Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 28

Да не се натпреваруваме, туку да градиме мир

Да не се натпреваруваме, туку да градиме мир

Да не бидеме суетни, да не се натпреваруваме еден со друг, да не си завидуваме еден на друг (ГАЛ. 5:26)

ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што се случува кога луѓето покажуваат натпреварувачки дух?

ВО СВЕТОТ денес многу луѓе се себични и покажуваат натпреварувачки дух. Еден бизнисмен сака да биде поуспешен од другите и не бира средства за да го постигне тоа. Еден спортист намерно повредува играч од спротивниот тим за да може неговиот тим да победи. Еден студент мами на приемниот испит за да биде примен на некој познат универзитет. Како христијани, сфаќаме дека тие работи се погрешни и дека спаѓаат во „делата на телото“ (Гал. 5:19-21). Сепак, можно ли е некои слуги на Јехова да покажуваат натпреварувачки дух во собранието, без воопшто да се свесни за тоа? Важно е да размислиме за ова бидејќи таквото однесување може да го наруши единството на собранието.

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Во оваа статија ќе разгледаме кои негативни особини можат да нѐ наведат да се натпреваруваме со нашите браќа. Исто така, ќе го разгледаме примерот на некои верни мажи и жени од минатото кои не дозволиле кај нив да се развие натпреварувачки дух. Но, најпрво да видиме како може да ги преиспитаме нашите мотиви.

ПРЕИСПИТАЈ ГИ СВОИТЕ МОТИВИ

3. Кои прашања треба да си ги поставиме?

3 Добро е одвреме-навреме да си ги преиспитаме мотивите. Би можеле да се прашаме: „Дали ја мерам својата вредност споредувајќи се со другите? Дали главниот мотив зошто толку се трудам во собранието е желбата да бидам најдобар, или барем подобар од некој друг? Или, пак, мојот мотив е желбата да му го дадам своето најдобро на Јехова?“ Зошто треба да си ги поставиме овие прашања? Да видиме што пишува во Божјата Реч.

4. Зошто не треба да се споредуваме со другите, како што сме поттикнати во Галатите 6:3, 4?

4 Библијата нѐ поттикнува да не се споредуваме со другите. (Прочитај Галатите 6:3, 4.) Зошто? Од една страна, ако сметаме дека сме подобри од некој друг, би можеле да се возгордееме. Од друга страна, ако сметаме дека другите се подобри од нас, би можеле да се разочараме. Но, не е мудро да размислуваме ниту на едниот ниту на другиот начин (Рим. 12:3). Една сестра по име Катерина, * која живее во Грција, вели: „Се споредував со други за кои сметав дека се поубави, поуспешни во службата и полесно склопуваат пријателства од мене. Поради тоа се чувствував безвредно“. Важно е да имаме на ум дека Јехова не нѐ привлекол кон себе затоа што изгледаме убаво, добро се изразуваме или затоа што им се допаѓаме на многу луѓе, туку затоа што го сакаме и затоа што спремно го слушаме неговиот Син (Јован 6:44; 1. Кор. 1:26-31).

5. Што учиш од примерот на брат Хјун?

5 Друго прашање што би можеле да си го поставиме е: „Дали сум познат како миротворец или честопати имам несогласувања со другите?“ Забележи што се случило со еден брат по име Хјун кој живее во Јужна Кореја. Во еден период тој ги сметал за соперници некои браќа што имале одредени одговорности во собранието. Тој вели: „Често ги критикував овие браќа и не се согласував со она што го кажуваа“. Кој бил резултатот од тоа? Хјун признава: „Мојот став предизвика поделби во собранието“. Некои од неговите пријатели му помогнале да стане свесен за својот проблем. Ги направил потребните промени, и денес е многу добар старешина. Ако забележиме дека имаме склоност да се натпреваруваме со другите наместо да градиме мир, треба веднаш да направиме промени.

ДА СЕ ЧУВАМЕ ОД ГОРДОСТ И ОД ЗАВИСТ

6. Според Галатите 5:26, кои негативни особини можат да водат до натпреварувачки дух?

6 Прочитај Галатите 5:26. Кои негативни особини можат да нѐ наведат да покажуваме натпреварувачки дух? Една особина е суетата. Оној што е суетен е горд и себичен. Друга негативна особина е зависта. Оној што е завидлив не само што го посакува она што го има некој друг туку и сака да му го земе. Кога некој завидува некому, всушност, го мрази. Навистина е многу важно да си го чуваме срцето од овие лоши особини!

7. Наведи пример кој покажува колку е опасно да се биде горделив и завидлив.

7 Суетата и зависта може да ги споредиме со нечистотии во горивото на еден авион. Можеби авионот ќе полета, но нечистотиите можат да запушат некое од цревата за гориво, и како последица на тоа да се намали силата на моторите и авионот да се сруши пред да слета. Слично на тоа, можеби некој му служи на Јехова одредено време. Но, ако е суетен и завидлив, ќе доживее пад (Изр. 16:18). Тој ќе престане да му служи на Јехова, и така ќе си нанесе штета и себеси и на другите. Тогаш, што може да ни помогне да се чуваме од гордоста и од зависта?

8. Што ќе ни помогне да се бориме со суетата?

8 Можеме да се бориме со суетата ако го имаме на ум советот што апостол Павле им го дал на Филипјаните: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Фил. 2:3). Ако ги сметаме другите за поголеми од себе, нема да се натпреваруваме со оние чии таленти или способности можеби се поголеми од нашите. Напротив, ќе ни биде мило за нив, особено ако ги користат своите таленти во службата за Јехова. Од друга страна, ако браќата и сестрите кои имаат многу способности го следат советот на Павле, ќе се концентрираат на нашите убави особини. На тој начин сите ќе придонесуваме да има мир и единство во собранието.

9. Што може да ни помогне да не бидеме завидливи?

9 Една особина што може да ни помогне да не бидеме завидливи е скромноста, а тоа значи да бидеме свесни за своите ограничувања. Ако сме скромни, нема да се трудиме да докажеме дека сме поталентирани и поспособни од другите. Наместо тоа, ќе се трудиме да учиме од оние што се поспособни од нас. На пример, ако еден брат во собранието држи одлични говори, би можеле да го прашаме како ги подготвува. Ако една сестра добро готви, би можеле да ја прашаме за предлози кои ќе ни помогнат да се подобриме во тој поглед. А ако на некој млад христијанин не му е лесно да склопува пријателства, би можел да побара совет од некој што лесно се спријателува со другите. Ако постапуваме вака, нема да бидеме завидливи, и ќе ги подобриме нашите вештини.

УЧИ ОД БИБЛИСКИТЕ ПРИМЕРИ

Бидејќи бил понизен, Гедеон успеал да остане во мир со луѓето од Ефрем (Види во пасуси 10-12)

10. Со каков проблем се соочил Гедеон?

10 Размисли за она што се случило со Гедеон, кој бил од племето на Манасија, и со луѓето од племето на Ефрем. Со Јеховина помош, Гедеон и неговите 300 луѓе извојувале значајна победа, поради што можело да се возгордеат. Луѓето од племето на Ефрем дошле кај Гедеон, но не за да го пофалат, туку за да се расправаат со него. Очигледно, нивната гордост била повредена бидејќи Гедеон не ги викнал заедно со него кога тргнал да се бори против Божјите непријатели. Толку им бил важен угледот на нивното племе што пропуштиле да видат нешто далеку позначајно — дека Гедеон само што го прославил Јеховиното име и го заштитил Божјиот народ (Суд. 8:1).

11. Што им кажал Гедеон на луѓето од племето на Ефрем?

11 Гедеон понизно им рекол на луѓето од племето на Ефрем: „Што сум направил јас во споредба со вас?“ Потоа им навел конкретен пример како Јехова нив ги благословил. Кога луѓето го слушнале тоа, стивнал нивниот гнев (Суд. 8:2, 3). Гедеон покажал понизност за да го зачува мирот меѓу Божјиот народ.

12. Што учиме од примерот на Гедеон и од луѓето од Ефрем?

12 Што може да научиме од овој извештај? Од примерот на луѓето од Ефрем учиме дека не треба да ни биде најважен нашиот личен углед. Наместо тоа, најважно треба да ни биде да се прослави Јехова. А како сопрузи и старешини, може да извлечеме поука и од Гедеон. На пример, ако некој е вознемирен од нешто што сме направиле, треба да се потрудиме да ги видиме работите од негова гледна точка. Исто така, можеме да го пофалиме за некоја добра работа што ја направил. За тоа ќе ни биде потребна понизност, особено ако е очигледно дека тоа лице е во грешка. Но, мирот е далеку поважен од тоа да докажеме дека ние сме во право.

Бидејќи имала доверба дека Јехова ќе ѝ помогне, Ана повторно чувствувала внатрешен мир (Види во пасуси 13-14)

13. Каков проблем имала Ана и како го надминала?

13 Да размислиме и за примерот на Ана. Таа му била жена на еден левит по име Елкана, кој многу ја сакал. Елкана имал и друга жена, Фенина. Но, тој повеќе ја сакал Ана. Фенина имала деца, но Ана немала. Поради тоа, Фенина постојано ја исмевала и ја вознемирувала. Како се чувствувала Ана? Ѝ било толку тешко што често плачела и не јадела (1. Сам. 1:2, 6, 7). Сепак, никаде во Библијата не пишува дека Ана се обидела да ѝ возврати на Фенина на некаков начин. Наместо тоа, му го излеала своето срце на Јехова и имала доверба дека тој ќе ѝ помогне. Дали Фенина почнала да се однесува поинаку со Ана? Библијата не ни открива. Сепак, знаеме дека Ана повторно имала внатрешен мир, и лицето повеќе не ѝ било тажно (1. Сам. 1:10, 18).

14. Што учиме од примерот на Ана?

14 Што може да научиме од примерот на Ана? Ако некој се обидува да ти покаже дека вреди повеќе од тебе, имај на ум дека од тебе зависи како ќе реагираш. Воопшто нема потреба да се докажуваш. Наместо да враќаш зло за зло, обиди се да бидеш во мир со тоа лице (Рим. 12:17-21). Дури и да не го смени своето однесување, ти ќе имаш внатрешен мир.

Бидејќи знаеле дека Јехова го благословува нивниот труд, Аполо и Павле не се сметале за соперници (Види во пасуси 15-18)

15. Кои се некои сличности меѓу Аполо и апостол Павле?

15 Да разгледаме и што може да научиме од примерот на Аполо и на апостол Павле. И двајцата многу добро ги познавале светите списи. Освен тоа, и двајцата биле познати по тоа што многу добро ги поучувале другите и им помогнале на мнозина да станат ученици на Христос. Но, тие не биле љубоморни еден на друг и не се доживувале како соперници.

16. Каков човек бил Аполо?

16 Аполо бил „родум од Александрија“, град кој во првиот век бил центар на знаењето. Аполо бил многу добар говорник и бил „добро упатен во Писмата“ (Дела 18:24). Кога тој служел во Коринт, било очигледно дека некои од собранието повеќе го сакале него отколку другите браќа, вклучувајќи го и Павле (1. Кор. 1:12, 13). Дали Аполо придонел да има такви поделби во собранието? Тешко е да се замисли такво нешто. Всушност, некое време откако Аполо заминал од Коринт, Павле го поттикнувал повторно да се врати таму (1. Кор. 16:12). Се разбира дека Павле никогаш не би го направил тоа доколку Аполо предизвикувал поделби во собранието. Јасно е дека Аполо ги користел своите способности и дарби на исправен начин — да ја објавува добрата вест и да ги зајакнува браќата. Може да бидеме сигурни и дека Аполо бил понизен. На пример, во Библијата не пишува дека тој се навредил кога Акила и Прискила поточно му го објасниле Божјиот пат (Дела 18:24-28).

17. Како Павле придонесувал да има мир меѓу браќата?

17 Апостол Павле бил свесен за добрата работа што ја извршувал Аполо. Но, не се чувствувал загрозено поради тоа. Од она што им го напишал на Коринќаните, гледаме колку Павле бил понизен, скромен и разумен. Воопшто не се чувствувал поласкано кога некои велеле: „Јас сум на Павле“. Наместо тоа, го свртел вниманието кон Јехова Бог и кон Исус Христос (1. Кор. 3:3-6).

18. На темел на 1. Коринќаните 4:6, 7, што учиме од Аполо и од Павле?

18 Што може да научиме од Аполо и од Павле? Можеби правиме многу во службата за Јехова и сме помогнале на многумина да напредуваат до крштавање. Но, свесни сме дека сето она што сме го постигнале е благодарение на помошта од Јехова. Од примерот на Аполо и Павле може да извлечеме уште една поука — колку повеќе одговорности имаме во собранието толку повеќе можности имаме да придонесеме за мир. Многу сме благодарни кога именуваните браќа придонесуваат да има мир и единство во собранието. Тие го прават тоа така што ги темелат своите совети на Божјата Реч и така што не го свртуваат вниманието кон себе, туку кон нашиот пример, Христос Исус. (Прочитај 1Коринќаните 4:6, 7.)

19. Што може да прави секој од нас? (Види ја и рамката „ Внимавај да не ги поттикнуваш другите на натпреварувачки дух“.)

19 Секој од нас има некакви таленти и способности кои ни се дар од Бог. Можеме да ги користиме таквите дарови за да си служиме еден на друг (1. Пет. 4:10). Можеби си мислиш дека она што го правиш е безначајно. Но, малите постапки со кои придонесуваме да има единство во собранието се како мали камчиња од кои е направен еден убав мозаик. Сите ние и понатаму да даваме сѐ од себе да не покажуваме натпреварувачки дух, туку да градиме мир и единство во собранието (Еф. 4:3).

ПЕСНА 80 „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“

^ пас. 5 Едно грне што е напукнато лесно може да се скрши. Слично на тоа, ако во собранието некои покажуваат натпреварувачки дух, може лесно да дојде до поделби. Ако собранието не е цврсто и обединето, нема да биде место каде што ќе можеме во мир да го обожаваме Бог. Во оваа статија ќе разгледаме зошто треба да внимаваме да не се натпреваруваме еден со друг и што може да направиме за да градиме мир во собранието.

^ пас. 4 Имињата се сменети.