толку убави промени (Еф. 3:20). Но, можеби се прашувате како дојде до тоа. Да ви раскажам од почеток.

Роден сум во Берлин (Германија) во 1939 год., неколку месеци по започнувањето на Втората светска војна. Во 1945 год., како што се ближеше крајот на војната, над Берлин многу често летаа воени авиони кои го бомбардираа градот. При еден таков напад, многу куќи од нашата улица беа погодени од бомби. Тогаш јас и моето семејство успеавме да побегнеме во едно засолниште. Подоцна заминавме за Ерфурт, родното место на мајка ми. Таму бевме на сигурно.

Со моите родители и сестра ми во Германија, околу 1950

Мајка ми имаше голема желба да ја пронајде вистината. Затоа читаше филозофски книги и ги испитуваше учењата на разни религии, но безуспешно. Некаде во 1948 год., нѐ посетија две жени кои беа Јеховини сведоци. Мајка ми ги покани внатре и почна да им поставува многу прашања. За помалку од еден час, мене и на мојата помала сестра таа ни рече: „Ја најдов вистината!“ Кратко потоа, ние тројцата почнавме да одиме на состаноците што се одржуваа во Ерфурт.

Во 1950 год. се вративме во Берлин, и таму се поврзавме со собранието Берлин-Кројцберг. Но, кога се преселивме во друг дел од градот, почнавме да одиме на состаноци во собранието Берлин-Темпелхоф. По некое време, мајка ми се крсти. Но јас сметав дека сѐ уште не сум спремен. Која беше причината?

ГИ НАДМИНУВАМ СРАМЕЖЛИВОСТА И НЕРЕШИТЕЛНОСТА

Ми беше тешко да правам повеќе во службата за Јехова бидејќи бев многу срамежлив. Иако одев во служба со другите, цели две години јас воопшто не зборував со луѓето на кои им проповедавме. Но, работите се сменија кога почнав да се дружам со браќа и сестри кои на дело ги покажале својата храброст и верност кон Јехова. Некои од нив биле затворени во нацистичките концентрациони логори или во затворите во Источна Германија. Други тајно пренесувале литература во Источна Германија, и со тоа се доведувале во опасност да бидат затворени. Нивниот пример ме допре длабоко до срце. Си мислев, ако тие спремно си ги ризикувале животот и слободата поради Јехова и браќата, јас барем можам да се потрудам да не бидам толку срамежлив.

Во 1955 год. учествував во една посебна проповедничка акција, и тоа многу ми помогна во врска со срамежливоста. Во едно писмо кое беше објавено во Информатор, * брат Натан Нор извести дека таа акција ќе биде една од најголемите што нашата организација некогаш ги организирала. Тој кажа дека, ако сите објавители учествуваат во неа, „тоа ќе биде најубавиот месец во проповедничкото дело досега“. И навистина беше така! Кратко потоа, му се заветував на Јехова дека ќе му служам, и во 1956 год. се крстив заедно со татко ми и сестра ми. Но, наскоро морав да донесам уште една важна одлука.

Со години знаев дека треба да почнам со пионерска служба, но никако не можев да се решам. Првин сакав да стекнам обука поврзана со трговија на големо, со увоз и извоз на производи во други земји. Потоа планирав да се вработам и да стекнам работно искуство, па дури тогаш да станам пионер. Така, во 1961 год. најдов работа во Хамбург, најголемиот пристаништен град во Германија. Многу ја сакав работата и ми беше сѐ потешко да започнам со пионерска служба. Што се случи понатаму?

Благодарен сум му на Јехова што преку некои грижливи браќа ми помогна да сфатам дека духовните работи треба да ни бидат најважни. Неколку мои пријатели започнаа со пионерска служба, и со тоа ми дадоа убав пример. Освен тоа, брат Ерик Мунд, кој порано бил во концентрационен логор, ме охрабри да имам доверба во Јехова. Тој ми кажа дека оние браќа во логорот кои се потпирале на самите себе подоцна ослабнале во духовен поглед. Но, оние кои имале потполна доверба во Јехова му останале верни и подоцна биле столбови во собранието.

Во 1963, кога започнав со пионерска служба

Исто така, брат Мартин Пецингер, кој подоцна служеше во Водечкото тело, ги охрабруваше браќата велејќи: „Храброста е највредното нешто што можете да го имате“. Откако некое време размислував за тие зборови, ја напуштив работата, и во јуни 1963 год. започнав со пионерска служба. Тоа беше најдобрата одлука што можев да ја донесам! По два месеци, уште пред да почнам да барам нова работа, бев поканет да служам како специјален пионер. Неколку години подоцна, Јехова направи за мене нешто што ни најмалку не го очекував — добив покана за 44-от клас на школата Гилеад.

ВАЖНА ПОУКА ШТО ЈА НАУЧИВ НА ГИЛЕАД

„Немојте лесно да се откажувате од задачата што ви е доделена!“ Тоа беше една од најважните лекции што ги научив, посебно од брат Натан Нор и од брат Лајман Свингл. Тие нѐ охрабрија да издржиме дури и ако ни е тешко. Брат Нор рече: „На што ќе се концентрирате — на калта, бубачките, немаштијата? Или, ќе ги забележите дрвјата, цвеќињата, насмеаните лица? Учете да ги сакате луѓето!“ Еднаш, додека брат Свингл објаснуваше зошто некои браќа брзо се откажале од задачата, очите му се наполнија со солзи и едвај зборуваше. Мораше накратко да го прекине говорот за да се смири. Тоа длабоко ме трогна, и си реков дека нема да ги разочарам ниту Христос ниту неговите верни браќа (Мат. 25:40).

Јас, Клод и Хајнрих како мисионери во Лубумбаши (Конго) во 1967

Кога дознавме кој во која земја ќе оди, некои браќа што служеа во Бетел љубопитно нѐ прашаа нас неколкумина каде заминуваме. Откако секој ќе кажеше каде е испратен, тие ќе кажеа по нешто убаво за тоа место. Но, кога јас кажав дека одам за Конго (Киншаса), тие кратко замолчија, а потоа рекоа: „Уф, Конго. Јехова нека те чува!“ Во тоа време имаше многу вести за Конго, дека луѓето таму војуваат и се убиваат. Но, јас се трудев да мислам на она што го научив на школата Гилеад. И така, кратко по дипломирањето во септември 1967 год., отпатував за Киншаса, главниот град на Конго, заедно со Хајнрих Денбоцел и Клод Линзи.

ЗАДАЧИ ОД КОИ НАУЧИВ МНОГУ КАКО МИСИОНЕР

Кога стигнавме во Киншаса, три месеци учевме француски. Потоа со авион заминавме за Лубумбаши, некогашен Елизабетвил, кој се наоѓа во јужниот дел на Конго, близу границата со Замбија. Таму живеевме во еден мисионерски дом кој се наоѓаше во центарот на градот.

Со оглед на тоа што во поголемиот дел од Лубумбаши не проповедал никој пред нас, бевме многу среќни што можевме да им ја пренесеме вистината на луѓе кои никогаш порано не слушнале за неа. За кратко време, толку многу луѓе сакаа да ја проучуваат Библијата што беше многу тешко да најдеме време за сите. Освен тоа, им сведочевме и на службени лица кои работеа за владата или за полицијата. Многумина од нив покажаа големо ценење за Божјата Реч и за нашето проповедничко дело. Јас и Клод научивме и свахили, бидејќи луѓето главно зборуваа на тој јазик. По кратко време, добивме задача да служиме во собрание на јазикот свахили.

Но, освен што имавме убави искуства, се соочувавме и со предизвици. Често се случуваше пијани војници со оружје во рацете или груби полицајци да нѐ обвинат за работи што не сме ги направиле. Еден ден, голем број вооружени полицајци упаднаа во мисионерскиот дом и го прекинаа собранискиот состанок. Нѐ одведоа во главната полициска станица каде што нѐ држеа некаде до 10 часот навечер седнати на под, а потоа нѐ ослободија.

Во 1969 год. добив задача да служам во патувачкото дело. Понекогаш требаше долго да пешачам по калливи патеки обраснати со висока трева, нешто што беше вообичаено за Африка. Кога бев во едно село, под мојот кревет си спиеше една квачка со своите пилиња. Никогаш нема да заборавам како ме будеше кога на сет глас ќе почнеше да кокодака уште рано пред зори. Со радост се присетувам на убавите моменти кога навечер седевме со браќата под отворено небо покрај оган и си разговаравме за вистината.

Еден од најголемите проблеми беа лажните браќа, односно луѓе кои беа вовлечени во собранијата но, всушност, беа дел од движењето Китавала. * Некои од нив не само што беа крстени туку служеа и како старешини. Меѓутоа, верните браќа и сестри разоткрија многу од овие луѓе кои беа како „карпи скриени под вода“ (Јуда 12). Со текот на времето, Јехова ги исчисти собранијата од таквите лица, а потоа уште голем број искрени луѓе ја прифатија вистината.

Во 1971 год. почнав да служам во подружницата во Киншаса, каде што извршував најразлични задачи како, на пример, кореспонденција, нарачка на литература и разни работи поврзани со службата. Во Бетел научив како да се организира делото во една толку голема земја која имаше слабо развиена инфраструктура. Понекогаш, писмата кои им ги испраќавме на собранијата преку авионска пошта стигнуваа таму по неколку месеци. По слетувањето на авионот, поштата се товараше во чамци кои знаеја со недели да бидат заглавени во водата обрасната со густи растенија. Меѓутоа, и покрај овие, како и други слични предизвици, на крајот сѐ се завршуваше како што треба.

Бев воодушевен кога гледав како браќата успеваа да организираат големи конгреси и покрај скромните финансиски средства. Тие ја правеа бината користејќи термитници, место ѕидови ставаа висока слонова трева, а од неа правеа и „перничиња“ за седење. Како градежен материјал користеа бамбус, а од трска правеа покриви и маси. Бидејќи немаа шајки, за прицврстување користеа кора од дрвја. Секогаш им се восхитував на овие досетливи браќа и сестри кои не се откажуваа и покрај сите тешкотии на кои наидуваа. Ги засакав со целото мое срце! Кога заминав оттаму поради новата задача што ја добив, навистина многу ми недостасуваа.

СЛУЖБАТА ВО КЕНИЈА

Во 1974 год. почнав да служам во подружницата во Најроби (Кенија). Таму имавме многу работа, бидејќи оваа подружница се грижеше за проповедничкото дело во 10 околни земји, а во некои од нив бевме под забрана. Често ги посетував овие земји, особено Етиопија, каде што браќата се соочуваа со прогонство и со тешки искушенија. Многумина од нив беа немилосрдно малтретирани или ставени во затвор, а некои беа дури и убиени. Меѓутоа, тие останаа верни бидејќи имаа добар однос со Јехова и едни со други.

Во 1980 год. доживеав убава пресвртница во животот — се оженив со Гејл Метсон, која беше од Канада. Претходно, јас и Гејл бевме во истиот клас на школата Гилеад. Таа служеше како мисионер во Боливија, и одржувавме контакт преку писма. Повторно се сретнавме по 12 години, во Њујорк. Кратко потоа, се венчавме во Кенија. Многу сум ѝ благодарен на Гејл, бидејќи отсекогаш се трудеше да гледа на работите како што гледа Јехова и да биде задоволна со она што го има. Таа ми е мил сопатник и сѐ уште многу ме поддржува.

Во 1986 год. добивме задача да служиме во патувачкото дело, додека јас истовремено служев и во Одборот на подружницата. Заедно со Гејл посетував многу од земјите за кои се грижеше подружницата во Кенија.

Држам говор на конгрес во Асмара во 1992

Имам убави спомени од времето кога правевме подготовки за еден конгрес кој се одржа во Асмара (Еритреја), во 1992 год. Тогаш нашето дело таму не беше забрането. Не успеавме да најдеме ништо друго освен една плевна која однатре изгледаше уште полошо отколку однадвор. Но, на денот на самиот конгрес, бев воодушевен што браќата успеаја толку убаво да го средат просторот за да можеме таму да го славиме Јехова. Сѐ што не беше убаво за око беше вешто покриено со помош на украсните ткаенини кои ги донесоа многу семејства. Тоа навистина беше убав конгрес на кој имаше 1.279 присутни.

Кога започнавме со патувачката служба, тоа беше голема промена за нас. Секоја седмица престојувавме на места кои многу се разликуваа едно од друго. Еднаш бевме сместени во луксузна вила покрај океанот. Друг пат спиевме во лимена барака, а до вецето имаше повеќе од 100 метри. Но, сеедно каде служевме, нашите најубави спомени се од деновите поминати во служба со ревните пионери и објавители. Кога ја добивме нашата следна задача, моравме да се разделиме од многу наши мили пријатели кои навистина ни недостасуваа.

ГОЛЕМИ БЛАГОСЛОВИ ВО ЕТИОПИЈА

Во периодот помеѓу 1987 и 1992 год., нашето дело беше законски признаено во неколку земји за кои се грижеше подружницата во Кенија. Како резултат на тоа, беа формирани неколку нови подружници и канцеларии. Во 1993 год., почнавме да служиме во канцеларијата во Адис Абеба (Етиопија), каде што нашето дело беше законски признаено откако со децении се вршеше во тајност.

Во патувачкото дело во Етиопија во 1996

Јехова го благослови делото во Етиопија. Многу браќа и сестри започнаа со пионерска служба. Од 2012 год. па наваму, повеќе од 20 отсто од објавителите служат како општи пионери секоја година. Освен тоа, браќата и сестрите добиваа обука на теократските школи, а беа изградени и преку 120 сали за состаноци. Во 2004 год. се изгради нов Бетел, а уште еден благослов беше и конгресната сала која се изгради на истата локација.

Низ годините, јас и Гејл станавме блиски пријатели со голем број наши браќа и сестри во Етиопија. Многу ги засакавме поради нивната срдечност и добрина. Од неодамна се бориме со здравствени проблеми, и затоа бевме префрлени да служиме во подружницата за Централна Европа. Иако таму браќата многу се грижат за нас, многу ни недостасуваат нашите драги пријатели од Етиопија.

ЈЕХОВА ДАДЕ ДА РАСТЕ

Со свои очи видовме како Јехова се погрижи неговото дело да расте (1. Кор. 3:6, 9). На пример, во времето кога почнав да им сведочам на рударите од Руанда кои доаѓаа во Конго да копаат бакар, воопшто немаше објавители во Руанда. Но денес таму има преку 30.000 браќа и сестри. Во 1967 год. во Конго (Киншаса) имаше околу 6.000 објавители, додека денес има околу 230.000. А на Спомен-свеченоста во 2018 год. присуствуваа повеќе од милион лица. Во секоја од земјите за кои порано се грижеше подружницата во Кенија, вкупниот број на објавители надмина 100.000.

Пред повеќе од 50 години, Јехова се послужи со различни браќа за да ми помогне да започнам со полновремена служба. Иако и денес се борам со срамежливоста, научив да имам потполна доверба во Јехова. Она што го доживеав во Африка ми помогна да научам да бидам стрплив и задоволен. Јас и Гејл им се восхитуваме на нашите драги браќа и сестри кои покажуваат голема гостољубивост, истрајност и доверба во Бог. Многу сум му благодарен на Јехова за неговата незаслужена добрина. Тој навистина ме благослови многу повеќе отколку што можев да си замислам (Пс. 37:4).

^ пас. 11 Подоцна наречен Нашата служба за Царството, а денес Нашиот живот и служба како христијани — работни листови.

^ пас. 23 Зборот „Китавала“ доаѓа од еден израз на јазикот свахили кој значи „доминира, води, управува“. Целта на ова движење била политичка — да се постигне независност од Белгија. Следбениците на движењето Китавала собирале, проучувале и дистрибуирале публикации на Јеховините сведоци, и ги извртувале библиските учења за да ги поддржат своите политички ставови, суеверни обичаи и неморален начин на живот.