Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 26

Можеш ли да им помогнеш на луѓето да станат ученици на Христос?

Можеш ли да им помогнеш на луѓето да станат ученици на Христос?

Бог дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (ФИЛ. 2:13)

ПЕСНА 64 Радосно да учествуваме во жетвата

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што направил Јехова за тебе?

РАЗМИСЛИ што било потребно за ти да станеш Јеховин сведок. Прво, си ја слушнал „добрата вест“, можеби од твоите родители, од некој соученик или колега или, пак, од некој Сведок додека проповедал од врата до врата (Мар. 13:10). Потоа, некој вложил труд и време за да ја проучува Библијата со тебе. Тоа ти помогнало да го засакаш Јехова и да сфатиш дека и тој те сака тебе. Јехова те привлекол кон вистината, и сега, како ученик на Исус Христос, имаш можност да живееш вечно (Јован 6:44). Сигурно си му многу благодарен на Јехова што поттикнал некого да те поучува за вистината и што те прифатил како негов слуга.

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Бидејќи сме ја дознале вистината, сега ние имаме чест да им помагаме на другите да зачекорат по патот на животот. Можеби не ни е тешко да проповедаме од врата до врата, но можеби ни е предизвик да понудиме и да водиме библиски курс. Дали ова е случај и со тебе? Ако да, можеби ќе ти помогнат некои предлози од оваа статија. Ќе видиме што нѐ поттикнува да им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос, а ќе видиме и како да ги надминеме предизвиците што можеби нѐ спречуваат да водиме библиски курс. Но, најпрво да разгледаме зошто е важно не само да ја проповедаме добрата вест туку и да ги поучуваме луѓето за неа.

ИСУС НИ ЗАПОВЕДАЛ ДА ПРОПОВЕДАМЕ И ДА ПОУЧУВАМЕ

3. Зошто проповедаме?

3 Кога бил на Земјата, Исус им дал на своите следбеници заповед во која биле вклучени две работи. Прво, им рекол да ја проповедаат добрата вест за Царството и им покажал како да го прават тоа (Мат. 10:7; Лука 8:1). На пример, Исус ги поучил своите ученици како да постапат кога луѓето ја слушаат добрата вест, но и како да постапат кога не ја слушаат (Лука 9:2-5). Освен тоа, прорекол во колкава мера ќе се одвива проповедничкото дело со тоа што рекол дека неговите следбеници ќе даваат „сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14; Дела 1:8). Без оглед на реакцијата на луѓето, учениците требало да им кажуваат за Божјето Царство и за она што тоа ќе го постигне.

4. Според Матеј 28:18-20, што друго треба да правиме освен што ќе проповедаме за Царството?

4 Која е втората работа што е вклучена во заповедта на Исус? Тој им рекол на своите следбеници да ги поучуваат луѓето да држат сѐ што заповедал. Но, дали делото на проповедање и поучување требало да се извршува само во првиот век, како што некои мислат? Не. Од зборовите на Исус се гледа дека тоа важно дело требало да продолжи сѐ до нашево време, односно „до свршетокот на овој поредок“. (Прочитај Матеј 28:18-20.) Исус, веројатно, ја дал таа заповед кога им се појавил на повеќе од 500 ученици (1. Кор. 15:6). А од откровението што му го дал на Јован јасно се гледа дека тој очекува сите негови ученици да им помагаат на другите да го запознаат Јехова (Отк. 22:17).

5. Според 1. Коринќаните 3:6-9, со што го споредил Павле делото на проповедање и поучување?

5 Апостол Павле го споредил делото на проповедање и поучување со одгледување земјоделски култури, при што е потребно многу повеќе отколку само да се посее семето. Тој им пишал на Коринќаните: „Јас посадив, Аполо залеа... вие сте Божја нива“. (Прочитај 1. Коринќаните 3:6-9.) Како работници на Божјата нива, ние го сееме семето кога проповедаме, а го залеваме кога поучуваме (Јован 4:35). Сепак, свесни сме дека Бог е тој што дава семето да расте.

6. Што треба да правиме додека ги поучуваме другите?

6 Ние ги бараме оние што исправно гледаат на вечниот живот (Дела 13:48). За да станат Христови ученици, треба да им помогнеме на таквите лица 1) да го разберат, 2) да го прифатат и 3) да го применат она што го учат од Библијата (Јован 17:3; Кол. 2:6, 7; 1. Сол. 2:13). Сите во собранието можат да им помагаат на интересентите духовно да напредуваат, така што ќе им покажуваат љубов и ќе бидат срдечни кон нив кога ќе дојдат на состанок (Јован 13:35). Освен тоа, оној што го води библискиот курс можеби ќе треба да вложи многу време и труд за да му помогне на интересентот да го урне „она што е цврсто утврдено“, односно погрешните верувања и лошите навики (2. Кор. 10:4, 5). Можеби ќе бидат потребни повеќе месеци за да му помогнеме на некој да ги направи овие промени во својот живот и еден ден да се крсти. Но, трудот што ќе го вложиме сигурно вреди.

НАШИОТ МОТИВ Е ЉУБОВТА

7. Зошто учествуваме во делото на проповедање и поучување?

7 Зошто учествуваме во делото на проповедање и поучување? Прво, затоа што го сакаме Јехова. Кога даваме сѐ од себе да бидеме послушни на заповедта да го извршуваме ова важно дело, ние ја покажуваме нашата љубов кон Бог (1. Јов. 5:3). Размисли за следново: Љубовта кон Јехова веќе те поттикнала да проповедаш од куќа до куќа. Дали ти беше лесно да бидеш послушен на таа заповед? Веројатно, не. Дали имаше трема кога првпат сведочеше од врата до врата? Сигурно си имал. Но, си знаел дека Исус сака да го правиш тоа, и затоа си бил послушен на неговата заповед. И, со текот на времето, веројатно ти станало полесно да учествуваш во проповедањето. А како се чувствуваш во врска со водењето библиски курсеви? Можеби те загрижува дури и самата помисла да го правиш тоа. Но, ако го молиш Јехова да ти помогне да бидеш храбар и да понудиш библиски курс, тој ќе ти помогне да развиеш желба да ги поучуваш луѓето.

8. Според Марко 6:34, што друго нѐ поттикнува да ги поучуваме луѓето?

8 Второ, љубовта кон луѓето нѐ поттикнува да ги поучуваме за вистината. Во една прилика, откако долго проповедале, Исус и неговите ученици биле многу уморни. Тие сакале да се одморат на едно осамено место, но големо мноштво луѓе тргнале по нив. На Исус му паднало жал за луѓето и почнал „да ги поучува за многу работи“. (Прочитај Марко 6:34.) Го направил тоа иако бил уморен. Исус бил свесен како се чувствуваат тие луѓе. Знаел дека им е многу тешко и дека очајно им е потребна надеж, и затоа сакал да им помогне. И луѓето денес се во слична ситуација. Иако можеби навидум изгледаат среќни и задоволни, тие се како беспомошни овци кои немаат пастир да ги води. Апостол Павле рекол дека таквите луѓе не го познаваат Бог и се без надеж (Еф. 2:12). Тие одат по „патот што води во пропаст“! (Мат. 7:13). Имајќи на ум во каква духовна состојба се наоѓаат луѓето на нашето подрачје, љубовта и сочувството нѐ поттикнуваат да им помогнеме. А најдобар начин да им помогнеме е така што ќе им понудиме да ја проучуваат Библијата со нас.

9. Според Филипјаните 2:13, како може Јехова да ти помогне?

9 Можеби се колебаш да понудиш библиски курс, бидејќи си свесен дека редовно ќе треба да одвојуваш време да проучуваш со интересентот. Ако се чувствуваш така, кажи му го тоа на Јехова. Моли го да ти помогне да развиеш желба да ја проучуваш Библијата со некого. (Прочитај Филипјаните 2:13.) Апостол Јован ни кажал дека Бог одговара на молитвите што се во склад со неговата волја (1. Јов. 5:14, 15). Затоа, можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе ти помогне да развиеш желба да ги поучуваш луѓето за вистината.

КАКО ДА НАДМИНЕШ НЕКОИ ПРЕДИЗВИЦИ

10-11. Што можеби нѐ спречува да водиме библиски курс?

10 Ние сфаќаме колку е важно да ги поучуваме луѓето за вистината. Но, можеби се соочуваме со некои предизвици кои ни отежнуваат да правиме онолку колку што би сакале. Да разгледаме некои од тие предизвици и како може да ги надминеме.

11 Можеби нѐ ограничуваат нашите околности. На пример, некои објавители се постари или имаат нарушено здравје. Дали тоа е случај и со тебе? Ако да, размисли за една работа која ја увидовме во текот на пандемијата со КОВИД-19 — можеме успешно да водиме библиски курсеви со луѓето користејќи ги нашите електронски уреди. Тоа ни дава можност да започнеме и да водиме библиски курс без да мора да излегуваме од дома. Освен тоа, некои интересенти сакаат да проучуваат, но не се слободни во времето што браќата обично го одвојуваат за служба. Меѓутоа, можеби им одговара да проучуваат рано наутро или доцна навечер. Дали би можел да ја проучуваш Библијата со некого во овие периоди од денот? Исус го поучувал Никодим ноќе бидејќи тоа било најповолното време за Никодим (Јован 3:1, 2).

12. Што може да ни помогне да имаме поголема самодоверба во врска со водењето библиски курсеви?

12 Можеби не се чувствуваме доволно способни да водиме библиски курс. Можеби сметаме дека треба да имаме повеќе знаење и вештини за да можеме да ја проучуваме Библијата со некого. Ако ова е случај и со тебе, размисли за следниве три работи кои можат да ти влеат поголема самодоверба. Прво, Јехова смета дека ти можеш да ги поучуваш другите (2. Кор. 3:5). Второ, Исус, кому му е дадена „сета власт на небото и на земјата“, те овластил да поучуваш (Мат. 28:18). И трето, можеш да добиеш помош од Јехова и од соверниците. Јехова му помогнал на Исус да знае што да каже, а може да ти помогне и тебе (Јован 8:28; 12:49). Исто така, би можел да го замолиш надгледникот на твојата група за проповедање или, пак, некој искусен пионер или објавител, да ти помогне да започнеш и да водиш библиски курс. Еден начин како би можел да научиш повешто да поучуваш е така што ќе присуствуваш на некој библиски курс што го водат овие објавители.

13. Зошто треба да бидеме приспособливи?

13 Можеби не ни е лесно да ги користиме новите методи и новите публикации. Начинот на кој водиме библиски курсеви сега се смени. Нашата главна публикација со која ги поучуваме луѓето сега е Радувај му се на животот засекогаш. Поради тоа, потребно е поинаку да се подготвуваме и да ги водиме библиските курсеви. Има помалку пасуси за читање, и поголемиот дел од материјалот е наменет за дискусија со интересентот. Кога поучуваме, користиме повеќе видеоклипови и статии од нашата интернет-страница и од апликацијата JW Library®. Ако не знаеш како да ги користиш овие алатки, побарај помош од некој што веќе има искуство. Нам луѓето најлесно ни е да ги правиме работите онака како што сме навикнати, и затоа можеби ни паѓа тешко кога треба да правиме промени. Но, со помошта од Јехова и од другите ќе ти биде полесно да се приспособиш на новиот начин на поучување, па дури и да уживаш во него. Еден пионер рекол дека овој метод на поучување е „вистинско освежување и за интересентот и за објавителот“.

14. а) Што треба да имаме на ум ако живееме на подрачје каде што е тешко да се започне библиски курс? б) Како нѐ охрабруваат зборовите од 1. Коринќаните 3:6, 7?

14 Можеби живееме на подрачје каде што е тешко да се започне библиски курс. Луѓето можеби не се заинтересирани за нашата порака, па дури и ни се противат. Што може да ни помогне да задржиме позитивен став ако проповедаме на такво подрачје? Имај на ум дека во овој несигурен свет околностите на луѓето можат многу брзо да се сменат. И поради тоа, некои што не биле заинтересирани можат да станат свесни за своите духовни потреби (Мат. 5:3). Некои што порано ја одбивале нашата литература, подоцна прифатиле да ја проучуваат Библијата. Знаеме дека Јехова е Господарот на жетвата (Мат. 9:38). Тој сака ние да го сееме семето и да го залеваме, но тој е оној што дава да расте (1. Кор. 3:6, 7). Многу нѐ охрабрува тоа што знаеме дека, дури и ако во моментот не водиме библиски курс, Јехова нѐ наградува поради трудот што го вложуваме, а не поради резултатите што ги постигнуваме! *

ПОУЧУВАЊЕТО НИ НОСИ РАДОСТ

Што постигнуваме кога учествуваме во делото на проповедање и поучување (Види во пасуси 15-17) *

15. Како се чувствува Јехова кога некој ќе почне да ја проучува Библијата и да го применува она што го учи?

15 Јехова се радува кога некој ќе ја прифати библиската вистина и ќе почне да ја споделува со другите (Изр. 23:15, 16). Сигурно е пресреќен кога гледа дека неговиот народ ревносно проповеда и поучува. На пример, и покрај пандемијата, во текот на 2020 службена година се водеа 7.705.765 библиски курсеви и 241.994 лица му го заветуваа својот живот на Јехова и се крстија. Овие нови ученици, пак, ќе ја проучуваат Библијата со други лица и ќе им помогнат и тие да станат ученици на Христос (Лука 6:40). Без сомнение, кога учествуваме во ова важно дело, го радуваме Јеховиното срце.

16. Каква цел можеме да си поставиме?

16 Не е лесно да помогнеме некому да стане Христов ученик. Но, со Јеховина помош може да ги поучиме интересентите да го сакаат нашиот небесен Татко. Можеме ли да си поставиме за цел да започнеме и да водиме барем еден библиски курс? Ако ја користиме секоја соодветна прилика да понудиме библиски курс, можеби ќе бидеме пријатно изненадени од резултатите. Може да бидеме сигурни дека Јехова ќе го благослови нашиот труд.

17. Како ќе се чувствуваме доколку сме во можност да водиме библиски курс?

17 За нас е голема чест што можеме да проповедаме и да ги поучуваме другите за вистината. Ова нѐ прави вистински среќни. Апостол Павле, кој им помогнал на многумина во Солун да станат ученици, ги изразил своите чувства со следниве зборови: „Што е нашата надеж или радост или круна со која ќе се гордееме пред нашиот Господар Исус во времето на неговата присутност? Зарем не сте тоа вие? Да, вие сте нашата слава и радост!“ (1. Сол. 2:19, 20; Дела 17:1-4). Мнозина денес ги имаат истите овие чувства. Една сестра по име Стефани и нејзиниот сопруг им помогнале на многу лица да се крстат. Таа рекла: „Нема поголема радост од тоа да им помагаш на луѓето да му го заветуваат својот живот на Јехова“.

ПЕСНА 57 Да проповедаме на најразлични луѓе

^ пас. 5 Јехова ни дал чест не само да им проповедаме на луѓето туку и да ги поучуваме да држат сѐ што Исус заповедал. Што нѐ мотивира да ги поучуваме другите? Со какви предизвици можеби се соочуваме додека проповедаме и поучуваме? И, како може да ги надминеме таквите предизвици? Во оваа статија ќе го добиеме одговорот на тие прашања.

^ пас. 14 Повеќе информации за тоа како секој во собранието придонесува за духовниот раст на интересентите има во статијата „Сите можеме да им помагаме на интересентите да се крстат“, која излезе во Стражарска кула од март 2021.

^ пас. 53 ОПИС НА СЛИКАТА: Еве какви промени може да направи некој затоа што ја проучува Библијата: Бидејќи овој човек не го познава Јехова, неговиот живот нема никаква смисла. Потоа му проповедаат двајца Сведоци, и тој прифаќа библиски курс. Благодарение на она што го учи, поттикнат е да му го заведува својот живот на Јехова и да се крсти. По некое време, и тој почнува да им помага на други да станат ученици на Христос. На крајот, сите тие му се радуваат на животот во рајот.