Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 31

„Бидете постојани, непоколебливи“

„Бидете постојани, непоколебливи“

Браќа мои сакани, бидете постојани, непоколебливи (1. КОР. 15:58)

ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Во која смисла еден христијанин е како еден облакодер? (1. Коринќаните 15:58).

 КОН крајот на 1970-тите, во Токио (Јапонија) се градел еден облакодер од 60 ката. Луѓето се прашувале како таа зграда ќе ги издржи земјотресите што често ги има во тоа место. Во што била тајната на инженерите? Тие ја конструирале зградата да биде цврста, но доволно флексибилна за да може да ги издржи потресите. Христијаните се како тој облакодер. Во која смисла?

2 Еден христијанин мора да биде цврст, а во исто време флексибилен. Тој треба да биде цврст и непоколеблив така што ќе биде решен секогаш да им биде послушен на законите на Јехова и да се држи за неговите мерила. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58.) Тој е спремен да послуша и не прави компромис. Од друга страна, тој треба да биде разумен, односно флексибилен, секогаш кога тоа е можно или неопходно (Јак. 3:17). Христијанинот кој научил да биде урамнотежен во овој поглед нема да оди во крајности, односно нема да биде ниту претерано строг ниту претерано попустлив. Во оваа статија ќе видиме како можеме да бидеме непоколебливи. Исто така, ќе разгледаме пет начини на кои Сатана се обидува да ја ослабне нашата решеност да останеме постојани, односно цврсти. А ќе дознаеме и како можеме да му се спротивставиме.

КАКО МОЖЕМЕ ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА СМЕ ПОСТОЈАНИ?

3. Кои закони што ги дал Врховниот Законодавец се запишани во Дела 15:28, 29?

3 Како Врховен Законодавец, Јехова секогаш му давал на својот народ јасни закони (Иса. 33:22). На пример, водечкото тело од првиот век кажало на кои три начини христијаните мора да покажат цврст став: 1) така што ќе го отфрлат идолопоклонството и ќе го обожаваат само Јехова, 2) така што ќе ја почитуваат светоста на крвта и 3) така што ќе живеат според библиските високи морални мерила. (Прочитај Дела 15:28, 29.) Како можат христијаните денес да покажат цврст став на овие три подрачја?

4. Како покажуваме дека сме му оддадени само на Јехова? (Откровение 4:11).

4 Ние го отфрламе идолопоклонството и го обожаваме само Јехова. Тој им заповедал на Израелците да му покажуваат оддаденост само нему (5. Мој. 5:6-10). А кога бил искушуван од Ѓаволот, Исус јасно кажал дека мора да го обожаваме само Јехова (Мат. 4:8-10). Затоа, ние не обожаваме никакви идоли. Исто така, не идолизираме луѓе, односно не гледаме на нив како да се богови — без разлика дали се верски водачи, политички владетели или ѕвезди од светот на спортот и забавата. Ние одлучуваме цврсто да стоиме на страната на Јехова и го обожаваме само оној кој создал сѐ. (Прочитај Откровение 4:11.)

5. Зошто сме послушни на Јеховиниот закон во врска со светоста на животот и крвта?

5 Ние сме му послушни на Јеховиниот закон во врска со светоста на животот и крвта. Зошто? Затоа што Јехова кажал дека крвта го претставува животот, што е скапоцен дар од него (3. Мој. 17:14). Кога за прв пат им дозволил на луѓето да јадат месо од животни, Јехова им заповедал да не ја јадат крвта (1. Мој. 9:4). Тој ја повторил оваа заповед кога на Израелците им го дал Мојсеевиот закон (3. Мој. 17:10). Исто така, Јехова со својот дух го поттикнал водечкото тело од првиот век да им даде упатство на сите христијани да се воздржуваат од крв (Дела 15:28, 29). Ние цврсто се држиме за оваа заповед кога треба да одлучиме какво лекување ќе прифатиме. b

6. Каков труд вложуваме за да можеме да живееме во склад со високите морални мерила на Јехова?

6 Ние цврсто се држиме за Јеховините високи морални мерила (Евр. 13:4). На сликовит начин, Павле нѐ советува да ги „усмртиме“ деловите на нашето тело, односно да преземеме драстични мерки за да ја отстраниме секоја наша погрешна желба. Затоа, ние ниту гледаме ниту правиме нешто што би можело да води до сексуален неморал (Кол. 3:5; Јов 31:1). Кога ќе се соочиме со искушение да направиме нешто погрешно, ние веднаш ја отфрламе секоја мисла и секоја постапка што би можела да го наруши нашето пријателство со Бог.

7. На што треба да бидеме решени, и зошто?

7 Јехова очекува да му бидеме послушни од срце (Рим. 6:17). Ние мора да им бидеме послушни на сите заповеди од Јехова — тоа не е прашање на избор. Исто така, треба да имаме на ум дека неговото водство е секогаш за наше добро (Иса. 48:17, 18; 1. Кор. 6:9, 10). Ние даваме сѐ од себе за да го радуваме Јехова и покажуваме ист став како псалмистот кој рекол: „Го насочив своето срце да ги извршува твоите уредби довека, сѐ до крајот“ (Пс. 119:112). Но, Сатана ќе се обидува да ја ослабне нашата решителност. Какви методи користи за таа цел?

КАКО САТАНА СЕ ОБИДУВА ДА ЈА ОСЛАБНЕ НАШАТА РЕШИТЕЛНОСТ?

8. Како Сатана го користи прогонството со цел да ја ослабне нашата решителност?

8 Прогонство. Ѓаволот користи насилство и емоционален притисок за да ја ослабне нашата решителност да му останеме верни на Јехова. Негова цел е да нѐ проголта, односно да го уништи нашето пријателство со Јехова (1. Пет. 5:8). Христијаните во првиот век добивале закани и биле тепани и убивани поради тоа што биле решени да останат цврсти (Дела 5:27, 28, 40; 7:54-60). Сатана и денес продолжува да се служи со прогонство. Ова се гледа од суровиот начин на кој противниците постапуваат со нашите браќа и сестри во Русија и во други земји. Освен тоа, во други земји противниците ги прогонуваат нашите браќа и сестри на различни начини.

9. Наведи пример за тоа колку е важно да се чуваме од подмолен притисок.

9 Подмолен притисок. Освен директни напади, Сатана користи и сплетки (Еф. 6:11). Да го разгледаме примерот на брат Роберт, кој бил примен во болница бидејќи требало да му се направи поголема операција. Тој им кажал на лекарите дека во никој случај нема да прифати трансфузија на крв. Хирургот рекол дека ќе ја почитува неговата одлука. Меѓутоа, ноќта пред операцијата, откако семејството на Роберт си отишло, кај него дошол анестезиологот. Тој му рекол на Роберт дека веројатно нема да му дадат крв, но дека за секој случај ќе им биде при рака. Можеби лекарот си мислел дека Роберт ќе се предомисли доколку неговото семејство не е покрај него. Но Роберт останал непоколеблив, и рекол дека нема да прими крв што и да се случи.

10. Зошто е опасно човечкото размислување? (1. Коринќаните 3:19, 20).

10 Човечко размислување. Ако гледаме на работите од човечка гледна точка, би можело да се случи да заборавиме на Јехова и на неговите мерила. (Прочитај 1. Коринќаните 3:19, 20.) „Мудроста на овој свет“ честопати ги поттикнува луѓето најважно да им биде да ги задоволат своите телесни желби. Некои христијани во Пергам и Тијатира го прифатиле размислувањето на луѓето околу нив кои биле неморални и обожавале идоли. Исус строго ги укорил и двете собранија бидејќи имале попустлив став кон сексуалниот неморал (Отк. 2:14, 20). И ние денес сме под притисок да прифатиме погрешни гледишта. Членовите на семејството или некој наш познајник можат да се обидат да влијаат врз нашите чувства и со тоа да нѐ натераат да прекршиме некои од Јеховините закони. На пример, тие може да тврдат дека не е толку страшно да се препуштиме на нашите желби и дека библиските морални мерила се застарени.

11. На што мора да внимаваме додека цврсто се држиме за Божјите закони и начела?

11 Во некои ситуации, можеби ни се чини дека упатствата од Јехова не се доволно јасни. Можеби дури сме на искушение да одиме „преку она што е напишано“ (1. Кор. 4:6). Верските водачи од времето на Исус го направиле овој грев. Со тоа што додавале човечки правила на Законот, тие му наметнале тежок товар на обичниот народ (Мат. 23:4). Јехова ни дава јасно водство преку својата Реч и преку својата организација. Немаме ниту една причина да додаваме нешто на упатствата што тој ни ги дава (Изр. 3:5-7). Затоа, не одиме преку она што е напишано во Библијата и не им поставуваме правила на соверниците за работи што се оставени на личен избор.

12. На кој начин Сатана користи „празна измама“?

12 Измама. Преку „празна измама“ и „начелата на овој свет“, Сатана се обидува да ги заведе луѓето и да создаде поделби меѓу нив (Кол. 2:8). Во првиот век, тој ги користел човечките филозофии, небиблиските еврејски учења и учењето дека христијаните мора да се држат за Мојсеевиот закон. Тие работи биле измама бидејќи им го одвлекувале вниманието на луѓето од Јехова, кој е вистинскиот извор на мудроста. Денес, Сатана ги користи медиумите и социјалните мрежи за да шири теории на заговор и лажни вести кои се поддржани од политички водачи. Многу од овие работи видовме за време на пандемијата со КОВИД-19. c Јеховините сведоци кои го следеа водството од Божјата организација, беа поштедени од непотребни грижи кои ги имаа оние што поверуваа во дезинформации (Мат. 24:45).

13. Зошто мора да внимаваме да не ни биде одвлечено вниманието?

13 Работи што можат да ни го одвлечат вниманието. Не смееме да изгубиме од вид „што е најважно“ (Фил. 1:9, 10). Кога нешто ни го одвлекува вниманието, губиме многу време и сила кои би можеле да ги искористиме за покорисни работи. Секојдневните активности како што се јадењето, пиењето, рекреацијата и работата, би можеле да ни го одвлечат вниманието ако тие ни станат најважното нешто во животот (Лука 21:34, 35). Освен тоа, секој ден сме бомбардирани со вести за разни протести и политички прашања. Не смееме да си дозволиме овие работи да ни го одвлечат вниманието. Во спротивно, би можеле да почнеме во нашето срце и во нашиот ум да заземаме страни. Сатана ги користи сите овие методи за да ја ослабне нашата решеност да го правиме она што е исправно. Да видиме како можеме да му се спротивставиме на Сатана и да останеме цврсти.

ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНЕ ДА ОСТАНЕМЕ ЦВРСТИ?

За да останеш цврст, размислувај зошто си му се заветувал на Јехова и си се крстил, проучувај ја Божјата Реч и размислувај за неа, труди се твоето срце да биде постојано и имај доверба во Јехова (види во пасуси 14-18)

14. Која е една работа што може да ни помогне да стоиме цврсто на Јеховината страна?

14 Размислувај зошто си му го заветувал својот живот на Јехова и си се крстил. Овие чекори си ги презел бидејќи си сакал да застанеш на страната на Јехова. Потсети се што ти помогнало да се увериш дека си ја нашол вистината. Си го запознал Јехова и си почнал да го почитуваш и да го сакаш како свој небесен Татко. Си стекнал вера и си бил поттикнат да се покаеш. Твоето срце те поттикнало да престанеш да ги правиш работите што Јехова ги мрази и да почнеш да го правиш она што го радува. Си почувствувал големо олеснување кога си сфатил дека Бог ти простил (Пс. 32:1, 2). Си почнал да присуствуваш на состаноците и да им кажуваш на другите за прекрасните работи што си ги научил. Сега, како крстен Јеховин сведок, чекориш по патот што води до живот и си решен да продолжиш да одиш по него засекогаш (Мат. 7:13, 14).

15. Зошто е корисно да ја проучуваме Божјата Реч и длабоко да размислуваме за неа?

15 Проучувај ја Божјата Реч и длабоко размислувај за неа. Едно дрво што има длабоки корени е цврсто и не може лесно да падне. Слично на тоа, ако имаме силна вера која се темели на Божјата Реч, ќе можеме да останеме цврсти. Како што дрвото расте, тоа пушта сѐ подлабоки корења. Кога ја проучуваме Библијата и длабоко размислуваме за неа, си ја зајакнуваме верата и сѐ повеќе се уверуваме дека Божјите патишта се најдобри (Кол. 2:6, 7). Размислувај за тоа како Јехова ги водел, советувал и штител своите слуги во минатото. На пример, во едно видение, Езекиел внимателно набљудувал додека еден ангел прецизно го мерел храмот. Ова видение го зајакнало Езекиел и ни дава практични поуки за тоа како можеме да се држиме за мерилата на Јехова за да го обожаваме на исправен начин d (Езек. 40:1-4; 43:10-12). И ние ќе извлечеме голема корист ако одвојуваме време да ги проучуваме подлабоките работи од Божјата Реч и да размислуваме за нив.

16. Како му помогнало на Роберт тоа што имал постојано срце? (Псалм 112:7).

16 Твоето срце нека биде постојано. Цар Давид кажал дека неговата љубов кон Јехова никогаш нема да престане. Тој во песна рекол: „Моето срце е постојано, Боже“ (Пс. 57:7). И ние можеме да имаме постојано срце и да имаме потполна доверба во Јехова. (Прочитај Псалм 112:7.) Размисли како ова му помогнало на Роберт, кого го спомнавме претходно. Кога му било кажано дека за секој случај лекарите ќе имаат крв при рака, тој веднаш рекол дека, ако има и најмала веројатност да му биде дадена крв, ќе ја напушти болницата. Подоцна, Роберт го кажал следново: „Воопшто не се двоумев што ќе правам и не бев загрижен за тоа што би можело да се случи“.

Ако сме изградиле цврста вера, ќе можеме да останеме постојани без разлика со какви испити на верата ќе се соочиме (види во пасус 17)

17. Што може да научиме од примерот на Роберт? (Види ја и сликата.)

17 Роберт бил непоколеблив бидејќи уште долго време пред да дојде во болница одлучил цврсто да се држи за Божјите закони. Како прво, тој сакал да го радува Јехова. Второ, тој имал внимателно проучено што велат Библијата и библиските публикации во врска со светоста на животот и крвта. Трето, бил уверен дека, ако го следи водството од Јехова, тоа ќе му донесе вечни благослови. И ние можеме да имаме постојано срце без разлика со какви испити на верата ќе се соочиме.

Варак и неговите луѓе храбро ја напаѓаат војската на Сисара (види во пасус 18)

18. Како примерот на Варак ни покажува колку е важно да имаме доверба во Јехова? (Види ја сликата на насловната страница.)

18 Имај доверба во Јехова. Размисли како му користело на Варак тоа што имал доверба во водството од Јехова. И покрај тоа што во целиот Израел никој немал ни штит ни копје, Јехова му рекол на Варак да тргне во битка против ханаанската војска која ја предводел Сисара и која била многу добро вооружена (Суд. 5:8). Пророчицата Девора му рекла на Варак да се симне од планината во долината и таму да се бори со Сисара и неговите 900 бојни коли. Иако знаел дека ханаанската војска ќе биде во предност на рамен терен поради своите брзи коли, Варак сепак послушал. Додека војниците се симнувале од планината Тавор, Јехова предизвикал да врне силен дожд. Бојните коли на Сисара се заглавиле во калта, и Јехова му дал победа на Варак (Суд. 4:1-7, 10, 13-16). Слично на тоа, Јехова и нам ќе ни помогне да извојуваме победа ако имаме доверба во него и во упатствата што ни ги дава преку својата организација (5. Мој. 31:6).

БИДИ РЕШЕН ДА ОСТАНЕШ ПОСТОЈАН

19. Зошто сакаш да останеш постојан?

19 Сѐ додека живееме во овој свет, ќе мора да се бориме за да останеме постојани (1. Тим. 6:11, 12; 2. Пет. 3:17). Да не дозволиме ништо да ја разниша нашата вера — ни прогонствата, ни подмолниот притисок, ни човечкото размислување, ни измамата, ни која и да било работа што може да ни го одвлече вниманието (Еф. 4:14). Наместо тоа, да останеме цврсти, постојано да му бидеме оддадени на Јехова и да бидеме послушни на сите негови заповеди. Во исто време, треба да бидеме разумни. Во следната статија, ќе видиме како Јехова и Исус ни оставиле совршен пример за разумност.

ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!

a Уште од времето на Адам и Ева, Сатана се обидува да ги убеди луѓето дека самите треба да одлучуваат што е исправно, а што е погрешно. Тој сака и ние да го имаме истиот став кон законите од Јехова и кон сите упатства што ги добиваме од неговата организација. Оваа статија ќе ни помогне да се чуваме од духот на независност што преовладува во светот на Сатана и ќе ја зајакне нашата решеност да стоиме цврсто на Јеховината страна.

b Повеќе информации за тоа како еден христијанин може да покаже почит кон Божјето гледиште за крвта има во лекција 39 од книгата Радувај му се на животот засекогаш.

c На jw.org види ја статијата „Заштити се од дезинформации“.

d Повеќе информации можеш да најдеш во поглавја 13 и 14 од книгата Конечно секој ќе го слави Јехова! (на српски јазик).