Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 30

Продолжи да живееш според вистината

Продолжи да живееш според вистината

За мене нема поголема радост од тоа да чујам дека моите деца живеат според вистината (3. ЈОВ. 4)

ПЕСНА 54 Тој е патот!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Според 3. Јованово 3, 4, што нѐ прави среќни?

ЗАМИСЛИ СИ колку бил среќен апостол Јован кога чул дека оние на кои им помогнал да ја дознаат вистината и понатаму верно му служат на Јехова! Тие верни христијани, кои Јован ги сметал за свои духовни деца, се соочиле со многу проблеми. Затоа, тој многу се трудел да им ја зајакне верата. Исто како него, и ние сме среќни кога нашите деца или оние што сме ги поучувале за вистината му го заветуваат животот на Јехова и истрајно му служат. (Прочитај 3. Јованово 3, 4.)

2. Зошто Јован ги напишал своите посланија?

2 Во 98 год. од н.е., Јован веројатно живеел во градот Ефес или во неговата околина. Можеби отишол таму откако бил ослободен од островот Патмос, каде што бил во изгнанство. Отприлика во тоа време, под водство на Јеховиниот свет дух, Јован напишал три посланија. Со нив сакал да ги поттикне верните христијани да ја зачуваат својата вера во Исус и да продолжат да живеат според вистината.

3. Кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?

3 Јован, единствениот апостол кој бил жив на крајот од првиот век, бил загрижен поради лошото влијание што го имале лажните учители врз собранијата * (1. Јов. 2:18, 19, 26). Тие отпадници тврделе дека го познаваат Бог, но не ги држеле Јеховините заповеди. Во оваа статија ќе видиме какви совети дал Јован и ќе го добиеме одговорот на три прашања: Што треба да правиме за да живееме според вистината? Што може да нѐ спречи во тоа? И како можеме да си помагаме да останеме во вистината?

ШТО ТРЕБА ДА ПРАВИМЕ ЗА ДА ЖИВЕЕМЕ СПОРЕД ВИСТИНАТА?

4. Според 1. Јованово 2:3-6 и 2. Јованово 4, 6, што треба да правиме за да живееме според вистината?

4 За да живееме според вистината, најпрво треба да ја знаеме вистината од Божјата Реч, Библијата. Освен тоа, мора да „ги држиме [Јеховините] заповеди“, односно да им бидеме послушни. (Прочитај 1. Јованово 2:3-6; 2. Јованово 4, 6.) Исус му бил потполно послушен на Јехова, и со тоа ни дал совршен пример. Ќе му бидеме послушни на Бог ако се трудиме во сѐ да одиме по Христовите стапки (Јован 8:29; 1. Пет. 2:21).

5. Во што мора да бидеме уверени?

5 За да живееме според вистината, мора да се увериме дека Јехова е Богот на вистината. Со други зборови, мора да веруваме дека сето она што го кажал во својата Реч, Библијата, е вистина. Исто така, мора да бидеме цврсто уверени дека Исус е ветениот Месија. Многумина денес не веруваат дека тој е помазан за Цар на Божјето Царство. Јован предупредил дека уште во негово време имало „многу измамници“, кои можеле да ги заведат оние што не се спремни да ја бранат вистината за Јехова и за Исус (2. Јов. 7-11). Тој напишал: „Кој е лажливец ако не оној што одрекува дека Исус е Христос?“ (1. Јов. 2:22). Единствен начин да не бидеме измамени е да ја проучуваме Божјата Реч. Само така ќе можеме добро да ги запознаеме Јехова и Исус (Јован 17:3). И само така ќе се увериме дека ја имаме вистината.

КОИ ПРЕЧКИ ТРЕБА ДА ГИ СОВЛАДАМЕ?

6. На која пречка наидуваат младите христијани?

6 Сите христијани мора да пазат да не бидат измамени од човечки идеи и сфаќања (1. Јов. 2:26). Особено младите христијани треба да внимаваат на оваа замка. Алексија, * една сестра од Франција која има 25 години, вели: „Кога одев на училиште, бев малку збунета од она што го учев, особено од теоријата за еволуција и од она што го слушав на часот по филозофија. Понекогаш тоа ми звучеше логично. Но, си реков дека не би било во ред да ги слушам само тие идеи, без да му дадам шанса на Јехова да си го каже своето“. Алексија ја проучувала книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? За неколку седмици, сите нејзини сомнежи исчезнале. Алексија вели: „Се уверив дека она што го пишува во Библијата е вистина. И сфатив дека, ако живеам според библиските мерила, ќе бидам среќна и ќе имам мир“.

7. На кој притисок не смееме да попуштиме, и зошто?

7 Сите христијани, и млади и стари, не смеат да попуштат на притисокот да водат двоен живот. Јован истакнал дека не можеме да живееме според вистината и во исто време да живееме неморално (1. Јов. 1:6). Ако сакаме Јехова да нѐ смета за свои пријатели не смееме никогаш да заборавиме дека неговите очи се постојано врз нас. Всушност, не постои таен грев, бидејќи Бог гледа сѐ што правиме (Евр. 4:13).

8. Каков став не смееме да имаме?

8 Не смееме да го прифатиме ставот што светот го има кон гревот. Апостол Јован напишал: „Ако кажеме: ’Немаме грев‘, самите себе се залажуваме“ (1. Јов. 1:8). Во негово време, отпадниците тврделе дека некој може намерно да греши и сепак да има добар однос со Бог. И денес живееме меѓу луѓе кои имаат сличен став. Многумина тврдат дека веруваат во Бог, но не се согласуваат со неговото гледиште за гревот, особено кога станува збор за сексуалниот неморал. Она што за Бог е грев тие го сметаат за личен избор или алтернативен начин на живот.

Млади, уверете се зошто Јехова вели дека нешто е исправно или погрешно. Така ќе можете храбро да ја браните својата вера (Види во пасус 9) *

9. Каква корист имаат младите ако цврсто се држат за библиските мерила?

9 Особено младите христијани се под притисок да ги прифатат ставовите што нивните соученици или колеги ги имаат кон сексуалниот неморал. Токму тоа му се случило на Александар. Тој вели: „Некои од девојките на училиште ми вршеа притисок да имам односи со нив. Бидејќи немав девојка, велеа дека сигурно сум хомосексуалец“. Дали и ти се соочуваш со слични испити? Имај на ум дека тоа што цврсто ќе се држиш за библиските мерила ќе ти помогне да си ги зачуваш самопочитта, физичкото и емоционалното здравје, и добриот однос со Јехова. Кога секогаш одново им се спротивставуваш на искушенијата, со текот на времето станува полесно да го правиш она што е исправно. Освен тоа, не заборавај дека Сатана е тој што стои зад изопаченото гледиште кое светот го има за сексуалните односи. Затоа, секогаш кога одбиваш да попуштиш на притисокот, ти го победуваш Злобниот (1. Јов. 2:14).

10. Како 1. Јованово 1:9 ни помага да му служиме на Јехова со чиста совест?

10 Ние признаваме дека Јехова е тој кој има право да одлучува што е исправно а што погрешно. И даваме сѐ од себе за да не направиме грев. Но, ако сепак се случи да згрешиме, му го признаваме тоа на Јехова во молитва. (Прочитај 1. Јованово 1:9.) А ако направиме тежок грев, бараме помош од старешините кои Бог ги поставил да се грижат за нас (Јак. 5:14-16). Сепак, не треба да дозволиме постојано да нѐ измачуваат чувства на вина поради грешките што сме ги направиле во минатото. Зошто? Затоа што нашиот грижлив Татко го дал својот Син како откупна жртва за да ни бидат простени гревовите. Кога вели дека ќе им прости на оние што се каат за своите гревови, Јехова навистина го мисли тоа. Значи, нема ништо што може да нѐ спречи да му служиме со чиста совест (1. Јов. 2:1, 2, 12; 3:19, 20).

11. Како може да се заштитиме од лаги што би можеле да ни ја поткопаат верата?

11 Не смееме да се изложуваме на идеите што ги шират отпадниците. Уште откако било основано христијанското собрание, Ѓаволот се служел со многу измамници за да посее сомнежи во умот на верните Божји слуги. Затоа, треба да знаеме како да процениме што е вистина, а што е лага. * Нашите непријатели можат да шират лаги преку интернет или социјални мрежи со цел да ни ја поткопаат довербата во Јехова и љубовта кон нашите браќа. Сети се кој стои зад таа пропаганда, и немој да поверуваш во таквите лаги! (1. Јов. 4:1, 6; Отк. 12:9).

12. Зошто треба да го продлабочиме нашето ценење за вистините што сме ги научиле?

12 За да се спротивставиме на нападите на Сатана, треба да ја продлабочиме нашата доверба во Исус и во улогата што тој ја има во Божјата намера. Исто така, треба да имаме доверба во „верниот и разборит роб“, единствената група луѓе што Јехова ја користи денес за да ја води својата организација (Мат. 24:45-47). Можеме да си ја зајакнеме нашата доверба така што редовно ќе ја проучуваме Божјата Реч. Тогаш нашата вера ќе биде како дрво со длабоки корења. Павле напишал нешто слично во своето послание до собранието во Колоси. Тој рекол: „Како што го прифативте Христос Исус, Господарот, така живејте во единство со него! Бидете вкоренети во него, изградувајте се во него и утврдувајте се во верата“ (Кол. 2:6, 7). Ако си ја зајакнеме верата, Сатана и неговите застапници нема да можат со ништо да нѐ спречат да живееме според вистината (2. Јов. 8, 9).

13. Што треба да очекуваме, и зошто?

13 Ние знаеме дека светот ќе нѐ мрази (1. Јов. 3:13). Јован напишал дека „целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јов. 5:19). Како што се приближува крајот, Сатана станува сѐ побесен (Отк. 12:12). Освен што користи подмолни напади, како што е замката на неморалот или лагите на отпадниците, тој се служи и со директни напади, односно со жестоко прогонство. Сатана знае дека му останува само кратко време за да го спречи проповедањето и да ни ја скрши верата. Затоа, воопшто не нѐ изненадува што нашето дело во некои земји е ограничено или забрането. И покрај сѐ, нашите браќа и сестри во тие земји не се откажуваат. Тоа е доказ дека, сеедно на кои начини нѐ напаѓа Сатана, ние можеме да победиме!

ДА СИ ПОМАГАМЕ ДА ОСТАНЕМЕ ВО ВИСТИНАТА

14. Наведи еден начин на кој можеме да им помогнеме на нашите браќа и сестри да останат во вистината.

14 За да им помогнеме на браќата и сестрите да останат во вистината, мора да бидеме сочувствителни (1. Јов. 3:10, 11, 16-18). Треба да се сакаме не само кога сѐ оди добро туку и кога има проблеми. На пример, дали познаваш некого кому му починал некој од најблиските, и поради тоа му треба утеха или практична помош? Дали си чул дека некои наши соверници изгубиле речиси сѐ што имале во природна катастрофа и им треба помош за повторно да ги изградат салите за состаноци или своите домови? Покажуваме колку е голема нашата љубов и сочувство кон браќата и сестрите, не само со она што го кажуваме туку, пред сѐ, со она што го правиме за нив.

15. Според 1. Јованово 4:7, 8, што треба да правиме?

15 Кога си покажуваме љубов, го следиме примерот на нашиот небесен Татко. (Прочитај 1. Јованово 4:7, 8.) Важен начин на кој си покажуваме љубов е така што си простуваме. На пример, некој можеби ќе нѐ повреди, но потоа ќе ни се извини. Ќе покажеме љубов ако му простиме и ако веќе не се навраќаме на она што го направил (Кол. 3:13). На еден брат по име Алдо не му било лесно кога слушнал како друг брат, кого многу го ценел, кажува нешто неубаво за луѓето од неговата култура. Алдо вели: „Постојано го молев Јехова да ми помогне да немам лоши чувства кон него“. Но, направил уште нешто. Решил да го викне братот да одат заедно во служба. Додека проповедале, Алдо имал прилика да му објасни колку го погодила неговата непромислена забелешка. Тој вели: „Кога му кажав колку бев повреден од неговите зборови, братот ми се извини. Од начинот на кој се извини, се гледаше дека му е многу жал за она што го кажал. Така го расчистивме проблемот и си останавме пријатели“.

16-17. Што треба да бидеме решени да правиме?

16 Апостол Јован со љубов се грижел за духовното добро на своите браќа. Неговата љубов и грижа јасно се гледаат од советите што им ги дал во своите три посланија. Навистина сме среќни што знаеме дека мажи и жени кои се слични на него биле помазани да владеат заедно со Христос! (1. Јов. 2:27).

17 Да ги сфатиме сериозно советите кои ги разгледавме во оваа статија. Да бидеме решени да живееме според вистината така што ќе му бидеме послушни на Јехова на сите полиња од животот. Проучувај ја неговата Реч, и имај доверба во неа. Зајакни си ја верата во Исус. Не дозволувај да паднеш под влијание на човечките идеи и на лагите што ги шират отпадниците. Не попуштај на притисокот да водиш двоен живот и да правиш грев. Труди се да живееш според Јеховините високи морални мерила. Освен тоа, да им олесниме на браќата да останат цврсти во верата со тоа што ќе им простуваме на оние што ќе нѐ повредат и ќе им помагаме на оние што имаат потреба. Така ќе продолжиме да живееме според вистината и покрај сите тешкотии на кои наидуваме.

ПЕСНА 49 Да го израдуваме срцето на Јехова

^ пас. 5 Живееме во свет со кој владее Сатана, таткото на лагата. Затоа мора постојано да се бориме да живееме според вистината. Христијаните што живееле на крајот од првиот век морале да водат иста таква борба. За да им помогне и ним и нам, Јехова го поттикнал апостол Јован да напише три посланија. Од нив ќе дознаеме што би можело да нѐ спречи да живееме според вистината, и како можеме да ги совладаме тие пречки.

^ пас. 6 Некои имиња се сменети.

^ пас. 11 Види ја статијата за проучување со наслов „Дали ги имаш сите факти?“, која излезе во Стражарска кула од август 2018.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: На училиште, една млада сестра постојано е изложена на работи кои ја прикажуваат хомосексуалноста како нешто најнормално. (Во некои земји, боите на виножитото се заштитен знак на хомосексуалците.) Подоцна таа одвојува време за да истражува со цел да си ја зајакне верата во она што е исправно од Божја гледна точка. Тоа ѝ помага непоколебливо да ги брани своите уверувања.