Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 32

Биди разумен како Јехова

Биди разумен како Јехова

Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе (ФИЛ. 4:5)

ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

Како кое од овие дрвја сакаш да бидеш? (види во пасус 1)

1. Во која смисла христијаните мора да бидат како едно дрво? (Види ја и сликата.)

 „ВЕТРОТ не може да скрши дрво што се витка.“ Оваа изрека нагласува колку е важно едно дрво да биде флексибилно за да може да опстане. Слично е и со нас христијаните — мора да бидеме флексибилни за да можеме да продолжиме со радост да му служиме на Јехова. Како можеме да го постигнеме ова? Мора да бидеме разумни така што ќе се приспособиме кога ќе ни се сменат околностите и така што ќе ги почитуваме гледиштата и одлуките на другите.

2. Кои особини можат да ни помогнат да се приспособиме на новите околности, и што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Како слуги на Јехова, ние сакаме да бидеме разумни. Исто така, сакаме да бидеме понизни и сочувствителни. Во оваа статија ќе видиме како таквите особини им помогнале на некои христијани да се справат со некои промени што ги доживеале во својот живот. Исто така, ќе видиме како овие особини можат да ни помогнат и нам. Но, прво да видиме што можеме да научиме од Јехова и од Исус, кои се совршен пример за разумност.

ЈЕХОВА И ИСУС СЕ РАЗУМНИ

3. Што ни покажува дека Јехова е разумен?

3 Јехова е наречен „Карпа“ бидејќи е постојан, непоколеблив (5. Мој. 32:4). Но, тој исто така е и разумен. Како што се менуваат работите во светот, Јехова е флексибилен, односно постојано се приспособува со цел да се оствари неговата намера. Јехова ги создал луѓето според својот лик, со способност да се приспособуваат на нови околности. Тој ни дал јасни библиски начела кои ни помагаат да носиме мудри одлуки без разлика со какви предизвици можеби ќе се соочиме. Со својот пример и со начелата што ни ги дал, Јехова ни помага да сфатиме дека, освен што е „Карпа“, тој е и разумен.

4. Наведи еден пример во врска со разумноста на Јехова (3. Мојсеева 5:7, 11).

4 Во сите свои постапки, Јехова е совршен и разумен. Тој не постапува круто со луѓето. На пример, размисли како Јехова покажал разумност кон Израелците. Тој не барал иста жртва од секого, без разлика дали е богат или сиромашен. Во одредени случаи, тој му дозволувал на секој Израелец да принесе жртви во склад со своите можности. (Прочитај 3. Мојсеева 5:7, 11.)

5. Наведи пример за понизноста и сочувството на Јехова.

5 Понизноста и сочувството го поттикнуваат Јехова да биде разумен. На пример, Јеховината понизност била очигледна кога планирал да ги уништи злобните луѓе во Содом. Преку своите ангели, Јехова му кажал на праведниот Лот да бега во планините. Лот се плашел да оди таму. Затоа, го замолил Јехова да му дозволи заедно со своето семејство да побегне во Сигор, еден мал град што Јехова имал намера да го уништи. Јехова можел да бара од Лот да постапи точно онака како што му кажал. Наместо тоа, Јехова му дозволил на Лот да оди во Сигор, иако тоа значело дека ќе треба да го поштеди тој град (1. Мој. 19:18-22). Со векови подоцна, Јехова покажал сочувство кон жителите на Ниневија. Тој го испратил пророкот Јона да им објави на злобните Ниневијци дека тие и нивниот град ќе бидат уништени. Но кога Ниневијците се покајале, Јехова се сожалил на нив и го поштедил градот (Јона 3:1, 10; 4:10, 11).

6. Наведи некој пример што покажува дека Исус е разумен како Јехова.

6 Исус бил разумен исто како Јехова. Тој бил испратен од Јехова за да им проповеда на „загубените овци на домот Израелов“. Но додека ја извршувал таа задача, Исус покажал разумност. На пример, една жена која не била Израелка го молела да ја излекува ќерка ѝ која била обземена од демони и ужасно страдала. Од сочувство, Исус го направил она што таа го побарала од него и ја излекувал ќерка ѝ (Мат. 15:21-28). Да разгледаме уште еден пример. Некое време претходно, Исус кажал: „Кој ќе се одрече од мене... и јас ќе се одречам од него“ (Мат. 10:33). Но дали се одрекол од Петар, кој трипати се одрекол од него? Не. Исус го зел предвид тоа што Петар се покајал и имал вера. Откако воскреснал, Исус најверојатно го уверил Петар дека му простил и дека сѐ уште го сака (Лука 24:33, 34).

7. Во склад со Филипјаните 4:5, по што сакаме да бидеме познати?

7 Видовме дека Јехова Бог и Исус Христос се разумни. А како е со нас? Јехова очекува и ние да бидеме разумни (Прочитај Филипјаните 4:5.) Би можеле да се прашаме: „Дали другите сметаат дека сум разумен, толерантен и спремен да попуштам? Или сметаат дека сум строг, крут или тврдоглав? Дали инсистирам другите да ги прават работите онака како што јас сметам дека треба да се прават? Или сум спремен да го сослушам мислењето на другите и да попуштам кога е соодветно?“ Колку сме поразумни, толку сме послични на Јехова и на Исус. Да разгледаме две ситуации во кои е потребно да бидеме разумни — кога ќе ни се променат околностите и кога гледиштата и одлуките на другите се разликуваат од нашите.

БИДИ РАЗУМЕН КОГА ЌЕ ТИ СЕ СМЕНАТ ОКОЛНОСТИТЕ

8. Што може да ни помогне да бидеме разумни кога ќе ни се сменат околностите? (Види ја и фуснотата.)

8 Ќе покажеме дека сме разумни ако сме флексибилни кога ќе ни се сменат околностите. Таквата промена може да ни создаде неочекувани тешкотии. На пример, наеднаш може да се соочиме со сериозен здравствен проблем. Доколку во местото каде што живееме дојде до неочекувана промена во економската или политичката ситуација, тоа би можело многу да ни го отежни животот (Проп. 9:11; 1. Кор. 7:31). А може да ни биде тешко дури и ако организацијата нѐ замоли да извршуваме друга задача или да служиме на друго место. Без разлика со каков предизвик ќе се соочиме, ќе може успешно да се приспособиме на новите околности ако ги преземеме следниве четири чекори: 1) прифати ја реалноста, 2) мисли на иднината, 3) концентрирај се на позитивните работи и 4) прави нешто за другите. b Да видиме како на некои браќа и сестри им користело тоа што ги презеле овие четири чекори.

9. Како еден брачен пар мисионери се справиле со неочекуваните тешкотии?

9 Прифати ја реалноста. Емануеле и Франческа биле испратени да служат како мисионери во една друга земја. Само што почнале да го учат јазикот и да се запознаваат со браќата и сестрите од новото собрание, започнала пандемијата со КОВИД-19 и требало да бидат во изолација. Потоа, ненадејно починала мајка ѝ на Франческа. Франеческа многу сакала да биде со своето семејство, но поради пандемијата не можела да отпатува до таму. Што ѝ помогнало да се справи со овие тешкотии? Прво, Емануеле и Франческа заедно го молеле Јехова да им даде мудрост за да можат да се справат со секој ден поединечно и да не бидат премногу загрижени. Јехова во вистинско време одговарал на нивните молитви преку својата организација. На пример, тие биле охрабрени од она што го кажал еден брат во своето интервју: „Што побрзо ги прифатиме новите околности, толку побрзо ќе ни се врати радоста. Така ќе можеме да го дадеме нашето најдобро во новата ситуација“. c Второ, тие одлучиле да научат подобро да сведочат преку телефон, па дури и започнале библиски курс. Трето, тие дозволиле браќата и сестрите да им помогнат и биле благодарни за нивната љубов. Една грижлива сестра, во текот на цела година, секој ден им испраќала кратка порака со библиска мисла. Ако и ние ги прифатиме новите околности, ќе најдеме задоволство во оние работи што можеме да ги правиме.

10. Како сестра Кристина се приспособила на една голема промена во својот живот?

10 Мисли на иднината и концентрирај се на позитивните работи. Кристина, една сестра од Романија, која живее во Јапонија, била разочарана кога нејзиното собрание на англиски јазик било расформирано. Меѓутоа, таа не мислела постојано на минатото. Наместо тоа, одлучила да оди во собрание на јапонски јазик и правела сѐ што може за да учествува во службата на проповедање на тоа подрачје. Кристина замолила една поранешна колешка да ѝ помогне подобро да зборува јапонски. Колешката се согласила да ги користи Библијата и брошурата Радувај му се на животот засекогаш за да ѝ помогне на Кристина да научи јапонски. Освен што Кристина научила подобро да зборува јапонски, жената почнала да покажува интерес за вистината. Ако мислиме на иднината и ако имаме позитивен став, неочекуваните промени можат да донесат неочекувани благослови.

11. Што му помогнало на еден брачен пар да се справи со новите околности кога се соочил со економски проблеми?

11 Прави нешто за другите. Еден брачен пар кој живее во земја каде што нашето дело е под забрана, се соочил со економски проблеми кога земјата банкротирала. Како се приспособиле на тие околности? Прво, тие презеле чекори да си го поедностават животот. Потоа, наместо да се концентрираат на своите проблеми, тие одлучиле да прават нешто за другите така што ќе учествуваат колку што е можно повеќе во проповедничкото дело (Дела 20:35). Сопругот рекол: „Бидејќи бевме зафатени со службата на проповедање, имавме помалку време да мислиме на нашите проблеми, а повеќе време за да ја вршиме Божјата волја“. Кога ќе ни се сменат околностите, не смееме да заборавиме колку е важно да продолжиме да им помагаме на другите, особено преку службата на проповедање.

12. Како примерот на апостол Павле може да ни помогне да бидеме флексибилни додека проповедаме?

12 Додека ја извршуваме службата на проповедање треба да бидеме флексибилни. Луѓето на кои им проповедаме имаат различни верувања и ставови, а имаат и различно потекло и различна култура. Апостол Павле бил флексибилен додека проповедал, и ние можеме да учиме од неговиот пример. Исус го испратил Павле да служи како апостол „кај другите народи“ (Рим. 11:13). Затоа, Павле им проповедал на Евреи, Грци, високообразовани луѓе, селани, достоинственици и цареви. За да допре до срцата на сите тие различни луѓе, Павле се приспособувал додека проповедал и затоа за себе рекол: „На сите им бев сѐ“ (1. Кор. 9:19-23). Тој ги земал предвид културата, потеклото и верувањата на луѓето, и го приспособувал својот начин на проповедање. И ние ќе можеме да ја извршуваме службата на поделотворен начин ако сме флексибилни и ако го приспособуваме начинот на кој проповедаме во склад со потребите на луѓето.

ПОЧИТУВАЈ ГО ГЛЕДИШТЕТО НА ДРУГИТЕ

Ако сме разумни, ќе го почитуваме гледиштето на другите (види во пасус 13)

13. Која опасност постои ако не го почитуваме гледиштето на другите? (1. Коринќаните 8:9).

13 Разумноста ни помага и да го почитуваме гледиштето на другите. На пример, некои сестри сакаат да се шминкаат, додека други не го сакаат тоа. Некои христијани сакаат да пијат алкохол во умерени количини, а други воопшто не сакаат да пијат алкохол. Сите христијани сакаат да имаат добро здравје, но избираат различен начин на лекување. Ако секогаш сметаме дека нашето мислење е најдобро и се трудиме да ги убедиме нашите браќа и сестри да го прават она што ние го правиме, би можеле да ги спрепнеме другите и да предизвикаме поделби. Сигурно не би сакале да го правиме ова. (Прочитај 1. Коринќаните 8:9; 10:23, 24.) Да разгледаме два примера од кои се гледа дека применувањето на библиските начела може да ни помогне да бидеме урамнотежени и да го зачуваме мирот.

Ако сме разумни, ќе го почитуваме гледиштето на другите (види во пасус 14)

14. Кои библиски начела треба да ги имаме на ум кога носиме одлуки во врска со облеката и изгледот?

14 Облека и изглед. Јехова не поставил строги правила за тоа како треба да се облекуваме, туку ни дал начела кои треба да ги следиме. Со начинот на кој се облекуваме ние треба да му оддаваме слава на Бог и со тоа да покажеме дека сме разумни, скромни и разборити (1. Тим. 2:9, 10; 1. Пет. 3:3). Затоа не сакаме да привлечеме непотребно внимание со начинот на кој сме облечени. Исто така, библиските начела ќе им помогнат на старешините да не поставуваат свои правила во врска со облекувањето и изгледот. На пример, старешините во едно собрание сакале да им помогнат на некои помлади браќа кои имале модерен стил на фризура што била кратка, но била неуредна. Како им помогнале старешините без да постават некакво правило? Покраинскиот надгледник им предложил на старешините да им кажат на браќата: „Ако сте на бина и публиката обрнува поголемо внимание на тоа како изгледате отколку на она што го кажувате, тогаш нешто не е во ред со вашата облека и вашиот изглед“. Ова едноставно објаснување им помогнало на младите браќа да разберат што треба да прават без да мора старешините да постават некакво правило. d

Ако сме разумни, ќе го почитуваме гледиштето на другите (види во пасус 15)

15. Според кои библиски закони и начела се водиме кога носиме одлуки во врска со нашето здравје? (Римјаните 14:5).

15 Грижа за здравјето. Секој христијанин мора самиот да одлучи како ќе се грижи за своето здравје (Гал. 6:5). Во Библијата има само неколку конкретни заповеди на кои еден христијанин мора да им биде послушен кога размислува какво лекување да избере. На пример, мора да сме послушни на заповедта да се воздржуваме од крв и да се чуваме од спиритизам (Дела 15:20; Гал. 5:19, 20). Другите работи во врска со лекувањето се оставени на личен избор. Кога имаат некаков здравствен проблем, некои бараат помош само од медицински лица, додека други избираат алтернативни начини на лекување. Без разлика колку сме уверени дека одреден начин на лекување е корисен или штетен, треба да го почитуваме правото на нашите браќа и сестри сами да носат одлуки за своето здравје. Затоа треба да ги имаме на ум следниве четири работи: 1) Само Божјето Царство ќе успее потполно и трајно да ги излекува луѓето (Иса. 33:24). 2) Секој христијанин мора да биде „сосема уверен“ што е најдобро за него. (Прочитај Римјаните 14:5.) 3) Ние не ги судиме другите и не правиме ништо со што би ги спрепнале (Рим. 14:13). 4) Христијаните покажуваат љубов и сфаќаат дека единството во собранието е поважно од нивното мислење (Рим. 14:15, 19, 20). Ако ги имаме на ум овие работи, ќе останеме во добри односи со соверниците и ќе го зачуваме мирот во собранието.

Ако сме разумни, ќе го почитуваме гледиштето на другите (види во пасус 16)

16. Како еден старешина може да покаже разумност кога соработува со другите старешини? (Види ги и сликите.)

16 Старешините мора да остават добар пример со својата разумност (1. Тим. 3:2, 3). На пример, еден старешина не треба да очекува дека неговото мислење секогаш ќе биде прифатено само затоа што е постар од другите старешини. Тој има на ум дека Јеховиниот дух може да поттикне кој и да било старешина да каже нешто со што ќе помогне да се донесе мудра одлука. Ако повеќето старешини се согласуваат околу некоја одлука со која не се крши библиско начело, еден разумен старешина ќе ја поддржи таа одлука дури и ако тој лично има поинакво мислење.

ЗОШТО Е КОРИСНО ДА БИДЕМЕ РАЗУМНИ

17. Како ни користи тоа што сме разумни?

17 Кога сме разумни, тоа ни користи на многу начини. Имаме подобри односи со браќата и сестрите, а во собранието владее мир. Се радуваме што во Божјиот народ има луѓе со различни карактери и од различни култури, но сите заедно обединето му служиме на Јехова како семејство. А што е најважно, среќни сме што знаеме дека на тој начин го следиме примерот на нашиот разумен Бог, Јехова.

ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!

a Јехова и Исус се разумни, и сакаат и ние да ја развиваме оваа особина. Ако сме разумни ќе ни биде полесно да се приспособиме на новите околности во нашиот живот, како на пример кога ќе ни се промени здравствената или финансиската состојба. Исто така, ќе придонесеме за мирот и единството во собранието.

b Види ја статијата „Како да ги поднесеш промените“, која излезе во Разбудете се! бр. 4, 2016.

c Гледај го видеоклипот Интервју со брат Дмитриј Михајлов кој се наоѓа во статијата „Јехова може да го претвори прогонството во сведоштво“, во Нашиот живот и служба како христијани — работни листови за март-април 2021.

d За повеќе информации во врска со облеката и изгледот, види ја лекција 52 во книгата Радувај му се на животот засекогаш.