Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 31

Цени ја честа да му се молиш на Јехова

Цени ја честа да му се молиш на Јехова

Мојата молитва нека биде подготвена како темјан пред тебе (ПС. 141:2)

ПЕСНА 47 Моли го Бог секој ден

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како треба да гледаме на можноста да му се молиме на Јехова?

 ТВОРЕЦОТ на небото и на Земјата ни дал скапоцен дар. Тој ни дозволува да му се молиме. Замисли, можеме да му ги изразиме нашите најдлабоки чувства во секое време и на секој јазик, без да има потреба да закажеме термин! Можеме да се молиме од болнички кревет или од затворска ќелија уверени дека нашиот грижлив Татко ќе нѐ слушне. Многу сме благодарни за овој дар.

2. Како цар Давид покажал дека ја цени честа да му се моли на Јехова?

2 Цар Давид многу ја ценел честа да се моли. Тој му рекол на Јехова: „Мојата молитва нека биде подготвена како темјан пред тебе“ (Пс. 141:1, 2). Во времето на Давид, светиот темјан што свештениците го користеле во обожавањето на Јехова се подготвувал многу внимателно (2. Мој. 30:34, 35). Тоа што Давид го спомнал темјанот покажува дека тој сакал внимателно да размисли што ќе му каже на својот небесен Татко во молитва. И ние сакаме да го правиме тоа бидејќи сакаме нашите молитви да му бидат угодни на Јехова.

3. Со каков став треба да му се молиме на Јехова, и зошто?

3 Кога му се молиме на Јехова, треба тоа да го правиме со голема почит. Размисли за впечатливите виденија што ги добиле Исаија, Езекиел, Даниел и Јован. Иако тие виденија се разликуваат едно од друго, сепак имаат нешто заедничко. Во сите нив Јехова е претставен како величествен Цар. Исаија го видел Јехова „како седи на висок и возвишен престол“ (Иса. 6:1-3). Езекиел видел како Јехова седи на својата небесна кочија опкружен со блескава светлина што личела на виножито (Езек. 1:26-28). Даниел го видел „Прадревниот“ во бела облека, а од неговиот престол излегувале огнени пламења (Дан. 7:9, 10). А Јован видел како Јехова седи на престол опкружен со нешто што личело на прекрасно „виножито, слично на смарагд“ (Отк. 4:2-4). Додека размислуваме за Јеховината неспоредлива слава, се потсетуваме за тоа колку голема чест имаме да му се молиме и колку е важно да го правиме тоа со почит. Но, за што треба да се молиме?

„ЗНАЧИ, МОЛЕТЕ СЕ ВАКА“

4. Што учиме од она што го кажал Исус на почетокот од молитвата која е запишана во Матеј 6:9, 10?

4 Прочитај Матеј 6:9, 10. Во Проповедта на гората, Исус ги поучил своите ученици како да се молат на начин кој му е прифатлив на Бог. Откако рекол: „Значи, молете се вака“, Исус прво ги спомнал најважните работи кои се директно поврзани со Јеховината намера. Тој се молел да се свети името на Бог, да дојде неговото Царство кое ќе ги уништи сите Божји непријатели и за благословите што во иднина Бог ќе ги излее врз Земјата и врз човештвото. Со тоа што се молиме за овие работи, покажуваме дека ни е важна Божјата волја.

5. Дали е исправно да се молиме за лични работи?

5 Во следниот дел од молитвата, Исус покажал дека е исправно да се молиме за лични работи. Можеме да го молиме Јехова да ни ја даде храната што ни е потребна за денот, да ни ги прости нашите гревови, да ни помогне да не им попуштиме на искушенијата и да нѐ избави од Злобниот (Мат. 6:11-13). Кога го молиме Јехова за овие работи, признаваме дека зависиме од неговата помош и дека сакаме да го радуваме.

За што може да се моли еден сопруг со својата сопруга? (види во пасус 6) *

6. Дали можеме да се молиме и за други работи освен за оние што Исус ги спомнал во молитвата која ја дал како пример? Објасни!

6 Исус не очекувал неговите следбеници да ги повторуваат истите зборови што ги кажал во молитвата која им ја дал како пример. Во други молитви, Исус спомнал различни работи кои му биле важни во тој момент (Мат. 26:39, 42; Јован 17:1-26). Слично на тоа, и ние можеме да се молиме за сѐ што нѐ загрижува. Кога треба да донесеме некоја одлука, може да се молиме за мудрост и за разбирање (Пс. 119:33, 34). Кога треба да почнеме со некоја тешка задача, може да го молиме Јехова да ни помогне да знаеме како да ја извршиме (Изр. 2:6). Родителите можат да се молат за своите деца, децата можат да се молат за своите родители и сите ние можеме и треба да се молиме за оние со кои ја проучуваме Библијата и за оние на кои им проповедаме. Се разбира, нашите молитви не треба да се состојат само од барања.

За што може да го фалиме и да му благодариме на Јехова во нашите молитви? (види во пасуси 7-9) *

7. Зошто треба да го фалиме Јехова во молитва?

7 Не треба да заборавиме да го фалиме Јехова во нашите молитви. Никој не заслужува поголема фалба од нашиот Бог. Тој е добар и спремен да прости. Исто така, тој е „милосрден и милостив, бавен на гнев и полн со милост и со вистинољубивост“ (Пс. 86:5, 15). Без сомнение, имаме добра причина да го фалиме Јехова за неговите особини и за она што го прави.

8. За кои работи можеме да му благодариме на Јехова? (Псалм 104:12-15, 24).

8 Освен што го фалиме Јехова во нашите молитви, поттикнати сме и да му благодариме за прекрасните работи што ни ги дава. На пример, можеме да му благодариме за убавите бои на цвеќињата, за најразличните видови вкусна храна и за радоста што ни ја носи дружењето со блиските пријатели. Нашиот Татко со љубов ни го дава сето ова, а и многу повеќе, само за да бидеме среќни. (Прочитај Псалм 104:12-15, 24.) А што е уште поважно, му благодариме на Јехова за изобилството духовна храна и за прекрасната надеж што ја имаме за иднината.

9. Што може да ни помогне да не заборавиме да му благодариме на Јехова? (1. Солуњаните 5:17, 18).

9 Лесно може да се случи да заборавиме да му благодариме на Јехова за сето она што го прави за нас. Што може да ти помогне да не ти се случи тоа? Би можел да направиш список со конкретни работи за кои се молиш и повремено да го проверуваш за да видиш како Јехова ти одговара на молитвите. Потоа, во молитва заблагодари му се за неговата помош. (Прочитај 1. Солуњаните 5:17, 18.) Размисли за ова: Ние сме среќни и се чувствуваме сакано кога другите покажуваат благодарност кон нас. Слично на тоа, кога му благодариме на Јехова затоа што одговорил на нашите молитви, тој се радува (Кол. 3:15). Но, има уште една важна работа за која треба да му благодариме на Бог.

БЛАГОДАРИ МУ НА ЈЕХОВА ЗА НЕГОВИОТ САКАН СИН

10. Според 1. Петрово 2:21, зошто треба да му благодариме на Јехова за тоа што го испратил Исус на Земјата?

10 Прочитај 1. Петрово 2:21. Треба да му благодариме на Јехова за тоа што го испратил својот сакан Син да нѐ поучи. Кога го проучуваме животот на Исус, учиме многу за Јехова и за тоа како можеме да го радуваме. Ако покажуваме вера во жртвата на Исус, може да бидеме блиски пријатели со Јехова Бог и да бидеме во мир со него (Рим. 5:1).

11. Зошто се молиме во името на Исус?

11 Му благодариме на Јехова што можеме да му се молиме во името на неговиот Син. Преку Исус, Јехова ни го дава она за што сме го молеле. Јехова ги слуша и одговара на молитвите кои му се упатени во името на Исус. Самиот Исус објаснил: „За што и да замолите во мое име, тоа ќе го направам, за да се прослави Таткото во Синот“ (Јован 14:13, 14).

12. Која е уште една причина зошто треба да му благодариме на Јехова за неговиот Син?

12 Јехова ни ги простува гревовите на темел на откупната жртва на Исус. Во Библијата, Исус е опишан како „првосвештеник кој [седнал] од десната страна на престолот на Величеството на небесата“ (Евр. 8:1). Исус е нашиот „помошник кај Таткото“ (1. Јов. 2:1). Колку сме благодарни што Јехова ни дал сочувствителен Првосвештеник кој има разбирање за нашите слабости и кој „се зазема за нас“! (Рим. 8:34; Евр. 4:15). Бидејќи сме несовршени луѓе, без жртвата на Исус не би можеле да му се обратиме на Јехова во молитва. Сигурно ќе се согласиш дека никогаш нема да можеме да му изразиме доволно благодарност на Јехова за скапоцениот дар што ни го дал — неговиот сакан Син!

МОЛИ СЕ ЗА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ

13. Како ноќта пред својата смрт Исус покажал дека многу ги сака своите ученици?

13 Ноќта пред својата смрт, Исус долго се молел за своите ученици и притоа побарал од својот Татко да ги зачува од Злобниот (Јован 17:15). Тоа покажува колку многу Исус ги сакал. Иако знаел дека го очекува големо страдање, тој сепак бил загрижен за доброто на своите ученици.

За што може да се молиме во врска со нашите браќа и сестри? (види во пасуси 14-16) *

14. Како можеме да покажеме дека ги сакаме нашите браќа и сестри?

14 По примерот на Исус, ние не мислиме само на своите потреби. Напротив, секој ден се молиме и за нашите браќа и сестри. Со тоа покажуваме дека сме послушни на Исусовата заповед да се сакаме еден со друг и му покажуваме на Јехова колку многу ги сакаме нашите соверници (Јован 13:34). Кога се молиме за нашите браќа и сестри, тоа не е губење време. Божјата реч ни вели дека „сесрдната молитва на праведникот има голема сила“ (Јак. 5:16).

15. Зошто на браќата и сестрите им се потребни нашите молитви?

15 На нашите браќа и сестри им се потребни нашите молитви бидејќи се соочуваат со многу тешкотии. Можеме да го молиме Јехова да им помогне да истраат и покрај болести, природни катастрофи, војни, прогонства и други тешкотии. Можеме да се молиме и за самопожртвуваните браќа и сестри кои помагаат во акции за помош при катастрофи. Можеби лично познаваш некои што се соочуваат со слични тешкотии. Би можел во своите молитви да ги спомнеш по име. Ние покажуваме искрена братска љубов со тоа што го молиме Јехова да им помогне да истраат.

16. Зошто треба да се молиме за браќата кои предводат?

16 Оние браќа што предводат во собранието се многу благодарни кога другите се молат за нив, бидејќи тие молитви многу им помагаат. Ова било случај и со апостол Павле. Тој напишал: „[Молете се]... и за мене, за Бог да ми помогне, кога ќе ја отворам устата, со сета слобода да ја објавам светата тајна на добрата вест“ (Еф. 6:18, 19). И денес има голем број трудољубиви браќа кои предводат во организацијата. Покажуваме љубов кон нив така што го молиме Јехова да ја благослови нивната служба.

КОГА ГИ ЗАСТАПУВАМЕ ДРУГИТЕ ВО ЈАВНА МОЛИТВА

17-18. Во кои прилики можеби ќе бидеме замолени да ги застапуваме другите во јавна молитва, и што треба притоа да земеме предвид?

17 Понекогаш сме замолени да ги застапуваме другите во јавна молитва. На пример, една сестра која води библиски курс можеби ќе ја замоли сестрата што ја придружува да каже молитва. Ако не ја познава добро интересентката, таа сестра можеби ќе сака да ја каже молитвата на крајот од библискиот курс. Така ќе може полесно да ја приспособи молитвата на потребите на интересентката.

18 Еден брат можеби ќе биде замолен да каже молитва на некој состанок за проповедање или на собраниски состанок. Браќата кои ја имаат таа чест треба да земат предвид која е целта на состанокот. Молитвата не треба да се користи за да му се даваат совети на собранието или за да се даваат известувања. За повеќето собраниски состаноци, предвидено е да има вкупно пет минути за песна и за молитва. И затоа братот што ја кажува молитвата, особено на почетокот од состанокот, не треба да користи „многу зборови“ (Мат. 6:7).

МОЛИТВАТА НЕКА БИДЕ ВАЖЕН ДЕЛ ОД ТВОЈОТ ЖИВОТ

19. Што ќе ни помогне да бидеме подготвени за Јеховиниот ден на суд?

19 Како што се приближува Јеховиниот ден на суд, молитвата треба да стане уште поважен дел од нашиот живот. Во врска со ова, Исус рекол: „Бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи“ (Лука 21:36). Ако се молиме постојано, ќе имаме цврста вера и ќе бидеме подготвени кога ќе дојде Божјиот ден на суд.

20. Како можат нашите молитви да бидат како пријатен мирис од темјан?

20 Што разгледавме во оваа статија? Ние многу ја цениме честа да се молиме. Најважно треба да ни биде да се молиме за работи кои се директно поврзани со Јеховината намера. Исто така, изразуваме благодарност за Божјиот Син и за неговото владеење како Цар, а се молиме и за нашите соверници. И, се разбира, можеме да се молиме за нашите физички и духовни потреби. Ако внимателно размислуваме што да кажеме во нашите молитви, покажуваме дека го цениме овој скапоцен дар. Тогаш нашите зборови за Јехова ќе бидат како пријатен мирис од темјан (Изр. 15:8).

ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце

^ Ние длабоко ја цениме честа да му се молиме на Јехова. Сакаме нашите молитви да му бидат пријатни како мирис од темјан. Во оваа статија ќе видиме што би можеле да вклучиме во нашите молитви. Исто така, ќе разгледаме неколку работи кои треба да ги имаме на ум кога сме замолени да ги застапуваме другите во јавна молитва.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Еден сопруг се моли заедно со својата сопруга за безбедноста на нивната ќеркичка која е на училиште, за здравјето на својот остарен родител и за духовниот напредок на интересентката со која проучува неговата сопруга.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад брат му благодари на Јехова за откупната жртва на Исус, за нашата прекрасна планета и за здравата храна.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра се моли Јехова да го благослови Водечкото тело со својот свет дух и да им помогне на оние кои страдаат поради катастрофи и прогонство.