Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Го направив она што бев должен да го направам

Го направив она што бев должен да го направам

ПОВЕЌЕ од три децении, Доналд Ридли ги застапуваше правните интереси на Јеховините сведоци. Тој одигра важна улога во застапувањето на правото на пациентите да одбијат трансфузија на крв. Ѝ помогна на организацијата да победи во неколку судски случаи на вишите судови во САД. Дон, како што го нарекуваа пријателите, беше трудољубив, понизен и самопожртвуван брат.

Во 2019 год., кај него беше откриено ретко заболување на нервниот систем за кое нема лек. Болеста брзо напредуваше, и тој почина на 16 август 2019 год. Во продолжение следи неговата животна приказна.

Роден сум во Сент Пол (Минесота, САД) во 1954 год. Пораснав во католичко семејство, и бев второто од пет деца. Не бевме ниту богати ниту сиромашни. Како дете, одев во католичко училиште и му помагав на свештеникот во текот на мисата. Но, не знаев речиси ништо за Библијата. Иако верував дека мора да постои Бог кој создал сѐ, потполно изгубив доверба во црквата.

КАКО ЈА ДОЗНАВ ВИСТИНАТА

Во првата година откако се запишав на правен факултет, на врата ми дојде еден брачен пар Јеховини сведоци. Бидејќи во тој момент бев зафатен со нешто, тие љубезно ми рекоа дека ќе навратат во друга прилика. Кога дојдоа по втор пат, им поставив две прашања: „Зошто добрите луѓе си поминуваат полошо во животот?“ и „Како може некој да биде вистински среќен?“ Ми ја оставија книгата Вистина која води до вечен живот и Светото писмо — превод Нов свет, кое имаше впечатливи зелени корици. А се согласив и да ја проучувам Библијата со нив. Тоа навистина ми ги отвори очите. Бев пресреќен кога дознав дека Божјето Царство е влада која ќе биде воспоставена над целата Земја. Ми беше јасно дека човечките влади ужасно потфрлиле и дека нанеле неизмерно страдање, болки и неправди.

Во почетокот на 1982 год., му го заветував својот живот на Јехова. Се крстив подоцна истата година на конгресот „Вистината за Царството“, кој се одржа во културниот центар Сент Пол. Следната седмица, во истиот тој центар полагав адвокатски испит. Во почетокот на октомври дознав дека сум го положил испитот, што значеше дека ќе можам да работам како адвокат.

На конгресот „Вистината за Царството“ се запознав со Мајк Ричардсон, кој служеше во Бетелот во Бруклин. Тој ми кажа дека во главното седиште било основано правно одделение. Се сетив на зборовите на етиопскиот дворјанин од Дела 8:36, и се прашав: „Што ме спречува да се пријавам да служам во правното одделение?“ Така поднесов молба за Бетел.

На моите родители не им беше мило што станав Јеховин сведок. Татко ми ме праша како таа работа во Бетел ќе ми користи во мојата адвокатска кариера. Му објаснив дека ќе служам како доброволец и дека месечно ќе добивам 75 долари, колку што во тоа време изнесуваше паричниот надоместок на бетелските слуги.

Бидејќи пред тоа имав потпишано договор да стажирам во еден суд, не можев веднаш да започнам со бетелска служба. Отидов во Бетелот во Бруклин (Њујорк) во 1984 год. Таму добив задача да служам во правното одделение. Искуството што го стекнав во судот ме подготви за она што следеше.

РЕНОВИРАЊЕ НА ТЕАТАРОТ СТЕНЛИ

Театарот Стенли кога беше купен

Нашата организација го купи театарот Стенли во Џерси Сити (Њу Џерси) во ноември 1983 год. Браќата побарале дозвола да ги реновираат водоводната инсталација и електроинсталацијата во објектот. На средбата со претставници на локалната управа, тие објасниле дека сакаат да го користат театарот Стенли како конгресна сала на Јеховините сведоци. Но, ова претставувало проблем бидејќи урбанистичкиот план на градот дозволува да има верски објекти само во станбени подрачја. Бидејќи театарот Стенли се наоѓа на деловно подрачје во центарот, градската управа одбила да ги издаде потребните дозволи. Браќата поднеле жалба на таа одлука, но жалбата била одбиена.

Во текот на мојата прва седмица во Бетел, организацијата покрена правна постапка во федералниот окружен суд против градската управа која одби да ни ги издаде дозволите. Бидејќи штотуку завршив со моето двегодишно стажирање во федералниот окружен суд во Сент Пол (Минесота), ваквите случаи ми беа познати. Еден од аргументите на нашите адвокати беше дека театарот Стенли веќе бил користен за најразлични јавни настани, од филмови до рок-концерти. Тогаш зошто би било незаконски во него да се одржуваат настани од верска природа? Откако го разгледа случајот, федералниот окружен суд пресуди дека управата на Џерси Сити ја прекршила нашата слобода на вероисповед. Судот им наложи на градските власти да ни ги издадат потребните дозволи. Од прва рака видов како Јехова го благословува тоа што неговата организација користи законски средства за да се извршува неговото дело. Бев многу среќен што и самиот можев да имам удел во тоа.

Реновирањето беше огромен проект. Сепак, за помалку од една година откако браќата почнаа со работа, во оваа конгресна сала во Џерси Сити се одржа допломирањето на 79-тиот клас на Школата Гилеад на 8 септември 1985 год. За мене беше чест што можев да ја дадам својата поддршка за Царството заедно со другите браќа од правното одделение. Тоа ми донесе поголемо задоволство и радост од кој и да било друг успех што го имав како правник пред да дојдам во Бетел. Тогаш ни на крај памет не ми паѓаше дека Јехова ќе ме користи уште во многу други судски случаи.

ВО ОДБРАНА НА ПРАВОТО ЗА БЕСКРВНО ЛЕКУВАЊЕ

Во 1980-тите, често се случуваше лекарите и болниците да не го почитуваат правото за бескрвно лекување на возрасни Јеховини сведоци. Бремените жени наидуваа на уште поголеми пречки бидејќи судиите честопати сметаа дека особено тие немаат законско право да одбијат трансфузија. Тврдеа дека, ако не ѝ се даде трансфузија на жената, бебето може да остане без мајка.

На 29 декември 1988 год., сестра Дениз Николо имала обемно крварење откако се породила со синот. Хемоглобинот ѝ паднал под 5, и лекарот сакал да ѝ се даде трансфузија на крв, но таа одбила. Следното утро, болницата побарала судски налог за да може болничкиот персонал да ѝ даде трансфузија, која според лекарите била неопходна. Без да го сослуша ставот на сестра Николо, и без да ги извести неа и нејзиниот маж, судијата ја овластил болницата да ѝ даде трансфузија.

Во петок, на 30 декември, на сестра Николо ѝ била дадена трансфузија и покрај приговорите на нејзиниот сопруг и на други членови на семејството кои биле крај нејзината постела. Таа вечер, некои од нејзиното семејство, како и неколку старешини, биле уапсени затоа што наводно направиле „човечки ѕид“ околу постелата на сестра Николо за да спречат да ѝ се даде трансфузија. Во сабота наутро, на 31 декември, многу весници, како и ТВ и радиостаници, во Њујорк и на Лонг Ајленд известиле за овие апсења.

Со Филип Брамли кога бевме помлади

Утрото во понеделник, зборував со претседавачкиот судија, Милтон Молен. Му ги изнесов фактите од овој случај, и јасно му ставив до знаење дека судијата на понискиот суд потпишал налог за трансфузија без да има сослушување. Судијата Молен рече да дојдам во неговиот кабинет тоа попладне за да ги разгледаме фактите и законите кои важат за овој случај. Таа вечер, мојот надгледник Филип Брамли дојде заедно со мене во кабинетот на судијата Молен. Судијата го имаше покането и адвокатот на болницата. Се водеше вжештена дискусија. Во еден момент, брат Брамли ми напиша на својот бележник: „Полека, посмирено“. Тоа навистина беше добар совет бидејќи жестоко се обидував да ги побијам аргументите на адвокатот.

Од лево на десно: Ричард Моук, Грегори Олдс, Пол Полидоро, Филип Брамли, јас и Марио Морено. Ние бевме шесте адвокати на нашата организација кои присуствуваа кога имаше усно излагање во Врховниот суд на САД во случајот Watchtower против селото Стратон. (Види во Разбудете се! од 8 јуни 2003.)

По речиси еден час, судијата Молен рече дека следниот ден овој случај ќе биде прв на дневниот ред. Додека излегувавме од неговиот кабинет, тој рече дека адвокатот на болницата го чека тежок ден, односно дека нема да му биде лесно да изнесе издржани докази во својата одбрана. На некој начин, Јехова ме увери дека имаме големи шанси да го добиеме овој случај. Иако бевме обични луѓе, тој навистина нѐ користеше на моќен начин!

Работевме до доцна во ноќта за да го подготвиме нашето излагање за следното утро. Бидејќи судницата беше многу близу до Бетелот во Бруклин, повеќето од нашето мало правно одделение отидоа пешки. Откако ги сослуша нашите аргументи, комисијата од четворица судии го поништи налогот за трансфузија. Вишиот суд пресуди во корист на сестра Николо, и потврди дека издавањето судски налог без да се извести или сослуша пациентот претставува кршење на основните уставни права.

Недолго потоа, највисокиот суд на државата Њујорк потврди дека сестра Николо имала право да одбие трансфузија на крв. Во врска со крвта беа донесени четири поволни пресуди на највисоките судови на сојузните држави во САД. Ова беше првиот таков случај во кој имав удел. (Види ја рамката „ Победи на високите судови во САД“.) Заедно со други адвокати од Бетел учествував и во случаи поврзани со старателство над деца, развод, недвижнини и закони за урбанистичко планирање.

БРАК И СЕМЕЈСТВО

Со жена ми, Доун

Кога првпат ја сретнав жена ми, Доун, таа беше разведена самохрана мајка со три деца. Работеше да го издржува семејството и истовремено служеше како пионер. Иако имала тежок живот, таа беше цврсто решена да му служи на Јехова. Тоа ми остави многу силен впечаток. Во 1992 год., кога присуствувавме на обласниот конгрес „Светлоносци“ во Њујорк, ја прашав дали би сакала подобро да се запознаеме. Се венчавме една година подоцна. Тоа што имам духовно зрела жена со смисла за хумор за мене е вистински дар од Јехова. Откако сме заедно, Доун навистина „ми возвраќа само со добро“ (Изр. 31:12).

Кога се земавме, децата имаа 11, 13 и 16 години. Сакав да им бидам добар татко, и затоа внимателно се трудев да ги читам и да ги применувам сите совети за семејства со очув или маќеа што можев да ги најдам во нашите публикации. Иако низ годините не беше секогаш лесно, се радувам што децата ме прифатија како доверлив пријател и грижлив родител. Нашата врата секогаш беше отворена за нивните пријатели, и навистина уживавме што куќата ни беше полна со млади луѓе.

Во 2013 год., јас и Доун се преселивме во Висконсин за да се грижиме за нашите остарени родители. На мое изненадување, можев и понатаму да помагам во Бетел. Како привремен доброволец, продолжив да ѝ помагам на организацијата во разни правни работи.

НЕНАДЕЈНА ПРОМЕНА

Во септември 2018 год., забележав дека имам потреба често да си го прочистувам грлото. Матичниот лекар ме прегледа, но не можеше да утврди што е проблемот. Подоцна еден друг лекар предложи да појдам кај невролог. Во јануари 2019 год., неврологот ми кажа дека се сомнева дека имам една ретка болест на нервниот систем, наречена прогресивна супрануклеарна парализа.

Три дена подоцна, додека бев на лизгалиште, паднав и си го скршив рачниот зглоб. Цел живот уживав во лизгањето — тоа беше дел од мене. Затоа ми стана јасно дека почнувам да губам контрола над моите движења. Не очекував болеста да напредува толку брзо. Сѐ потешко ми е да зборувам, да се движам и да голтам.

Многу сум среќен што можев да го искористам моето искуство како адвокат за да ѝ помагам на Јеховината организација. Освен тоа, напишав многу статии кои излегоа во стручни списанија за правни и медицински лица. Држев говори на семинари низ целиот свет, бранејќи го правото на Јеховините слуги да изберат операции и лекување без трансфузија на крв. Сепак, можам да го кажам истото што го запишал библискиот писател Лука: „Јас сум бескорисен роб. Го направив она што бев должен да го направам“ (Лука 17:10).