Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 28

Биди уверен дека она во што веруваш е вистина

Биди уверен дека она во што веруваш е вистина

Остани во она што си го научил и во кое си се уверил (2. ТИМ. 3:14)

ПЕСНА 56 Нека те води вистината!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. На што мислиме кога го користиме изразот „вистината“?

„КАКО ја дозна вистината?“ „Дали си пораснат во вистината?“ „Колку долго си во вистината?“ Веројатно некој ти ги има поставено овие прашања или, пак, ти им ги имаш поставено на другите. Но, на што мислиме кога го користиме изразот „вистината“? Обично мислиме на нашите верувања, на начинот на кој го славиме Бог и на нашиот начин на живот. Оние што се „во вистината“ знаат што учи Библијата и живеат во склад со библиските начела. Како резултат на тоа, тие повеќе не се под влијание на лажните верски учења и водат најдобар можен начин на живот како несовршени луѓе (Јован 8:32).

2. Според Јован 13:34, 35, што може во почетокот да привлече некого кон вистината?

2 Што те привлече кон вистината во почетокот? Дали тоа беше убавото однесување на Јеховините сведоци? (1. Пет. 2:12). Или можеби љубовта што ја покажуваат кон другите? Мнозина го забележуваат тоа уште на првиот состанок на кој ќе дојдат. Најчесто таа љубов остава многу посилен впечаток врз нив отколку самата програма. Ова не нѐ изненадува бидејќи Исус рекол дека љубовта ќе биде главното обележје на неговите ученици. (Прочитај Јован 13:34, 35.) Но, за да имаш цврста вера, потребно е нешто повеќе.

3. Што може да се случи ако твојата вера во Јехова се заснова само на тоа што гледаш дека неговите слуги си покажуваат љубов?

3 Не треба да ја прифатиш вистината само затоа што гледаш дека Јеховините слуги си покажуваат љубов. Зошто ова не е доволно? Затоа што, ако твојата вера се темели само на тоа, би можел лесно да се поколебаш. На пример, што ако некој соверник, можеби дури и некој старешина или пионер, направи тежок грев? Или ако некој брат или сестра те повреди? Што ако некој стане отпадник и почне да тврди дека ја немаме вистината? Таквите работи би можеле да те спрепнат и да те наведат да престанеш да му служиш на Јехова. Значи, за да биде цврста, твојата вера мора да се темели на твојот личен однос со Бог, а не само на однесувањето на другите луѓе. Освен тоа, не треба да ја градиш својата вера само со симболични меки материјали, односно со чувства и емоции, туку треба да користиш цврсти факти и непобитна логика. Мора самиот да се увериш дека вистината за Јехова се наоѓа во Библијата (Рим. 12:2).

4. Според Матеј 13:3-6, 20, 21, што се случува со некои кога верата им е ставена на испит?

4 Исус рекол дека некои ќе ја прифатат вистината „со радост“, но кога нивната вера ќе биде ставена на испит, ќе се поколебаат и ќе се спрепнат. (Прочитај Матеј 13:3-6, 20, 21.) Можеби тие не сфатиле дека оние што ќе го следат Исус ќе имаат неволји (Мат. 16:24). Или, пак, сметале дека, ако станат христијани, ќе немаат никакви грижи и тешкотии, туку само благослови. Но, во овој несовршен свет не е можно да немаме никакви проблеми. Околностите можат да се сменат, и поради тоа некое време радоста би можела да ни се намали (Пс. 6:6; Проп. 9:11).

5. Како повеќето браќа и сестри докажуваат дека се уверени дека ја пронашле вистината?

5 Повеќето браќа и сестри докажуваат дека се уверени дека ја пронашле вистината. Како? Така што не се колебаат во верата кога некој соверник ќе ги повреди или, пак, ќе ги прекрши библиските начела (Пс. 119:165). Со секој испит, нивната вера не заслабнува туку, напротив, се зајакнува (Јак. 1:2-4). Како можеш и ти да изградиш таква цврста вера?

ДОБРО ЗАПОЗНАЈ ГО БОГ

6. На што ја темелеле својата вера христијаните во првиот век?

6 Христијаните во првиот век ја граделе својата вера на темел на своето познавање на светите списи, како и на учењата на Исус Христос, односно „вистината на добрата вест“ (Гал. 2:5). Во оваа вистина спаѓаат сите учења во кои веруваме како христијани, вклучувајќи го и она што го знаеме за откупната жртва на Исус и за неговото воскресение. Апостол Павле бил уверен дека овие учења се вистинити. Зошто? Затоа што внимателно ги проучувал списите и ги користел за да докаже дека Христос требало „да страда и да стане од мртвите“ (Дела 17:2, 3). Учениците од првиот век ги прифатиле тие учења и се потпирале на помошта од светиот дух за да ја разберат Божјата Реч. Тие проучувале за да се уверат дека овие учења се темелат на Писмата (Дела 17:11, 12; Евр. 5:14). Не ја темелеле својата вера само на чувства и емоции, и не му служеле на Јехова само затоа што им било убаво да се дружат со соверниците. Напротив, тие имале цврста вера затоа што добро го познавале Бог (Кол. 1:9, 10).

7. Како нашата цврста вера во библиската вистина може да ни помогне?

7 Вистините од Божјата Реч се непроменливи (Пс. 119:160). Тие не се менуваат ако некој соверник нѐ навреди или направи тежок грев. И не се менуваат кога доживуваме неволји. Затоа треба добро да ги познаваме библиските учења и да бидеме уверени дека тие се вистинити. Така, кога ќе се најдеме на испит, нашата вера која се темели на библиската вистина ќе биде како цврста котва која го држи бродот на едно место дури и кога беснее силна бура. Како можеш уште повеќе да се увериш дека она во што веруваш е вистина?

УВЕРИ СЕ ВО ОНА ШТО СИ ГО НАУЧИЛ

8. Според 2. Тимотеј 3:14, 15, како Тимотеј се уверил дека ја нашол вистината?

8 Тимотеј бил уверен дека ја нашол вистината. Како дошол до тој заклучок? (Прочитај 2. Тимотеј 3:14, 15.) Најпрво неговата мајка и неговата баба го поучиле за „светите списи“. Но, без сомнение и самиот вложувал време и сила да ги проучува тие списи. Како резултат на тоа, се уверил дека она што е напишано во нив е вистината. Подоцна Тимотеј, мајка му и баба му ги дознале христијанските учења. Без сомнение, љубовта што ја покажувале учениците на Исус оставила силен впечаток врз Тимотеј. Тој сигурно имал силна желба да се дружи со своите духовни браќа и сестри, и да се грижи за нив (Фил. 2:19, 20). Сепак, не ја темелел својата вера само на тоа, туку на факти кои му помогнале да се зближи со Јехова. И ти мора да ја проучуваш Библијата и мора самиот да донесуваш логични заклучоци за она што го учиш за Бог.

9. Во кои три основни вистини треба да се увериш?

9 За почеток, треба да се увериш во три основни вистини. Прво, треба да се увериш дека Јехова е Творецот на сѐ (2. Мој. 3:14, 15; Евр. 3:4; Отк. 4:11). Второ, мора да си докажеш дека Библијата е Божја порака за луѓето (2. Тим. 3:16, 17). И трето, треба да бидеш сигурен дека Јехова има организиран народ кој го слави под водството на Христос, и дека тој народ се Јеховините сведоци (Иса. 43:10-12; Јован 14:6; Дела 15:14). За да се увериш во овие три основни вистини не е потребно да бидеш „подвижна енциклопедија“ и да знаеш сѐ за Библијата. Целта на твоето проучување треба да биде да го користиш својот разум за уште повеќе да се увериш дека ја имаш вистината (Рим. 12:1).

ПОМАГАЈ ИМ И НА ДРУГИТЕ ДА СТЕКНАТ ЦВРСТА ВЕРА

10. Освен што ги знаеме библиските вистини, што друго треба да научиме?

10 Откако самиот ќе се увериш во овие три основни вистини за Бог, за Библијата и за Божјиот народ, треба да научиш да ја користиш Јеховината Реч за да им ги докажеш овие вистини на другите. Зошто? Затоа што, како христијани, имаме должност да им ги пренесеме вистините што сме ги дознале на оние кои се спремни да слушаат * (1. Тим. 4:16). Додека се трудиме да ги увериме другите во библиските вистини, и самите уште повеќе се уверуваме во нив.

11. Каков пример дал апостол Павле со начинот на кој ги поучувал другите, и како може да го следиме?

11 Кога ги поучувал луѓето, апостол Павле им изнесувал „уверливи докази за Исус од Мојсеевиот закон и од Пророците“ (Дела 28:23). Како може да го следиме неговиот пример кога ги поучуваме другите за вистината? Не е доволно само да им изнесуваме факти. Мора да ги научиме интересентите сами да проучуваат и внимателно да размислуваат за она што го учат од Библијата за да можат да се зближат со Јехова. Ние не сакаме да ја прифатат вистината затоа што нѐ ценат нас. Сакаме самите да се уверат дека она што го учат е вистината за нашиот грижлив Бог.

Родители, помогнете им на децата да стекнат вера така што ќе ги поучувате за „Божјите длабочини“ (Види во пасуси 12-13) *

12-13. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да останат во вистината?

12 Родители, вие сигурно сакате вашите деца да останат во вистината. Можеби си мислите дека, ако имаат добро друштво во собранието, ќе стекнат цврста вера. Сепак, за да се уверат дека ја имаат вистината, не е доволно само да бидат опкружени со добри пријатели. Мора да развијат близок личен однос со Бог и да бидат сигурни дека она што стои во Библијата е вистина.

13 Ако сакаат да ги поучат децата за вистината за Бог, родителите мора да им дадат добар пример така што самите внимателно ќе ја истражуваат Библијата и ќе одвојуваат време длабоко да размислуваат за неа. Тогаш ќе можат да ги поучат и децата да го прават тоа. Слично како што ги поучуваат интересентите, родителите треба да ги научат и своите деца да истражуваат со помош на сето она што организацијата ни го става на располагање. Така ќе им помогнат да го засакаат Јехова и да имаат доверба во „верниот и разборит роб“ кого тој го користи да ни дава духовна храна (Мат. 24:45-47). Родители, не е доволно само да ги поучите децата за основните библиски вистини. Помогнете им да изградат цврста вера така што ќе ги поучувате за „Божјите длабочини“, се разбира, во склад со нивната возраст и способности (1. Кор. 2:10).

ПРОУЧУВАЈ ГИ БИБЛИСКИТЕ ПРОРОШТВА

14. Зошто треба да ги проучуваме библиските пророштва? (Види ја и рамката „ Можеш ли да ги објасниш овие пророштва?“)

14 Библиските пророштва се важен дел од Божјата Реч и ни помагаат да изградиме цврста вера во Јехова. Кои пророштва тебе ти ја зајакнале верата? Можеби пророштвата за „последните денови“ (2. Тим. 3:1-5; Мат. 24:3, 7). Но, кои други исполнети пророштва можат да го зацврстат твоето уверување во вистинитоста на Библијата? На пример, можеш ли да објасниш како се исполниле и како сѐ уште се исполнуваат пророштвата од Даниел, поглавје 2 или од Даниел, поглавје 11? * Ако твојата вера цврсто се темели на Библијата, ништо нема да ја сруши. Да го разгледаме примерот на нашите браќа кои претрпеле сурово прогонство во Германија во текот на Втората светска војна. Иако не ги разбирале во потполност библиските пророштва за последните денови, тие имале силна вера во Божјата Реч.

Тоа што ќе ја проучуваме Библијата, вклучувајќи ги и пророштвата, ќе ни помогне да му останеме верни на Јехова кога ќе бидеме прогонувани (Види во пасуси 15-17) *

15-17. Како проучувањето на Библијата ги зајакнало нашите браќа кои биле прогонувани од нацистите?

15 За време на нацистичкиот режим во Германија, неколку илјади наши браќа и сестри биле ставени во концентрациони логори. Хитлер, како и Хајнрих Химлер, кој бил заповедник на СС-единиците, ги мразеле Јеховините сведоци. Според изјавата на една сестра, Химлер им рекол на една група наши сестри во еден логор: „Можеби вашиот Јехова владее на небото, но овде на Земјата владееме ние! Ќе ви покажеме кој ќе трае подолго, вие или ние!“ Што им помогнало на Јеховините слуги да останат верни?

16 Овие Истражувачи на Библијата знаеле дека Божјето Царство почнало да владее во 1914 год. Тие не биле изненадени од жестокото противење со кое се соочиле. Сепак, Јеховиниот народ бил уверен дека ниту една човечка влада не може да го спречи Бог да ја изврши својата намера. Знаеле дека Хитлер нема да може да ја уништи вистинската религија ниту да воспостави влада која ќе биде посилна од Божјето Царство. Нашите браќа биле сигурни дека, кога-тогаш, на неговото владеење ќе му дојде крај.

17 Дали се покажало дека се во право? Да! По некое време, нацистичкиот режим навистина се распаднал. А Хајнрих Химлер — човекот што рекол: „Овде на Земјата владееме ние“ — бил принуден да бега за да се спаси. Додека бил во бегство, се сретнал со брат Либке, поранешен затвореник кого тој го препознал. Во краен очај, Химлер го прашал: „И, Истражувачу на Библијата, што ќе биде сега?“ Брат Либке му објаснил дека Јеховините сведоци цело време знаеле дека нацистичкиот режим ќе пропадне и дека тие ќе бидат избавени. Химлер, кој пред тоа зборувал сѐ и сешто за Јеховините сведоци, овој пат немал што да каже. Кратко потоа извршил самоубиство. Што учиме од ова? Ако ја проучуваме Библијата, вклучувајќи ги и пророштвата запишани во неа, може да изградиме непоколеблива вера во Бог која ќе ни помогне да му останеме верни кога ќе бидеме прогонувани (2. Пет. 1:19-21).

18. Како што се гледа од Јован 6:67, 68, зошто треба добро да ги разбираме работите?

18 Секој од нас треба да покажува љубов бидејќи тоа е главното обележје на вистинските христијани. Но, исто така, Павле рекол: „Се молам... вашето знаење да се продлабочува, и сѐ потемелно да ги разбирате работите“ (Фил. 1:9, Радосна Вест). Во спротивно, врз нас лесно можат да влијаат секакви учења што ги шират „луѓето кои се служат со измама“, вклучувајќи ги и отпадниците (Еф. 4:14). Кога многу од учениците во првиот век престанале да го следат Христос, апостол Петар останал цврсто уверен дека Исус ги има „зборовите на вечниот живот“. (Прочитај Јован 6:67, 68.) Иако во тоа време не го разбирал во потполност сето она што го кажувал неговиот Господар, Петар останал верен затоа што му било јасно кој е Христос. И ти можеш уште повеќе да ја зацврстиш својата увереност во вистинитоста на она што го учи Библијата. Ако го направиш тоа, твојата вера ќе го положи испитот на времето, а ќе можеш и самиот да им ја зајакнуваш верата на другите (2. Јов. 1, 2).

ПЕСНА 72 Да ја објавуваме вистината за Царството!

^ пас. 5 Оваа статија ќе ни помогне да ги цениме вистините од Божјата Реч. Освен тоа, во неа ќе разгледаме како може уште повеќе да се увериме дека она во што веруваме е вистина.

^ пас. 10 За да можеш да разговараш со други луѓе за основните библиски учења, види ја рубриката „Разговор на библиски теми“, што излегуваше во Стражарска кула од 2010 до 2015 год. Меѓу другото, во неа излегоа следниве статии: „Дали Исус е Бог?“, „Кога почнало да владее Божјето Царство?“ и „Дали Бог ги казнува луѓето во пекол?

^ пас. 14 Повеќе информации за овие пророштва има во Стражарска кула од 15 јуни 2012 и од мај 2020.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: На Семејната вечер, родителите ги проучуваат библиските пророштва за големата неволја заедно со своите деца.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Во текот на големата неволја, ова семејство нема да биде изненадено од она што ќе се случува.