Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 27

Подготви се за прогонство уште сега

Подготви се за прогонство уште сега

Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани (2. ТИМ. 3:12)

ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто треба да се подготвиме за прогонство?

НОЌТА пред да биде погубен, нашиот Господар Исус кажал дека луѓето ќе ги мразат сите оние што ќе станат негови ученици (Јован 17:14). Оттогаш па сѐ до денес, оние што не му служат на Јехова ги прогонуваат верните христијани (2. Тим. 3:12). Како што се приближува крајот на овој свет, знаеме дека нашите непријатели уште повеќе ќе ни се противат (Мат. 24:9).

2-3. а) Зошто стравот може да биде опасен? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Како можеме уште сега да се подготвиме за прогонство? Не треба да си замислуваме какви сѐ лоши работи можат да нѐ снајдат. Ако го правиме тоа, може само да нѐ преплават стравови и грижи, и да престанеме да му служиме на Јехова уште пред да дојдат испитите (Изр. 12:25; 17:22). Стравот е моќно оружје во рацете на нашиот „противник, Ѓаволот“ (1. Пет. 5:8, 9). Што може да преземеме уште денес за да бидеме спремни за прогонството што ќе следи во иднина?

3 Во оваа статија ќе видиме како може да си го зајакнеме пријателството со Јехова и зошто е неопходно да го правиме тоа уште сега. Исто така, ќе разгледаме како може да станеме похрабри, а ќе видиме и како да се справиме со омразата на нашите противници.

КАКО МОЖЕШ ДА СИ ГО ЗАЈАКНЕШ ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО ЈЕХОВА

4. Во што мора да бидеме уверени според Евреите 13:5, 6, и зошто тоа е важно?

4 Биди уверен дека Јехова те сака и дека никогаш нема да те напушти. (Прочитај Евреите 13:5, 6.) Во еден постар број на Стражарска кула пишуваше: „Колку подобро го познаваме Бог толку поголема ќе биде нашата доверба во него во време на прогонство“. Колку се вистинити овие зборови! За да истраеме во еден таков период, мора да го сакаме Јехова, да имаме потполна доверба во него и да немаме ни најмал сомнеж во неговата љубов кон нас (Мат. 22:36-38; Јак. 5:11).

5. Што ќе ти помогне да се увериш дека Јехова те сака?

5 Читај ја Библијата секој ден со цел уште повеќе да се зближиш со Јехова (Јак. 4:8). Додека читаш, размислувај за Јеховините прекрасни особини. На темел на извештаите во кои се запишани неговите зборови или постапки, труди се да ја препознаеш неговата љубов кон тебе (2. Мој. 34:6). На некои им е тешко да веруваат дека Бог ги сака, бидејќи никој во животот не им покажал љубов. Ако и ти се сомневаш во тоа, би можел секој ден да си запишуваш на кои сѐ начини Јехова ти покажал милост и добрина (Пс. 78:38, 39; Рим. 8:32). Додека размислуваш за личните искуства што си ги доживеал и за она што го читаш од Божјата Реч, веројатно ќе можеш да наброиш многу работи што Јехова ги направил за тебе. Колку повеќе расте твоето ценење за сѐ што прави Јехова, толку поблизок ќе стануваш со него (Пс. 116:1, 2).

6. Според Псалм 94:17-19, како може да ти помогне сесрдната молитва?

6 Моли се редовно. Замисли си едно дете во топлата прегратка на својот татко. Бидејќи се чувствува сигурно и слободно, му раскажува за сѐ што му се случило тој ден, за сите убави и неубави работи. И ти можеш да имаш таков близок однос со Јехова ако сесрдно му се молиш секој ден. (Прочитај Псалм 94:17-19.) Кога му се молиш на Јехова, „излевај го како вода срцето свое“. Кажи му ги сите свои стравови и грижи на твојот добар Татко (Плач 2:19). Кој ќе биде резултатот од тоа? Ќе го почувствуваш „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7). Ако се молиш на ваков начин, ќе стануваш сѐ поблизок со Јехова (Рим. 8:38, 39).

Ќе бидеме храбри ако имаме силна вера во Јехова и во неговото Царство

Стенли Џонс имал цврста вера бидејќи знаел што сѐ ќе постигне Божјето Царство (Види во пасус 7)

7. Зошто е важно да бидеш цврсто уверен дека Божјето Царство навистина ќе ги донесе ветените благослови?

7 Биди уверен дека Божјето Царство навистина ќе ги донесе ветените благослови (4. Мој. 23:19). Ако не си цврсто уверен во тоа, Сатана и оние што се под негова контрола ќе можат многу лесно да те заплашат (Изр. 24:10; Евр. 2:15). Како можеш да си ја зголемиш довербата во Божјето Царство уште сега? Постави си цел длабоко да ги проучуваш ветувањата поврзани со Царството и размислувај зошто можеш да бидеш сигурен дека тие ќе се исполнат. Како ќе ти помогне тоа? Размисли за примерот на Стенли Џонс, кој бил седум години во затвор поради својата вера. * Што му помогнало да остане верен? Тој рекол: „Мојата вера беше цврста бидејќи знаев што сѐ ќе постигне Божјето Царство, никогаш не се посомневав во тоа. Немаше сила што можеше да ме натера да се откажам од Јехова“. Ако имаш силна вера во Божјите ветувања, ќе се чувствуваш близок со Јехова, и стравот нема да те спречи да му служиш (Изр. 3:25, 26).

8. Што открива нашиот став кон состаноците?

8 Редовно присуствувај на состаноците. Христијанските состаноци ни помагаат да стануваме поблиски со Јехова. Нашиот став кон нив открива дали ќе успееме да се соочиме со прогонството што нѐ чека во иднина (Евр. 10:24, 25). Зошто може да го кажеме тоа? Ако дозволуваме мали работи да нѐ спречат да присуствуваме на состаноците денес, како ќе биде во иднина ако властите ни забранат да се состануваме со нашите браќа и сестри? Од друга страна, ако сме решени редовно да одиме на состаноците, нема да престанеме да се собираме кога противниците ќе сакаат да нѐ спречат во тоа. Сега е вистинското време да развиеме љубов кон нашите состаноци. Ако имаме желба да бидеме присутни, никакво противење ниту забрана нема да нѐ спречат повеќе да му се покоруваме на Бог отколку на луѓето (Дела 5:29).

Учењето стихови и теократски песни напамет е добар начин да се подготвиш за прогонство (Види во пасус 9) *

9. Зошто учењето стихови напамет е добар начин да се подготвиме за прогонство?

9 Научи ги напамет твоите омилени стихови (Мат. 13:52). Можеби немаш многу добра меморија, но Јехова може да го употреби својот моќен свет дух за ти помогне да се сетиш на тие стихови (Јован 14:26). Забележи што рекол еден брат кој бил ставен во самица во еден затвор во Источна Германија: „Бев многу среќен што дотогаш имав научено напамет повеќе од 200 стиха! Иако бев сам, тие денови ми беа исполнети затоа што размислував за најразлични библиски теми“. Тие стихови му помогнале на нашиот брат да задржи близок однос со Јехова и да му остане верен.

(Види во пасус 10) *

10. Зошто треба да ги учиме теократските песни напамет?

10 Пеј ги и учи ги напамет теократските песни. Кога биле во затвор во Филипи, Павле и Сила му пееле на Јехова фалбени песни кои ги знаеле напамет (Дела 16:25). На сличен начин се зајакнувале и нашите браќа од поранешниот Советски Сојуз кога биле протерани во Сибир. Сестра Марија Федуњ рекла: „Ги пеевме сите песни од нашата песнарка што ги знаевме напамет“. Исто така, таа рекла дека тие песни ги охрабриле сите нив и им помогнале да се чувствуваат поблиски со Јехова. Дали и ти си зајакнат кога ги пееш твоите омилени теократски песни? Многу е важно да ги научиш напамет уште сега. (Види ја рамката „ Дај ми храбро срце“.)

КАКО ДА СТАНЕШ ПОХРАБАР

11-12. а) Според 1. Самоилова 17:37, 45-47, зошто Давид бил толку храбар? б) Која важна поука можеме да ја научиме од Давид?

11 За да се соочиш со прогонство, потребна ти е храброст. Што можеш да правиш ако сметаш дека не си храбра личност? Вистинската храброст не зависи од тоа колку си голем и силен или какви способности имаш. Размисли за младиот Давид кога се соочил со Голијат. Во споредба со тој огромен човек, Давид бил помал, послаб и речиси без оружје. Дури немал ни меч. Сепак, Давид бил многу храбар и смело отрчал да се бори со тој вообразен џин.

12 Зошто Давид бил толку храбар? Тој бил цврсто уверен дека Јехова е со него. (Прочитај 1. Самоилова 17:37, 45-47.) Давид не мислел на тоа колку Голијат е голем во однос на него. Тој мислел на тоа колку Голијат е мал во однос на Јехова. Што учиме од овој извештај? Ќе бидеме храбри ако сме уверени дека Јехова е со нас и ако имаме на ум дека нашите противници се мали и безначителни во споредба со Семоќниот Бог (2. Лет. 20:15; Пс. 16:8). Како можеме да станеме похрабри уште сега, пред да се соочиме со прогонство?

13. Како можеме да стекнеме поголема храброст? Објасни.

13 Можеме да стекнеме поголема храброст уште денес, така што ќе им ја пренесуваме на другите добрата вест за Божјето Царство. Зошто? Бидејќи кога проповедаме, учиме да ја полагаме нашата доверба во Јехова и да немаме страв од луѓе (Изр. 29:25). Исто како што нашите мускули се зајакнуваат кога вежбаме, така и нашата храброст се зголемува кога проповедаме од куќа до куќа, на јавни места, неформално и на деловни подрачја. Ако вложуваме труд храбро да проповедаме денес, ќе бидеме спремни да проповедаме дури и ако властите го забранат нашето дело (1. Сол. 2:1, 2).

Ненси Јуен не сакала да престане да ја проповеда добрата вест (Види во пасус 14)

14-15. Што можеме да научиме од Ненси Јуен и од Валентина Гарновскаја?

14 Многу можеме да научиме од примерот на две верни сестри кои покажале извонредна храброст. Ненси Јуен била висока едвај метар и половина, но не дозволувала другите лесно да ја заплашат. * Таа не сакала да престане да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство. Поради тоа била затворена подолго од 20 години во комунистичка Кина. Службените лица кои ја испрашувале рекле дека таа е најтврдоглавата личност во целата нивна земја!

Валентина Гарновскаја ни најмалку не се сомневала дека Јехова е со неа (Види во пасус 15)

15 Нешто слично се случило и со Валентина Гарновскаја. Таа во три наврати била затворана во поранешниот Советски Сојуз и вкупно поминала 21 година во затвор. * Зошто? Валентина била толку цврсто решена да продолжи да проповеда што била прогласена за „особено опасен криминалец“. Што им помогнало на овие две верни сестри да бидат толку храбри? Тие ни најмалку не се сомневале дека Јехова е со нив.

16. Кој е клучот за вистинска храброст?

16 Како што видовме досега, за да стекнеме поголема храброст, не смееме да се потпираме на самите себе. Напротив, треба да имаме доверба дека Јехова е со нас и дека тој ќе се бори за нас (5. Мој. 1:29, 30; Зах. 4:6). Тоа е клучот за вистинска храброст.

КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО ОМРАЗАТА НА ПРОТИВНИЦИТЕ

17-18. Според Јован 15:18-21, какво предупредување ни дал Исус? Објасни.

17 Сите се чувствуваме убаво кога другите нѐ почитуваат. Но, ако луѓето не нѐ сакаат, не смееме да мислиме дека сме безвредни. Исус рекол: „Среќни сте кога луѓето ве мразат и кога ве истеруваат од својата средина и ве навредуваат и го оцрнуваат вашето име поради Синот човечки“ (Лука 6:22). Што мислел со овие зборови?

18 Исус не сакал да каже дека на вистинските христијани ќе им биде убаво кога луѓето ќе ги мразат. Наместо тоа, сакал да нѐ предупреди за нешто што треба да го очекуваме. Ние не сме дел од овој свет. Освен тоа, живееме според учењата на Исус и ја проповедаме истата порака што ја проповедал и тој. Затоа светот нѐ мрази. (Прочитај Јован 15:18-21.) Ние сакаме да го радуваме Јехова. Ако луѓето нѐ мразат поради тоа што го сакаме нашиот Татко, тоа е нивен проблем.

19. Како можеме да го следиме примерот на апостолите?

19 Сеедно што ќе кажат или ќе направат луѓето, никогаш немој да се срамиш што си Јеховин сведок (Мих. 4:5). Можеме да го победиме стравот од човек ако размислуваме за она што го направиле апостолите во Ерусалим кратко откако Исус бил погубен. Тие знаеле колкава омраза имале еврејските верски водачи кон нив (Дела 5:17, 18, 27, 28). И покрај тоа, не криеле дека се ученици на Исус, туку продолжиле секој ден да одат во храмот и да проповедаат (Дела 5:42). Апостолите не му подлегнале на стравот. И ние можеме да се избориме со стравот од човек ако не криеме од луѓето дека сме Јеховини сведоци — сеедно дали на работа, на училиште или во местото каде што живееме (Дела 4:29; Рим. 1:16).

20. Зошто апостолите биле радосни и покрај тоа што другите ги мразеле?

20 Зошто апостолите биле радосни? Тие знаеле од која причина другите ги мразат. Освен тоа, за нив било чест што биле малтретирани поради тоа што ја вршеле Јеховината волја (Лука 6:23; Дела 5:41). Апостол Петар подоцна напишал: „Дури и ако трпите поради праведноста, среќни сте“ (1. Пет. 2:19-21; 3:14). Ако сме свесни дека другите нѐ мразат затоа што го правиме она што е исправно, нема да дозволиме таа омраза да нѐ спречи да му служиме на Јехова.

ПОДГОТВИ СЕ УШТЕ СЕГА

21-22. а) Што си решен да правиш за да се подготвиш за прогонство? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Не знаеме кога ќе се соочиме со прогонство или, пак, кога нашето дело ќе биде забрането. Сепак, знаеме дека можеме да се подготвиме уште сега така што ќе си го зајакнеме пријателството со Јехова, ќе стекнеме поголема храброст и ќе научиме како да се справиме со омразата на нашите противници. Тоа што ќе се подготвуваме уште денес ќе ни помогне да останеме цврсти и во иднина.

22 Но, што да правиме ако нашето дело се забрани? Во следната статија ќе разгледаме некои библиски начела кои ќе ни помогнат да продолжиме да му служиме на Јехова дури и под забрана.

ПЕСНА 118 „Дај ни уште вера!“

^ пас. 5 Ние не сакаме другите да нѐ мразат. Но, порано или подоцна, секој од нас ќе се соочи со прогонство. Оваа статија ќе ни помогне да бидеме храбри и подготвени за прогонство.

^ пас. 7 Види во Стражарска кула од 15 декември 1965, стр. 756-767 (англ.).

^ пас. 14 Види во Стражарска кула од 15 јули 1979, стр. 4-7 (англ.). Види го и интервјуто со Ненси Јуен на JW Broadcasting® на српски јазик.

^ пас. 67 ОПИС НА СЛИКАТА: За време на Семејната вечер, родителите користат картички за да им помогнат на децата да запомнат библиски стихови.

^ пас. 70 ОПИС НА СЛИКАТА: На пат кон состанок, едно семејство пее теократски песни во колата.